2 април (среда) / 19 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“
Промотор: Илина Јакимовска
Учесници: Катерина Коцевска, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Симона Димковска
„Три Марии“ е трет роман за возрасни на Оливера Ќорвезироска, по „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“. Тој е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. Авторката поетички сака да се надоврзува на своите претходници, па оттаму доаѓаат и игривото варирање на насловот на романот на Јаневски „Две Марии“ од 1956 година, и именувањето на еден од машките ликови само со Славко, и присуството токму на тој роман на полиците во станот… „Три Марии“ содржи три самостојни приказни за три различни жени кои носат исто име – Марија и кои сакаат да ги напуштат моментните животи поради грешна љубов. Своја или туѓа. Она што ги обединува во романескна структура е токму станот што се издава и што сите три сакаат да го изнајмат, барајќи спас во него...

3 април / 20 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“
Автор: Ежен Јонеско
Играат: Јовче Пандев, Калина Велковска, Маја Ѓурчевска
„Лекција“ на познатиот автор Ежен Јонеско е апсурдна драма во еден чин раскажана низ комични и драмски ситуации. Апсурдниот заплет на драмата се случува помеѓу искомлексираниот, но вешт професор, кој го користи своето знаење да доминира врз една ученичка која е желна за знаење. Во драмата се појавува и слугинката која е пандан на она што би требало да сигнализира опасност, но опасност која не може и не треба да биде спречена. „Лекција“ го критикува тоталитаризмот во образованието, политиката, јазикот, психологијата и сексуалноста. Низ пародија, иронија и теми на контрадикторност, повторување и вртење во круг, разбираме дека сè околу нас е бесмислено.

4 април (петок) / 20 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“
Промотор: Бисера Бендевска
„Панонскиот адмирал“ е книга за кариерата на еден голем поет и за падот на една голема држава. Ова е професионална биографија на Ѓорѓе Балашевиќ и збирка од лични и колективни сеќавања. Балашевиќ беше сјаен хроничар и мудар толкувач на нашето време. Во текот на деведесеттите години на 20 век стана симбол на отпорот кон длабоката балканска провинцијализација и на војната... Стави потпис на обемна дискографија без слаб албум, што е реткост и во интернационални размери. „Панонскиот адмирал“ е поклонување пред неговата уметност и неговиот цивилизациски ангажман.

4 април (петок) / 21 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“
Настапуваат: Трајче Стојанов, Александар Јовановски
Младиот рок-бенд Rumble Acoustic го сочинуваат Трајче Стојанов (вокал, гитара) и Александар Јовановски (вокал, гитара), кои се занимаваат со музика 10 години. На своите настапи групата изведува рок-класици од „Битлси“, „Полис“, „Ролинг стоунс“, „Кис“… па сѐ до најголемите  рок-хитови од екс-ју просторот, со кои двајцата музичари пораснале. Меѓу нив се и нумерите од Ѓорѓе Балашевиќ, во чија чест ќе свират на „Видик“. На репертоарот ќе бидат незаборавните: Svirajte mi jesen stiže, dušo moja, Al' se nekad dobro jelo, Samo da rata ne bude...

5 април (сабота) / 21 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“
Настапуваат: Дина Јашари, Андреа Мирческа, Лука Тошев,  Драган Теодосиев
Дина Јашари е млада музичаркa, кантавторка, изведувачка, текстописец и продуцентка. Извонредниот пристап кон пишувањето песни, прекрасните сонливи аранжмани, емотивни текстови, современа, модерна и свежа продукција и, секако, хипнотизирачките настапи во живо со полно право ја ставаат Дина на пиедесталот на новата локална музичка сцена. Нејзина главна цел е да создава и изведува нова, свежа македонска музика. Досега има објавено повеќе синглови, едно EP-издание насловено „Дома“ и музичката соработка „Убав ден“ со Дуке Бојаџиев. Во 2022 година, во Белград ја доби наградата „Милан Младеновиќ“ за песната „Дома“. Во 2020 го формира бендот „Другари“, со кој заедно настапува последниве неколку години.  

