Топ листа

Топ 10 најпродавани книги во Литература.мк во октомври

05.11.2021.
Топ 10 најпродавани книги во Литература.мк во октомври

Бестселерот на „Њујорк тајмс“, „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејдвтор втор месец по ред е најпродаван роман во книжарниците „Литература.мк“. Високо на листата со најбарани книги од областа на фикцијата се и „Дамски гамбит“ од Волтер Тевис, „Париската библиотека“ од Џенет Скеслин Чарлс и „За пет години“ од Ребека Серл, кои неколку месеци се во фокусот на читателите. Кратко по објавувањето, на листата се најдоа и новитетите „Жената со црвена коса“ од Орхан Памук , како и „Никогаш не кажувам“ – книжевниот првенец на позната македонска актерка и професорка, Синоличка Трпкова. Од делата на македонските автори и овој месец, меѓу најчитаните е романот „Опасна игра“ од Мери Арсова. Во продолжение е топ 10 листата со најпродавани книги во октомври.

1. „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд

Најчитаната книга во октомври е романот „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Приказната се движи околу возрасната и повлечена холивудска филмска икона Евелин Хуго, која конечно е подготвена да ја каже вистината за нејзиниот гламурозен и скандалозен живот. Но, кога за тоа ќе ја ангажира анонимната репортерка Моник Грант, никој не е поизненаден од самата Моник. Зошто неа? И зошто сега? Моник не е баш на врвот на светот. Сопругот ја напуштил, професионалниот живот ѝ е во ќор-сокак. И покрај тоа што не знае зошто Евелин ја избрала да ја напише нејзината биографија, Моник е решена да ја искористи можноста и да почне своја кариера. Моник е поканета во луксузниот апартман на Евелин, каде што фасцинирано слуша додека актерката ѝ ја раскажува нејзината приказна. Од пробивот во Лос Анџелес во педесеттите до нејзината одлука да го напушти шоу-бизнисот во осумдесеттите години и, секако, седумте сопрузи попатно, Евелин раскажува приказна за безмилосни амбиции, неочекувано пријателство и голема забранета љубов. Моник почнува да чувствува вистинска поврзаност со легендарната ѕвезда, но како што приказната на Евелин се приближува кон крајот, така станува јасно дека нејзиниот живот се испреплетува со оној на Моник на трагичен и неповратен начин.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14712

2. „Дамски гамбит“ од Волтер Тевис

Осумгодишното сираче Бет Хармон е тивко и повлечено девојче со невпечатлива појава. Така е сè додека не ја изигра првата партија шах. Нејзините сетила се изоструваат, размислува појасно и првпат во животот чувствува дека има контрола. На 16-годишна возраст, таа веќе се натпреварува на Отвореното првенство на САД. Но, како што ги усовршува вештините на шахот и зачекорува на патот на успехот, нејзината изолација станува сè позастрашувачка, а помислата за бегство сè попримамлива. На овој роман е базирана истоимената мегапопуларна ТВ-серија на „Нетфликс“.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14527

3. „Извонредните авантури на Арсен Лупен, џентлмен крадец“ од Морис Леблан

Првата книга од серијалот за легендарниот џентлмен крадец Арсен Лупен од францускиот писател Морис Леблан, објавена на англиски јазик со наслов „The extraordinary adventures of Arsène Lupin, gentleman-burglar“ е меѓу најбараните книги во октомври. Арсен Лупен е еден од најпознатите книжевни ликови, тој е џентлмен, но и елегантен крадец, криминалец – пандан на генијалниот британски детектив Шерлок Холмс. Врз основа на овој лик, стриминг-сервисот „Нетфликс“ на почетокот на оваа година ја реализираше француската ТВ-серија „Лупен“ со харизматичниот Омар Сај во главната улога. „Извонредните авантури на Арсен Лупен, џентлмен крадец“ е прва збирка раскази на Леблан што раскажува за авантурите на Арсен Лупен и е објавена во 1907 година. Toj е духовит човек полн со доверба – Шерлок Холмс за криминал. Сиромашните и невините немаат од што да се плашат; често тие профитираат од неговата спонтана великодушност. Богатите и моќни како и детективот кој се обидува да му ја расипе забавата, сепак мора да внимаваат. Тие се мета на пакоста и одмаздата на Арсен.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14561

