Топ листа

Топ 10 најпродавани книги од Литература.мк во мај

01.06.2022.
Топ 10 најпродавани книги од Литература.мк во мај

Победничкиот роман на наградата „Пегаз“ за 2021 година – „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков е најпродаваната книга од областа на фикцијата во „Литература.мк“ во мај. На топ 10 листата доминираат изданија со историска фикција: хит-романот „Седумте мажи на Евелин Хуго“, делата од најпознатиот современ турски писател Орхан Памук – „Се викам црвена“ и „Жената со црвена коса“, интернационалниот бестселер „Невидливиот живот на Ади Лару“, „Париската библиотека“ и други. Многу се барани и крими-романите од серијалот за Арсен Лупен, како и книгите на Агата Кристи. Во продолжение проследете ја целата топ 10 листа со најбарани наслови во книжарниците „Литература.мк“ изминатиот месец.

1. „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков

„Хотел меѓу две војни“ е смел и богат псевдоисториски роман за љубовта на Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Забранета империја во процепот меѓу фактите и фикцијата, меѓу војните и мирот, меѓу срцата и умот во нас, но и надвор од нас. Опсада на Троја соѕидана во душата на Мустафа наспроти јуришот на тагата и болката на Елени испишани во два романа: во долгиот постмодернистички „Хотел меѓу две војни“ на Русјаков и во истоимениот кус, сентиментален роман на Елени, вгнезден во него како резервно женско срце.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14904

2. „До сто и една и назад“ од Марко Виденовиќ

Стиховите во збирката поезија „До сто и една и назад“ од Марко Виденовиќ пулсираат од љубов. Тој ги слави женската убавина и страстите со искрена и доживеана вдахновеност, копнежливост и восхит, онака без воздржување или навестување. Повремено, радоста ја поматуваат трепетот и стравот поради минливоста на животот, краткоста на времето, но секогаш како контрапункт тука е вечната љубов, онаа што трае до „сто и една и назад“.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14844

3. „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд

Возрасната и повлечена холивудска филмска икона Евелин Хуго конечно е подготвена да ја каже вистината за нејзиниот гламурозен и скандалозен живот. Но, кога за тоа ќе ја ангажира анонимната репортерка Моник Грант, никој не е поизненаден од самата Моник. Зошто неа? И зошто сега? Моник не е баш на врвот на светот. Сопругот ја напуштил, професионалниот живот ѝ е во ќор-сокак. И покрај тоа што не знае зошто Евелин ја избрала да ја напише нејзината биографија, Моник е решена да ја искористи можноста и да почне своја кариера. Моник е поканета во луксузниот апартман на Евелин, каде што фасцинирано слуша додека актерката ѝ ја раскажува нејзината приказна. Од пробивот во Лос Анџелес во педесеттите до нејзината одлука да го напушти шоу-бизнисот во осумдесеттите години и, секако, седумте сопрузи попатно, Евелин раскажува приказна за безмилосни амбиции, неочекувано пријателство и голема забранета љубов. Моник почнува да чувствува вистинска поврзаност со легендарната ѕвезда, но како што приказната на Евелин се приближува кон крајот, така станува јасно дека нејзиниот живот се испреплетува со оној на Моник на трагичен и неповратен начин.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14712

4. „Извонредните авантури на Арсен Лупен, џентлмен крадец“ од Морис Леблан

Првата книга од серијалот за легендарниот џентлмен крадец Арсен Лупен од францускиот писател Морис Леблан, објавена на англиски јазик со наслов „The extraordinary adventures of Arsène Lupin, gentleman-burglar“, е меѓу најбараните книги и овој месец. Арсен Лупен е еден од најпознатите книжевни ликови, тој е џентлмен, но и елегантен крадец, криминалец – пандан на генијалниот британски детектив Шерлок Холмс. Врз основа на овој лик, стриминг-сервисот „Нетфликс“ на почетокот на оваа година ја реализираше француската ТВ-серија „Лупен“ со харизматичниот Омар Сај во главната улога. „Извонредните авантури на Арсен Лупен, џентлмен крадец“ е прва збирка раскази на Леблан што раскажува за авантурите на Арсен Лупен и е објавена во 1907 година. Toj е духовит човек полн со доверба – Шерлок Холмс за криминал. Сиромашните и невините немаат од што да се плашат; често тие профитираат од неговата спонтана великодушност. Богатите и моќни како и детективот кој се обидува да му ја расипе забавата, сепак мораат да внимаваат. Тие се мета на пакоста и одмаздата на Арсен.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14561

