Во најава...

НАСКОРО: Шест нови мотивациски книги во издание на Арс Ламина

06.11.2021.
НАСКОРО: Шест нови мотивациски книги во издание на Арс Ламина
НАСКОРО: Шест нови мотивациски книги во издание на Арс Ламина

 

Како најбогатиот човек во светот Џеф Безос ги развива своите идеи? Како да го извлечете максимумот од вашите пари и од вашиот живот? Каква е моќта и потенцијалот на жените? Кои се скриените моќи на вашиот внатрешен глас во борбата со анксиозноста? Како да го подобрите психичкото и менталното здравје и како да ги продлабочите врските со другите? Што пропуштате да слушнетедодека друг зборува и кога последен пат некој навистина ве слушал вас? Кога да се опуштите, кога да закажете лекарски преглед, а кога итно да заминете во најблиската болница?...

Ова се само дел до прашањата на кои одговараат шесте нови мотивациски книги, кои наскоро ќе бидат објавени на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Станува збор интернационалните бестселери: „Не плаши се да заталкаш“ – збирка размисли од Џеф Безос, „Завршете со позитивна нула: Извлечете го максимумот од вашите пари и животот“ од Бил Перкинс, „Океј сум! Помагајте!“ од Анабел Ривкин и Емили Мекмикан, „Гласот во нашата глава, зошто е важен и како да го користиме“ од Итан Крос, „Не слушате кога ви зборуваат: Што пропуштате да слушнете и зошто е важно тоа“ од Кејт Марфи и „Умирам ли?“ од Кристофер Кели и Марк Ајзенберг.

Во книгите, кои се дел од едицијата „Здравје и живот“ на „Арс Ламина“, се обработуваат теми – актуелни на светско ниво, кои го засегаат современиот човек и носат издржани анализи и совети, како и автентични сведоштва. Во овие инспиративни изданија авторите даваат совети за подобар и поквалитетен живот. Ваквиот тип литература особено е популарен последниве години во светот и кај нас. Во продолжение ви претставуваме кратките содржини на новите мотивациски книги, кои наскоро ќе се најдат на полиците на книжарниците „Литература.мк“.

„Не плаши се да заталкаш“ од Џеф Безос

Со оваа фасцинантна збирка размисли од Џеф Безос – оригиналните годишни обраќања до акционерите, заедно со многубројни говори и интервјуа што го откриваат неговиот живот, работа и развојот на неговите идеи – ќе ја разберете заднината на неговиот феноменален успех во деловниот свет. Опфаќајќи многу теми од областа на бизнисот и политиката, од иновациите и опседнатоста со корисниците, па сè до климатските промени и освојувањето на вселената, оваа книга нуди редок увид во начинот на размислување на Безос, но и поглед во блиската иднина во чиешто обликување тој непосредно учествува. Книгата е напишана во директен, јасен стил и содржи неизоставни лекции за бизнис-вредностите, стратегијата и извршувањето на деловните замисли. Покрај тоа, авторот на читателот му нуди и необично јасни и разбирливи излагања на многу поими од областа на бизнисот, финансиите, јавните политики, објаснети на оригинален и лесно сфатлив начин од страна на еден од најбогатите луѓе во историјата на човештвото.

Оваа книга е неизоставно четиво за секој што сака да разбере како визионерството на само еден човек има моќ да ги унапреди животите на милиони други, и тоа на конкретен, опиплив начин. Раководители, претприемачи кои штотуку почнуваат, но и милионите потрошувачи на производите и услугите што ги нудат претпријатијата на Џеф Безос – со оваа книга сите имаат можност да ги разберат принципите на успехот на еден од најважните иноватори на денешнината.

„Завршете со позитивна нула: Извлечете го максимумот од вашите пари и животот“ од Бил Перкинс

Замислете си како би било, пред да го напуштите светов, само да правите сè што ви кажал некој друг. Сте работеле напорно, сте штеделе и со нетрпение сте ја очекувале финансиската слобода што доаѓа со пензионирањето. Единственото нешто што сте го потрошиле по пат бил... вашиот живот. Завршете со позитивна нула претставува една изненадувачки нова и провокативна филозофија, како и практичен водич за тоа како да го извлечете максимумот од вашите пари – и од вашиот живот. Наменета е за оние што сакаат да доживеат незаборавни искуства многу пред, едноставно, само да заработуваат и да акумулираат пари за таканаречените Златни години. Бил Перкинс сака да ве спаси од прекумерно штедење и од тоа само преживувањето да му го преземе местото на живеењето. Без оглед на вашата возраст, „Завршете со позитивна нула“ ќе ви покаже, чекор по чекор, како да си го оптимизирате животот така за да уживате во она за што работите и штедите.

„Океј сум! Помагајте!“ од Анабел Ривкин и Емили Мекмикан

Оваа книга дава свеж поглед на моќта и потенцијалот на жените: духовити, дигитално писмени и исклучително неспокојни.

Идејата потекнува од колумната насловена како „Будалеста зрелост“ од која подоцна Ривкин и Мекмикан ја развија истоимената интернет-страница за да го променат имиџот на средната доба, како контраудар на угнетувањето базирано на вежби, рецепти и сосредоточеност на шпоретот. Значи, ова е книга полна со совети како да се води „несовршен живот“.

Опсегот на теми со кои се занимаваат тие е голем – од кариерата до мајчинството, од сите сеќавања и искуства што си ги собрала до грешките што си ги правела, оние поради кои жалиш и оние на кои си благодарна, од држењето диети и диктатот како треба да изгледаш до конечното ослободување.

