За малите читатели

Го одбележуваме Светскиот ден на книгите за деца со нови наслови во издание на Либи

02.04.2022.
Го одбележуваме Светскиот ден на книгите за деца со нови наслови во издание на Либи

Со објавување на нови книги, читање приказни, работилници, конкурси, награди за најдобри автори секоја година на 2 април се одбележува Светскиот ден на книгите за деца. Овој празник на литературата за најмладите се одбележува од 1967 година, а воспоставен е во чест на роденденот на славниот данскиот книжевник и еден од најголемите писател за деца Ханс Кристијан Андерсен (1805 – 1875).

„Арс Ламина“ и „Литература.мк“ се приклучуваат кон одбележување на овој ден, со промоција на неколку нови наслови за деца, во издание на импринтот за детска литература „Либи“.

Станува збор за неодамна промовираните книги: „Мачешки исповеди или Што значи да се биде маче“ од авторката Катерина Трајановска, „Музеј на детството“ од Алма Растодер, „Волшебните прегратки“ и „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ од Марија Костадиновска, како и „Рекичето што сакаше да порасне“ од Ване Костуранов, „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ од Магде Ангова и „Игра со придавки“ од Оливија Георгиевска – кои наскоро ќе бидат претставени пред јавноста. Меѓу новите изданија, кои ги издвојуваме за Светскиот ден на книгите за деца, се новата едиција со десет книги за Шерлок Холмс адаптирани за деца, најновата книга „Исидора Мун оди на свадба“ од серијалот на авторката Хариет Мункастер, како и четвртата книга од авторот Дермот О’Лири и илустраторот Ник Ист – „Тото мачката-нинџа и мистериозниот крадец на накит“.

Во чест на Светскиот ден на книгите за деца дел од авторите на книгите го истакнаа значењето на литературата во едукацијата и растењето на најмладите, затоа што дете што чита ќе биде возрасен што мисли.

„Мачешки исповеди“ од Катерина Трајановска

Авторката на книгата за деца „Мачешки исповеди“ Катерина Трајановска вели:

– Верувам дека столбовите на животот се, всушност, врските што ги имаме изградено со луѓето и нештата од нашата непосредна околина. Кога размислувам на тоа што сѐ еден човек поседува на земјата, мислам на времето и на емоциите. Односите што ги градиме се во тесна корелација со нашата идеја за тоа кому и на што му го посветуваме нашето време и со кого ги споделуваме нашите емоции. Се обидувам да бидам особено претпазлива на што посветувам внимание, бидејќи од тоа зависат врските во мојот живот. Имам нездрав однос со екраните, бидејќи барам инстантен одговор што ми е лесно достапен. Тој лесно достапен одговор најчесто е оној што исчезнува многу брзо од мојата меморија, оставајќи празен простор на местото каде што можело да биде едно продлабочено искуство. Односот со книгата е поинаков. Книгата бара насочено внимание, искрен пристап, љубопитност и трпение. Времето запира кога се почнува со читање книга: да се прекине со читање не е премногу различно од тоа да се прекине да се сонува. Ако екраните нудат брз и пасивен пренос на информации, книгата е еден вид длабок и долг разговор со личност која пред нас ги отвора вратите на своите искуства и ги споделува своите чувства.

Родителите мораат да внимаваат на тоа како децата го минуваат времето. Брзите задоволства денес неизбежно ќе донесат проблем со правилниот раст утре. Сосема обратно е со длабоките и бавни искуства како читањето – плодовите од тој напор се вкусуваат на долг рок, кога животот нема да биде игра.

Постои и уште една причина зошто за детето е многу важно да воспостави правилен однос со книгата. Имено, книгите за деца се полни со фантазија, а фантазијата е единственото нешто што го имаме способно да ги помести границите. Не дека не постои фантазија и во светот на компјутерите, но екраните те пасивизираат и те сведуваат на алгоритам, правејќи те помалку од тоа што си; фантазијата во детските книги, напротив, те прави повеќе од тоа што кога и да би можел да замислиш дека ќе бидеш. Не е ниту случајно што многу од книгите за деца се исполнети со невообичаени настани, митски суштества или животни кои зборуваат – сите тие го тренираат детето на неговиот потенцијал, правилно и насочено. Го тренираат и неговиот речник. Впрочем, често, книгите се единствен начин детето да се запознае со нови зборови уште од мала возраст. Најпосле, колку често употребуваме зборови како змеј, жирафа, волшебно јаболко или замок во секојдневен говор? За детето, светот треба да биде палета од која тоа ќе може да одбира што му се допаѓа и што му е најблиско до неговиот сензибилитет. Книгите се богати со толку многу светови, што детето може или да си одбере еден од нив или, пак, да ги комбинира сите заедно, користејќи ги токму оние елементи што најмногу му се допаѓаат нему. За разлика од екраните, книгата активира. И тоа токму поради тоа што им дава простор на емоциите и на фантазијата да растат.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14833

