Ново migrirano

Го одбележуваме Светскиот ден на театарот со новата книга Театарот и актерите од сосема друг агол од Нада Поп-Јорданова

27.03.2022.
Го одбележуваме Светскиот ден на театарот со новата книга Театарот и актерите од сосема друг агол од Нада Поп-Јорданова

Со новата книга „Театарот и актерите од сосема друг агол“ од Нада Поп-Јорданова, во издание на „Арс Ламина“, го одбележуваме Светскиот ден на театарот, кој се прославува на глобално ниво на 27 март.

Станиславски, уште во минатиот век, велел дека aко има нешто фантастично, тогаш тоа е сцената. А што е тоа толку фантастично што плени, што нè принудува една претстава да ја гледаме повеќепати или да ја догледаме докрај? Дали е тоа пораката што авторот на текстот ни ја испраќа; дали она скриеното што не е искажано вербално/директно, туку само го насетуваме; дали нè плени изведбата на актерите, сцената, динамиката што се одвива пред нас?

Книгата „Театарот и актерите од сосема друг агол“ е посветена на психофизиолошките аспекти на театарската уметност и на актерите. Главното прашање на кое се бара одговор во ова истражување е: што е тоа што ги мотивира луѓето да се занимаваат со театар и да стануваат актери? Дали по своите психолошки карактеристики актерите се разликуваат од другите (обичните) луѓе? Дали успешните актери се поинакви од оние просечните? Што било неопходно тие да се развијат како познати и добри актери? Како и дали актерите ги потиснуваат сопствените психолошки карактеристики за да ја одиграат улогата успешно во која се нагласени сосема други карактеристики на ликот? Од што зависи трансформацијата на актерот во ликот кој го игра и како настанува враќањето во реалниот живот.

Оваа од многу аспекти извонредна книга, одговорот на ова прашање го бара на вистинското место: во невронауката. Едно од ретките вакви дела на македонски јазик, тоа е неизоставно четиво за секој со макар и површен интерес за заднинските процеси што ја диктираат не само актерската уметност туку и човековото комплексно секојдневие.

Дискутирани се резултати од објавени научни студии посветени на психолошките карактеристики на актерите, мозочните региони што се активираат при играње или гледање претстава, за личноста воопшто и особено за таа на актерите (емоционалноста, нарцизмот, емпатијата).

Посебен придонес на книгата претставуваат истражувања направени во нашата земја: едното за културните и психолошките процеси во актерската креација на ликот и второто за профилите на личност кај македонските актери.

Со оглед на тоа што ваков психофизиолошки и невронаучен пристап кон театарската уметност и личноста на актерите нема во нашава земја, овој труд би бил еден оригинален придонес во областа.

Академик Нада Поп-Јорданова (1947, Скопје) по вокација е специјалист педијатар и психолог. Целиот работен век го поминала на Клиниката за детски болести при Медицинскиот факултет во Скопје, каде што работела како клиничар, едукатор и научен работник. Била професор по педијатрија, медицинска психологија и етика, невронаука, развојна психологија и невропсихологија на Медицинскиот, Стоматолошкиот, Дефектолошкиот факултет, како и на Меѓународниот балкански универзитет. Една година била визитинг-професор во Лозана, Швајцарија, а држела предавања на многу други универзитети.

Член е на Македонската академија на науките и уметностите (2012), на Академија на науките, Њујорк, САД (1997), Светската академија на науки и уметности, САД (2006), како и Европската академија на науки и уметности во Салцбург, Австрија (2012). Членува и во угледни научни здруженија: Меѓународниот колеџ за психосоматска медицина (1994), Европската асоцијација за истражување на адолесценцијата (1996), Шведското здружение за детска и адолесцентна психијатрија (1996), Меѓународната организација за психофизиологија (1997), Меѓународното здружение за неврална регулација (2002), Здружението за применета невронаука (2004), Здружението за саморегулација и биофидбек (2005). Досега објавила 19 книги на македонски јазик, неколку поглавја во книги на странски издавачи и преку 500 научни и стручни трудови. Нејзините истражувања се со посебен интерес од областа на невронауката и психофизиологијата. Редовно пишувала написи во дневните весници и неделници („Дневник“, „Нова Македонија“, „Здравје“ итн.).

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14795

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.91 MB