Топ листа

Летно освежување со книги од македонски автори

29.07.2021.
Летно освежување со книги од македонски автори

Книгата е најдобриот придружник, каде и да одите. Ве следи на секое патување, но и самата е „билет“ за нови возбудливи авантури. Со неа можете да отпатувате на најдалечното место, без притоа да го напуштите домот. Таа е истовремено е најпрактичниот сопатник. Не зафаќа многу место во багажот и се вклопува во секаков аранжман. Со вас е секогаш кога ви треба. При планирањето на годишниот одмор не заборавајте да изберете добра книга. Таа ќе го подобри искуството од патувањето.

Во морето од книги, ова лето освежете се со дела од современи македонски автори. Дел од нив се читаат во еден здив, а дел се за опуштено уживање во текот на целиот одмор. Ви претставуваме листа со топ 12 книги, кои се во издание на „Арс Ламина – публикации“, а се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk. Уживајте и читајте македонски автори на одмор!

1. „Лулу“ од Јана Мишо

Хумор, метал и книжевен салон во приказна за девојка која работи во една од последните класични ковачници во градот. Откако ќе избега од животот до кој не може да си објасни како стигнала, Лулу решава да се затвори над чекан и наковална, без некоја посебна возбуда и, се разбира – не ѝ успева. Влегува во свет на преиспитување, самобендисани автори и Гертруда Стајн. На лажни и вистински луѓе, на неочекувани ракописи и комплицирани односи. Приказна во која жените немаат време да размислуваат дали живеат во машки свет, напротив – сами се спасуваат.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14547

2. „Брезите што шумеа крај Темза“ од Катерина Серафимовска

Сместен во инвалидска количка, седејќи пред прозорецот во својата крајбрежна вила во Брајтон, Англија, 65-годишниот професор по книжевност со полско потекло, Едвард Лијам Адамски, ќе им се наврати на своите стари спомени. Дури четири децении наназад, само за да ни ја раскаже приказната за младиот студент кој една пролетна ноќ, во Лондон, имал среќа да ја запознае жената на својот живот – девојката од високата класа по име Емили Стоунбриџ. Двајцата млади писатели ќе се впуштат во бурна љубовна врска, исполнета со многу страст и поезија. Но, тој ќе сфати колку многу ја сакал Ема дури откако целосно ќе ја изгуби, а таа ќе отпатува далеку, во Јужна Америка... Следува неговиот брак со нејзината родена сестра Беверли и нивната борба за да добијат деца, но и сите други необични перипетии на неговиот живот, додека времето неповратно тече напред и ги носи водите на реката Темза, некаде далеку. Сепак, без оглед на потребите на своето семејство – сопругата Беверли и посвоените близначки Холи и Фиона, неговата успешна кариера како професор на колеџот „Кингс“ во Лондон, но и сите други настани во животот, тој никако не може да ги заборави уникатните емоции што ги негува исклучиво кон Ема. Сè додека еден ден не открие дека има и возрасен, биолошки син по името Рафаел Паз.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14555

3. „Се викам Лена“ од Јагода Глигоровска

Животот е сложувалка на која ѝ недостигаат клучните делови и сите имаме обврска да ги најдеме. Едниот дел од сложувалката е кај нас, другиот е кај другите, а решението е во малечката волшебничка Лена. Можеби токму таа е решението на нештата што никогаш не се онакви какви што ни изгледаат.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14540

4. „Прстен и парфем“ од Мишо Китаноски

Збирката раскази „Прстен и парфем“ ни открива многу непознати нешта за личностите споменати во оваа книга, а кои вистински постоеле и оставиле трага со своето постоење. И настаните во кои учествувале се (делумно) автентично пренесени, а литературниот наратив е фундиран врз авторовата определба дека пишувачот не треба да раскажува, туку напротив – само да кажува. Неговото кажување, пак, открива еден чудесен литературен свет што се протега во овие осум раскази-приказни. Што ја натерало мис Елен Стон да го подари мајчиниот прстен? Како се спасил од стрелање Мирослав Крлежа и зошто доктор Арчибалд Рајс посакал неговото срце да почива на Кајмакчалан? Како стигнала Сара Бернар да им пее на војниците пред да тргнат на Македонскиот фронт во Солун? Што ја спречувало Мара Бунева да го повлече чкрапецот и да убие? Како сталинизмот бил поразен на писмена работа по мајчин јазик? Дали со козите на Лазар Колишевски почна иселувањето на македонските села? Многу зошто и многу како, но доволни за задоволување на страста за читање...

