Промоции

СНЕШКО. Дневникот на едно кутре од Снешка Путинска Трајковска е топла приказна за грижата кон миленичињата

26.11.2021.
СНЕШКО. Дневникот на едно кутре од Снешка Путинска Трајковска е топла приказна за грижата кон миленичињата

Книгата за деца „СНЕШКО. Дневникот на едно кутре“ од авторката Снешка Путинска Трајковска, со илустрации од Анета Илиевска, ќе биде претставена со онлајн-промоција, на 30 ноември (вторник), со почеток во 19 часот. Онлајн-разговорот со авторката и илустраторката ќе го води уредничката на изданието Оливера Ќорвезироска, а ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“. Илустрираната книга за деца е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

„СНЕШКО. Дневникот на едно кутре“ е прво книжевно дело на авторката Снешка Путинска Трајковска, но и илустраторско деби на Анета Илиевска, која многу години работи како графичка дизајнерка, креирајќи корици за книги.

Доверувајќи му го раскажувачкиот глас на едно кутре, повредено и одделено од својата мајка, авторката и илустраторката заеднички и мошне хармонично создаваат симпатична и топла приказна за секојдневието, за закрепнувањето и зближувањето помеѓу животните и луѓето. Со многу досетки и карактеристичен шарм, со јазични игри на границата помеѓу кучешкиот јазик и „јазикот на човеците“, со грешки и сознавања, приказната-дневник на кутрето Снешко, бело како снег, истовремено допира и до децата, но и до возрасните, како, впрочем, секоја добро осмислена книга за најмалите. Палавото секојдневие на кутрето е идентификувано со палавото секојдневие на секое мало суштество, куче, маче или дете, сеедно; но и со топлите, големи и меки срца на љубителите на животни, какво што е срцето на Мила, најдобрата другарка, негувателка и сопственичка на Снешко Беличковски.

Снешка Путинска Трајковска е родена во 1980 година во Скопје. Има завршено средно училиште во „Раде Јовчевски-Корчагин“, а ја делат уште неколку испити до завршување на Педагошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип. Авторка е на популарната фејсбук-страница Огнените ѕверови на Дамјана. Книгата „СНЕШКО. Дневникот на едно кутре“  ја има напишано во 2007 година, по вистински случувања, но објавена е во 2021 година.

Анета Илиевска е родена во 1974 година, во Скопје. Љубовта кон уметноста кај неа се раѓа уште како дете, по што се запишува во средното училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, на насоката за графика. Од 1993 година работи како графички дизајнер. Покрај богатото портфолио, има дизајнирано корици за неколку стотици книги, а „СНЕШКО. Дневникот на едно кутре“ е прво издание каде што се јавува и како илустратор. Од 2017 година активно се занимава и со фотографирање, за што има добиено повеќе награди и признанија, а учествувала на неколку македонски групни изложби.

Книгата „СНЕШКО. Дневникот на едно кутре“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14691

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.86 MB