Ново

Војо Цветановски: Романот Веќе не сум истиот е пантомима на реалноста

08.09.2021.
Војо Цветановски: Романот Веќе не сум истиот е пантомима на реалноста

„Во изминатите петнаесетина години успеав да ги запознам речиси сите кловнови, жонглери, пантомимичари, голтачи на оган, магионичари, улични музичари, улични живи статуи, односно сите улични артисти кои работат на улиците на Европа. И јас станав дел од тој патувачки циркус, дел од сите тие фестивали за улична уметност, каде што настапував како уличен артист – пантомимичар, односно улична жива статуа. Веќе не сум истиот. Некаде по пат се загубив себеси...“

Со овие зборови познатиот македонски режисер и пантомимичар Војо Цветановски ја почнува приказната за својот дебитантски роман „Веќе не сум истиот“, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата ќе биде промовирана во рамките на Саемот на книгата, денеска (8 септември), со почеток во 18 часот, на главната бина.

„Веќе не сум истиот“ е напишан во манир на искусен писател, кој вешто си игра со жанровите, создавајќи хибриден роман во кој има и раскажувачки и драмски и епистоларен дискурс, а сето тоа е вкомпонирано во една цврста и стабилна структура. Станува збор за две навидум независни приказни , кои се преплетуваат на крајно неочекуван начин. Во првата приказна – нараторот, уличен артист – презаситен од своето секојдневие, е во потрага по себеси, без да знае дека промената го чека зад аголот. Во втората приказна, една млада писателка во креативна криза, не е свесна дека пред себе има содржаен материјал за роман што може да ја извлече од непријатната ситуација со нејзиниот издавач. Неверојатен тек на настаните, речиси судбински, ќе ги спои овие две приказни во неочекуван епилог. Пред промоцијата поразговаравме со авторот Војо Цветановски.

* Како се роди идејата за приказната во романот „Веќе не сум истиот“?

– Веќе подолго време пишувам кратки раскази и колумни, некои од нив беа објавувани на неколку интернет-портали, но сето тоа беше само краток израз, што ако јас се прашувам можеби и е најдобриот. Може ќе ме прашате зошто го велам ова, едноставно ќе одговорам, јас како пантомимичар и улична жива статуа, а потоа и како режисер секогаш се трудев нештата да ги доведам до минимум, односно минимализам. Мотивацијата за „Веќе не сум истиот“ продре во мене во време на првиот бран на коронавирусот, тогаш во еден долг телефонски разговор со мојот драг пријател Ѕвездан Георгиевски разговаравме на темата дали имам некаков долг ракопис во некој од моите датотеки или фиоки, кој патем ми предложи да се пријавам на конкурсот на „Пегаз“, за најдобар необјавен роман на година. Реков немам, но имам напишано целовечерна пиеса именувана како „Психоманијак“ и неколку кратки раскази што се поврзани еден со друг. Во нив двајца протагонисти се допишуваат преку писма. Ќе се обидам да создадам едно цело од двете, му реков. И така почна сѐ. Направив компилација од расказите меѓу Федор Фрелих и Антун Гргуриќ (писмата) и дијалозите меѓу Валентин Вапцаров, неговиот пациент Андон Донски и Ангела Вапцарова, внуката на Валентин (Психоманијак). Но, најмногу од сѐ ме мотивираше тоа што постојано ми стигнуваа пораки од познати и непознати луѓе кои велеа дека сега е време да создадам некое пообемно дело. Во време на короната, како и сите други наши сограѓани, имав доволно време да се посветам на нешто друго надвор од работата. Се посветив на овој ракопис и се мотивирав колку што е можно повеќе да го извадам најдоброто од себе. Се надевам дека успеав, а сепак тоа ќе го оставам на читателите. Тие се крајниот суд! На крајот од краиштата, најголема инспирација секако ми е животот.

* Колку време се создаваше приказната на „Веќе не сум истиот“ и како настана соработката со издавачот „Арс Ламина“?

