На 12 септември (недела), во 19 часот, на главната саемска бина „Арс Ламина“ ќе организира „Ноќ на домашни трилери“, на која ќе бидат промовирани новите македонски романи: „Храмот на натписите“ од Петар Стојановски, „Сенки во подземјето“ од Марија Ралповска, „Опасна игра“ од Мери Арсова и „Афера во музејот на пари“ од Сашо Кузмановски.
„Храмот на натписите“ е трилер-авантура што ќе ги однесе читателите на многу историски места што кријат таинствени симболи, кодови и изгубени древни градови. Приказната се случува во 2010 година, кога земјата на Консепсион, Чиле, почнува да се тресе. Во целиот тој хаос на Нивес ѝ приоѓа жена која ѝ подава мистериозен предмет со шест симболи и во истиот момент починува. Нивес и нејзиниот брат Сантијаго се обидуваат да ја откријат тајната на предметот, кој ги води во три држави, од урбаните средини на Ванкувер, до длабоките џунгли на Јукатан и Мексико. Сантијаго и Нивес ќе бидат принудени да затропаат на вратите од универзитетот во Ванкувер, каде што ќе побараат помош од двајца научници, Насим и Марк. Потоа сите заедно тргнуваат на едно необично патување со многу тајни, но и опасности што ги демнат од сите страни...
Петар Стојановски студирал на Катедрата за географија на Природно-математичкиот факултет. Во 2019 година го објавува својот прв роман „Странец под Алпите“. Веднаш потоа, во временски период од десет месеци, го пишува својот втор роман „Храмот на натписите“, кој го завршува во февруари 2020 година, еден месец пред да се прогласи светската пандемија од вирусот Ковид-19.
„Сенки во подземјето“ од Марија Ралповска зборува за тенката линијата меѓу доброто и злото, во свет што го движи криминалот. Приказните на банкарот, криминалецот и јавниот обвинител се испреплетуваат. Тројцата немаат ништо заедничко, освен жената по која се во потрага. Таа е плен, а тие се ловците. Или, можеби, е обратно? Обидувајќи се да ја откријат и да ја фатат, тројцата ќе мораат да играат надвор од рамките на правилата и на законите. Дали целта ги оправдува средствата? Каде е црвената линија што обвинителот нема да ја премине во оваа опасна игра? А ако го стори тоа, ќе успее ли да се врати назад?
Марија Ралповска, која има дипломирано криминалистика на Факултетот за безбедност во Скопје, е млада авторка која зачекори во светот на литературата на четиринаесет години, објавувајќи го својот прв роман „Фрагарија“. Следуваат „Осумте чувари“ (2013), „Рај во пеколот“ (2015) и најновиот, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, „Сенки во подземјето“. Овој роман претставува плод на спојот помеѓу желбата за авантура и професијата како нејзин животен предизвик.
„Опасна игра“ е крими-трилер во кој главниот лик, Давид, е обично момче кое живее монотон и здодевен живот. Има работа што ја мрази и свршеница во која се сомнева дека е вљубен. Еден вообичаен мартовски ден, кој по ништо не навестува дека ќе биде пресуден во неговиот живот, случајно се среќава со Ева, неговата средношколска љубов. Таа е одамна преселена во Америка и омажена за богат американски бизнисмен. Оваа средба, што навидум почнува да се развива во тајна љубовна приказна, всушност, е многу опасна игра.
Во својот дебитантски роман, Мери Арсова ни носи непредвидлив крими-трилер, маскиран под превезот на една наивна романса, наметнувајќи ги прашањата: Што ако немаме избор? Што ако мораме да го промениме својот живот целосно, за да преживееме? За да ги заштитиме своите најмили? Токму овој роман ќе ни покаже што сè сме подготвени да направиме, кога животот ни задава удари и нè остава да се бориме потполно сами.
„Афера во музејот на пари“ е прво дело на новинарот Сашо Кузмановски, кое во стилот на најдобрите крими-трилери ни носи возбудлива приказна за борбата со нелегалното тргување со антиквитети. Напредното познавање од областа на нумизматиката и вештиот раскажувачки стил на Кузмановски го прават овој роман убедлив и конкурентен на светските бестселери од овој жанр.
Во музејот на пари во Народната банка е свечен ден. По повод десетгодишнината од монетарното осамостојување на Македонија, јавноста има можност да го види историското богатство на земјата. Во импресивната нумизматичка поставка има и една ретка пара – тетроболот на Ликеј со уникатна иконографија од обете страни. Сите се возбудени и со гордост зборуваат за овој важен настан. Ништо не најавува дека нешто може да ја наруши идилата. Но, еден неочекуван телефонски повик навестува невиден скандал. Уникатниот тетробол е, всушност, фалсификат. Алармот е вклучен! Потрагата по оригиналот почнува...
Книгите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“, онлајн преку www.literatura.mk, како и на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ за време на Саемот на книгата 2021.
Каталозите со сите нови изданија и попусти можете да ги погледнете на линковите подолу.
Каталог со книги за возрасни https://bit.ly/38GEt9s
Каталог со книги за деца https://bit.ly/3tl7eSk
Се читаме на саем!