Топ листа

Топ 10 најчитани книги од Литература.мк во септември

08.10.2021.
Топ 10 најчитани книги од Литература.мк во септември

Нови романи од домашни автори, наградувани изданија и интернационални бестселери се меѓу најчитаните книги од „Литература.мк“ во септември. Од богатиот избор на наслови во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, од фикција се читаат најновите романи на едни од најактуелните автори во светската белетристика, но и постари наслови, како „Дамски гамбит“ од Волтер Тевис, кој се реактуализира со серијата на „Нетфликс“, како и книжевниот класик „Божествена комедија“ од Данте Алигиери.

Во продолжение ви ја претставуваме листата топ 10 најпродавани книги изминатиот месец. Книгите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку интернет-страницата www.literatura.mk.

1. „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд

Најчитаната книга во септември е новиот роман „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата што постигна интернационален успех е бестселер на „Њујорк тајмс“. Приказната се движи околу возрасната и повлечена холивудска филмска икона Евелин Хуго, која конечно е подготвена да ја каже вистината за нејзиниот гламурозен и скандалозен живот. Но, кога за тоа ќе ја ангажира анонимната репортерка Моник Грант, никој не е поизненаден од самата Моник. Зошто неа? И зошто сега? Моник не е баш на врвот на светот. Сопругот ја напуштил, професионалниот живот ѝ е во ќор-сокак. И покрај тоа што не знае зошто Евелин ја избрала да ја напише нејзината биографија, Моник е решена да ја искористи можноста и да почне своја кариера. Моник е поканета во луксузниот апартман на Евелин, каде што фасцинирано слуша додека актерката ѝ ја раскажува нејзината приказна. Од пробивот во Лос Анџелес во педесеттите до нејзината одлука да го напушти шоу-бизнисот во осумдесеттите години и, секако, седумте сопрузи попатно, Евелин раскажува приказна за безмилосни амбиции, неочекувано пријателство и голема забранета љубов. Моник почнува да чувствува вистинска поврзаност со легендарната ѕвезда, но како што приказната на Евелин се приближува кон крајот, така станува јасно дека нејзиниот живот се испреплетува со оној на Моник на трагичен и неповратен начин.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14712

2. „Замалек“ од Дејан Тиаго Станковиќ

Новиот роман на српскиот автор Дејан Тиаго Станковиќ, „Замалек“, кој е годинашниот добитник на Европската награда за книжевност, беше промовиран во рамките на Саемот на книгата 2021. Книгата на македонски јазик е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а е со превод на Илина Јакимовска. Авторот, кој живее на релација Србија-Португалија, во одреден дел од животот престојувал во Каиро, каде што ја нашол инспирацијата за романот „Замалек“. Имено, називот е според елитна населба во срцето на Каиро, на островот среде Нил. Таму со децении постоела антикварница преполна со најразновидно богатство како пештерата на Али-баба. Продавницата, најпозната во тој дел на светот, ја воделе Коста, познат египтолог, и неговата поќерка Арна, сè додека к’сметот, поради некои мистериозни гревови на Коста, не решил поинаку. Оваа приказна, во која се мешаат овоземскиот и задгробниот живот, не можела да се случи на никое друго место, освен во Каиро, па тој пустински мегалополис, неговата тивка махала Замалек, луѓето, обичаите и жештината на градот се еднакви важни јунаци во романот исто како и антикварот Коста и раскажувачката Арна, прашината што постојано паѓа и Нил, кој тече како животот.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14704

3. „Албино трип“ од Александар Русјаков

„Албино трип“ на Александар Русјаков е и луцидно „трипање“ и возбудливо патување од внатрешниот Парнас на човекот албино до сивите ќор-сокаци на мнозинството, со попатни одморалишта во оазите на чистите души.

– Ти си најдобриот албино писател во Македонија.