– „Веќе не сум истиот“ е третиот наслов на овој ракопис. Првенствено, тој беше именуван како „Примитивен циркус“, потоа како „Психоманијак“ и на крајот, кога се вмрежија и расказите и пиесата во едно цело, а и кулминативниот дел ме донесе дотаму да размислувам каков нов наслов да му дадам на ова дело, па така настана „Веќе не сум истиот“, којзнае, можеби и оној период во короната кога сѐ се смени, се сменија и многу работи кај мене, а и не само кај мене туку и кај многу други. Верувам дека многу од нас веќе не сме истите по сѐ. Овој ракопис го стокмив за помалку од четири месеци, бидејќи веќе беа напишани делата, само требаше да ги синхронизирам едно со друго, во што и успеав. А инаку, сите овие текстови напишани заедно, од кои половината ги исфрлив од делото (инаку, романот требаше да биде над двесте страници) ги пишував речиси седум години. Околу соработката со издавачот морам да признам дека многу ме погоди ноќта кога уредничката Бисера Бендеска ми се јави на телефон да ми каже дека, и покрај тоа што мојот ракопис не влегол во финалето на „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината, сепак издавачката куќа „Арс Ламина“ одлучила да го објави. Нема да лажам и ќе признам дека по многу години ми потече солза. J Неизмерно сум благодарен на „Арс Ламина“ што во овој ракопис препознаа дело зад кое ќе застанат и ќе веруваат дека вреди да стои на полиците на книжарниците „Литература.мк“.

* Накратко, за што зборува книгата и која е главната порака?

– Книгата има повеќе паралелни линии поставени во различни временски периоди, онаа меѓу Федор Фрелих и Антун Гргуриќ, кои се допишуваат со писма еден со друг, „случајно“ сретнувајќи се на железничката станица во Загреб, која е носечка приказна во овој ракопис. Потоа, меѓу Валентин Вапцаров – психијатар и Андон Донски неговиот пациент, потоа меѓу Валентин Вапцаров и неговата внука Ангела Вапцарова – писателка, која за три седмици треба да објави роман на Саемот на книгата, но нема тема. Вапцаров, кој лежи на клиника и е на смртна постела, како задолжение од својот пациент Донски, кој го лекувал десет години, има многу што да ѝ раскаже за тие нивни сеанси на Ангела и ѝ ја раскажува целата нивна приказна, по што излегува драмскиот текст „Психоманијак“, но не од Ангела Вапцарова. И последната линија или една од паралелните линии во ракописот „Веќе не сум истиот“ е лекувањето на Андон Донски, кој е познат скопски психолог со неговите пациенти, за кои тој во сеансите со Вапцаров го убедува дека не им е ништо, но и дека нему не му е ништо, дека е сосем здрав. Основата порака што ја носи овој ракопис е дека треба суштински да се погледнеме себеси во огледало и да си признаеме кои сме всушност ние без скриени тајни. Без лаги самите кон себе. И што ли ни носи сонот воопшто? Што е тоа?

* Дали книгата има автобиографски моменти? Колку има вистинитост, а колку фикција во двете приказни?

– Ако кажам дека 50 отсто е вистина, а 50 отсто е фикција, тогаш нема да излажам. Сите приказни што се поврзани со театарот и со уличната уметност се имаат навистина случено, дали мене, дали на некој што седел до мене и сум го слушал како говори или, пак, некој што отстрана сум го набљудувал не прави разлика. Уличната уметност е вистината во сето ова. Можеби во некои случаи и да била инспирација од нечиј туѓ перформанс на кој потоа сум сведочел каков бил артистот зад сцената, тука, секако, вклучувајќи ги и моите однесувања токму таму зад сцената, што понекогаш знаеле и да не бидат баш најдобри. Патувањата исто така можам да ги класифицирам во 50% – 50% и не би ги нарекол целосно фикција и тие се реалност, се разбира во мојата инспирација и имагинација за пишување. Отсекогаш сум мечтаел да се допишувам преку писма со некој непознат и тоа додека сум се возел со тие возови, запознавајќи го таму на патот кон некаде или никаде. Патувајќи и гледајќи во сите оние заморени лица постојано ми се создаваше инспирација дека еден ден можеби ќе сретнам некој човек и ќе се допишувам со него без никакви обврски, само колку да си раскажуваме што ни се случува еден на друг. Другото во романот е фикција, Вапцаров, Донски и Ангела и сите други протагонисти, пациентите на Донски, тие се фикција.

* Ова е Ваш прв роман, за кој веќе има позитивни коментари. Како се разви интересот за пишување книги и колку тоа е дополнување на Вашиот богат уметнички талент и биографија?

