Топ листа

Топ 10 најпродавани книги на Саемот на книгата 2021

17.09.2021.
Топ 10 најпродавани книги на Саемот на книгата 2021

Интернационални бестселери и наградувани наслови, нови романи од домашните писатели, трилери, книги за деца од македонски и регионални автори се на листата на најпродавани наслови на штандот на издавачката куќа „Арс Ламина“ и книжарниците „Литература.мк“, за време на Саемот на книгата 2021. Зад нас е уште едно успешно издание на најголемата манифестација на која се презентираат домашните издавачи, која се одржа од 8 до 14 септември. Се покажа дека, и покрај сè, интересот за читање на сите видови литература е во постојан подем. На тоа укажува и бројката на посетители, која и во овие пандемски услови достигна 15.000. На ова издание на Саемот на книгата „Арс Ламина“ организира многубројни промоции на наградувани регионални автори, но и на свежи домашни имиња, со кои се збогати нашата книжевна сцена. Токму домашните саемските новитети беа најкупувани оваа година. Во продолжение ви ја претставуваме листата топ 10 најбарани книги на овој саем.

1. „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд

Најбараниот саемски новитет оваа година е новиот роман „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата што постигна интернационален успех е бестселер на „Њујорк тајмс“.

Приказната се движи околу возрасната и повлечена холивудска филмска икона Евелин Хуго, која конечно е подготвена да ја каже вистината за нејзиниот гламурозен и скандалозен живот. Но, кога за тоа ќе ја ангажира анонимната репортерка Моник Грант, никој не е поизненаден од самата Моник. Зошто неа? И зошто сега? Моник не е баш на врвот на светот. Сопругот ја напуштил, професионалниот живот ѝ е во ќор-сокак. И покрај тоа што не знае зошто Евелин ја избрала да ја напише нејзината биографија, Моник е решена да ја искористи можноста и да почне своја кариера. Моник е поканета во луксузниот апартман на Евелин, каде што фасцинирано слуша додека актерката ѝ ја раскажува нејзината приказна. Од пробивот во Лос Анџелес во педесеттите до нејзината одлука да го напушти шоу-бизнисот во осумдесеттите години и, секако, седумте сопрузи попатно, Евелин раскажува приказна за безмилосни амбиции, неочекувано пријателство и голема забранета љубов. Моник почнува да чувствува вистинска поврзаност со легендарната ѕвезда, но како што приказната на Евелин се приближува кон крајот, така станува јасно дека нејзиниот живот се испреплетува со оној на Моник на трагичен и неповратен начин.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14712

2. „Живот на нашата планета“ од Дејвид Атенборо

Сер Дејвид Атенборо е најпознатиот британски автор на природонаучни филмови. Неговата кариера на природонаучник и телевизиски презентер опфаќа речиси седум децении. Патувал во најоддалечените краеви на светот, каде што одблизу снимал диви животни во нивните природни живеалишта. „Како младич, додека шетав мислев дека ја гледам дивината, дека го искусувам негибнатиот свет на природата – но, тоа беше илузија. Трагедијата на нашето време се случуваше насекаде околу нас, едвај забележливо од ден за ден – исчезнувањето на дивината, намалувањето на нејзиниот биодиверзитет. Бев сведок на ова намалување. Животот на нашата планета е моето сведочење, но и мојата визија за иднината. Тоа е приказна за тоа како ја направивме нашата најголема грешка и како, доколку дејствуваме веднаш, можеме да ја исправиме. Имаме уште само една, последна шанса да го создадеме нашиот совршен дом и да го обновиме волшебниот свет што сме го наследиле.“

Земјата ја делиме со другите животни и со растенијата – најсовршениот замислив систем за одржување на животот, конструиран милијарди години. Стабилноста на планетата почна да се губи паралелно со намалувањето на разновидноста на живиот свет – овие две нешта се меѓусебно поврзани. Затоа, за да ја обновиме стабилноста на планетата, мораме да го обновиме биодиверзитетот, токму она што го уништуваме сега. Тоа е единствениот излез од кризата што ја предизвикавме самите. Мораме да ја вратиме дивината во светот.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14714