Ова не е прирачник за тоа како да живееш и што да правиш, главната порака е: не сме совршени, но тоа е океј. Животот и не е толку лош кога знаеш дека и другите се во истиот сос.

„Гласот во нашата глава, зошто е важен и како да го користиме“ од Итан Крос

Итан Крос е наградуван психолог кој во оваа книга ни ги открива скриените моќи на нашиот внатрешен глас и ни покажува како да го искористиме во борбата со анксиозноста, како да си го подобриме психичкото и менталното здравје и како да ги продлабочиме нашите врски со другите.

Кажете му на странец дека разговарате со себеси, мошне веројатно е дека ќе ве смета за ексцентрик. Кога разговараме со себеси, често се надеваме дека ќе го поттикнеме нашиот внатрешен тренер, но, наместо тоа, го поттикнуваме нашиот внатрешен критичар. Кога се соочуваме со тешка задача, нашиот внатрешен тренер нè охрабрува: Ајде, го можам тоа! Но, исто толку често, нашиот внатрешен критичар нè обесхрабрува: Нема да успеам. Сите ќе ми се смеат. Која е поентата?

Крос ги истражува тивките разговори што ги водиме со себе. Испреплетувајќи ги револуционерните проучувања на мозокот што ги спроведувал во неговата лабораторија со конкретни студии на случај, тој објаснува како внатрешните разговори ги обликуваат нашите животи, работа и врски. Тој предупредува дека препуштањето на негативни и дезориентирачки разговори со себе – што тој ги нарекува „брборење“ – може да ни го нарушат здравјето, да ни го „спуштат“ расположението, да ни ги ограничат социјалните конекции и да почнеме да попуштиме под притисок.

Но, добрата вест е дека ние веќе сме опремени со алатки што ни се потребни да направиме нашиот внатрешен глас да работи во наша полза. Овие алатки често не се очигледни. Скриени се во технологиите што ги ползуваме, во дневниците скриени во нашите фиоки, разговорите што ги водиме со блиските, опкружувањето во нашите училишта и на работните места.

Брилијантно аргументирана, стручно поткрепена и полна со приказни со кои секој може да се идентификува, оваа книга ни дава моќ да го смениме најважниот разговор што го водиме секој ден: оној со себеси.

„Не слушате кога ви зборуваат: Што пропуштате да слушнете и зошто е важно тоа“ од Кејт Марфи

Кога последен пат навистина сте слушале некого додека зборува? Кога последен пат некој вас навистина ве слушал? На работа нè учат како да водиме конверзација. На социјалните мрежи формираме сопствени наративи. На забавите дискутираме едни со други. И нашите политичари, исто така. Не ги слушаме другите кога зборуваат. И никој не нè слуша нас. Да, живееме во свет во кој технологијата ни овозможува непрекината дигитална комуникација и можности за поврзување, но се чини како всушност никој да не слуша никого, дури не ни знае како се прави тоа.

Во оваа мудра и духовите книга Кејт Марфи, соработничка на „Њујорк тајмс“, темелно истражува и ни објаснува зошто веќе не умееме да се слушаме едни со други, како тоа ни влијае и како може да ја повратиме таа умешност. Сознанијата од областа на психологијата, невронауката и социологијата на слушање авторката ни ги претставува вешто и јасно покажува дека навистина го сослушала и чула она што Сузан Кејн го говореше во книгата „Тивките луѓе за интровертните“. Време е да престанеме да зборуваме и да почнеме да слушаме.

„Исклучително актуелно дело. Слушањето на она што некој има да ви го каже претставува момент на усогласеност и разбирање кој е обостран. Тоа им е потребно на сите.“ - „Тајмс“

„Поучна и инспиративна книга што ќе им помогне на читателите да размислат за тоа како да поставуваат прашања и да даваат одговори ако сакаат да остварат блискост.“ - „Фајненшал тајмс“

„Благодарение на конкретните совети и големиот број насоки што се нудат во книгата, читателот ќе научи како да има подобар пристап во разговорот и слушањето на соговорникот, пристап што е исклучително корисен, во салата за состаноци и во сопствената куќа.“ - „Буклист“

„Интелигентно и духовито дело што разјаснува зошто вештината на слушање е суштински важна, особено во денешно време.“ - „Обзервер“

„Умирам ли?“ од Кристофер Кели и Марк Ајзенберг

Кога да се опуштите, кога да закажете лекарски преглед, а кога итно да заминете во најблиската болница?

Ова е единственото прашање што луѓето навистина ги интересира. Она што ги мачи ноќе и што ги тера да закажат лекарски преглед по првпат во многу години. Она што ги тера да не го занемаруваат новиот чуден симптом што најверојатно не е ништо, но Боже Господе што ако е нешто и што ако е ран знак на нешто сериозно? Ќе умрам ли?

Одговорот е, секако... да. Уште од моментот кога сте се родиле! Вистинското прашање е: Дали ќе умрете порано отколку што сте очекувале?

Па, така, ако имате некој нов симптом, дали треба да паничите или да се смирите? Дали се однесувате како хипохондрик или сте сосема ладнокрвни? Во оваа книга, ќе ги разгледаме најчестите симптоми и ќе дадеме насоки за следните чекори – без оглед дали тоа ќе биде да си се напиете коктел, да закажете преглед или веднаш да одите во ургентниот центар.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.78 MB