Топ листа

Топ 10 најбарани книги во Литература.мк во декември

30.12.2021.
Топ 10 најбарани книги во Литература.мк во декември

Новата книга „Торонто експрес (Тибам штркот апдејт)“ од Зоран Спасов Ѕоф е најбараната книга од областа на фикцијата во книжарниците на „Литература.мк“ во декември. Само неколку недели по промоцијата во книжарницата „Literatura.mk Superstore“ во „Ист гејт мол“, книгата, која е во издание на „Попули“, речиси се распродаде. На втората позиција на топ 10 листата е интернационалниот бестселер „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд, која три месеци по ред беше на првата позиција на оваа листа. Следува новиот роман на Moџо Килингтон, „Уништување“, кој исто така беше промовиран во декември. Високо на листата се и „Подарокот“ од Луиз Џенсен, како и првиот дел од серијалот за џентлменот-крадец Арсен Лупен од Морис Леблан. Дознајте каков е редоследот на топ 10 најбарани книги во „Литература.мк“ во последниот месец на 2021 година.

1. „Торонто експрес (Тибам штркот апдејт)“ од Зоран Спасов Ѕоф

„Торонто експрес“ е документаристичка стрип-проза; еден вид фотонарација со блиц, зум и слободен кадар и фокус; „водич за идните печалбари и тазе имигранти“, како што вели самиот автор, или литерарен прирачник за заминување, но и за враќање од Канада. Последното (враќањето) е нешто невообичаено за ваков тип „прирачници“, упатства и помош за адаптации во туѓи средини и можеби токму тоа ја долева последната капка во оваа преполна чаша искреност и таа претекува на сите страни. Ова е приказна што брзо и неосетно влегува под кожа: популарна, ефектна, штосна, документарна и есеизирана; приказна што „шверцува“ нашинство и носталгија во далечниот, среден свет каде што објективно тоа не е предвидено. Напишана на скопски сленг, книгава нуди една нова форма на битовост, на модерно печалбарство, актуализирајќи го вековниот проблем на иселувањето на нашиот народ на еден автентичен, самосвоен и мошне читлив, ведар и духовит начин. Новите „печалбари“ се академски музичари кои разнесуваат пици, машински инженери – „конобари“ по свадби, ортопеди – стручњаци за гипс-картон... Нивните (не)употребливи дипломи чекаат во куферите зафрлени во подрумите на изнајмените станови во Канада. Јазикот, стилот, фактографските пасажи, фокусираните детали, отворениот, духовит и автоироничен поглед на нас самите, секако и илустрациите на Тхе Мичо низ текстот, се чини дека повторно ја нашле формулата за успех и читаност на претходната книга на Ѕоф: „ТИТО – мојот претпоследен херој“.

„Торонто експрес (Тибам штркот апдејт)“ е ново, дополнето издание на популарната книга и литературен првенец на Ѕоф – „Тибам штркот“. Дизајнот на корицата е на стрип-авторот Михајло Димитриевски – Тxе Мичо. На основа на оваа приказна, на 15 декември премиерно беше одиграна новата театарска претстава „Торонто експрес“, во Македонскиот народен театар, во режија на Јордан Симонов, а главната улога ја толкува Александар Микиќ. Претставата исто така има распродадени проекции, што зборува за популарноста на оваа приказна.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14766

2. „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд

Најчитаната книга од септември до ноември, „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, во декември се најде на втората позиција. Приказната се движи околу возрасната и повлечена холивудска филмска икона Евелин Хуго, која конечно е подготвена да ја каже вистината за нејзиниот гламурозен и скандалозен живот. Но, кога ќе ја ангажира анонимната репортерка Моник Грант за тоа, никој не е поизненаден од самата Моник. Зошто неа? И зошто сега? Моник не е баш на врвот на светот. Сопругот ја напуштил, професионалниот живот ѝ е во ќор-сокак. И покрај тоа што не знае зошто Евелин ја избрала да ја напише нејзината биографија, Моник е решена да ја искористи можноста и да почне своја кариера. Моник е поканета во луксузниот апартман на Евелин, каде што фасцинирано слуша додека актерката ѝ ја раскажува нејзината приказна. Од пробивот во Лос Анџелес во педесеттите до нејзината одлука да го напушти шоу-бизнисот во осумдесеттите години и, секако, седумте сопрузи попатно, Евелин раскажува приказна за безмилосни амбиции, неочекувано пријателство и голема забранета љубов. Моник почнува да чувствува вистинска поврзаност со легендарната ѕвезда, но како што приказната на Евелин се приближува кон крајот, така станува јасно дека нејзиниот живот се испреплетува со оној на Моник на трагичен и неповратен начин.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14712

