Уредникот во издавачка куќа „Арс Ламина“, Томе Сиљаноски, ги претставува петте книги што смета дека секој читател треба да ги пролиста. Зошто? Ќе прочитате во текстот во продолжение.
„Шега“ – Милан Кундера
„Шега“е првиот роман на Милан Кундера, напишан на чешки јазик и објавен во 1967 година. Дејството се протега од крајот на Втората светска војна до настаните пред Прашката пролет кон крајот на шеесеттите години од 20 век во тогашна Чехословачка.
Роман за нарушената љубов и одмаздата, за разочарувањата од некогашните идеали и, како резултат на тоа, неретко гротескната верба во постигнување на мали, лични победи, за нераскинливата заемна проникнатост на шегата со нејзината неминовна повеќезначност – и неретко опачина...
„Шега“ се вбројува во стоте книги на векот според „Монд“.
* Топло ги препорачуваме сите дела на Кундера – а секогаш е најдобро да се почне од почеток.
„Е, баш ме заболе“ – Марк Менсон
Веќе со децении ни се сервира тезата дека позитивното мислење е она клучното што води кон среќен и исполнет живот. Но, Марк Менсон вели: „Море, кој ја ’врти‘ позитивноста. Да бидеме искрени – нештата се зафркнати, но немаме друг избор освен да живееме со нив онакви какви што се“. На неговиот многу популарен блог на интернет, Менсон ниту ја бојадисува стварноста во розово, ниту ја заобиколува. Тој ги изложува работите токму онакви какви што се, што е една вистинска доза необработена, свежа и искрена вистина – нешто што денес навистина ни недостига.
* Од истиот автор ја препорачуваме и неговата „книга за надежта“, соодветно насловена „Сè е заебано“.
„Авантурите на Том Соер“ – Марк Твен
Ова е првиот авантуристички роман за деца на Марк Твен за Том Соер и Хаклбери Фин и е една од најпознатите и најчитаните книги во светот. Во него е прикажан животот покрај реката Мисисипи во четириесеттите години на 19 век преку авантурите на Том Соер.
Том е јунак во очите на неговите другари, но и постојан извор на проблеми за неговите најблиски – особено за неговата тетка Поли. Каде и да има некаква неволја или авантура – Том е таму.
За време на едно топло лето, Том е сведок на убиство, бега од дома за да стане пират, се вљубува во Беки Тачер, присуствува на сопствениот погреб, спасува невин човек од бесилка, трага по богатство во куќа со духови и наоѓа кутија со злато...
* Секако, од Марк Твен го препорачуваме и „Авантурите на Хаклбери Фин“, еден од првите романи во американската книжевност напишан на народен, говорен јазик. Нарекуван е и првиот вистински голем американски роман.
„Дневникот на Ана Франк“ е исповед на едно еврејско девојче за време на Втората светска војна. За својот тринаесетти роденден Ана добива дневник, во кој на 14.06.1942 година ги запишува првите реченици. Но, набрзо семејството мора да избега и да се скрие во тајното засолниште во Амстердам, во кое ќе помине две години, криејќи се од нацистите.
Ова е потресна приказна за едно трагично завршено детство, приказна што низ призмата на невиното еврејско девојче ги отсликува ужасите на нацистичкиот режим.
„Силјан штркот“ –Марко К. Цепенков
Нашиот вечно модерен Икар, македонскиот „коњ за трки“ на најразлични можни патеки – хуманистичко-уметнички, социокултуролошки, митолошко-постмодерни(стички), оспорувачко-идентитетски ...