Си беа еднаш... еден Ведран и една Мила, кои живееја во градот Гушкоград, во една земја Вистинија... со една Злоба и еден Шугавко... А, пак, тоа еднаш всушност е и денес...
„Волшебните прегратки“ од Марија Костадиновска, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е приказна-метафора за среќата. За непроценливата детска среќа и за тоа како со малку може да се има сѐ ако се занемари (не)намерното негативно дејствување од возрасните. За купувањето нематеријални нешта, за вредноста на желбите и соништата. За бујната фантазија и остриот ум на детето.
„Волшебните прегратки“ е навидум една наивна приказна за деца, но всушност лекција, со длабоки пораки, како за нив, така и за возрасните. Четиво, блиско до денешното живеење. Во преден план го има ова ново, брзо, толку среќно и модерно време, а истовремено толку мрачно и тажно. Сѐ се случува во градот на гушкањата и милоста, но и во Вистинија, во приказот на чистата реалност.
Како да не може сѐ што е убаво да трае долго или можеби може... од себе си зависи...
Децата уште пред да станат свесни за таа реалност се соочуваат со немили емоции, лоши чувства и вибрации предизвикани од околината, кои, пак, сведоци сме сите, како да успеваат да надвладеат над сѐ добро и мило. Затоа се чувствува како авторката на оваа книга им нуди можност да читаат една приказна за храброста и преку читањето сака да ги поттикне да не се плашат од предизвици. Доколку се успее во тоа, храброста од прифаќањето на сопствената и отфрлањето на лошата емоција ќе им донесе позитивно влијание врз нивниот личен развој. Со тоа што ќе им потпомогне при развивање на трпение, истрајност, посветеност со сѐ што се соочуваат.
Несомнено, развојот на децата, психички и физички, е помеѓу заштитата и слободата. Поради тоа и не треба да застануваме комфорно и заштитнички во целост кон нив. Грижите, стресните моменти од возрасните лесно преминуваат во тага, а таа уште полесно може да премине кај децата и да доведе до фрустрации. Тргнувајќи оттука, треба да им оставиме слободен простор за своевидно размислување и дејствување уште од мала возраст.
Ведран: „Те молам, немој на тагата да ѝ додаваш дополнителна тага, така ќе стане двапати тага“.
Авторката има цел секое дете при читањето да замисли дека е Ведран, кој е мирољубиво, остроумно, добронамерно дете. Секој возрасен да го замисли Чичко продавач, кој е чесен, искрен и секогаш со добра мисла:
Уништените работи можат да се составуваат. Прегратките може ги нема, но нивната волшебност ќе постои засекогаш.
Да се напише една нежна и привлечна приказна што ќе ги „измами“ најмалите, ама и да им даде насока и поука во истиот миг е тоа што го усогласува авторката Костадиновска.
„Волшебните прегратки“ е сигнал на волшепството што сами треба и можеме да го кроиме, но најнапред да го најдеме и да го задржиме. Сите особини и емоции се прастари. Постоеле и ќе постојат. Многу е лесно да се оградуваш и да бидеш тажен. Да се самосожалиш и да молчиш обезвреднувајќи се. Но, потешко e да останеш буден и да го менуваш тоа. Мила, тажното девојче без причина, може да е секое девојче до тебе. Лесно е да се биде и Злоба, и тоа може да е секој што насобрал комплекси и сака да се ослободи од нив. Но, да се биде Ведран, главниот лик во книгата, со широко и радосно срце. И да прегрнува често. Тоа треба да се сака и да се може со иста таква радост.
Авторката, и во своето првенче „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ и во оваа „Волшебните прегратки“, ги навлекува децата да дојдат и да допрат до вредностите што се неменливи. Колку и да звучи како истрошено и клише тоа вистински вредности, таа цели кон нивно длабоко спознавање од страна на децата.
Ова е книга, мини-роман, четиво со доза на сказничност или, пак, голем расказ, со извонредни илустрации, прецизно доловени усогласени со приказната, што доаѓа како книга на платно. Или, пак, цртан филм на хартија... Наменета е за деца во претшколска возраст. Заедничко за децата и за родителите. За заедно да извлечат поука за суштинското живеење, на нивно ниво. За посветувањето време некому, и тоа колку е убаво секој секому да кажува убав збор денес. Колку би било убаво да има повеќе Ведран, помалку Злоба, повеќе љубов. Времето е брзо, но ние можеме да го забавиме за миг и да прегрнеме некој без да сетиме дека сме го забавиле. И така во секоја (земја) Вистинија би имало еден (или повеќе) Гушкоград. И повеќе насмевки.
Ова е една скапоцена книга што се согласува со моите лични сфаќања дека треба да ги учиме нашите деца на многу љубов, разбирање, сочувствителност, емпатија и заемна поддршка.
А син ми и јас, веќе ја прочитавме и препрочитуваме кога заспиваме, но и кога се будиме. Давајќи си безброј волшебни прегратки, бидејќи нивното волшепство е во заемноста...
Пишува: Елена Остреска, професор по македонски јазик и литература, есеист, книжевен критичар и мајка на Горазд (фото).
Книгата „Волшебните прегратки“ е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку:
https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14686