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14493

5. „Песја прељуба“ од Велко Неделковски

„Вистинито ли беше неговото каење или само маска од интерес? Човекот не е отворена книга со крупни букви, наизуст да го прочиташ. Луѓето, генерално, сè повеќе користат шифрирани постапки. Често и сами ја забораваат сопствената лозинка. Жално.“ Народната мудрост вели дека песот е најдобриот пријател на човекот, дека неговата верност не познава граници. Но, дали нашата верност е еднакво голема? Дали човекот може да се пофали дека е најдобриот пријател на песот? Во денешно време, кога луѓето се кријат зад маски за да се измамат полесно и да си наштетат едни со други, што може да направи еден пес, за да се заштити од оваа заразна дволичност и опасно лицемерство? Во овој нов роман, Велко Неделковски се обидува да им даде глас на тие што секогаш се околу нас, без разлика на нашето однесување – истите тие за кои се грижиме, ги отфрламе, ги труеме, ги сакаме и ги мразиме. Со тоа нè тера, на длабоко етичен и хуман начин, да се прашаме дали сме достојни за песјата верност.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14506

6. „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски

„Каде е линијата меѓу сонот и јавето?“ е најрелевантното прашање во „Мртвите знаат најдобро“, што му го поставува имагинарниот лик Ичиро на неговиот создател – Фуриозо, за да додаде веднаш потоа: „Се надевам дека сега ви е јасно дека сонот и јавето се еднакво реални и важни“. И воопшто, целото дејство во романот се движи по тенко јаже, оптегнато меѓу реалноста и измислицата, додека во меѓупросторот се случува бизарниот живот на синот Фуриозо и таткото Шикамото, кои се занимаваат со бизнис на платени убиства. Овој роман, што потсетува на делата на популарниот современ писател Харуки Мураками, е луциден, игрив и забавен, но истовремено проникнува и во многу морални и етички прашања, што му дава особена вредност. Сценаристичкиот пристап на авторот и доминантната дијалошка форма се пресудни дејството да се доживее поблиско и понепосредно, што предизвикува вистинско читателско уживање. „Мртвите знаат најдобро“ е еден од победничките романи на минатогодишниот конкурс за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14454

7. „Лазарка“ од Љупчо Петрески

„Лазарка беше љубовница на Лазар. Имаше име, но сите ја викаа Лазарка. Постоеше, но сите ја избришаа, така и остана до ден-денес. Не беше среќна, иако беше цврста, моќна и одлучна жена. Лазар, пак, сигурно го знаете, тој е оној што Исус го воскреснал четири дена по неговата смрт и сите поверуваа во чудото. Лазар, братот на Марта и Марија, кој се врати од мртвите и ја пренесе на христијаните пораката за вечноста на животот. Истиот тој Лазар кој ја остави Лазарка во заборав понесен од чудото наречено воскреснување и замина за Кипар.“ Лазарка е фиктивен лик создаден од поетесата Силвија Плат и истовремено е метафора за жената која во хетеронормативното општество е омеѓена во „розовото гето“. Лазарка е и Силвија Плат и Дора Карингтон и Ева Браун и сите други женски ликови кои преку алузии и директни цитати упатуваат на силни авторки и уметници, жени кои се бореле да излезат од сенката и од доминацијата на нивните машки партнери, а истовремено да востановат рамноправен поредок во нивните односи. Користејќи ја наративната техника „тек на свеста“, преку внатрешните монолози и конфликти на главниот лик – современа, угледна жена, која е осамена и суицидна – се преплетуваат приказните на изневерената Силвија, безнадежно вљубената Дора и страдалничката Ева и се отвора еден богат феминистички книжевен ареал, што му додава вредност на овој дебитантски роман. „Лазарка“ е еден од победничките романи на минатогодишниот конкурс за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14453

8. „Бричење петли“ од Владо Димовски

„Бричење петли“ (роман за тажни и несреќни) најмногу им се обраќа на сите што ја чувствуваат неодредената и недефинирана тага што авторот ја споменува на почетокот како увертира, за да праша потоа: Тага по што? Од оваа точка како Аријаднина нишка се расплетува дејството за да ја покаже раскошноста на нејзиното височество тагата; се распостила приказната чијшто стожер е средовечниот новинар, стариот мачор со прекар Силвестер, носителот на оваа тага. Него авторот го издигнува на ниво на архетип на средовечниот македонски маж роден на село и задоен со традицијата во педесеттите и шеесеттите, обликуван од социјализмот во седумдесеттите и осумдесеттите, со разнишан идентитет во деведесеттите. Мутираните општествени конвенции, изгубените корени и новонастанатите односи стануваат камен на сопнување за Силвестер. Тој не може да се види себеси однадвор, потребни му се другите да се согледа, спознае, дефинира. „Огледалце, огледалце, кој е најтажен на светот?“ се прашува Силвестер, а одговорот се наметнува сам – мачорот на вжештениот лимен покрив.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14369