– Да, ова е прв мој роман, но пријатно сум изненаден дека веќе постои интерес за него, драго ми е за тоа. Моето пишување датира многу одамна. Јас уште како средношколец почнав да пишувам кратки пиеси и поезија. Потоа, кога се запишав на НАТФИЗ (Национална академија за театарска и филмска уметност) во Софија, како студент по пантомима и режија се стекнав со предметот драматургија, што го изучувавме четири години и всушност тука ми се врати повторно желбата повеќе и повеќе да творам на хартија. Се разбира дека пишувањето е составен дел од мојот живот. Без него, како и без уличната уметност и театарот, би бил никој и ништо. Во трите уметности се пронаоѓам себеси и за трите уметност имам време во секое време од денот, седмицата, месецот, годината. Тоа е она што сум јас, тоа е она што сакам да бидам и искрено се надевам дека тоа ќе продолжи така…

* Можете ли да ни го објасните значењето на сцената од корицата на книгата?

– На почетокот на романот Федор Фрелих и Антун Гргуриќ се договараат преку своите писма да создадат заедничка книга, но тоа некако не им успева баш најдобро. Откако Валентин Вапцаров на Ангела ќе ѝ ја раскаже приказната помеѓу него и Донски, и ја завршуваат, по што ракописот е спремен за саемот на книгата. Но, Ангела од морални причини одбива да го објави, бидејќи не е нејзин, го остава компјутерот на една клупа во клиничкиот центар и заминува. На компјутерот наидува Федор Фрелих и го зема со себе. Таму наидува на приказната помеѓу Вапцаров и Донски (за него сосем непознати) ја модифицира приказната по свој терк и му пишува писмо на Антун дека веќе имаат приказна што ќе ја заокружи и онаа нивната со писмата. Компјутерот на клупата на насловната страница е книгата што треба да биде објавена и се објавува.

* Познат сте како еден од првите и најуспешни домашни пантомимичари. Како почна таа приказна и колку книгата ги отсликува Вашите искуства од сцената?

– На пантомима завршив сосем случајно. Првенствено се појавив на приемниот испит по актерска игра и во селекција од неколку стотина кандидати, кои ги распределуваа по класови, мене одлучија да ме сместат во класата по пантомима. И така цели четири години минав низ таа наука, која во мене го разбуди сето она што не сум ни знаел дека го поседувам. Понатаму во животот пантомимата ми овозможи да ја прошетам речиси цела Европа, да работам низ улиците на европските градови, колку на фестивали, толку на „своја рака“. J Така и тргнав со пишувањето на овој роман, патувајќи и соочувајќи се со ситуациите што ми се случуваа низ тие градови. Тука најмногу ги спојувам Македонија и Хрватска, ја споменувам Хрватска, бидејќи таму најмногу досега сум настапувал. Поточно, последниве десет години и слободно можам да кажам дека таа е мојот втор дом. Речиси поголем дел од моите ракописи се отсликување на она што мене ми се има случено и на сцена и во театар и заткулисието во театарот (каде што веројатно се игра најголемиот театар) за што има и цело едно писмо напишано од Федор кон Антун насловено како „Театарот е најкраткото растојание помеѓу две точки“.

* Каков тип книги обично читате и кои автори влијаеа на Вас при пишувањето?

– За жал, откако почнав да работам со книги/пиеси, односно да ги пренесувам на сцена, да ги читам како работна задача, сè помалку уживам суштински во писанијата на големите автори. Ги има многу, не би можел сите да ги одвојам, еве за пример ќе ги земам: Чехов, Александар Островски, Молиер, Славомир Мрожек, Оскар Вајлд, Ерих Емануел Шмит, Патрик Марбер, Чарлс Буковски, Тенеси Вилијамс, Хенри Милер, Шекспир, Булгаков, Данил Хармс, Горан Стефановски, Радован Павловски, Славко Јаневски, и од поновите кај нас му се восхитувам на Јосип Коцев и, секако, има и уште многу други, но да не ги набројувам сите тука, којзнае колку страници ќе ни требаат… Ги замолувам оние што не ги споменав да не ми се налутат, ништо лично не е!

* Дали можеби во вашиот лаптоп (или фиока) има уште некое дело што чека на објавување? Какви Ви се плановите?

