Во најава...

Ветената земја од Барак Обама наскоро на македонски јазик во издание на Арс Ламина

04.08.2021.
Ветената земја од Барак Обама наскоро на македонски јазик во издание на Арс Ламина

Новата автобиографска книга на поранешниот претседател на САД Барак Обама, „Ветената земја“, наскоро ќе биде објавена на македонски јазик, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Обама, кој денеска (четврти август) го слави својот 60-ти роденден, во возбудливиот и со нетрпение очекуван прв дел од неговите претседателски мемоари ја раскажува приказната за неговата неверојатна одисеја од млад човек во потрага по својот идентитет до лидер на слободниот свет. Во книгата открива интимни детали од неговото политичко образование и најзначајните моменти од неговиот историски прв претседателски мандат – период на драматична трансформација и превирања.

„Ветената земја“, која излезе од печат во САД во ноември минатата година, е фасцинантен, длабоко личен приказ на поновата историја од претседателот кој нè инспирираше да веруваме во моќта на демократијата.

Во него, Обама ги поведува читателите на интересно патување од неговите рани политички аспирации од клучната победа во Ајова, што ја демострираше моќта на изворниот активизам, до врнежливата ноќ на четврти ноември 2008 година, кога беше избран за 44. претседател на Соединетите Американски Држави, станувајќи првиот Афроамериканец на највисоката национална позиција.

Во контекст на неговото претседателствување, Обама нуди уникатна и изострена анализа на извонредниот опсег, но и границите на претседателската моќ, како и согледувања во врска со политиката на длабоката партиска поделеност во САД и меѓународната дипломатија. Обама ги носи читателите внатре во Овалната канцеларија и во Ситуациската соба во Белата куќа, во Москва, Каиро, Пекинг... Ги споделува со нив своите мисли додека го формира својот кабинет, кога се бори со светската финансиска криза, кога го проценува Владимир Путин, додека ги надминува навидум несовладливите пречки до сигурно донесување на Законот за достапна грижа, кога се судира со генералите во врска со стратегијата во Авганистан, кога се справува со реформата на Волстрит и ја одобрува операцијата „Копјето на Нептун“, што води до убиство на Осама бин Ладен.

„Ветената земја“ е извонредно интимна и интроспекциска приказна за обложувањето на еден човек со историјата, верата на еден организатор на заедницата тестирана на светската сцена. Обама е искрен во врска со чинот на балансирање во трката да се биде првиот претседател-Афроамериканец носен на бранот очекувања предизвикани од пораката за „надеж и промена“, соочувајќи се со моралните предизвици при донесувањето одлуки со високи влогови. Тој искрено пишува за силите што отворено му се спротивставуваат, и дома и во странство, за животот во Белата куќа, начинот на кој тоа ги афектирало неговите сопруга и ќерки и без страв ги открива моментите на сомневање во себе и разочарувањата. Сепак, не отстапува од верувањето дека прогресот на големиот постојан американски експеримент секогаш е можен.

Оваа прекрасно напишана и моќна книга ги пренесува уверувањата на Барак Обама дека демократијата не е подарок одозгора, туку нешто базирано на емпатија и меѓусебното разбирање што треба да го градиме заедно, ден по ден.

Книгата на Обама открива повеќе од она што досега се знаеше за околностите во драматичниот период во Белата куќа, кога група милијардери се здружиле со цел да го уништат. Со голема почит пишува за Хилари Клинтон. За сегашниот американски претседател Џо Бајден вели дека е пристоен, чесен и посветен човек. За некои светски лидери вели дека биле искрени, други ги споредува со типовите од шпионските трилери. Oдвојува простор и за Доналд Трамп и за ксенофобичноста и паранојата на републиканците. „Трамп ветуваше еликсир за нивната расна анксиозност“, вели тој за влијанието на Доналд врз одредени групи Американци.

Дел од книгата е посветен на неговата љубов Мишел, која направила најголема жртва за време на неговиот политички ангажман. Три необични жени, неговата баба, мајка му и Мишел со многу нешта го одредиле неговиот живот.

Книгата е бестселер број еден и меѓу десетте најдобри книги за 2020 година според „Њујорк тајмс“. Именувана е за една од најдобрите книги на годината според „Вашингтон пост“, „Гардијан“, Ен-пи-ар и „Мери Клер“. Инаку, во САД и Канада, во првиот ден од објавувањето, биле продадени речиси 890.000 примероци од „Ветената земја“, а за еден месец беа продадени во 3,3 милиони книги. Се очекува дека оваа, трета по ред, биографска книга на Обама, ќе стане најпродаваниот мемоар на еден претседател. Автобиографската книга на неговата сопруга Мишел Обама, пак, се продаде во 725.000 примероци на првиот ден во 2018 година, што во меѓувреме порасна на десет милиони копии низ цел свет. „Becoming: Мојата приказна“ исто така е објавена на македонски јазик во издание на „Арс Ламина“ и важи за една од најчитаните книги изминатите две и пол години.

„Ветената земја“ е првата од двете книги за кои Барак потпиша договор вреден 65 милиони долари. Судејќи според тиражите, издавачот може да се надева на полн погодок, уривајќи рекорди во продаваност. Тајната на успехот е во раскажувачкиот талент на Обама, неговите скромност и објективност и во умешноста да инспирира во вакви драматични мигови во кои живееме уверувајќи нè да веруваме во моќта на демократијата.

Барак Обама е роден на четврти август 1961 година во Хонолулу, Хаваи. Тој е 44-тиот претседател на Соединетите Американски Држави – прв со афроамериканско потекло и првиот Афроамериканец воопшто номиниран од големата политичка елита за улогата на претседател. На чело со САД беше два мандата, од 2009 до 2017 година. Претходно беше сенатор на Илиноис. Во 2009 година ја доби Нобеловата награда за мир, „за неговите вонредни напори за јакнење на меѓународната дипломатија и соработка меѓу народите“.

Остави коментар

Во моментов нема коментари
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.8 MB