Јас сум единствениот албино писател во Македонија. Веројатно и пошироко. Ама уживам кога Шоте се заебава. Неговата чудесно луда смисла за хумор е натпросечна. Понекогаш вџашува. Ама секогаш расположува.

– Колку добро изгледаш на погреб, човек да посака да умре за да му дојде албино на збогување.

Луд е.

Уметноста на пишувањето ме спаси од полудување. Ме спаси и од самоубиство. Јас сум отворена книга нераскажани приказни. Неиспеани стихови. Албинизмот е само корица.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14702

4. „Опасна игра“ од Мери Арсова

Во рамките на „Ноќ на домашни трилери“, во организација на „Арс Ламина“, за време на Саемот на книгата, беше претставен и романот „Опасна игра“ од Мери Арсова. Станува збор за крими-трилер во кој главниот лик, Давид, е обично момче кое живее монотон и здодевен живот. Има работа што ја мрази и свршеница во која се сомнева дека е вљубен. Еден вообичаен мартовски ден, кој по ништо не навестува дека ќе биде пресуден во неговиот живот, случајно се среќава со Ева, неговата средношколска љубов. Таа е одамна преселена во Америка и омажена за богат американски бизнисмен. Оваа средба, што навидум почнува да се развива во тајна љубовна приказна, всушност, е многу опасна игра. Во својот дебитантски роман, Мери Арсова ни носи непредвидлив крими-трилер, маскиран под превезот на една наивна романса, наметнувајќи ги прашањата: Што ако немаме избор? Што ако мораме да го промениме својот живот целосно, за да преживееме? За да ги заштитиме своите најмили? Токму овој роман ќе ни покаже што сè сме подготвени да направиме, кога животот ни задава удари и нè остава да се бориме потполно сами.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14700

5. „Три желби“ од Лијан Моријарти

„Три желби“ е бестселер на „Њујорк тајмс“ и е првиот роман на Лијан Моријарти. Лин, Кет и Џема Кетл, прекрасни триесет и тригодишни тројни близначки, се чини го привлекуваат вниманието каде и да се појават. Кога се заедно, се чини како постојано да ги следат смеата и драмата, но, со тоа, тука се и неволите, додека секоја посебно си води и своја битка со личните подеми и падови. Лин си го организира животот според еден голем список што си го прави самата, Кет дознава вчудовидувачка тајна за нејзиниот брак, а Џема, која ја прекинува секоја врска кога ќе дојде до шестиот месец, конечно почнува да се надева на трајна љубов.

Во овој умно напишан и духовит роман, ги следиме сестрите Кетл низ нивната бурна триесет и трета година во нивниот вител од ривалства и тајни, откритија и врски, неверни сопрузи и незамисливи одлуки и неверојатниот, но неретко и фрустрирачки живот што со себе го понесува тоа да си засекогаш дел од трио.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14713

6. „Париската библиотека“ од Џенет Скеслин Чарлс

Годината е 1939-та, а местото е Париз. На младата, убава и амбициозна парижанка Одил Суше сè ѝ оди од рака: ја добива својата работа од соништата во Американската библиотека во Париз и почнува љубовна врска со згодниот и либерален полицаец Пол, кој ја сака и ги поддржува нејзините соништа и амбиции. Но, Германија секавично напредува во војната, а Париз е под опсада и преполн со нацистички војници. Сè што на Одил ѝ е мило, вклучувајќи ја и Американската библиотека, може да исчезне секој момент. Годината е 1983-та, а местото е малото гратче Фројд во Монтана. На тинејџерката Лили ништо не ѝ оди од рака. Непопуларна е на училиште, не може да го освои момчето кое го посакува, а мајка ѝ одеднаш тешко се разболува. Но, тука е нејзината софистицирана и образована сосетка со странско потекло со која полека се зближува. Таа со нејзиниот ум и со нејзиното однесување отскокнува од здодевното секојдневие на малиот град, а нејзиниот живот и минатото се обвиткани со мистерија и тајни. Лили не знае колку тие тајни засекогаш ќе ѝ го сменат животот.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14544