– Мојата фиока и мојот лаптоп е мојата тетратка, што ја носам секаде со себе. Од дома не излегувам без неа, па дури и до продавница кога одам да пазарувам. Јас сум старомоден, ако може така да се каже, и ако е тоа грев. Нека е грев, мене не ми пречи. Првенствено, кратките сижеа ги запишувам на лист хартија, па потоа ги пренесувам во напишана верзија на компјутер. Основниот мој принцип на пишување е она што го гледам околу себеси токму и тоа го запишувам и од него создавам мало парче расказ. Нормално, сето тоа некогаш знае да претрпи и големи модификации, некогаш и не. Сепак, на тоа надоврзувам уште една кратка приказна и им го барам најмалиот заеднички содржател, па потоа уште една, па уште една и така создавам приказна, а такви во мојата татарка ги има многу. Искрено се надевам дека наскоро ќе почнам со некое ново дело за кое ќе морам да се потрудам да биде подобро од првото. J

* Можете ли да издвоите кои се најзначајните моменти од образованието и кариерата?

– Во 1999 година ме примија во Софија, Р. Бугарија, на НАТФИЗ. Таму запознав прекрасни луѓе кои до ден-денес се мои многу блиски пријатели. Изработивме повеќе од десет театарски претстави како студенти, неколку како пантомимичари, неколку како класични актери, јас паралелно со пантомимата студирав и режија. За време на студиите поставив неколку кратки одломки, а во последните две години режирав и две целовечерни претстави „Соната на сеништа“ од Август Стриндберг и „Просидба“ од А. П. Чехов. Со класот по пантомима ја имавме таа чест за дипломска претстава да го играме безвременскиот текст на Вилијам Шекспир – „Хамлет“. Откако завршив, се вратив во Скопје и со неколку мои колеги го оформивме „Театарот од 2от кат“, кој беше сместен во Универзалната сала две години. Таму создадовме седум претстави, потоа заминавме оттаму и уште една година работевме во Домот на Армијата во центарот на Скопје. Таа 2007 година се роди идејата да ја создадеме продукцијата за улична уметност „Театроск“ со која буквално ги поминавме најзначајните фестивали за улична уметност. Од пред пет години во Скопје заедно со колегите од „Театроск“ го организираме уличниот фестивал „Статуафест – Другото лице на улицата“ на кој продефилираа едни од најпознатите светски улични перформери и сè тоа благодарение на сите наши патувања од таа 2007 година. Каде што успеавме одблизу да се запознаеме со сите и ден-денес да одржуваме одлични контакти.

Романот „Веќе не сум истиот“ е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“, онлајн преку www.literatura.mk, како и на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ за време на Саемот на книгата 2021.

Каталозите со сите нови изданија и попусти можете да ги погледнете на линковите подолу.
Каталог со книги за возрасни  https://bit.ly/38GEt9s
Каталог со книги за деца  https://bit.ly/3tl7eSk
Се читаме на саем!

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

19.
Dec.
Ново
По сликовницата „Рокчето“ и поетската збирка „Шестарот на времето“, издавачката куќа „Арс Ламина“ ја објави првата есеист...
17.
Dec.
Ново
Секој писател постојано бара инспирација. Алекс Мајклидис, авторот на интернационалниот бестселер „Немата пациентка“, се потпрел на три познати и...
29.
Nov.
Ново
„Арс Ламина“ со задоволство ја претставува новата едиција Shelf Help – со куси и практични водичи за самопомош, кои ќе ви помогнат да го по...
29.
Nov.
Ново
Понекогаш малите уши на децата не ги собираат големите зборови на возрасните. Всушност, тие не ги разбираат. Со цел да им помогне на децата да ги разберат, а...
22.
Nov.
Акции
Во рамките на големиот шопинг-настан Black Friday (Блек фрајдеј), од денеска (22 ноември), па сѐ до 1 декември, во „Литература.мк“ ќе има сериозн...
21.
Nov.
Ново
„Градоначалник“ е првата книга од новата едиција за деца „Големи зборови за мали уши“, издание на „Либи“, дел од „А...
19.
Nov.
Ново
Подгответе се за нови книжевни патувања со „Арс Ламина“! Откријте кои интернационални книжевни хитови наскоро ќе излезат од печат на македон...
15.
Nov.
Ново
„И јас сум Сирма“ не е роман, туку нешто меѓу сага и еп. Тоа е приказна што ќе ве натера да плачете, да мразите и да се смеете... книга што никог...
14.
Nov.
Ново
Во публикацијата се  обработува еден од најгорливите проблеми поврзани со изговорот на македонскиот јазик - колоквијалниот изговор во Скопје и неговото ...
12.
Nov.
Ново
Книжевниот класик во македонската литература „Книга на небото“, од еден од најзначајните наши постмодернистички писатели Крсте Чачански, излезе о...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.93 MB