Топ листа

Топ 10 најпродавани книги во Литература.мк во февруари

06.03.2023.
Топ 10 најпродавани книги во Литература.мк во февруари

Психолошкиот трилер „Рандеву“ од Луиз Џенсен, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е најпродавана книга во книжарниците на „Литература.мк“ во февруари. На листата со топ 10 најбарани наслови се најдоа и бестселерите: „Три желби“ од Лијан Моријарти, „Дејзи Џонс енд Д сикс“ од Тејлор Џенкинс Рејд и „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд. Минатиот месец меѓу најкупуваните беа и современите класици „Неподносливата леснотија на постоењето“ од Милан Кундера и „Нов живот“ – Орхан Памук, како и новите романи на неколку домашни писатели: Влада Урошевиќ, Ана Стојаноска и Марија Ралповска.

Во продолжение проследете ги содржините на најбараните книги од областа на фикцијата во „Литература.мк“ минатиот месец.

1. „Рандеву“ од Луиз Џенсен

Нешто лошо ѝ се случи на Алисон Тејлор. Нејзината саботна вечер почна нормално. Поради разделбата со сопругот, пријателите ја убедуваат да излезе на рандеву со друг човек. Таа е подготвена, нервозна и возбудена. Спремна е да направи чекор кон нејзината нова иднина. До недела наутро, животот на Али е непрепознатлив. Се буди знаејќи дека нешто не е во ред. Дома е, сама, повредена и не се сеќава што ѝ се случило. Уште полошо, кога ќе се погледне во огледалото, таа не го препознава ликот кој гледа во неа. Не може да ги препознае ниту роднините ниту пријателите. И не може да ја препознае личноста која се обидува да ја уништи...

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14623

2. „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ

Романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ беше претставен неодамна со свечена промоција во киното „Фросина“, МКЦ. Книгата, заедно од уште три дела од Урошевиќ, се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“. Приказната во романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ почнува летото 1898 година. Во преодните денови помеѓу веќе исцрпениот XIX век и тукушто родениот XX век – Никола се враќа од своите студии на Ecole supérieur de pharmacie во Париз. Со себе го носи научното знаење од Западот и етосот на модерниот, просветлен човек, желен да ги примени во своето родно Скопје. Дома – во големата куќа на крајот на градот, покрај течението на реката Вардар – го чекаат татко му Харалампие, трговецот на ангро, мајка му Евдокија и трите помлади братучетки. На прв поглед, животот на ова семејство изгледа нормален, пристоен, па дури и здодевен. Но, работите не се такви како што изгледаат. Нешто страшно и неискажливо ја фрла својата сенка врз семејството Пустополски. Старата куќа крие свои тајни што се протегаат сè до Ориентот и кои се однесуваат на богатството на дедото на Никола. Приказната за еден прстен купен во Старата скопска чаршија го втурнува Никола во низа настани чиешто потекло, смисла и цел не му се целосно јасни...

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=15012

3. „Три желби“ од Лијан Моријарти

„Три желби“ е бестселер на „Њујорк тајмс“ и е првиот роман на Лијан Моријарти. Лин, Кет и Џема Кетл, прекрасни триесет и тригодишни тројни близначки, се чини го привлекуваат вниманието каде и да се појават. Кога се заедно, се чини како постојано да ги следат смеата и драмата, но, со тоа, тука се и неволите, додека секоја посебно си води и своја битка со личните подеми и падови. Лин си го организира животот според еден голем список што си го прави самата, Кет дознава вчудовидувачка тајна за нејзиниот брак, а Џема, која ја прекинува секоја врска кога ќе дојде до шестиот месец, конечно почнува да се надева на трајна љубов.

Во овој умно напишан и духовит роман, ги следиме сестрите Кетл низ нивната бурна триесет и трета година во нивниот вител од ривалства и тајни, откритија и врски, неверни сопрузи и незамисливи одлуки и неверојатниот, но неретко и фрустрирачки живот што со себе го понесува тоа да си засекогаш дел од трио.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14713

4. „Неподносливата леснотија на постоењето“ од Милан Кундера

Во „Неподносливата леснотија на постоењето“ Милан Кундера ја раскажува приказната за една млада жена вљубена во маж кој е растргнат помеѓу неговата љубов кон неа и неговата невоздржлива желба и по други жени, преплетена со приказната за една од неговите љубовници и нејзиниот понизно верен љубовник. Овој извонреден роман меѓусебно сопоставува географски оддалечени места, понудува брилијантни и неверојатно интересни огледи и увиди и се карактеризира со вистинско богатство и оригиналност во поглед на стилот на пишувањето, со што за многумина го заслужува и пиететот најдобро и најпретставително дело на Кундера како романописец.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14522

5. „Дејзи Џонс енд Д сикс“ од Тејлор Џенкинс Рејд

Сите ги знаат „Дејзи Џонс енд Д сикс“. Албумот „Аурора“ на овој бенд ја дефинираше ерата на рокенролот во доцните седумдесетти и цела генерација девојчиња сакаа да бидат како Дејзи кога ќе пораснат. Но, никој не ја знае причината за распаѓањето на групата, една вечер по нивниот последен концерт на стадионот во Чикаго, на 12 јули 1979 година... сè досега. Дејзи е девојка на прагот на полнолетството во Лос Анџелес во доцните шеесетти години од минатиот век, која се прикрадува во клубовите на Сансет Стрип, спиејќи со рок-ѕвезди и која сонува да пее во „Виски а гоу-гоу“. Сексот и дрогата се возбудливи, но рокенролот е она што таа го сака најмногу. Кога ќе наполни дваесет години, нејзиниот глас ќе биде забележан, а нејзината зашеметувачка убавина ги предизвикува луѓето да прават луди работи. Паралелно ја следиме приказната за „Д сикс“, бенд предводен од меланхоличниот Били Дун. Вечерта пред нивната прва турнеја, неговата девојка дознава дека е бремена. Под притисок на претстојните татковство и слава, Били за време на турнејата комплетно откачува. Патиштата на Дејзи и Били ќе се вкрстат кога продуцентот сфаќа дека клучот на успехот е во нивното спојување. Она што следува понатаму станува легенда...

