Книжевни факти

Со Аз, буки, веди... од Видое Подгорец го одбележуваме Денот на сесловенските просветители и учители Кирил и Методиј

24.05.2022.
Со Аз, буки, веди... од Видое Подгорец го одбележуваме Денот на сесловенските просветители и учители Кирил и Методиј

Со романизираната биографија на солунските браќа Кирил и Методиј, „Аз, буки, веди...“ од еден од најплодните македонски писатели Видое Подгорец, го одбележуваме 24 мај, Денот на сесловенските просветители и учители. Книгата, која е во издание во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е една од новите читанки од едицијата „Лесно читливи“. Во изданието се вклучени активности за работа на час, речник за помалку познати зборови и биографија на авторот.

Во романот е раскажан животот на Кирил и Методиј – апостолите на културниот развој на Словените, мисионери на христијанството и создавачи на глаголицата, најстарата словенска азбука. Видое Подгорец со ова дело, симболично насловено токму со имињата на првите три букви од тогашната азбука, дава исклучителен книжевен придонес кон приближување на далечниот деветти век, како и за објаснување и осветлување на вистинските заслуги на Кирил и Методиј пред денешните деца. На едноставен, топол и лирски начин се оживеани ликовите на светите браќа, на нивните (не)пријатели и ученици, а целиот поширок културен и временски контекст е предаден на многу разбирлив и приемлив начин. Историските факти се проткаени низ текстот со широко познавање што не ја оптоварува романизираната биографија, туку само ја поткрепува и ја збогатува.

Со оваа книга на Подгорец, на младите читатели, од книжевен агол им се доближуваат Кирил и Методиј, создавањето на глаголицата, а потоа и нејзиното развивање во кирилица.

Свети Кирил и Методиј биле мисионери на христијанството помеѓу Словените од Голема Моравија и Панонија. Преку нивната работа тие влијаеле врз културниот развој на сите Словени, поради што ја добиле титулата Апостоли на Словените. Тие се заслужни за изумување на глаголицата, првата азбука искористена да се препише старословенскиот јазик. По нивната смрт, нивните ученици ја продолжуваат нивната работа и дејност помеѓу Словените. Двајцата браќа се почитувани во Источната православна црква како светци со титулата еднакви со апостолите. Во 1880 година, папата Лав XIII ја вовел нивната слава во календарот на Римокатоличката црква. Во 1980 година, Јован Павле Втори ги прогласил за созаштитници на Европа, заедно со Бенедикт Нурсиски.

Константин и Методиј се родени и пораснати во Солун. Потекнуваат од угледно солунско семејство. Нивни родители биле Лав и Марија. Методиј е роден во 826 година. Се школувал во специјални училишта за стекнување на воени вештини и за извршување на високи државни функции. Поради стекнатото знаење и способностите што ги поседувал, Методиј на 20-годишна возраст од византискиот двор добил чин војвода. Тој како војвода во 845 година бил испратен да биде управник на Словенското кнежевство во Македонија, кое се простирало во Струмичко-брегалничкиот регион. Задача на Методиј била да ја осигури поддршката на месното население во борбата против бугарските напади на таа територија.

Константин, познат под монашкото име Кирил, бил роден во 827 година. Се школувал во солунските училишта во кои оделе само децата од поимотните семејства. Како најдобар ученик, рано се школувал на Цариградскиот универзитет (Магнаурската школа). Таму изучувал повеќе науки и повеќе јазици. По завршувањето на студиите Константин станал професор по филозофија во универзитетот во кој и самиот учел претходно. Како вреден и образован стекнал голема доверба на византискиот двор.

Авторот на книгата Видое Подгорец (1934 – 1997) е еден од најзначајните наши писатели, поет, патописец, раскажувач и романописец за деца и за возрасни. Припадник е на втората генерација македонски писатели. Објавил голем број стихозбирки, раскази и 32 романи. Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, словенечки, турски, албански, руски, украински, полски, чешки, словачки, бугарски и други. Автор е на неколку телевизиски сценарија за детски игри, како и две радиодрами за деца. Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои „13 Ноември“ и „Климент Охридски“.

Книгата „Аз, буки, веди…“ е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14756

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.95 MB