Малата извидничка Дева е изгубена во густата шума
на планината Би. Во потрага по неа тргнуваат нејзината сестра-близначка Дина,
момченцето Јан и кученцето Путерче. Случајно ја откриваат чудесната, таинствена
земја Еднорозија во која живеат еднорози, самовили и волшебникот Моли. Многу
одамна, злобниот принц Нолад фрлил страшна магија врз оваа прекрасна земја и
оттогаш нејзините жители се заробени во неа.
Додека групата извидници трага низ планината по
нашите пријатели Дева, Дина, Јан и Путерче, тие, пак, соочени се со многубројни
предизвици што треба да ги совладаат, три гатанки што треба да ги одгатнат и
три книги што треба да ги пронајдат за да ги спасат жителите на Еднорозија.
А, обидите за спас уште повеќе ги отежнуваат
тројцата научници – господинот Шол, господинот Верг и господинот Адулбаз
(нивните презимиња прочитај ги наназад за да откриеш какви се тие). Тројцата
научници ја напаѓаат Еднорозија, верувајќи дека еднорозите го кријат лекот за
бесмртноста...