4. „Замалек“ од Дејан Тиаго Станковиќ

Романот на српскиот автор Дејан Тиаго Станковиќ, „Замалек“, кој е годинашниот добитник на Европската награда за книжевност, беше промовиран во рамките на „Саемот на книгата 2021“. Книгата на македонски јазик е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а е со превод на Илина Јакимовска. Авторот, кој живее на релација Србија – Португалија, во одреден дел од животот престојувал во Каиро, каде што ја нашол инспирацијата за романот „Замалек“. Имено, називот е според елитна населба во срцето на Каиро, на островот среде Нил. Таму со децении постоела антикварница преполна со најразновидно богатство како пештерата на Али-баба. Продавницата, најпозната во тој дел на светот, ја воделе Коста, познат египтолог, и неговата поќерка Арна, сè додека касметот, поради некои мистериозни гревови на Коста, не решил поинаку. Оваа приказна, во која се мешаат овоземниот и задгробниот живот, не можела да се случи на ниедно друго место, освен во Каиро, па тој пустински мегалополис, неговата тивка махала Замалек, луѓето, обичаите и жештината на градот се еднакво важни јунаци во романот, исто како и антикварот Коста и раскажувачката Арна, прашината што постојано паѓа и Нил, кој тече како животот.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14704

5. „Париската библиотека“ од Џенет Скеслин Чарлс

Годината е 1939, а местото е Париз. На младата, убава и амбициозна парижанка Одил Суше сè ѝ оди од рака: ја добива својата работа од соништата во Американската библиотека во Париз и почнува љубовна врска со згодниот и либерален полицаец Пол, кој ја сака и ги поддржува нејзините соништа и амбиции. Но, Германија секавично напредува во војната, а Париз е под опсада и преполн со нацистички војници. Сè што на Одил ѝ е мило, вклучувајќи ја и Американската библиотека, може да исчезне секој момент. Годината е 1983, а местото е малото гратче Фројд во Монтана. На тинејџерката Лили ништо не ѝ оди од рака. Непопуларна е на училиште, не може да го освои момчето кое го посакува, а мајка ѝ одеднаш тешко се разболува. Но, тука е нејзината софистицирана и образована сосетка со странско потекло со која полека се зближува. Таа со нејзиниот ум и со нејзиното однесување отскокнува од здодевното секојдневие на малиот град, а нејзиниот живот и минатото се обвиткани со мистерија и тајни. Лили не знае колку тие тајни засекогаш ќе ѝ го сменат животот.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14544

6. „Жената со црвена коса“ од Орхан Памук

„Жената со црвена коса“ е комплексен роман во кој се испреплетуваат политиката и психологијата, книжевноста и стварноста, Западот и Истокот. Приказна преокупирана со таткоубиството и Цар Едип на Софокле; но, исто така, и приказна за синоубиството, за Рустем и Сухраб, раскажана во епот „Шахнаме“ на персискиот поет Фирдуси. Роман што уште еднаш ја потврдува комплексноста и сериозноста на Орхан Памук. При крајот на XX век, во град близу Истанбул, мајсторот Махмут и неговиот чирак Џем копаат бунар на едно навидум пусто и суво место. Мачејќи се да стигнат до скапоцената вода – што ќе го „разбуди“ местото и ќе ја поттурне економијата – тие развиваат длабок однос: Махмут го пронаоѓа синот што никогаш го немал, а Џем таткото што го напуштил. Во меѓувреме, на сцена стапува жената со црвена коса, а во Онгорен се случува страшна и голема несреќа, несреќа што ќе остави длабока траума во животот на момчето. Орхан Памук е можеби најпознатиот современ турски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 2006 година. Неговите дела се занимаваат со соочувањата помеѓу Истокот и Западот, со проблемите на уметноста и на идентитетот, а честопати се споредувани со оние на Џојс, Набоков и Маркес.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14736