3. „Замалек“ од Дејан Тиаго Станковиќ

Новиот роман на српскиот автор Дејан Тиаго Станковиќ,„Замалек“, кој е годинашниот добитник на Европската награда за книжевност, беше промовиран во рамките на Саемот на книгата 2021. Книгата на македонски јазик е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а е со превод на Илина Јакимовска. Авторот, кој живее на релација Србија-Португалија, во одреден дел од животот престојувал во Каиро, каде што ја нашол инспирацијата за романот „Замалек“. Имено, називот е според елитна населба во срцето на Каиро, на островот среде Нил. Таму со децении постоела антикварница преполна со најразновидно богатство како пештерата на Али-баба. Продавницата, најпозната во тој дел на светот, ја воделе Коста, познат египтолог, и неговата поќерка Арна, сè додека к’сметот, поради некои мистериозни гревови на Коста, не решил поинаку. Оваа приказна, во која се мешаат овоземскиот и задгробниот живот, не можела да се случи на никое друго место, освен во Каиро, па тој пустински мегалополис, неговата тивка махала Замалек, луѓето, обичаите и жештината на градот се еднакви важни јунаци во романот исто како и антикварот Коста и раскажувачката Арна, прашината што постојано паѓа и Нил, кој тече како животот.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14704

4. „Деса“ од Ивана Трајаноска

Деса e жена-сон, тивка, приспособлива, непокорна, но свитлива, скротувачка на своите внатрешни ветрови и сили. Како довеано бело, лесно облаче среде модрите стратуси. Егзотична птица залутана во туѓо небо. Големите соништа ги носи од Кратово во Скопје, каде што треба да се остварат. Но, новата средина значи и поголем избор. Поголемиот избор значи и поголеми шанси за грешни одлуки… Деса е главната протагонистка во истоимениот најнов роман на универзитетска професорка, книжевна истражувачка и критичарка, преведувачка и писателка, Ивана Трајаноска. Taa ни носи филигрански изработена приказна за несреќниот живот на една жена, за миграцијата и судирот на вредностите од мало место во големо, за погрешните животни избори и за тагата за непроживеаното. Романот „Деса“, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше претставена на Саемот на книгата 2021.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14701

5. „Афера во музејот на пари“ од Сашо Кузмановски

„Афера во музејот на пари“ е прво дело на новинарот Сашо Кузмановски, кое во стилот на најдобрите крими-трилери ни носи возбудлива приказна за борбата со нелегалното тргување со антиквитети. Напредното познавање од областа на нумизматиката и вештиот раскажувачки стил на Кузмановски го прават овој роман убедлив и конкурентен на светските бестселери од овој жанр. Книгата беше претставена на годинашниот Саем на книгата, во рамките на т.н. „Ноќ на домашни трилери“. Во музејот на пари во Народната банка е свечен ден. По повод десетгодишнината од монетарното осамостојување на Македонија, јавноста има можност да го види историското богатство на земјата. Во импресивната нумизматичка поставка има и една ретка пара – тетроболот на Ликеј со уникатна иконографија од обете страни. Сите се возбудени и со гордост зборуваат за овој важен настан. Ништо не најавува дека нешто може да ја наруши идилата. Но, еден неочекуван телефонски повик навестува невиден скандал. Уникатниот тетробол е, всушност, фалсификат. Алармот е вклучен! Потрагата по оригиналот почнува...

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14705

6. „Опасна игра“ од Мери Арсова

Во рамките на „Ноќ на домашни трилери“, во организација на „Арс Ламина“, за време на Саемот на книгата, беше претставен и романот „Опасна игра“ од Мери Арсова. Станува зборзакрими-трилер во кој главниот лик, Давид, е обично момче кое живее монотон и здодевен живот. Има работа што ја мрази и свршеница во која се сомнева дека е вљубен. Еден вообичаен мартовски ден, кој по ништо не навестува дека ќе биде пресуден во неговиот живот, случајно се среќава со Ева, неговата средношколска љубов. Таа е одамна преселена во Америка и омажена за богат американски бизнисмен. Оваа средба, што навидум почнува да се развива во тајна љубовна приказна, всушност, е многу опасна игра. Во својот дебитантски роман, Мери Арсова ни носи непредвидлив крими-трилер, маскиран под превезот на една наивна романса, наметнувајќи ги прашањата: Што ако немаме избор? Што ако мораме да го промениме својот живот целосно, за да преживееме? За да ги заштитиме своите најмили? Токму овој роман ќе ни покаже што сè сме подготвени да направиме, кога животот ни задава удари и нè остава да се бориме потполно сами.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14700

