Вести

Го одбележуваме Светскиот ден на книгата со драмите од Шекспир адаптирани за деца

23.04.2022.
Го одбележуваме Светскиот ден на книгата со драмите од Шекспир адаптирани за деца

Книжевниците, издавачите, авторите, библиотекарите и љубителите на книгата од целиот свет денеска (23 април) го одбележуваат Светскиот ден на книгата и на авторското право.

Датумот 23 април има голема симболика за светската литература. На овој датум во 1616 година починале Шекспир, Сервантес и Инка Гарсиласо де Ла Вега. Исто така, тоа е датум на раѓање или смрт на други истакнати автори, како што се Морис Друон, Халдор К. Лакнес, Владимир Набоков, Јозеп Пла и Мануел Мехија Валјехо. Од почит кон интернационално познатите книги и автори и нивната поврзаност со овој датум, поттикнувајќи ги сите, а особено младите луѓе, да го откријат задоволството од читањето и да стекнат почит кон незаменливиот придонес на оние што го унапредуваат социјалниот и културниот напредок на човештвото, УНЕСКО го создал Светскиот ден на книгата и авторското право. Ова бил и природен и очекуван избор на Генералната конференција на УНЕСКО, која се одржала во Париз во 1995 година.

Оваа година, го одбележуваме светскиот ден на книгата со најпознатите дела од легендарниот британски драмски автор и поет Вилијам Шекспир, адаптирани за деца. Овие драми, кои се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, се приспособени за најмладите читатели. Преку нив тие ќе се запознаат со творештвото на Шекспир, кој починал на овој ден во 1616 година. Инаку, неколку денови подоцна, на 26 април, се одбележуваат 458 години од неговото раѓање.

Станува збор за осум книги што се дел од едицијата „Шекспир за деца“ на македонски: „Ноќ спроти водици“, „Крал Лир“, „Ричард Трети“, „Хамлет“, „Зимска приказна“, „Многу врева за ништо“, „Ромео и Јулија“ и „Како што милувате“.

Овие куси наративни и илустрирани верзии на драмите сe приспособени за помладите читатели. Децата можат самостојно да ги читаат или, пак, со помош на родителите. Исто така, можат да се користат и како дополнителна литература во наставата. Лесната нарација и илустрациите во комичен стил со сигурност ќе го привлечат интересот на децата и ќе придонесат за подобар развој на нивните читачки вештини. Серијалот е одлична можност децата уште од мала возраст да се запознаат со делата и значењето на Шекспир, нешто што се подразбира како дел од општата култура на секој човек.

За сите деца-љубители на пишаниот збор, кои се љубопитни да ги откријат овие приказни, претставуваме куса содржина на секоја од книгите.

1. „Ноќ спроти Водици“

„Ноќ спроти Водици“ од Вилијам Шекспир е извонредна комична љубовна приказна. Драмата почнува со бродолом во кој Виола, една млада аристократка по потекло, бидува раздвоена од нејзиниот брат, идентичен близнак, Себастијан, па завршува исфрлена на бреговите од кралството Илирија. Тука почнува оваа забавна приказна со заменети идентитети и осуетена љубов.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13647

2. „Крал Лир“

„Крал Лир“ е една од најголемите трагедии на драмскиот мајстор Вилијам Шекспир. Драмата се фокусира на Лир, остарениот крал на Британија, и неговите три ќерки, Гонерил, Реган и Корделија. Кога Лир сака да се повлече од престолот, решава да го подели своето кралство меѓу неговите три ќерки и секоја од ќерките ја прашува колку го сака. Гонерил и Реган, алчни да го земат својот дел, му даваат додворувачки одговори, а Корделија молчи, што го налутува Лир и поради тоа се откажува од неа. Драмата ја раскажува судбината на Лир откако ќе се откаже од своето кралство и ќе си го уништи односот со ќерките.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13646

3. „Ричард Трети“

„Ричард Трети“ е една од најпопуларните историски драми на Вилијам Шекспир. Се случува во последните години од Војната на розите, кога првиот и последниот крал од династијата Јорк владеат со Англија. Во драмата, грбавиот Ричард, војводата од Глостер, копнее по тронот на брата си и ништо не може да го запре на патот до него. Тоа вклучува убиство, предавство и манипулации со семејството, со пријателите и со непријателите, но во ова дело се и некои од најпознатите реченици на Шекспир.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13645

4. „Хамлет, принцот од Данска“

„Хамлет, принцот од Данска“ е една од најпопуларните трагедии од легендарниот драмски писател Вилијам Шекспир. Ја раскажува тажната приказна за Хамлет, принцот од Данска, кој, по смртта на татко си, се враќа од Витенберг за да се соочи со страшниот заговор на чичко му Клавдиј и мајка му, кралицата Гертруда. Драмата се врти околу тоа како Хамлет ја дознава вистината за смртта на татко си и бара одмазда.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13644