3. „Уништување“ од Moџо Килингтон

Романот „Уништување“ е дел од едицијата „Во еден здив“. Станува збор за третата книга на Моџо Килингтон, по стихозбирката „Аутопсија на љубовта“ (2019) и романот „Денот кога не се разбудив“ (2020), двата во издание на „Арс Ламина“. Главниот протагонист во „Уништување“ е четириесет и двегодишниот доктор Јан Рајсберг, сопруг на Марија, татко на Лотар и Ана, кој еден ден дава отказ. Се гледа во огледалото во тоалетот на еден бар и се прашува: „Кој сум јас?“ Тагата повеќе сликала на неговото лице, а се чини дека среќата не ја ни допрела четката... Изгледаше... Поинаков. Тоа не беше човекот кој го знаеше. Ниту човек кој сака да го запознае. Тоа беше маска на еден минат живот на кој му стави крај кога уринираше врз фикусот на директорот на клиниката. Првата вечер кога се почувствува слободен, ја поминува во ќелија во полициската станица каде што запознава млада девојка. Следуваат ноќи исполнети со забави, алкохол, дрога и секс... На колку сè начини можеме да си го уништиме животот, заслужуваме ли втора шанса и можеме ли да избегаме од себеси, се само некои од прашањата со кои Моџо Килингтон се занимава во овој емотивен, брутално соголен, интензивен и во филмски манир напишан роман.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14755

4. „Подарокот“ од Луиз Џенсен

„Подарокот“ е напнат психолошки трилер со неочекуван пресврт од перото на Луиз Џенсен, авторката на големиот светски бестселер „Сестрата“. Џена добива уште една шанса за живот, примајќи срце од друг, девојка по име Кали. Вечно благодарна на Кали и на нејзиното семејство, Џена се зближува со нив. Наскоро открива дека совршеното семејство на Кали крие мрачни тајни... Родителите на Кали се во жалост, но Џена знае дека не ѝ кажуваат сѐ. Каде е Софи – сестрата на Кали? Ја уверуваат дека е во странство уште од смртта на сестра ѝ, но нешто не е во ред со нејзиното отсуство. Кога Џена ќе го запознае Нејтан, момчето на Кали, доаѓа до неверојатно откритие. Џена не верува дека смртта на Кали е несреќен случај. Но, како умрела? Решава да ја дознае вистината, но тоа може да ја чини сѐ: нејзините најблиски, здравиот разум, па дури и животот...

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13614

5. „Извонредните авантури на Арсен Лупен, џентлмен крадец“ од Морис Леблан

Првата книга од серијалот за легендарниот џентлмен крадец Арсен Лупен од францускиот писател Морис Леблан, објавена на англиски јазик со наслов „The extraordinary adventures of Arsène Lupin, gentleman-burglar“, е меѓу најбараните книги. Арсен Лупен е еден од најпознатите книжевни ликови, тој е џентлмен, но и елегантен крадец, криминалец – пандан на генијалниот британски детектив Шерлок Холмс. Врз основа на овој лик, стриминг-сервисот „Нетфликс“ на почетокот на оваа година ја реализираше француската ТВ-серија „Лупен“ со харизматичниот Омар Сај во главната улога. „Извонредните авантури на Арсен Лупен, џентлмен крадец“ е прва збирка раскази на Леблан што раскажува за авантурите на Арсен Лупен и е објавена во 1907 година. Toj е духовит човек полн со доверба – Шерлок Холмс за криминал. Сиромашните и невините немаат од што да се плашат; често тие профитираат од неговата спонтана великодушност. Богатите и моќни како и детективот кој се обидува да му ја расипе забавата, сепак мораат да внимаваат. Тие се мета на пакоста и одмаздата на Арсен.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14561