„Музеј на детството“ од Алма Растодер

Новата книга на Алма Растодер – „Музеј на детството“ е прозна сложувалка, колаж, пачворк од повеќе приказни за детството во различно време и од различни простори, врзани меѓу себе, допрени во една определена точка или сосем самостојни. По повод Светскиот ден на книгите за деца авторката Алма вели:

– Светот на децата е толку прекрасен, искрен, полн со фантазија, љубопитност... Од тој свет, писателите треба да го извлечат најубавото и да создадат нешто што ќе ја има вистинската порака и ќе биде поука за децата. Тие треба со помош на својата фантазија да му се приближат на детскиот свет, да се оддалечат од реалноста, за да создадат нешто што е реална вистина за животот. Неверојатно е колку силно некоја приказна може да остане врежана во детскиот ум. Колку е моќна таа поврзаност што се создава меѓу детето и приказната/ликовите. Тоа може да се забележи кога детето раскажува свои приказни или кога црта. Тоа е нешто поради што вреди да се создаваат приказни, но и сè почесто да им се читаат на децата.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14741

„Вистинска приказна за двете соседни кралства“ и „Волшебните прегратки“ од Марија Костадиновска

Mладата авторка Марија Костадиновска, чиишто книги за деца „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ и „Волшебните прегратки“ беа промовирани неодамна вели дека не може да се замисли животот на децата без имагинација и магијата на книгите.

– Дали можеме да си го замислиме животот на едно дете без фантазија? Без волшебност и магија? Без палавости и игри? Без безгрижност и бесконечноста на детската имагинација? Не! Зашто тоа би било најтажното нешто што би можело да се случи. Потажно и од пропаѓањето на светот, тоа би било пропаѓање на сите детски светови, соништа и насмевки. Но, за една безвременска среќа на сите деца од целиот свет, уште од дамнината се појавиле запишувачи и пишувачи на приказни кои потпомагаат за развивање на истата детска имагинација. Почнувајќи од Андерсеновите приказни, најголемиот писател за деца, таткото на сказните, па сѐ до ден-денес со новите автори кои пишуваат за деца, а воедно и јас меѓу нив. Сите ние, возрасните, кои имаме директна и индиректна поврзаност со децата (родители, баби и дедовци, роднини и пријатели на децата, наставници, педагози и авторите на книги за деца), подлежиме на огромна одговорност кон децата и создавање на нивно поубаво и поздраво детство. Меѓу другото, приказните и книгите за деца се едни од најважните, во процесот на едукација и растењето на децата. Затоа што најубавите спомени што ги носиме со себе, за целиот живот потекнуваат токму од детството. Темелите за среќен живот потекнуваат оттаму и уште посреќно општество... – вели Костадиновска.

Книгите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14443

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14686

„Рекичето што сакаше да порасне“ од Ване Костуранов

Новата сликовница „Рекичето што сакаше да порасне“ на познатиот македонски сликар, илустратор и автор на книги за деца Ване Костуранов, неодамна излезе од печат. Авторка на текстот е Ана Торма. Рекичето е нежна лирска алегорија за дете кое е нестрпливо да порасне. Во својот прв книжевен текст Ана Торма прави симпатична симболична „замена“ детенце со рекиче, а на мајката со река. Така, малите читатели полесно ќе се идентификуваат со приказната и ќе станат свесни дека сè во светот (и животните и растенијата…) се еден вид одраз на луѓето, поточно на растењето, на созревањето и на заминувањето на луѓето, како животен циклус. Костуранов, кој е автор и на книгите за деца „Ѕвездено дете“, „Девојче и мече“ и „Девојчето и градот“, а се јавува и како илустратор и на сликовницата „Мирко Немирко“ (по текст на Ана Ѓокиќ), сите во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, вели дека книгите им овозможуваат шанса за подобар живот на децата.