7. „СНЕШКО. Дневникот на едно кутре“ од Снешка Трајковска

„Снешко, дневникот на едно кутре“ е илустрирана книга за деца, прва книжевна објава на Снешка Путинска Трајковска. Доверувајќи му го раскажувачкиот глас на едно кутре, повредено и одделено од својата мајка, авторката и илустраторката (Анета Илиевска) заеднички и мошне хармонично создаваат симпатична и топла приказна за секојдневието, за закрепнувањето и зближувањето помеѓу животните и луѓето. Со многу досетки и карактеристичен шарм, со јазични игри на границата помеѓу кучешкиот и „јазикот на човеците“, со грешки и сознавања, приказната-дневник на кутрето Снешко, бело како снег, истовремено допира и до децата, но и до возрасните, како, впрочем, секоја добро осмислена книга за најмалите. Палавото секојдневие на кутрето е идентификувано со палавото секојдневие на секое мало суштество, куче, маче или дете, сеедно; но и со топлите, големи и меки срца на љубителите на животни, какво што е срцето на Мила, најдобрата другарка, негувателка и сопственичка на Снешко Беличковски.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14691

8. „Исчезнатиот маркиз“ од Ненси Спрингер

Запознајте ја Енола Холмс, тинејџерка-детектив и помлада сестра на Шерлок Холмс! Кога Енола ќе открие дека мајка ѝ е исчезната, таа бргу тргнува во Лондон да ја бара. Но, дали е спремна за сè што ја очекува во големиот град? Таа бргу се замешува во киднапирањето на еден млад маркиз, истовремено е во бегство од опасни криминалци и сопствените браќа – кои сакаат од неа да направат дама – а покрај тоа, се обидува да ги протолкува трагите што ќе ѝ го објаснат чудното исчезнување на мајка ѝ. Дали Енола ќе се справи со сите овие предизвици?

„Исчезнатиот маркиз“ е првата книга од серијалот „Мистериозните случаи на Енола Холмс“ од веќе признаената авторка Ненси Спрингер – совршена приказна за вљубениците во Шерлок Холмс, детективската фикција и мистеријата. По романите за Енола, минатата година беше снимен и филм на „Нетфликс“ со Мили Боби Браун, Хенри Кавеил и Хелен Бонам Картер.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14692

9. „Црната птица“ од Александра Јовановиќ

Насловот на романот – „Црната птица“, иако можеби на прв впечаток асоцира на несреќа, во суштината е одлично извлечен од самата приказна, каде што црната птица е еден вид лик, лик во ликот, книжевен „жител“ во песната на таткото на Желба и, сосем спротивно од првиот впечаток, симболизира надеж и истрајност. Верба. Починатиот татко на главниот лик, девојчето Желба, чиешто име е необично и менливо/преводливо од јазик во јазик, е клучниот лик во овој роман... Целта на овој роман е да не нè залажува дека сè ќе биде исто, оти тоа е неможно, туку да покаже дека и најстрашните загуби што се ненадоместливи, можат да бидат премостени. Крајот на романот не е и не може да биде класичен „хепиенд“, зашто загубата на татко никогаш не се надоместува, ниту, пак, се заборава. А сепак е оптимистичен, разумно среќен, зашто болката успева да се премости, со помош на пријателството...

Романот „Црната птица“ на Александра Јовановиќ (1996) е добитник на наградата на „Политикин забавник“ за најдобра книга за деца и млади напишана на српски јазик за 2020 година. Ова е прв роман на најмладата добитничка досега на оваа престижна награда што се доделува од 1979 година. Книгата на македонски јазик, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше промовирана на Саемот на книгата 2021.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14699

10. „Јас сум Акико“ од Стефан Тиќми

„Јас сум Акико“ говори за едно девојче со пегички кое не ги сака границите. Главниот лик Акико живее со својот татко, кожата ѝ мириса на стара хартија и често е осамена. Таа нема пријатели, освен пешкирот и баобабот. Но, и тие се еден вид скали кон нејзиното вистинско пријателство со Марсело, кој се појавува дури при крајот на романот. Ова е мудра книга во која малата Акико истакнува ставови за родителската љубов, за внатрешниот свет, за извртената стварност, за пријателството и за многу други сфери поради што е добро да допре и до возрасните. Тиќми ја има добиено наградата на „Политикин забавник“ за најдобра книга за деца на српски јазик за 2018 година, а веќе пишува и сценарио за долгометражен анимиран филм за Акико. Воедно, во Србија има и театарска претстава базирана на книгата. Илустрацијата на корицата за македонското издание ја направи познатиот сликар и автор на книги за деца Ване Костуранов. Книгата на македонски јазик, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше промовирана на Саемот на книгата 2021.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14489

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.29 MB