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13701

6. „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд

Возрасната и повлечена холивудска филмска икона Евелин Хуго, конечно, е подготвена да ја каже вистината за нејзиниот гламурозен и скандалозен живот. Но, кога за тоа ќе ја ангажира анонимната репортерка Моник Грант, никој не е поизненаден од самата Моник. Зошто неа? И зошто сега? Моник не е баш на врвот на светот. Сопругот ја напуштил, професионалниот живот ѝ е во ќор-сокак. И покрај тоа што не знае зошто Евелин ја избрала да ја напише нејзината биографија, Моник е решена да ја искористи можноста и да почне своја кариера. Моник е поканета во луксузниот апартман на Евелин, каде што фасцинирано слуша додека актерката ѝ ја раскажува нејзината приказна. Од пробивот во Лос Анџелес во педесеттите до нејзината одлука да го напушти шоу-бизнисот во осумдесеттите години и, секако, седумте сопрузи попатно, Евелин раскажува приказна за безмилосни амбиции, неочекувано пријателство и голема забранета љубов. Моник почнува да чувствува вистинска поврзаност со легендарната ѕвезда, но како што приказната на Евелин се приближува кон крајот, така станува јасно дека нејзиниот живот се испреплетува со оној на Моник на трагичен и неповратен начин.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14712

7. „Нов живот“ од Орхан Памук

„Еден ден прочитав книга што целосно ми го смени животот.“ Вака почнува „Нов живот“, најбргу продадениот роман во историјата на Турција − роман за патување, авантура и една многу посебна книга што им го менува животот на сите што ќе ја прочитаат.

Студентот Осман чита книга чијашто содржина Памук не ни ја открива; во јадрото на романот стои голема празнина што читателот мора да ја пополни самиот. Но, таа празнина е повеќе од значајна, затоа што го води младиот протагонист низ низа патувања, авантури и заговори – и, секако, до прекрасната Џанан, љубовта на Осман − која стои рамо до рамо со Беатриче на Данте или со некои од мистериозните ангели на Рилке. Единствено што знаеме е дека книгата ветува нов живот. Но, дали ќе се оствари тоа ветување?

Орхан Памук е можеби најпознатиот современ турски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 2006 година. Неговите дела се занимаваат со соочувањата помеѓу Истокот и Западот, со проблемите на уметноста и на идентитетот, а честопати се споредувани со оние на Џојс, Набоков и Маркес.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13670

8. „За кого бијат камбаните“ од Ернест Хемингвеј

„Ако не си видел како почнува револуцијата во едно мало гратче каде што секој се познава со секого и каде што отсекогаш секој се познавал со секого, ништо не си видел.“

Високо во шпанските планини, скриени во боровите шуми, група герилци се подготвуваат да разнесат мост со важно стратешко значење. Младиот американски доброволец Роберт Џордан е бомбашот кој е испратен да ја изврши оваа задача. За само неколку дена – секој од нив, бескрајно долг – тој ќе искуси цел еден живот. Ќе открие дека дури и една мала, изолирана мисија, извршена од неколкумина, на своите плеќи ја носи судбината на целото човештво.

Романот „За кого бијат камбаните“, објавен во 1940 година, веднаш по завршувањето на Шпанската граѓанска војна, е едно од најкарактеристичните дела на Хемингвеј. Втемелен на личните искуства на авторот и неговото длабоко познавање на шпанската култура, „За кого бијат камбаните“ е можеби најпознатиот воен роман на XX век.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14593

9. „Ние“ од Ана Стојаноска

Романот „Ние“ е концентриран на една навидум обична љубовна приказна, помеѓу една писателка и нејзиниот маж, а всушност раскажува неколку попатни приказни, постхумно откриени од страна на нејзиниот сега веќе возрасен син. Романот е составен од три дела – три раскажувачки перспективи – јас, ти и ние. Книгата си игра и со приказната и со читателите, создавајќи една динамична наративна линија, во која еден настан е раскажан и низ призмата на машкиот и низ призмата на женскиот главен лик, која, иако мртва, ја контролира приказната. Внатрешниот свет на љубовната двојка Ана и Марко, авторката го прикажува исклучиво низ призма на емоциите. Нишките на нивната љубов ги плете сетилно, онака како што им се испреплетуваат прстите, телата, животите... Во заднината на сцената на која се случува љубовта, свири трубата на Ибрахим Малоуф. И станува сеедно дали трите наративни перспективи се слични, различни, реални или фиктивни. Секоја од приказните има сопствена мелодија, свој ритам на отчукувања на срцето.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=15006

10. „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска

 „Мастилна мапа“ раскажува за тајна чувана со години, пренесувана преку допирот на мастилото. Приказна што ги поврзува легендите, желбата на човекот за семоќност и вечното прашање: дали постоиме само ние или живееме во паралелни светови? Сè почнува со една обична тетоважа што ќе биде причина за играта наречена живот или смрт. Случајна средба ги поврзува девојката и инспекторот кои влегуваат во трка со времето, следејќи го убиецот кој постојано чекори пред нив. Ќе ја откријат ли приказната чувана со векови, која за обичниот човек е мит, а за оној што верува – порив да не запре додека не ја реши загатката?

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=15018

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.28 MB