– Уште од дете цртањето за мене носи огромно задоволство, но да се пишува и да се црта за деца е да се засади семето на надежта за еден многу поубав свет. Децата кои читаат не го живеат само нивниот живот туку и животите на хероите од книгите, па така полесно можат да ѕирнат во умот или срцето на некој лик и таму да пронајдат дел од нив самите. Преку книгите, децата учат за емпатијата, ја градат нивната самодоверба, доживуваат авантури што ги прават посилни и послободни луѓе. Право на секое дете е да порасне во најдобрата верзија од себеси, а најубавиот начин да се успее во тоа е преку читањето книги, тие несомнено ќе му помогнат да го сознае светот и да го пронајде неговото место во него, да ги разбере своите чувства и емоции, да ги почитува и да ги сака другите и уште поважно – да се почитува и да се сака себеси. Секое дете заслужува шанса за подобар живот, а книгите и едукацијата се најдобрата можност да се овозможи тоа.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14873

„Игра со придавки“ од Оливија Георгиевска

По книгите „Игра со глаголи“ и „Игра со именки“, неодамна од печат излезе и „Игра со придавки“ од Оливија Георгиевска. Таа вели:

– Денот на литературата за деца треба да биде најсвечен празник на светот! Децата се пупките на пролетните дрвја, младите сонца и светлините на светот, ветерот што ја буди природата. А како најдобро еден човек ќе научи да биде добар, чесен, вреден и среќен, ако не додека е дете и ја ужива целата безгрижност на животот во кој не треба да има ништо друго, освен смеа и веселост. Но, не е така за сите деца. Не знаат сите дека е нивен ден и празник. Сите искуства и знаења наменети за луѓето доаѓаат од бајките. Во нив се собрани сите души и ликови, сите спротивности до кои доаѓаме, целата универзална борба на белото и црното. Бајките и сказните мора да се неизоставен дел од деновите на децата, затоа што тие се мудроста што доаѓа од иднината, со собраното знаење од минатото. Бајките се непобедливиот светилник над модрите бури и неволи и место каде што нежноста, добрината и правдината победуваат. Нека е честит роденденот на Андерсен, кој ги донесе Приказната за елката, Оловното војниче, Свињарот, Јовче будалчето и многу нежни мудрости што се треперливи ѕвезди над небото на децата!!!

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14807

„Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ од Магде Ангова

Авторката на книгата „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“, која е игрива, тематска збирка што ги оживува и осовременува гатанките како специфичен жанр, омилен и популарен за децата од ниските одделенија, Магде Ангова вели:

– Неодамна се расипа телевизорот во нашиот дом, едноставно тој занеме, згасна. Иако одамна сакав да го тргнам, не можев да измислам добар изговор за мојата шестгодишна ќерка да не се лути. Ова беше идеална ситуација, затоа што таа виде дека телевизорот навистина не функционира. Не побрзав да го поправам или да купам нов – напротив, на неговото место поставив огромна полица со книги за деца, книги што дотогаш ги чував во кутии. Освен што домот доби нова димензија, комплетно се промени и атмосферата во него. Сега времето потрошено на гледање телевизија го заменивме со време за читање книги. Се промени енергијата помеѓу нас, се чувствувам како таа да мисли дека ѝ откривам сосема нови светови, универзуми што постоеле само за мене. Но, неосетно и јас влегов во нејзиниот детски свет. Преку раскажувањето на приказните, таа почна да се доверува за нејзиното секојдневие, училиштето, другарчињата. Ги разбрав дилемите, стравовите, соништата и желбите што беа заклучени во неа. Се зголемив во тие љубопитни очи, прераснав во сезнајка која открива неверојатни тајни. Шарените слики од цртаните филмови ги заменивме со наши магични приказни, а најдоброто од сè е што таа сама сака да смислува приказни, римува гатанки, пишува омилени делови и вели дека ја подготвува нејзината прва книга за деца, а кога ќе порасне ќе биде писателка. Родители, децата се совршени имитатори, нивниот живот е претстава од околината во која растат и сцените со кои се опкружени. Погрижете се сценографијата да биде инспиративна, затоа што првенствено вие го обликувате нивниот живот.

