Топ листа

Топ 10 најпродавани книги во Литература.мк на почетокот на 2022 година

18.02.2022.
Топ 10 најпродавани книги во Литература.мк на почетокот на 2022 година

Втор месец по ред, „Торонто експрес (Тибам штркот апдејт)“ од Зоран Спасов Ѕоф е најпродавана книга во книжарниците на „Литература.мк“. Книгата, која е во издание на „Попули“, беше распродадена за само неколку недели по промоцијата, а веќе има и втор тираж. На второто место е една од најкупуваните книги за минатата година – „ЗЕН: Уметноста на едноставното живеење“ од Шунмио Масуно.

На топ 10 листата со најбарани изданија за возрасни во јануари високо котира романот „Седумте мажи на Евелин Хуго“. Интернационалниот бестселер од Тејлор Џенкинс Рејд неколку месеци по ред беше на првата позиција на оваа листа. На оваа листа се и книгите од Мајк Викинг: „Уметноста на создавање спомени“ и „Мала книга за хиге“, хит-изданието „Е, баш ме заболе“ од Марк Менсон, како и новиот мотивациски бестселер „Гласот во нашата глава, зошто е важен и како да го користиме“ од Итан Крос и романите „Дамски гамбит“ од Волтер Тевис и „Жената со црвена коса“ од Орхан Памук.

Дознајте каков е редоследот на листата со топ 10 најбарани книги во „Литература.мк“ на почетокот на 2022 година. Дали меѓу нив е и вашето омилено четиво?

Во продолжение прочитајте повеќе за содржините на книгите и побарајте го вашиот фаворит во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.

1. „Торонто експрес“ од Зоран Спасов Ѕоф

„Торонто експрес (Тибам штркот апдејт)“ е најбараната книга за возрасни минатиот месец. Станува збор за ново, дополнето издание на популарната книга и литературен првенец наЗоран Спасов Ѕоф – „Тибам штркот“. Дизајнот на корицата е на стрип-авторот Михајло Димитриевски – Тxе Мичо. На основа на оваа приказна e направена новата театарска претстава „Торонто експрес“, во Македонскиот народен театар.

„Торонто експрес“ е документаристичка стрип-проза; еден вид фотонарација со блиц, зум и слободен кадар и фокус; „водич за идните печалбари и тазе имигранти“, како што вели самиот автор, или литерарен прирачник за заминување, но и за враќање од Канада. Напишана на скопски сленг, книгата нуди една нова форма на битовост, на модерно печалбарство, актуализирајќи го вековниот проблем на иселувањето на нашиот народ на еден автентичен, самосвоен и мошне читлив, ведар и духовит начин. Новите „печалбари“ се академски музичари кои разнесуваат пици, машински инженери – „конобари“ по свадби, ортопеди – стручњаци за гипс-картон… Нивните (не)употребливи дипломи чекаат во куферите зафрлени во подрумите на изнајмените станови во Канада...

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14766

2. „ЗЕН: Уметноста на едноставното живеење“ од Шунмио Масуно

Преку јасни и практични лекции што се учат лесно – по една на ден во текот на сто дена – познатиот будистички свештеник Шунмио Масуно евоцира мудрост стара со векови за да ви покаже како да ја применувате суштината на зен-будизмот во модерното живеење. Станува збор за популарната книга во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, „Уметноста на едноставното живеење: 100 секојдневни вежби од јапонски зен-монах за живот исполнет со мир и радост“ од Шунмио Масуно. Тука ќе научите како длабоко да издишувате за да ги исфрлите негативните емоции, како да го средувате својот дом едноставно, што ќе ви помогне да ги расчистите вашите мисли, да ги подредувате обувките навечер за да внесете ред во вашиот ум, да засадите едно цвеќе и да гледате како расте, помалку да се грижите за она што не можете да го контролирате и уште многу други нешта… Дури и ќе си создадете време за да не размислувате за ништо. Поедноставете си го животот со уметноста на зен-будизмот и научете како да се чувствувате порелаксирано, поисполнето и со обновено чувство на мир и спокој.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13682

3. „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд

Една од најчитаните книги за 2021 година, „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е меѓу најбараните и во првиот месец од 2022 година. Во фокусот на романот е возрасната и повлечена холивудска филмска икона Евелин Хуго, која конечно е подготвена да ја каже вистината за нејзиниот гламурозен и скандалозен живот. Но, кога ќе ја ангажира анонимната репортерка Моник Грант за тоа, никој не е поизненаден од самата Моник. Зошто неа? И зошто сега? Моник не е баш на врвот на светот. Сопругот ја напуштил, професионалниот живот ѝ е во ќор-сокак. И покрај тоа што не знае зошто Евелин ја избрала да ја напише нејзината биографија, Моник е решена да ја искористи можноста и да почне своја кариера. Моник е поканета во луксузниот апартман на Евелин, каде што фасцинирано слуша додека актерката ѝ ја раскажува нејзината приказна. Од пробивот во Лос Анџелес во педесеттите до нејзината одлука да го напушти шоу-бизнисот во осумдесеттите години и, секако, седумте сопрузи попатно, Евелин раскажува приказна за безмилосни амбиции, неочекувано пријателство и голема забранета љубов. Моник почнува да чувствува вистинска поврзаност со легендарната ѕвезда, но како што приказната на Евелин се приближува кон крајот, така станува јасно дека нејзиниот живот се испреплетува со оној на Моник на трагичен и неповратен начин.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14712