6 април (недела) / 14 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“
Учествуваат: Тина Иванова, Дијана Имери-Илкоска, Дино Имери, Bудимка Имери
„Магичната флејта на Вулфи“ е нова, сосема оригинална приказна која го опишува авантуристичкиот карактер на малечкиот Вулфи. Поточно, таа е инспирирана од животот и творештвото на најславниот композитор на сите времиња – Волфганг Амадеус Моцарт. Неговата љубопитност, еден ден ќе го одведе до визбата на неговиот татко, каде што ќе се сретне со магичната флејта. Таа, со нејзините звуци и пискав „глас“, ќе му помогне на Лудви да му се оствари најголемата желба, а тоа е, да стане славен музичар. Ова е едукативна, но во исто време мошне забавна приказна во која се појавуваат и смешни ликови како:  соседот чичко Франц и тетката на Вулфи, Марија, со кои тој постојано се задева. Претставата е збогатена со жива изведба на музика на пијано и на флејта, односно ќе се изведат неколку дела на големиот Моцарт.

8 април (вторник) / 19 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“
Модератор: Бисера Бендевска
На изложбата со наслов „Соѕвездие на детските сни“ ќе може да се погледне избор на илустрации од Ване Костуранов застапени во најубавите (авторски) сликовници – од  „Sвездено дете“ до „Рекичето што сакаше да порасне“. Познатиот македонски илустратор и уметник, Ване Костуранов, е автор на повеќе сликовници во издание на „Арс Ламина“: „Sвездено дете“ (2018), „Девојче и мече“ (2019), „Девојчето и градот“ (2020) и „Рекичето што сакаше да порасне“ (со текст на Ана Торма, 2022). Коавтор е и на сликовницата „Мирко Немирко“ (Staško Nestaško), по текст на Ана Ѓокиќ. Автор е и на илустрациите во сликовницата „Јaс“ (Ja), по текст на Даниела Павлек, објавена од Здружението „Креативна мрежа“ во Хрватска. Како илустратор е потпишан и на голем број корици на книги.

9 април (среда) / 19 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“
Промотор: Оливера Ќорвезироска
Четвртиот роман на Моџо Килингтон – „СФ – СН“ најдобро се опишува самиот себеси со духовитиот, но и мошне прецизен поднаслов: партизански роман. Тој е и логично и природно надополнување на насловот, всушност на кратенката на познатото југословенско партизанско мото „Смрт на фашизмот – слобода на народот“ кое се користело и како поздрав меѓу членовите на движењето на отпорот. „СФ – СН“ е необичен роман, навраќање на едно подалечно време. Авторот го реактуализира херојското време од еден личен, љубовен ракурс, со мошне жив и впечатлив еротски пристап. На крајот има и цела песнарка на необјавени песни на еден лик – загинат, непознат поет-партизан... што е досетлива мистификација којашто романот го приближува и кон постмодернизмот. Книгата е во издание на „Арс Ламина“.

10 април (четврток) / 21 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“
Настапуваат: Симеон Ангеловски, Иван Иванов, Давид Горгиев, Андреј Петровски
„Симеон Ангеловски квартет“ е музички проект основан во 2023 година. Репертоарот на квартетот се состои од  оригинални композиции чиј автор е Симеон Ангеловски. Покрај тоа, бендот изведува и дела од познати светски артисти и композитори, како и адаптации на традиционални теми, специјално приспособени за звучниот идентитет на квартетот. Материјалот под наслов „Промени“ (Changes), претставува музички израз на целото досегашно искуство на басистот и композитор Симеон , т.е. фузија на џез, балкан, афро, соул и ориентални звуци преточени во нова музика. Бендот е составен од џез-музичари чија заедничка идеја и пасија е љубовта кон музиката до сите нејзини убавини и мистерии низ кои, преку овој квартет, заедно патуваат, се забавуваат и создаваат.

11 април (петок) / 20 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“
Настапува: Игор Ангелов
Режија: Дејан Пројковски
Монодрамата „Сите најубави нешта“ од еден од најактуелните современи британски автори, Данкан Мекмилан,  претставува ведро и духовито патување низ животните лузни на еден човек, кој правејќи го списокот на сите најубави нешта за кои вреди да се живее, театарскиот простор го претвора во утроба од која се раѓа колективната надеж, простор каде што шлаканиците на животот, колективно се трансформираат во нежно милување и тивок шепот дека не сме сами во она што ни се случува, дека се имаме едни со други.

Запознавајќи ја публиката со неговото милениче, неговата најголема љубов, неговата фамилија, психичките проблеми на својата мајка и траумите кои доаѓаат со тоа, протагонистот го руши четвртиот ѕид на еден досетлив, скокотлив начин и почнува да ги меша реалноста и фикцијата, потенцирајќи дека сѐ убаво и сѐ лошо што ни се случува е природно, ни припаѓа еднакво на сите, суптилно прелевајќи го животот во театар и обратно.

