Топ листа

Исидора Мун и ѕвездата паѓалка е најбараната книга за деца во Литература.мк во октомври

08.11.2022.
<strong>Исидора Мун и ѕвездата паѓалка е најбараната книга за деца во Литература.мк во октомври</strong>

Новата волшебна приказна за најпознатата вампир-самовила „Исидора Мун и ѕвездата паѓалка“ е најпродавана книга за деца во книжарниците „Литература.мк“ во октомври. Станува збор за 14-тата книга од серијалот на авторката Хариет Мункастер, објавен на македонски јазик во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Двете нови изданија од популарниот интерактивен серијал „Пиши-бриши“: „Животните од Европа“ и „Животните од Јужна Америка“, исто така, се меѓу најбараните содржини за деца. Следуваат: несекојдневната сликовница „Шила“ од авторката Јана Мишо и илустраторката Калиопи Трпчева, изданијата од серијалот „Учиме со Софија“ („Подготовка за пишување“ и „АБВ – од ананас до шапка“) и илустрираната книга „Бакнежот на пролетта“, од Елизабета Баковска, со илустрации на Катерина Соколова, која е дел од едицијата „Нови бајки од Македонија“. Меѓу најчитаните се и лектирата „Збунети години“ од Велко Неделковски, со илустрации од Здравко Гиров, и лектирното издание на првата книга од познатиот серијал за малиот волшебник од писателката Џ. К. Роулинг: „Хари Потер и каменот на мудроста“. На топ 10 листата се и „Другарска азбука“ од Снежана Петрова-Џамбазова, „Размислувај како гениј“ и култната „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери.

Во продолжение проследете ги содржините од најбараните десет изданија за деца и млади, минатиот месец, во книжарниците „Литература.мк“.

1. „Исидора Мун и ѕвездата паѓалка“

Во новата, возбудлива приказна, Исидора една ноќ здогледува ѕвезда паѓалка што паѓа од небото и запознава нова светлечка другарка. Таа се вика Нова и не требало да падне на Земјата. Притоа, го загубила своето месечево мачорче Плутон! Тргнуваат во потрага што се претвора во незаборавна авантура. Откријте дали Исидора ќе ѝ помогне на Нова да го најде загубеното мачорче пред да се врати дома?

Исидора Мун е посебна, бидејќи е поинаква. Мајка ѝ е самовила, татко ѝ е вампир, таа е по малку од двете, но целосно уникатна. Препознатлива е по нејзините црни и розови фустанчиња со светки, волшебното стапче со ѕвездичка и магичните крилјата, како и по нејзиното најверно пријателче – Розовото Зајаче.

Книгaта е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14950

2. „Животните од Европа“ и „Животните од Јужна Америка“

Овие едноставни и забавни активности, подредени по тежина, ќе им помогнат на децата од предучилишна возраст да ја вежбаат раката, да се навикнат на приборот за пишување и да стекнат самодоверба во првите чекори во цртањето и пишувањето, преку: почетно пишување на разни видови линии; слободно пишување линии; развивање на фините моторички вештини на мускулите на рацете и прстите; можност вежбата да се повтори повеќепати и детето да се коригира самостојно. Оваа вежбанка е реупотреблива. На нејзините страници може да се пишува со маркер за бела табла (пиши-бриши), а се брише со марамче, обична ткаенина или сунѓер. На тој начин децата можат да се навраќаат на активностите повторно и повторно, што им овозможува градење на самодовербата, но и долготрајна забава. Наменети се за деца од најмала возраст, од претшколска и раношколска возраст.

Во „Животните од Европа“ дечињата, цртајќи, треба да му „помогнат“ на штркот да се спакува за уште едно патување, на бувот да ги најде очилата за ден, на лисицата да ги дошие нарачките... Потоа ќе поуживаат во читањето на волкот, заедно со другите животни.

Пиши-бриши вежбанката „Животните од Јужна Америка“ ги открива ретките животни типични за тој дел од светот. Во неа децата ќе цртаат, доцртуваат и ќе читаат со мама лама – која ги подучува своите деца, со јагуарот, кој сака да биде сликар, папагалот ара, кој треба да си ги среди пердувите-облеки...

Изданијата се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://bit.ly/3wZeHH4

3. „Шила“ од Јана Мишо и Калиопи Трпчева

„Шила“ е топла сликовница за патот до среќата на едно срамежливо девојче, „сошиена“ од лирската приказна на Јана Мишо и колоритните илустрации на Калиопи Трпчева. Играта со ткаенините, со машината за шиење, со копчињата и со конците е впечатлив, личен начин за изразување, но и за справување со емоциите кај децата, различни и поинакви во однос на другите околу нив. Волшебниот свет на Шила преку шиењето на сите попатни емоции низ растењето, нè води до зрелост и целосна исполнетост. Правејќи кукли, Шила го крои и го шие светот по мерка на среќата кон која се стремиме сите. Кругот на животот се свртува со безименото девојче на кое веќе возрасната Шила му помага побрзо и полесно да стане тоа што сака.

„Шила“ е книжевно-ликовен свет, напишан, нацртан и сошиен како поддршка за истрајноста, стрпливоста и самодовербата кај децата. Истовремено го реактуализира чудесниот подзаборавен свет на рачната работа.