6. „Жената со црвена коса“ од Орхан Памук

„Жената со црвена коса“ е комплексен роман во кој се испреплетуваат политиката и психологијата, книжевноста и стварноста, Западот и Истокот. Приказна преокупирана со таткоубиството и цар Едип на Софокле; но, исто така, и приказна за синоубиството, за Рустем и Сухраб, раскажана во епот „Шахнаме“ на персискиот поет Фирдуси. Роман што уште еднаш ја потврдува комплексноста и сериозноста на Орхан Памук. При крајот на XX век, во град близу Истанбул, мајсторот Махмут и неговиот чирак Џем копаат бунар на едно навидум пусто и суво место. Мачејќи се да стигнат до скапоцената вода – што ќе го „разбуди“ местото и ќе ја поттурне економијата – тие развиваат длабок однос: Махмут го пронаоѓа синот што никогаш го немал, а Џем таткото што го напуштил. Во меѓувреме, на сцена стапува жената со црвена коса, а во Онгорен се случува страшна и голема несреќа, несреќа што ќе остави длабока траума во животот на момчето. Орхан Памук е можеби најпознатиот современ турски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 2006 година. Неговите дела се занимаваат со соочувањата помеѓу Истокот и Западот, со проблемите на уметноста и на идентитетот, а честопати се споредувани со оние на Џојс, Набоков и Маркес.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14736

7. „Бегај“ од Харлан Кобен

Романот „Бегај“ е напнат трилер за една исчезната ќерка. Таа била зависничка од дрога и од момче кое ја малтретирало. На родителите им ставила јасно до знаење дека не сака да биде најдена. Потоа, сосем случајно, таткото ја сретнува како настапува како уличен изведувач во њујоршкиот Централ парк. Но, таа не е девојката која ја памети. Оваа жена е изгубена, исплашена и очигледно во неволја. Тој не размислува ни за момент и ѝ приоѓа, ја моли да се врати дома. Но, таа бега. Тој ја следи во мрачниот и опасен свет кој никогаш не ни знаел дека постои. Свет во кој владеат криминалните банди, каде што дрогата е главна валута, а убиствата нешто вообичаено. Сега неговиот живот е во опасност. И никаде и никој не е безбеден...

8. „Поларна светлина“ од Филип Пулман

Поларна светлина“ е првиот том од трилогијата „Темната граѓа“ (оригинален наслов His Dark Materials). Делото е напишано уште во 1995 година и е добитник на многу награди, а од 2019 година е и критички и комерцијално успешна серија на Би-би-си и Ејч-би-о. Денес, романите на Филип Пулман се сметаат за модерни класици на детската литература. Лира Белаква и нејзиниот Дајмон живеат разуздан и безгрижен живот меѓу професорите на колеџот „Џордан“ во Оксфорд. Судбината ќе ги однесе во далечните, смрзнати предели на Арктикот, каде што вештерски кланови се борат меѓу себе, а поларните мечки имаат свое кралство.

Невообичаеното и возбудливо патување на Лира ќе има огромни последици, што ќе ги надминат границите на нејзиниот свет.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14395

9. „Другиот Ајнштајн“ од Мари Бенедикт

Мица Мариќ секогаш била различна од другите девојки. Во своите дваесетти години, повеќето веќе биле сопруги и мајки. Не учеле физика на елитен универзитет во Цирих, ниту, пак, другите мажи се натпреварувале со нив во решавање равенки. Но, Мица била доволно паметна да знае дека за неа математиката е поедноставна од бракот. И тогаш, еден колега од нејзиниот факултет – Алберт Ајнштајн – ќе покаже љубовен интерес за неа. Како последица, нејзиниот свет ќе се сврти наопаку. Нивната врска не е само емотивна туку и интелектуална. Но, се чини, во една врска има место за само еден гениј. „Другиот Ајнштајн“ е извонредна биографска фикција што пишува за бурната љубов меѓу Милева и Алберт. Книгата открива многу историски детали за нивната врска, но и за времето во кое живееле.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13694

10. „Дамски гамбит“ од Волтер Тевис

Осумгодишното сираче Бет Хармон е тивко и повлечено девојче со невпечатлива појава. Така е сè додека не ја изигра првата партија шах. Нејзините сетила се изоструваат, размислува појасно и првпат во животот чувствува дека има контрола. На 16-годишна возраст, таа веќе се натпреварува на Отвореното првенство на САД. Но, како што ги усовршува вештините на шахот и зачекорува на патот на успехот, нејзината изолација станува сè позастрашувачка, а помислата за бегство сè попримамлива. На овој роман е базирана истоимената мегапопуларна ТВ-серија на „Нетфликс“.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на: https://www.literatura.mk/BookDet

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.29 MB