12 април (сабота) / 21 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“
Зарина Првасевда е македонски артист и вокален изведувач, кој исполнува македонска и светска традиционална музика. Минатата година беше  победничка на  UpBeat – Best New Talent Award 2023, на интернационалната UPBeat платформа. Во 2022 година го издаде својот прв албум „ЕХО“, отпеан на четири јазици, за најголемата издавачка куќа на Балканот – Croatia Records, а тој го освои деветтото место на Балканската светска музичка листа како еден од најслушаните светски музички изведувачи во третиот квартал на 2022 година. Бележи незаборавни концерти во Унгарија, Франција, Норвешка, Белгија, Хрватска, Бугарија, како и концерти низ Македонија (Скопје, Велес, Кочани, Битола, Прилеп, Штип, Кичево, Дојран и др.)

13 април (недела) / 14 часот, „Литература.мк“, „Дајмонд мол“
Учествуваат: Тина Иванова, Дијана Имери-Илкоска
Малечките браќа Себастијан и Кристоф секоја вечер играат игри лежејќи на тревата во дворот од нивната куќа. Најинтересна им е броењето на ѕвездите, на кои им даваат и интересни имиња. Но, еден ден, ќе ја здогледаат на небото најсјајната ѕвезда наречена Голд Стар. Таа ќе им даде задача заедно да ја пронајдат Музичката кутија. Продолжува нивната авантура во потрагата по сјајната музичка кутија, а кога ќе ја пронајдат, ќе ја ослободат и заробената музика, односно заробените ноти. Тоа е всушност, музиката на Универзумот. Ова е едукативна и забавна музичко-сценска пиеса, која е инспирирана од големиот композитор Јохан Себастијан Бах. Приказната е оригинално создадена за оваа пригода.

15 април (вторник) / 19 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“
Модератор: Јане Теохаревски
Наградуваниот документарен филм во режија на Киро Урдин и Иван Митевски, посветен на „Планетариум“ - првото уметничко дело во историјата создадено ширум светот.  Со површина од 48 квадратни метри, тоа е меѓу најголемите во современа Европа. Тоа е првата слика во човечката историја која била работена низ цел свет од 1996 до 1997 година. Планетариумот како мултимедијален проект е меѓу првите како уметничко дело во ликовниот правец мондидализам. Филмот посветен на „Планетариумот“ ја добил наградата за најдобар документарен филм на Меѓународниот фестивал на независни филмови и документарни филмови во Њујорк во 2005 година. Посетителите ќе можат да погледнат изложба со фотографии од „Планетариум“, како и афоризми од Киро Урдин.

16 април (среда) / 20 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“
Учесници: Оливера Ќорвезироска,  Анастасија Ѓурчинова, Биљана Стојановска
„Часови без часовник“ не е обична книга, тоа е изблик од бои, облици, зборови и значења. Ова ретко библиофилско издание, во кое текстот е пронижан со интензивно обоени дигитални графики, станува повод за уникатно читателско уживање, со сите сетила.  Во книжевна смисла тоа е поетско дело, составено од четиринаесет сонети од по четиринаесет стиха, вплетени во сонетен венец, стокмени според познатиот прешерновско-петраркистички модел. Книгата е во издание на „Арс Ламина“.

Во рамките на промоцијата, ќе може да се погледне и изложба на слики од Владимир Мартиновски, кои се најдоа во сонетниот венец.

16 април (среда) / 21 часот / „Литература.мк“, „Дајмонд мол“
Учесници: Јани Костурски, Филип Димишковски, Зоран Павловски, Павел Ренџов и Трајче Велков (специјален гостин)
Квартетот на Јани Костурски ќе се претстави со проектот насловен „Џез, буки, веди“ во кој низ звуците на џез-стандардите ќе се проткајат текстови на македонски јазик. Ова ќе бидат нови лирички видувања на овие џез-теми, првпат изведени со македонски текстови.

 

* Присуството на музичките и на театарските настани е со влезници и со резервации на 070 391 100. Влезниците се достапни на www.literatura.mk, а наскоро и во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.  

Со секоја влезница следува подарок.

** Средствата од продадените билети за музичките и театарските настани ќе бидат наменети за настраданите во несреќата во Кочани.