4. „Уметноста на создавање спомени“ од Мајк Викинг

Мајк Викинг, кој е истражувач на среќата и најпродаван автор на „Њујорк тајмс“, во книгата „Уметноста на создавање спомени: како да создавате и да помните среќни моменти“ открива како да создавате и да помните среќни моменти, кои го прават животот посладок.

Секоја година имаме на располагање фиксен број денови. Некои денови нè одминуваат не оставајќи никаква трага зад себе, а некои ги помниме засекогаш. Дали го паметиш првиот бакнеж? Или највкусниот оброк? Или мирисот на свежо потстрижената трева на совршен летен ден? Кога нашите сетила се стимулирани, кога ќе ја искористиме моќта на првите искуства и кога сме свесни за сопствените чувства и емоции, полесно ќе ги зачуваме нашите среќни спомени. Повикувајќи се на научни истражувања на среќата, Мајк Викинг нè учи како да создаваме среќни спомени и како полесно да ги задржиме. Користејќи податоци и дневници, прашалници, глобални анкети и истражувања, научни осврти на однесувањето и експерименти со среќата, „Уметноста на создавање спомени“ ќе ни објасни како да создадеме совршени моменти. Моменти што ќе ги запаметиме засекогаш. Моменти што ќе ја обликуваат нашата личност.

Книгата е веќе достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14748

5. „Е, баш ме заболе“ од Марк Менсон

Во оваа книга-водич за самопомош, што дефинира една цела генерација, авторот, кој е суперѕвезда во блогерските кругови, не нè замајува со глупости од типот дека постојано треба да се обидуваме да бидеме „позитивни“, за да станеме навистина подобри и посреќни луѓе. Веќе со децении ни се сервира тезата дека позитивното мислење е она клучното што води кон среќен и исполнет живот. Но, Марк Менсон вели: „Море, кој ја ’врти‘ позитивноста. Да бидеме искрени – нештата се зафркнати, но немаме друг избор освен да живееме со нив онакви какви што се“. На неговиот многу популарен блог на интернет, Менсон ниту ја бојадисува стварноста во розово, ниту ја заобиколува. Тој ги изложува работите токму онакви какви што се, што е една вистинска доза необработена, свежа и искрена вистина – нешто што денес навистина ни недостига. Менсон ја изнесува и ја брани тезата дека луѓето, според природата на работите, се суштества со свои мани и ограничувања. „Не може секој да биде исклучителен – општеството е сочинето од победници и губитници, а нешто од сето тоа ниту е фер, ниту, пак, е по твоја вина.“ Неговиот совет до нас е да си ги препознаеме и да ги спознаеме нашите ограничувања и да ги прифатиме – и дека токму тоа, вели тој, е вистинскиот извор на моќ со кој можеме да се стекнеме. Откако еднаш ќе ги прифатиме нашите стравови, грешки и несигурности – откако ќе престанеме да бегаме и да ги избегнуваме болните вистини, туку ќе почнеме да се соочуваме со нив – дури тогаш можеме и да тргнеме во потрага по храброста и самоувереноста по кои трагаме толку очајно.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13453

6. „Мала книга за хиге“ од Мајк Викинг

За Данска често се вели дека е најсреќната земја во светот. А тоа се сведува на една работа – хиге. Хиге се преведува на најразлични начини, од уметност на создавање блискост, преку пријатна душевна удобност, па до црпење задоволство од присуството на смирувачки нешта. Кога ќе го почувствуваш она што се нарекува хиге, едноставно го знаеш тоа. Тоа е она кога си стуткан на каучот со саканата личност или кога јадеш заедно со најблиските пријатели. Тоа се оние јасни сини утра кога светлината што ти влегува низ прозорецот е токму онаа вистинската. А никој не може да ти биде подобар водич за сето она што се подразбира под хиге од Мајк Викинг. Мајк е генерален директор на Институтот за истражување на среќата во Копенхаген и има поминато многу години во проучување на магијата на данскиот начин на живот. Почнувајќи од изборот на вистинското осветлување и сè околу планирањето забава, преку создавањето комплет за хиге прва помош, па дури и во однос на изборот на облека, оваа прекрасна и инспиративна книга на Мајк ќе ти помогне да бидеш по-хиге.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13584

