Книжевни факти

Незаборавно книжевно патување со Жил Верн

08.02.2022.
Незаборавно книжевно патување со Жил Верн

„Сè што еден човек може да замисли, друг може да го оствари“ –Жил Верн

Авторот на култните романи „20.000 милји под морето“, „Пат околу светот за 80 дена“ и „Патување во центарот на Земјата“, Жил Верн, е роден на денешен ден (8 февруари) во 1828 година во Нант, Франција. Важи за еден од најзначајните француски писатели, а се смета за еден од татковците на научната фантастика.

Уште во најрана возраст кај него се јавила желба за патувања, па така, кога имал 11 години се качил на еден пароброд со цел да отпатува за Индија. Но, татко му го престигнал во едно пристаниште и остро го казнил малечкиот Жил, кој ветил дека во иднина ќе патува само во своите мисли. Во гимназијата во Нант, Верн учел реторика и филозофија. Во 1848 година заминал во Париз, каде што, по желба на татко му, студирал право. Но, никогаш не станал правник, бидејќи посилна била љубовта кон пишувањето.

Пасијата кон патувањата, пак, никогаш не го напуштила. Tака, со хонорарот добиен за едно успешно театарско дело, тој купил мала јахта и со неа пловел крај бреговите на Ирска, Шкотска, Скандинавскиот Полуостров, Португалија, Шпанија, северна Африка, а подоцна, со пароброд, патувал и во Северна Америка.

Верн живеел и творел во периодот на мошне брз развој на науката и техниката и интензивен развој на индустријата. Во тоа време бил поставен телеграфски кабел меѓу Европа и Америка, Мајкл Фарадеј ја открил електричната индукција, а тогаш се појавиле и првите хидраулични пумпи. Под влијание на тие откритија, Верн ги вовел науката и техниката во литературата. Десет години пред да ги објави своите први романи, Верн бил редовен читател во Националната библиотека во Париз, каде што неуморно читал за новите откритија. Истовремено, во текот на тие десет години, тој бил во непосреден контакт со многубројни научници, инженери, пронаоѓачи, светски патници и истражувачи. Така, Верн во својата меморија акумулирал огромен број факти, а во својата картотека чувал 25.000 белешки од сите области во науката.

Жил Верн бил мошне надарен фантазер, кој бил голем вљубеник во науката и се занимавал со проучување на научно-техничките откритија. Всушност, голем дел од техничките достигнувања што Верн ги опишал во своите дела, денес се реалност: авионот, хеликоптерот, грамофонот, филмот, телевизијата итн. Неговите романи и ден-денес се многу популарни и читани, а според нив се снимени и многубројни филмови. Тој има напишано:

„Колку далеку можеме да одиме? Каде се конечните граници во оваа потрага по патувања? Дали човештвото ќе биде задоволно единствено кога патувањата во вселената ќе станат лесни и достапни?“

Големината на Верн како писател се состои не само во тоа што тој предвидел многу технички достигнувања, кои се јавиле многу подоцна, туку тој го направил сето тоа многу прецизно, потпирајќи се врз своите солидни географски, астрономски, хемиски, физички и етнолошки знаења. На пример, во 1854 година, еден француски научник конструирал мотор според описите на Жил Верн и моторот навистина проработил. Подоцна, во 1863 година, математичарот Бертран и астрономот Јансен, откако го прочитале романот „Од Земјата до Месечината“, кој штотуку излегол од печат, ги провериле балистичките пресметки опишани во романот и утврдиле дека тие се сосема точни. Всушност, многу светски научници и истражувачи истакнувале дека романите на Верн им ја подгревале фантазијата и дека влијаеле да го изберат својот животен пат.

Книжевното творештво на Верн е големо, напишал над 80 романи и подолги прозни текстови (вкупно 58 романи под заеднички наслов „Необични патувања“) со кои доживеал огромна популарност, не само во Франција туку и во целиот свет. Неговите дела се преведувани и издавани на многу јазици, достигнувајќи милионски тиражи, а некои од нив биле наградувани од страна на Француската академија. Исто така, Верн напишал и повеќе дела од популарната литература, како и петнаесетина пиеси и либрета за оперети. Првиот голем успех во литературата Верн го постигнал во периодот од 1863 до 1865 година, кога ги објавил романите: „Пет недели во балон“, „Авантурите на капетанот Хатерас“, „Патување во центарот на Земјата“, „Од Земјата до Месечината“ и „Децата на капетанот Грант“. Популарноста на овие дела била толку голема, што некои од нив по само неколку месеци биле преведени на десетина други јазици. Во 1870 година го објавил својот, веќе култен роман „20.000 милји под морето“, а две години подоцна и легендарниот „Пат околу светот за 80 дена“. Најголемиот подем во неговото творештво се случил во периодот од 1872 до 1886 година. Во 1872 година го напуштил Париз и се населил во малото провинциско место Амјен. Следните години ги објавува успешните „Михаил Строгов“ и „Д-р Окс“. Негови други значајни дела се: „Таинствениот остров“, „Историја на големите патешествија“, „Кристофер Колумбо“ и други.

Во 1886 година, некој млад човек, кој ненадејно полудел, пукал со револвер и го ранил во ногата, така што Верн, на стари години останал куц. Несреќите продолжиле и понатаму, бидејќи подоцна умреле повеќе негови блиски пријатели и роднини. Жил Верн умрел на 24 март 1905 година, а на неговиот погреб дошле најпознатите личности во тоа време, како и претставници на сите владетели во светот.

Издавачката куќа „Арс Ламина“, под својот импринт за детска литература „Либи“, ја има објавено „20.000 милји под морето“ на македонски јазик, во едицијата „Лесно читливи лектири“, како и верзијата „Дваесет илјади милји под морето“, која е дел од категоријата „Детски класици“. Книгите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

Во „20.000 милји под морето“ Верн вели: „Морето е сè, тоа покрива седум десеттини од Земјината површина. Неговиот здив е чист и плоден. Тоа е бескрајна пустина каде што човекот не е осамен, туку чувствува дека животот извира на сите страни“.

Дејството во романот почнува кога непознато суштество ги напаѓа европските и американските бродови! Светот е во паника! Американците веднаш дејствуваат и ја испраќаат брзата фрегата „Абрахам Линколн“ да го пронајде и да го уништи мистериозниот непријател. Ангажиран е угледниот професор од Парискиот музеј, Пјер Аронакс, кој испловува на бродот заедно со својот верен помошник, Советко. По еден жесток судир со чудовиштето, професорот Аронакс, Советко и китоловецот Нед Ланд паѓаат во океанот, навидум без никаква шанса за преживување. Но, во тој момент, ги спасува некој! Кој е нивниот спасител? Какви сè авантури ги чекаат нашите јунаци?

Лектирното издание на книгата „20.000 милји под морето“ е достапно на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13616

„Дваесет илјади милји под морето“ (Детски класици) може да се нарача на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13613

Можеби ќе ве интересира:

Нотес инспириран од Жил Верн, од „Скрипти“. Нотесот е дел од „Класична литература“ – серијал со богато дизајнирани нотеси создадени во чест на некои од најреспектабилните и извонредно важни книжевни автори низ историјата. Нотесот е достапен во книжарниците на „Литература.мк“ и онлајн:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13021

Извор: Wikipedia

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.97 MB