Всушност, како што рекол познатиот американски писател за деца Реј Бредбери: „Има полоши злодела од спалувањето книги, а тоа е нивното нечитање“. По повод светскиот ден на литературата за деца од дното на душата ви посакувам барем привремено да го направите експериментот на замена на телевизорот со книги. Подоцна ќе ми бидете благодарни. И за крај ќе го цитирам незаменливиот Алберт Ајнштајн, а со тоа и ќе ви го честитам меѓународниот ден на литературата за деца: „Ако сакате вашите деца да бидат интелигентни – читајте им бајки, ако сакате да бидат уште повеќе интелигентни – читајте им уште повеќе бајки“.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14832

„Исидора Мун оди на свадба“ од Хариет Мункастер

Мајка ѝ е самовила, татко ѝ е вампир, а Исидора е по малку од двете. Нејзино најверно другарче е Розовото зајаче, кое оживеало со помош на магија. Исидора живее во свет помеѓу магијата и реалноста. Оди во „обично“ училиште и се дружи со деца без магични моќи. Секојдневно учи нови нешта и заминува во многу авантури, придружувана од Розовото зајаче. Во книгата „Исидора Мун оди на свадба“ Исидора ќе биде деверица на свадбата на тетка ѝ и мнооогу е возбудена! Но, откако нејзината палава братучетка ќе замеша прсти со малку волшебни палавштини, денот што треба да биде посебен, нема да тече баш како подмачкано. Може ли Исидора да се погрижи да има среќен крај?…

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14729

„Шерлок Холмс за деца“

Познатите книги за генијалниот детектив Шерлок Холмс, од славниот шкотски писател сер Артур Конан Дојл, адаптирани за најмладите читатели, се дел од новата едиција во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Во серијалот „Шерлок Холмс за деца“ на македонски јазик се десет книги: „Студија во скарлетна боја“, „Знакот на четворката“, „Синиот гранат“, „Марамата со точки“, „Сојузот на црвенокосите“, „Велепоседниците од Рајгејт“, „Поморската спогодба“, „Вампирот од Сасекс“, „Дамата со превез“ и „Тројцата студенти“. Ова е втора голема едиција со светски книжевни класици адаптирани за деца, во издание на „Арс Ламина“, по „Шекспир за деца“.

Овие куси наративни и илустрирани верзии на познатите романи сe адаптирани за помладите читатели. Изданијата од овој серијал се наменети, пред сè, за деца од училишна возраст, односно за млади читатели над осум години. Преку оваа едиција, децата уште од рана возраст ќе се запознаат со приказните за Шерлок Холмс. Инаку, познатите книги од авторот Артур Конан Дојл се адаптирани за помладата публика од страна на Стефани Бодет. Уредник на изданијата во превод на македонски јазик е Надица Фирфова.

Книгите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14840

„Тото мачката-нинџа и мистериозниот крадец на накит“

Во четвртата книга од серијалот, „Тото мачката-нинџа и мистериозниот крадец на накит“, Тото добива нова задача од својот шеф Лери – да ѝ помага на Шила, полициско куче и нивна пријателка, во обезбедувањето на францускиот амбасадор за време на неговата посета на Лондон. Како дел од распоредот на амбасадорот е предвидена посета на Лондонската кула, каде што се чува кралската колекција на скапоцен накит и каде што е изложен вредниот околувратник на стариот Том (мачорот-миленик на градоначалникот на средновековниот Лондон, Дик Витингтон). Токму кога гостинот треба да го види највредниот предмет за животинскиот свет во Лондон, групата ја пречекува неочекувана глетка. Накитот не е на своето место. Осомничени за кражба се Лери и гавранскиот началник на Кулата – Кирил. Тото, Сивко и Мачколик се ставаат во погон да ја докажат невиноста на Лери и на Кирил, а потрагата по докази ги води до најнеочекуваното сценарио за вистинскиот сторител.

И во оваа авантура, Тото беспоштедно се впушта во исправањето на неправдата, но овој пат тимот ѝ е побогат за еден член, братчето Чорапко.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14799

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.97 MB