7. „Гласот во нашата глава, зошто е важен и како да го користиме“ од Итан Крос

Итан Крос е наградуван психолог кој во оваа книга ни ги открива скриените моќи на нашиот внатрешен глас и ни покажува како да го искористиме во борбата со анксиозноста, како да си го подобриме психичкото и менталното здравје и како да ги продлабочиме нашите врски со другите. Кажете му на странец дека разговарате со себеси, мошне веројатно е дека ќе ве смета за ексцентрик. Кога разговараме со себеси, често се надеваме дека ќе го поттикнеме нашиот внатрешен тренер, но, наместо тоа, го поттикнуваме нашиот внатрешен критичар. Кога се соочуваме со тешка задача, нашиот внатрешен тренер нè охрабрува: Ајде, го можам тоа! Но, исто толку често, нашиот внатрешен критичар нè обесхрабрува: Нема да успеам. Сите ќе ми се смеат. Која е поентата?

Крос ги истражува тивките разговори што ги водиме со себе. Испреплетувајќи ги револуционерните проучувања на мозокот што ги спроведувал во неговата лабораторија со конкретни студии на случај, тој објаснува како внатрешните разговори ги обликуваат нашите животи, работа и врски. Тој предупредува дека препуштањето на негативни и дезориентирачки разговори со себе – што тој ги нарекува „брборење“ – можат да ни го нарушат здравјето, да ни го „спуштат“ расположението, да ни ги ограничат социјалните конекции и да почнеме да попуштаме под притисок.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14746

8. „Астрофизика за луѓе кои немаат време“ од Нил Деграс Тајсон

Каква е природата на просторот и времето? Кое е нашето место во универзумот? Кое е местото на универзумот во нас? Ова е најдобриот водич во потрагата по одговорите на овие прашања што го зашеметуваат умот, напишан од познатиот астрофизичар и популарен автор Нил Деграс Тајсон. Но, современиот човек речиси и да нема време да размислува за вселената. Затоа, Тајсон пишува на оваа тема со разбирлив и лесно читлив стил, правејќи ги и најсложените вселенски концепти достапни за оние што немаат време. Додека чекате да се свари утринското кафе или да дојде автобусот, „Астрофизика за луѓе кои немаат време“ ќе ви го каже само најнеопходното за разбирање на вестите од областа на вселенските науки, но и за информирано учество во разговори на таа тема. Ќе знаете интелигентно да зборувате за Големата експлозија, црните дупки, кварковите и квантната физика, за откривањето нови планети и потрага по вонземски живот. Оваа книга речиси гарантирано ќе ги прошири вашите перспективи и ќе ги збогати вашите знаења, и тоа на начин што ќе ве предизвика да посакате уште.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13595

9. „Дамски гамбит“ од Волтер Тевис

Осумгодишното сираче Бет Хармон е тивко и повлечено девојче со невпечатлива појава. Така е сè додека не ја изигра првата партија шах. Нејзините сетила се изоструваат, размислува појасно и првпат во животот чувствува дека има контрола. На 16-годишна возраст, таа веќе се натпреварува на Отвореното првенство на САД. Но, како што ги усовршува вештините на шахот и зачекорува на патот на успехот, нејзината изолација станува сè позастрашувачка, а помислата за бегство сè попримамлива. На овој роман е базирана истоимената мегапопуларна ТВ-серија на „Нетфликс“.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14527

10. „Жената со црвена коса“ од Орхан Памук

„Жената со црвена коса“ е комплексен роман во кој се испреплетуваат политиката и психологијата, книжевноста и стварноста, Западот и Истокот. Приказна преокупирана со таткоубиството и цар Едип на Софокле; но, исто така, и приказна за синоубиството, за Рустем и Сухраб, раскажана во епот „Шахнаме“ на персискиот поет Фирдуси. Роман што уште еднаш ја потврдува комплексноста и сериозноста на Орхан Памук. При крајот на XX век, во град близу Истанбул, мајсторот Махмут и неговиот чирак Џем копаат бунар на едно навидум пусто и суво место. Мачејќи се да стигнат до скапоцената вода – што ќе го „разбуди“ местото и ќе ја поттурне економијата – тие развиваат длабок однос: Махмут го пронаоѓа синот што никогаш го немал, а Џем таткото што го напуштил. Во меѓувреме, на сцена стапува жената со црвена коса, а во Онгорен се случува страшна и голема несреќа, несреќа што ќе остави длабока траума во животот на момчето. Орхан Памук е можеби најпознатиот современ турски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 2006 година. Неговите дела се занимаваат со соочувањата помеѓу Истокот и Западот, со проблемите на уметноста и на идентитетот, а честопати се споредувани со оние на Џојс, Набоков и Маркес.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14736

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.3 MB