7. „Опасна игра“ од Мери Арсова

Во својот дебитантски роман, Мери Арсова ни носи непредвидлив крими-трилер, маскиран под превезот на една наивна романса, наметнувајќи ги прашањата: Што ако немаме избор? Што ако мораме да го промениме својот живот целосно, за да преживееме? За да ги заштитиме своите најмили? Токму овој роман ќе ни покаже што сè сме подготвени да направиме, кога животот ни задава удари и нè остава да се бориме потполно сами. Станува збор за крими-трилер во кој главниот лик, Давид, е обично момче кое живее монотон и здодевен живот. Има работа што ја мрази и свршеница во која се сомнева дека е вљубен. Еден вообичаен мартовски ден, кој по ништо не навестува дека ќе биде пресуден во неговиот живот, случајно се среќава со Ева, неговата средношколска љубов. Таа е одамна преселена во Америка и омажена за богат американски бизнисмен. Оваа средба, што навидум почнува да се развива во тајна љубовна приказна, всушност, е многу опасна игра.

 Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14700

8. „За пет години“ од Ребека Серл

„За пет години“ е незаборавна љубовна приказна, но не онаква каква што очекувате. Дени Коен живее според правилата. Млада е и амбициозна и точно знае каде се гледа себеси во животот. Ниту малку не личи на својата најдобра пријателка, спонтаната и романтична Бела. По неколку години вредна работа и грижливо планирање, Дени е на прагот за остварување на своите соништа. Ќе се вработи во најдобрата адвокатска фирма, а нејзиното совршено момче ја запросува. Дени лежи на нејзиниот кревет задоволна и убедена дека работите одат според планот. Кога ќе се разбуди, Дени се наоѓа во друг стан, со поинаков прстен на раката, покрај сосема друг човек. Следниот еден час од нејзиниот живот Дени го поминува пет години во иднината, пред повторно да се разбуди. Иако настојува да го потисне живописниот сон, Дени не може да престане да размислува за тоа искуство.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14516

9. „Никогаш не кажувам“ од Синоличка Трпкова

Оваа топла, болна и самосвесна хибридна книга со силно удрен личен печат врз секој збор во неа е прво вистинско книжевно дело на Синоличка Трпкова. Многуте творечки и уметнички искуства на авторката се миголат низ текстот како отровни змии, но летаат и како раскошни пеперуги во сите бои на радоста и на тагата. Писателот во Синоличка Трпкова трпеливо чекал да дојде на ред. И еве го, пред нас во „Никогаш не кажувам“. Кажувајќи и раскажувајќи без премногу интерпункции и три точки.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14735

10. „Три желби“ од Лијан Моријарти

„Три желби“ е бестселер на „Њујорк тајмс“ и е првиот роман на Лијан Моријарти.

Лин, Кет и Џема Кетл, прекрасни триесет и тригодишни тројни близначки, се чини го привлекуваат вниманието каде и да се појават. Кога се заедно, се чини како постојано да ги следат смеата и драмата, но, со тоа, тука се и неволите, додека секоја посебно си води и своја битка со личните подеми и падови. Лин си го организира животот според еден голем список што си го прави самата, Кет дознава вчудовидувачка тајна за нејзиниот брак, а Џема, која ја прекинува секоја врска кога ќе дојде до шестиот месец, конечно почнува да се надева на трајна љубов. Во овој умно напишан и духовит роман, ги следиме сестрите Кетл низ нивната бурна триесет и трета година во нивниот вител од ривалства и тајни, откритија и врски, неверни сопрузи и незамисливи одлуки, како и неверојатниот, но неретко и фрустрирачки живот што со себе го понесува тоа да си засекогаш дел од трио.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14713

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.95 MB