7. „Рандеву“ од Луиз Џенсен

Нешто лошо ѝ се случи на Алисон Тејлор. Нејзината саботна вечер почна нормално. Поради разделбата со сопругот, пријателите ја убедуваат да излезе на рандеву со друг човек. Таа е подготвена, нервозна и возбудена. Спремна е да направи чекор кон нејзината нова иднина. До недела наутро, животот на Али е непрепознатлив. Се буди знаејќи дека нешто не е во ред. Дома е, сама, повредена и не се сеќава што ѝ се случило. Уште полошо, кога ќе се погледне во огледалото, таа не го препознава ликот кој гледа во неа. Не може да ги препознае ниту роднините ниту пријателите. И не може да ја препознае личноста која се обидува да ја уништи…

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14623

8. „Дамски гамбит“ од Волтер Тевис

Осумгодишното сираче Бет Хармон е тивко и повлечено девојче со невпечатлива појава. Така е сè додека не ја изигра првата партија шах. Нејзините сетила се изоструваат, размислува појасно и првпат во животот чувствува дека има контрола. На 16-годишна возраст, таа веќе се натпреварува на Отвореното првенство на САД. Но, како што ги усовршува вештините на шахот и зачекорува на патот на успехот, нејзината изолација станува сè позастрашувачка, а помислата за бегство сè попримамлива. По овој роман е базирана истоимената мегапопуларна ТВ-серија на „Нетфликс“.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14527

9. „За пет години“ од Ребека Серл

„За пет години“ е незаборавна љубовна приказна, но не онаква каква што очекувате. Дени Коен живее според правилата. Млада е и амбициозна и точно знае каде се гледа себеси во животот. Ниту малку не личи на својата најдобра пријателка, спонтаната и романтична Бела. По неколку години вредна работа и грижливо планирање, Дени е на прагот за остварување на своите соништа. Ќе се вработи во најдобрата адвокатска фирма, а нејзиното совршено момче ја запросува. Дени лежи на нејзиниот кревет задоволна и убедена дека работите одат според планот. Кога ќе се разбуди, Дени се наоѓа во друг стан, со поинаков прстен на раката, покрај сосема друг човек. Следниот еден час од нејзиниот живот Дени го поминува пет години во иднината, пред повторно да се разбуди. Иако настојува да го потисне живописниот сон, Дени не може да престане да размислува за тоа искуство.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14516

10. „Божествена комедија“ од Данте Алигиери

„Божествена комедија“ е обележје на италијанската литература и се смета за „енциклопедија на средновековието“. Оваа поема претставува прониклива христијанска визија за амбивалентната природа на човековата судбина, од една страна како краткотрајна, а од друга страна како бесконечна. „Божествена комедија“ исто така може да се чита и како алегорија што ги отсликува општествено-политичките проблеми што ги сведочел и во кои учествувал и самиот Данте. Тој во поезијата наоѓа средство за посочување на крвавиот хаос на земјата и помеѓу луѓето, за нивниот стремеж за власт и насилство, а во исто време и средство за осветлување на возвишеното и на Доброто.

Данте Алигиери (1265 – 1321) е италијански поет и една од најважните фигури во светската литература. Негово најпознато дело е поемата „Божествена комедија“, што се смета за врвна реализација на класичната книжевност. Покрај поезија, Данте пишува и важни теоретски дела. Во незавршеното дело „Гозба“ ги изнесува своите морално-филозофско-богословски интересирања во тоа време. Во трактатот „За монархијата“ пишува за своите политички сфаќања за поделба меѓу верската и политичката власт. Неговиот литературен првенец од кој се откажува, „Нов живот“, претставува еден вид автобиографски роман во стихови, посветен на големата љубов Беатриче. Пишува на народен и на латински јазик, но силно го брани правото на народниот јазик во литературата.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13533

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.28 MB