5. „Се викам црвена“ од Орхан Памук

Истовремено суптилна мистерија, заводлива љубовна приказна и медитација на природата на сликарството, романот „Се викам црвена“ магично нè носи во XVI век, директно во јадрото на религиските и политички интриги на Отоманската Империја. Самиот поделен помеѓу двете традиции, Орхан Памук уште еднаш ја демонстрира својата калеидоскопска визија, во која вешто се сопоставени Истокот и Западот, единката и општеството, религијата и уметноста.

Султанот издал наредба да се создаде книга што ќе ја прослави неговата империја. Собрани се најспособните и најталентираните минијатуристи кои ќе ја украсат книгата на дотогаш невиден начин. Но, проектот мора да остане во тајност, бидејќи илуминациите треба да бидат изработени во европски стил, а исламот е многу строг кон фигуративната уметност. Паниката избива во прв план откако еден од минијатуристите е пронајден мртов: сликарската контроверзија многу лесно може да се претвори во религиски и во политички скандал со незамисливи последици.

Орхан Памук е најпознатиот современ турски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 2006 година. Неговите дела се занимаваат со соочувањата помеѓу Истокот и Западот, со проблемите на уметноста и на идентитетот, а честопати се споредувани со оние на Џојс, Набоков и Маркес.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14908

6. „Невидливиот живот на Ади Лару“ од В. Е. Шваб

„Невидливиот живот на Ади Лару“ е историско-фантастичен роман, горко-слатка љубовна приказна, но и омаж на уметноста и на уметничката инспирација. Со фаустовски заплет и промислувања за моралот и смислата на животот, овој роман ги надминува границите на жанрот фантастика и со надвременската убавина на класиците гарантира задоволство при читањето на секој што ќе посегне по него. Приказната почнува во Франција во 1714 година. Ади Лару сака само едно: да се ослободи од оковите на животот во провинција за да може сама да господари со својата судбина. Во момент на очај таа се спогодува со ѓаволот, кој за возврат ѝ ветува слобода и вечна младост. Но, цената за тоа е висока; секого кого ќе го сретне, набргу ја заборава. И така младата жена почнува патување низ вековите што ја носи на различни места од европската историја, спознавајќи ја притоа тенката граница меѓу осаменоста и малодушноста. Ади Лару се обидува да остави трага во времето и просторот, во историјата на уметноста: таа е позната муза на старите мајстори, безимена убавица во песните на големите поети. Триста години подоцна, Ади во една книжарница во Њујорк запознава момче кое ќе ја запамети…

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14870

7. „Париската библиотека“ од Џенет Скеслин Чарлс

Годината е 1939, а местото е Париз. На младата, убава и амбициозна парижанка Одил Суше сè ѝ оди од рака: ја добива својата работа од соништата во Американската библиотека во Париз и почнува љубовна врска со згодниот и либерален полицаец Пол, кој ја сака и ги поддржува нејзините соништа и амбиции. Но, Германија секавично напредува во војната, а Париз е под опсада и преполн со нацистички војници. Сè што ѝ е мило на Одил, вклучувајќи ја и Американската библиотека, може да исчезне секој момент. Годината е 1983, а местото е малото гратче Фројд во Монтана. На тинејџерката Лили ништо не ѝ оди од рака. Непопуларна е на училиште, не може да го освои момчето кое го посакува, а мајка ѝ одеднаш тешко се разболува. Но, тука е нејзината софистицирана и образована сосетка со странско потекло со која полека се зближува. Таа со нејзиниот ум и со нејзиното однесување отскокнува од здодевното секојдневие на малиот град, а нејзиниот живот и минатото се обвиткани со мистерија и тајни. Лили не знае колку тие тајни засекогаш ќе ѝ го сменат животот.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14544