Книгaта е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14907

4. „Учиме со Софија“

„Учиме со Софија“ е серијал изданија со активности преку кои децата на забавен начин и со помош на различни илустрации ќе научат многу нови нешта. Со овие книги децата ќе ја научат азбуката заедно со малечката Софија, ќе вежбаат пишување на прави, коси и криви линии и ќе ги научат музичките ноти и основните поими од музиката.

Изданијата се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на: https://bit.ly/3mPP4an.

5. „Бакнежот на пролетта“ од Елизабета Баковска, илустрации Катерина Соколова

Во една земја, на крајот од последната улица на едно гратче, во една малечка куќичка под еден рид, живееше едно девојче со баба си. Откако знаеше за себе, девојчето секое утро седеше покрај прозорецот и гледаше надвор. Во дворот пред куќичката сѐ беше бело, а голите гранки на дрвјата на ридот беа клапнати под тежината на снегот, зашто надвор секогаш беше зима... Ова е воведот во приказната во „Бакнежот на пролетта“ од писателката Елизабета Баковска, со илустрации на Катерина Соколова. Ова е една од четирите бајки (заедно со „Перуника“, „Сончевото момче Ил“ и „Осаменото дрво“), кои се дел од новата едиција „Нови бајки од Македонија“, кои неодамна излегоа од печат во издание на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“. Бајките што се дел од оваа едиција се напишани од современи млади автори, кои имаа можност да ги пријават своите дела на отворениот конкурс што го распишаа Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“. Веднаш по изборот на бајките беше распишан и отворен повик за дизајнери-илустратори кои ги работеа визуелните прикази на бајките, давајќи им целосно свеж и оригинален печат.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14914

6. „Збунети години“ од Велко Неделковски, илустрации Здравко Гиров

Борче е осмоодделенец кој постојано ги задева и ги засмева девојчињата во училиштето. Симпатија му е Виолетка и преку Димитар, скромен седмоодделенец и нејзин соученик, ѝ праќа љубовни писма. Во неа е вљубен и Димитар, кој всушност ги пишува писмата во име на Борче. Различни во поглед на социјалниот статус, но и во однос на карактерот, сензибилитетот и физичкиот изглед, овие две момчиња ќе се обидат да го освојат девојчето со плетенки, црвени образи и со симпатична насмевка.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13498

7. „Хари Потер и Каменот на мудроста“ од Џ. К. Роулинг

Еден обичен ден во домот на Дарслиеви, на Привет драјв, бр. 4, стигнува писмо за момчето во креденецот под скалите, Хари Потер. По многуте обиди на тетин Вернон да ги скрие писмата што постојано доаѓаат, една вечер на вратата се појавува Рубеус Хагрид од „Хогвортс“, училиштето за вештерство и волшебништво, и му вели на Хари дека е волшебник. Тогаш почнуваат авантурите на Хари и неговите пријатели, но влогот е голем − целиот волшебнички свет е во опасност.

Книгите од серијалот „Хари Потер“ се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на: https://bit.ly/3mJoQVw

8. „Другарска азбука“ од Снежана Петрова-Џамбазова

Сликовницата „Другарска азбука“ од Снежана Петрова-Џамбазова, со илустрации од Ивана Јовановска, ќе ве внесе во светот на буквите, на пишувањето, на запознавањето со кирилицата. Во оваа интересна книга за деца, на забавен и на шаренолик начин преку римувани строфи ќе дознаете повеќе за другарството, за заемните игри, понекогаш и за работните задачи на момчиња и девојчиња чиишто имиња почнуваат со иста буква.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13532

9. „Размислувај како гениј“

Популарниот интерактивен книжевен серијал „Умствени вежби, гениј“ за деца и за возрасни од авторите Карло Карцан и Соња Скалко на македонски јазик е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Во него се четири книги со умствени вежби: „Размислувај како гениј“, „Размислувај како Шерлок Холмс“, „Размислувај како Леонардо да Винчи“ и „Размислувај како Алберт Ајнштајн“. Книгите се добра вежба за мозокот за секоја возраст, а во нивната основа е дека се учи преку игра.

„Размислувај како гениј“ помага да се подобри меморијата и концентрацијата, да се активираат логичките процеси на учење, да се развиваат имагинацијата и креативноста. На половина пат помеѓу прирачник и разиграна лабораториска вежбанка, „Размислувај како Шерлок Холмс“ е патување низ раскажување, активности и игри со кои ќе откриете како да го вежбате својот ум за набљудување, логика, концентрација и селективна меморија, следејќи ги трагите на најгенијалниот детектив на сите времиња. Со „Размислувај како Алберт Ајнштајн“ ќе откриете како да го вежбате умот за истражување, логика, научен метод, страст и мотивација, следејќи ги трагите на најголемиот научник на сите времиња.

Изданијата се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://bit.ly/2Ykcmex

10. „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери

„Малиот принц“ е книга за мали и за големи... Напишана во форма на бајка, таа ја раскажува приказната за малото момче кое доаѓа од една мошне далечна и мошне малечка планета и неговата потрага по пријателство и љубов. Ова е книга за светот и човекот, за возрасните и децата, за животот и вистинските вредности: пријателството, љубовта, посветеноста и пожртвуваноста, за раѓањето и смртта, за ѕвездите и бесконечните пространства.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13519

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.27 MB