9. „Туѓо тело“ од Владимир Плавевски

Виктор е млад и перспективен маж, образуван на престижниот универзитет МИТ во САД, вљубеник во планините и алпинизмот. Има намера да го освои Монт Еверест, но пред неговата желба се испречува еден чуден проблем. Силни главоболки и вртоглавици од необјаснива природа. Лекарските наоди исклучуваат какво било присуство на болест, а сепак Виктор е спречен да функционира нормално. По многубројни прегледи, лекарите откриваат чудно тело во најнедостапниот дел во неговата глава. Туѓо тело од неуништлив материјал. И во тој момент нештата се комплицираат. Најновото прозно остварување на писателот Владимир Плавевски, краткиот научно-фантастичен роман „Туѓо тело“, ги растегнува границите на егзактното, пропуштајќи ја мистеријата да ја преземе целосната контрола во нарацијата, овозможувајќи им на читателите комплетно читателско уживање во еден здив.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14368

10. „Инспирирај се за промени“ од Радмила Костова-Мила

„Секој има своја приказна. Секој има свој пат, со свои предизвици, со угорнини и падови. И мојата е таква, не е права монотона линија. Во животот поминав многу предизвици. Ако ми кажеш дека нешто те боли, те разбирам, ме болеше и мене, многу. Ако ми кажеш дека те отфрлија, те разбирам и знам како ти било. Ако ми кажеш дека те повредија, те навредија, пак ќе те разберам и тоа им го дозволив. Ако ми кажеш дека некого изгуби, знам како ти е и јас изгубив. Знам што е болка, знам што е тага, знам што е отфрленост. Но, знам и што е храброст, упорност и борба за подобро јас, од тоа што бев вчера. Никогаш не се откажав се борев на начин на којшто знаев. И секогаш, во сè давав 100 %.“ „Инспирирај се за промени“ е трогателна, но истовремено и охрабрувачка приказна за еден навидум сосем обичен пар, изгубен во премрежињата на секојдневието, кој наоѓа доволно сила и мудрост да го препознае патот надвор од тунелот. Задолжително четиво за сите што се обесхрабрени од навидум несовладливите предизвици на современото живеење.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14478

11. „Недопрени бисери“ од Ленче Милошевска

Книгата „Недопрени бисери“ од Ленче Милошевска е збирка раскази и кратки приказни. Меѓу овие страници ќе се сретнете со најразлични реалистично опишани ситуации: отсечоци од некои минати, но не многу далечни простор-времиња, исполнети со неприкосновена храброст и саможртва; предмети што со своите функции побудуваат различни асоцијации кај различни ликови и ситуации од коишто како заклучок неминовно произлегува дека душевниот мир не може да го замени ништо; описи на семејни односи и динамики со кои се сретнуваме сите − посредно и/или непосредно; љубовта кон родниот град, кон луѓето и кон животните, со кои неретко се разбираме подобро отколку со некои луѓе и чијашто загуба, исто така, нè боли...

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14425

12. „Слана/Јазол“ од Душко Трифуновски

Во оваа книга по првпат на едно место можете да ги пронајдете двете драми на Душко Трифуновски – „Слана“ и „Јазол“ – инаку веќе автор на романот „За два дена рече ’Да‘“. Станува збор за две драми што творат совршена целина и треба да се читаат како два дела на една иста приказна. Во „Слана“ (веќе еднаш објавена во 2015 година) се запознаваме со брачните партнери Злате и Стојна и нивните деца, Виктор, Маја, Кристина и Марија. На речиси натуралистички начин, Трифуновски ни го покажува нивното тешко и траорно постоење, во економска и општествена стварноста на (никогаш споменатата, но очигледно присутната) современа Македонија. Како што ги снемува парите, така со нив исчезнуваат и вредностите на стариот систем во кој владее зборот на таткото, а младите се желни за своето место под сонцето.

Во „Јазол“, пак, натуралистичкото перо на Трифуновски е надополнето со елементи на фантастика и примеси на надреалното. По тешките случувања во „Слана“, духовите на мртвите доаѓаат да ги мачат и да ги опседнуваат живите, кои сè уште се борат за егзистенција во тешкиот и суров современ свет. Покрај развојот (или падот) на семејството на Злате, во овие две драми можеме да го видиме и развојот во стилот на младиот автор, кој бестрашно се впушта во нови писателски искушенија.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.32 MB