Книжевни факти

Бредли Купер снима филм за легендарниот американски композитор, диригент и пијанист Леонард Бернштајн

31.05.2022.
Бредли Купер снима филм за легендарниот американски композитор, диригент и пијанист Леонард Бернштајн
Бредли Купер како Леонард Бернштајн

Животната приказна на легендарниот американски композитор, диригент и пијанист Леонард Бернштајн е во фокусот на „Нетфликс“. Снимањето на проектот наречен „Маестро“ почна деновиве, а се очекува да се емитува на стриминг-сервисот следната година. Главната улога ја толкува Бредли Купер, кој е и режисер на филмот. Покрај него, се појавува и Кери Малиган, која ја игра сопругата на Бернштајн, актерката Фелисија Монтелегре. Во другите улоги се Маја Хоук, Џереми Стронг итн. Еден од продуцентите на филмот е Стивен Спилберг.

Покрај музичкиот дел од биографијата, во филмот значајно место ќе има сложената љубовна приказна на Леонард иФелисија, која траела 30 години, од периодот кога се запознале, во 1946-та, по што следувале две свршувачки, три деца и брак од 25 години, сè до смртта на актерката.

Леонард Бернштајн (25 август 1918 – 14 октомври 1990) е меѓу првите диригенти родени и образовани во САД, кои добиле светски признанија. Според музичкиот критичар Доналд Енанхан, тој бил еден од најталентираните и најуспешните музичари во американската историја. Тој бил долгогодишен музички директор на Њујоршката филхармонија. Познат е по неговите изведби на концерти со најголем дел од светските водечки оркестри, како и по неговата музика за „Приказната од западната страна“, „Петар Пан“, „Кандид“ и други композиции. Бернштајн бил првиот диригент кој имал серија телевизиски предавања за класичната музика, почнувајќи од 1954 година, па до неговата смрт. Бил квалифициран пијанист, често изведувајќи пијано-концерти. Исто така, тој бил критична фигура во современото заживување на музиката на Густав Малер, композиторот за кој најмногу бил заинтересиран. Како композитор, тој создавал во многу стилови што опфаќале симфониска и оркестрална музика, балет, филмска и театарска музика, хорски дела, опера, камерна музика и дела за пијано. Многу од неговите дела редовно се изведуваат низ целиот свет.

Во 2018 година, по повод стогодишнината од раѓањето на Бернштајн, „Арс Ламина“ ја објави неговата биографија. Авторот на книгата Хемфри Бартон вели: „Каква ли предност имав пред кој било друг конвенционален биограф! Дискретно ја скривав сопствената блискост со Леонард Бернштајн, ограничувајќи се на фусноти во стилот ’Авторот бил присутен во таа пригода‘, меѓутоа како негов постојан соработник, 25 години бев интимно поврзан со Бернштајн и со неговите светови. Најмалку што можев да сторам за да му се одолжам на некој начин по неговата смрт беше да напишам негова биографија. Целта ми беше да создадам еден заокружен портрет на неговиот творечки и личен живот. Тој беше човек за кого музиката беше постојана, опсесивна нужност, сеедно дали како композитор, диригент, едукатор, пијанист или како писател. Во рубриката ’професија‘ од својот пасош се опишуваше себеси со еден збор: ’музичар‘. Музиката навистина беше неговиот живот, но неговиот живот беше многу повеќе отколку само музика“.

https://www.youtube.com/watch?v=Qk3BaVGESms

Книгата, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн преку www.literatura.mk.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.95 MB