5. „Зимска приказна“

„Зимска приказна“ е една од најпопуларните комедии од Шекспир. Драмата првпат е објавена во 1623 година, а оттогаш, со голем успех, била изведувана ширум светот. Дејството се одвива во Сицилија и се врти околу главниот лик, кралот Леонт, кој е обземен од сомнежи во врска со верноста на неговата сопруга. Љубомората го наведува да скова заговор за убиство на неговиот најдобар пријател, да ja затвори жена си и да се откаже од нивното неродено дете. Драмата се одвива во период од шеснаесет долги години за време на кои Леонт ги сфаќа сопствените грешки, па конечно се соединува со својата отуѓена сопруга и ќерката.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13643

6. „Многу врева за ништо“

„Многу врева за ништо“ е популарна комедија од најголемиот драмски автор на сите времиња, Вилијам Шекспир. Дејството на драмата се одвива во мирниот град Месина на Сицилија, каде што два пара љубовници, Бенедик и Беатриче, и Клаудио и Хера, се среќаваат во куќата на Леонато, кој е татко на Хера и чичко на Беатриче. Бенедик и Беатриче влегуваат во меѓусебна војна на задевање, додека Клаудио и Хера меѓу себе се заветуваат на љубов и решаваат да се венчаат. Арно ама, во еден неочекуван пресврт на работите, Хера и Клаудио се разделуваат, а Бенедик и Беатриче признаваат дека се вљубени.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13642

7. „Ромео и Јулија“

Славена како една од најголемите романтични трагедии напишана некогаш, Ромео и Јулија на Вилијам Шекспир е трагична љубовна приказна за „злосреќните љубовници“, Ромео и Јулија. Дејството е во градот Верона, во Италија, а драмата се развива околу кавгата помеѓу две богати семејства, Монтеки и Капулети. И покрај непријателството, Ромео Монтеки и Јулија Капулети страсно се вљубуваат и во тајност се венчаваат. Арно ама, проклетството на непријателството надвладува и сè се одвива ужасно лошо.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13641

8. „Како што милувате“

„Целиот свет е сцена…“ Една од најцитираните реченици од Шекспир првпат се среќава во оваа драма. Дејството на „Како што милувате“ е сместено во волшебната Арденска Шума, каде што Розалинда, ќерката на протераниот војвода, и Орландо, синот на еден од дворјаните на татко ѝ, се вплеткуваат во љубовна игра и заменет идентитет.

Книгата е достапна за онлајн-нарачка на следниот линк.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13640

******

Исто така, овој значаен ден се сеќаваме и на книжевниот великан,  Мигел де Сервантес Сааведра, чии дела на македонски јазик се во издание на „Арс Ламина“, а достапни се во книжарниците „Литература.мк“.

„Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес

Изворно објавен во два тома во 1605 година и деценија подоцна, „Дон Кихот“ на Мигел де Сервантес е првиот модерен европски роман, камен-темелник на западноевропската книжевност, дело што има оставено неизбришлива трага врз светската култура и човековата колективна меморија. Едновремено сметан и за еден од најсмешните и за еден од најтрогателните романи во историјата, „Дон Кихот“ ги следи авантурите на епонимниот херој кој, заведен од, тогаш популарните, витешки новели, си вообразува дека е витез, па го подјармува својот исушен коњ Росинант и, заедно со својот приземен и рационален сосед Санчо Панса – а речиси секогаш со вљубена мисла вперена кон идеалната дама Дулсинеја од Тобосо – тргнува во потрага по светските несреќи: да ги влоши онаму каде што постојат, да ги создаде онаму каде што ги нема. Но, како што напредува делото, така се замаглува и острата поделба меѓу Дон Кихот и Санчо Панса, а со тоа се бришат и границите помеѓу лудоста и доблесноста, помеѓу високите идеали и навидум здодевната здраворазумност. И додека карактерите на Дон Кихот и неговиот штитоносец се прелеваат еден во друг, и перото на Сервантес почнува да се колеба меѓу неговите првични намери и судбината на неговиот омилен херој: „Само за мене се роди Дон Кихот“, вели на крајот, „и јас за него; тој умееше да дејствува, а јас да пишувам“.

Навестувајќи низа постмодернистички техники и исцрпувајќи широка палета можности на жанрот, „Дон Кихот“ го осмислува романот како најеластичниот книжевен жанр и со решавачки потег го постила црвениот тепих за востоличување на идната доминантна книжевна форма.

Делата од Сервантес се достапни за онлајн-нарачка на следниот линк.

https://www.literatura.mk/ListBooksByAuthor.aspx?aut=6945

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

04.
Nov.
Вести
Една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани македонски писателки, која остави траен белег во македонската литература, Оливера Николова, почина на 88...
27.
Sep.
Вести
На 8 октомври (вторник), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе се одржат свеченото доделување на наградат...
12.
Apr.
Вести
Книжарниците „Литература.мк“ и „Ист гејт мол“ донираа едукативни играчки во „СОС Детско село“. 
10.
Mar.
Вести
Онлајн-страницата на „Литература.мк“ e прогласена за најдобра е-продавница за култура, настани и едукација на Ecommerce Awards 2022. 
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.88 MB