Интервју

Јасмина Кантарџиева Димков: Пред да го напишам првиот збор го будам детето во себеси

05.04.2021.
Јасмина Кантарџиева Димков: Пред да го напишам првиот збор го будам детето во себеси

Авторката на книгите за деца „24 часа во Еднорозија“ и „Кучешки приказни од Тафталиџе 1“, Јасмина Кантарџиева Димков, вели дека кон литературата за младите читатели најмногу ја привлекува тоа што со сите сетила ја навраќа кон детството. Oвие нејзини дела се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“, а со писателката поразговаравме на повеќе теми врзани со книгите за деца и како да се поттикнат читачките навики.

* Што најмногу Ве привлекува кон литературата за деца?

Детските книги комуницираат со мене на повеќе начини. Првиот е сигурно оној исконскиот, прадедовскиот, кој со сите сетила ме навраќа во детството. Потоа, преку јазикот, кој е чист, детски, затоа што е и интуитивно разбирлив. Трето, преку фантазијата, која е секогаш добредојдена; преку потсетувањето на светот што често го забораваме; преку погледнувањата на нештата од друг агол; преку гладта за правдина, љубов, искреност, радост, преобразба и промена. Ми се допаѓа раскажувањето на сè што успева да најде начин, јазик и форма на едноставност. Без засладеност и без вообразеност. Литературата за деца знае да биде одлично место за барање на нови стимули и нови светови. Тоник за мозокот. Мост што поврзува неколку генерации. Сигурно не е место за сокривање или за бегство од реалноста, туку место за потрага. Место во кое зборовите често знаат да бидат бранители од неправдите на возрасните, но истовремено и место за грижа на авторот кон децата кои му се доверени. И токму затоа литературата за деца има обврска да биде возрасна. Денес, светскиот тренд ни вели дека книгите за деца сè повеќе се читани и од возрасни. Мислам дека е така и кај нас. Тренд што почна на крајот на милениумот со успехот на книгите на J. К. Роулинг, кои беа толку широко прифатени што британската издавачка куќа „Блумсбери“ направи по две корици за книга. Едната пошарена како оние за деца, а втората, во потемна нијанса, со едноставен дизајн, на прв поглед непрепознатлива дека станува збор за книга за деца, па така секој возрасен може да ја чита и во метрото без да привлече внимание.

* Кои се најголемите предизвици во процесот на создавање книги за деца?

Можам да зборувам во свое име, зашто секој автор си има различен пристап. Лично, немам големи и мали предизвици, зашто сите предизвици се дел од креативниот процес. Го сакам лесното пишување, да не тежи, секако да биде без напор. Сметам дека мора да се има многу имагинација и да знаете како да ги препознаете идеите во вистинско време, зашто колку повеќе се обидувате да ги измислите, толку повеќе ќе ви бегаат. Мојот прв предизвик е да си го разбудам детето во мене пред да го напишам и првиот збор, зашто ако тоа задремало или заспало, тешко дека ќе најдам начин, односно јазик, да си позборувам со другите деца, да си поиграме, да си ги довериме тајните. Е, потоа, кога детето ќе се разбуди, следниот предизвик е да си ги најде другарчињата. Ликовите. Поаѓајќи од изборот на полот, возраста, изгледот, името, па сè до карактерот на ликот. Особено карактерот. Третиот предизвик ми е водењето на играта. Не сакам сама да ја водам играта, зашто не сакам да бидам главната. Затоа и немам прецизен концепт. Намерното отсуство на шаблон пред себе ме води кон четвртиот предизвик: во текот на играта што се одвива на „листот“ или во главата, си зборувам со децата од реалниот живот, па така попатно, често и сценариото знае да се смени, да фати нова насока, нов заплет или расплет. А расте и имагинацијата. Да се препознаат вистинските идеи на децата од реалниот живот, да се вклопат во идејата на моето дете, кое веќе се заиграло, и тоа е предизвик. Предизвик е да се остане во креативната игра без ароганција и суетност. Да се остане дете.

* Колку е важна соработката со сите учесници во процесот?

Многу. Од тоа која е издавачката куќа, кој е уредник на книгата, до лекторот, илустраторот. Затоа што тие понатаму ја преземаат креативната контрола над вашата книга. Затоа е пожелно тој креативен дел да им се довери на професионалци кои знаат да ја слушаат и да ја разбираат желбата на авторот, но еднакво знаат и да ве советуваат и да ве водат кон вистинското решение сè додека книгата не си ги добие своите корици.

* Какви книги денес сакаат да читаат децата?

Денешните деца се преоптоварени со обврски и барања, презафатени со техника, преокупирани со интернет, преопседнати со видеоигри, па потешко е да им се приближиш, да им го одземеш вниманието. Затоа, особено на момчињата до 12-годишна возраст, поблиски им се книгите што нудат идентификација со суперхероите, суперсилите, кои откриваат фантастичен свет во кој сè е возможно, но и книги што нудат акција, низ чиишто редови се тестира силата и храброста, а борбата останува неизвесна до крајот. Девојчињата, пак, ги привлекуваат и „розовите“ книги, романи што меѓу соништата носат и љубовни приказни, а среќниот крај би бил пожелен.

* Какви се читачките навики на денешните деца и како би можеле да се поттикнат?

Многу ми е драго што детската литературна сцена кај нас, во последниве неколку години, значително се збогати со нови авторски имиња, но и со веќе познати автори, кои одлучија да напишат книга/и за деца. Немаше толку многу „гужва“ на тој план во времето кога излезе мојот прв роман за деца, пред 25 години. Мислам дека тогаш меѓу авторите, дури и меѓу авторите во обид, постоеја поголеми предрасуди околу тоа да се пишува детска литература, но и меѓу читателите. Како да е тоа нешто деградирачко, не можеш да пишуваш за возрасни, па ајде, за деца. Како да се писателите за деца автори од Б-категорија, а овие за возрасни, сериозни автори од А-листата. Оваа идеја опстојува и денес, не само кај нас туку и во светот, и покрај фактот дека многу светски писатели од овој жанр се меѓу најважните книжевници. Ова е затоа што го мешаме терминот „детски автор/односно инфантилност“ со „автор за деца“. Со зголемениот број автори и продукција на книги, со поголемиот избор, се подигна и интересот на нашите деца кон книгата. Затоа имаме поширока читателска публика отколку што беше некогаш. Мислам дека сериозно ни недостигаат фестивали за литература за деца кои, исто така, би биле корисни за менување на читачките навики. И најважно, односот и пристапот кон детската литература – со негување љубов кон книгата од мали нозе, почнувајќи од домот до училишните клупи, а не со форсирање дека мора да се чита, не со „седи, кец“ или „оди во соба и читај таму“. Ако нешто мораме да го правиме, нема да го направиме, без разлика дали сме деца или возрасни. Ако мора да се прочита лектирата, нема да ја прочитаме. Но, ако, на пример, се воведат работилници по креативно пишување и креативно читање во училиштата, сигурна сум дека ќе се зголеми бројот и на идни читачи и на идни писатели.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.05 MB