8. „Жената со црвена коса“ од Орхан Памук

„Жената со црвена коса“ е комплексен роман во кој се испреплетуваат политиката и психологијата, книжевноста и стварноста, Западот и Истокот. Приказна преокупирана со таткоубиството и цар Едип на Софокле; но, исто така, и приказна за синоубиството, за Рустем и Сухраб, раскажана во епот „Шахнаме“ на персискиот поет Фирдуси. Роман што уште еднаш ја потврдува комплексноста и сериозноста на Орхан Памук. При крајот на XX век, во град близу Истанбул, мајсторот Махмут и неговиот чирак Џем копаат бунар на едно навидум пусто и суво место. Мачејќи се да стигнат до скапоцената вода – што ќе го „разбуди“ местото и ќе ја поттурне економијата – тие развиваат длабок однос: Махмут го пронаоѓа синот што никогаш го немал, а Џем таткото што го напуштил. Во меѓувреме, на сцена стапува жената со црвена коса, а во Онгорен се случува страшна и голема несреќа, несреќа што ќе остави длабока траума во животот на момчето. Орхан Памук е можеби најпознатиот современ турски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 2006 година. Неговите дела се занимаваат со соочувањата помеѓу Истокот и Западот, со проблемите на уметноста и на идентитетот, а честопати се споредувани со оние на Џојс, Набоков и Маркес.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14736

9. „Мистериозниот случај во Стајлс“ од Агата Кристи

Дејството на овој роман се одвива во Англија за време на Првата светска војна на имотот Стајлс Корт, каде што живеат повеќе членови од семејството на Емили Инглторп. Таа го има наследено имотот од нејзиниот прв сопруг, покојниот господин Кавендиш. Едно утро Емили ја наоѓаат мртва, со голема веројатност дека била отруена, што само по себе веднаш станува мистерија. Се работи за очигледно убиство, но со оглед на тоа што нејзината соба е заклучена однатре, не се знае кој успеал да го стори злосторството. За Херкул Поаро мотивот за убиството на Емили Инглторп е нејзиното богатство, а осомничени се речиси сите од домаќинството: нејзиниот млад сопруг Алфред Инглторп, посиноците Џон и Лоренс Кавендиш, како и Мери, сопругата на Џон, Синтија, штитеничката на Емили, и Евелин, нејзината верна придружничка. Романот „Мистериозниот случај во Стајлс“, објавен во 1920 година, е првиот роман на Агата Кристи во кој се среќава ликот на Херкул Поаро, каде што тој на брилијантен начин ќе успее да поведе истрага и да го реши ова убиство.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14481

10. „Божествена комедија“ од Данте Алигиери

„Божествена комедија“ е обележје на италијанската литература и се смета за „енциклопедија на средновековието“. Оваа поема претставува прониклива христијанска визија за амбивалентната природа на човековата судбина, од една страна како краткотрајна, а од друга страна како бесконечна. „Божествена комедија“ исто така може да се чита и како алегорија што ги отсликува општествено-политичките проблеми што ги сведочел и во кои учествувал и самиот Данте. Тој во поезијата наоѓа средство за посочување на крвавиот хаос на земјата и помеѓу луѓето, за нивниот стремеж за власт и насилство, а во исто време и средство за осветлување на возвишеното и на Доброто.

Данте Алигиери (1265 – 1321) е италијански поет и една од најважните фигури во светската литература. Негово најпознато дело е поемата „Божествена комедија“, што се смета за врвна реализација на класичната книжевност. Покрај поезија, Данте пишува и важни теоретски дела. Во незавршеното дело „Гозба“ ги изнесува своите морално-филозофско-богословски интересирања во тоа време. Во трактатот „За монархијата“ пишува за своите политички сфаќања за поделба меѓу верската и политичката власт. Неговиот литературен првенец од кој се откажува, „Нов живот“, претставува еден вид автобиографски роман во стихови, посветен на големата љубов Беатриче. Пишува на народен и на латински јазик, но силно го брани правото на народниот јазик во литературата.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13533

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.28 MB