Во најава...

Соња Трајковска: Се надевам дека Македонско-унгарскиот разговорник ќе поттикне желба за учење на овој јазик

20.01.2021.
Соња Трајковска: Се надевам дека Македонско-унгарскиот разговорник ќе поттикне желба за учење на овој јазик

Онлајн-промоцијата на „Македонско-унгарскиот разговорник“ чиј автор е Соња Трајковска ќе се одржи на 26 јануари (вторник) во 20 часот на фејсбук-страницата „Литература.мк“. Ова дело е издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и наскоро ќе биде достапно во книжарниците „Литература.мк“ како и да се нарача онлајн на www.literatura.mk Пред промоцијата поразговаравме со авторката Трајковска за мотивот да се подготви овој разговорник како и за идните планови.

* Може ли да ни дадете информации врзани околу вашата професионална заднина?

Дипломиран полонист со турски јазик и книжевност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за жал, поради тоа што има дефицит на катедри за многу јазици на факултетот, на пример унгарскиот јазик, бев приморана да изберам полски јазик, со тоа што ми беше поедноставен да го учам, бидејќи го знам и словачкиот јазик, живеев во Словачка 12 години. Родена сум во Унгарија, мајка Унгарка, татко Македонец, оттаму го наследив богатството да ги научам од мала и двата јазика македонски и унгарски. Според мене, работата во нашата земја на преведувачите е многу комплицирана и нерегулирана, затоа тргнав по сосема друг пат во однос на избор на професија. Работното искуство ми се состои од неколку месеци предавање на полски јазик на деца и средношколци за друштво „Висла“, четири години како лиценциран брокер во друштво за осигурување, една година администрација и техничка поддршка во странска компанија на словачки јазик. Инаку ја обожувам музиката, свирам клавир кога и да имам слободно време, тоа ме релаксира.

* Кој беше вашиот мотив за подготовка на „Унгарско-македонскиот разговорник“?

Кога почнав да се интересирам многу подлабоко да го изучувам унгарскиот јазик, посетив неколку од нашите книжарници, но, за жал, не можев да најдам ниту една книга или речник, конкретно унгарско-македонски, кој би ми помогнал во тоа. Тогаш помислив дека можеби е време, бидејќи веќе ја имам таа среќа да го знам унгарскиот јазик, да бидам прва која ќе ја дополни таа дефицитарна литература, за секој понатаму кој ќе пројави интерес да може да почне да го изучува јазикот барем од основните зборови, изрази и граматика. Исто така, и носталгијата што ја чувствувам кон мојата родна земја ме поттикна да ја надополнам токму на овој начин, за да имам контакт со јазикот секојдневно. Но, за мене, овој „Унгарско-македонски разговорник“ е само почеток во однос на замислата што сакам да ја остварам во иднина. Се надевам дека овој мал разговорник од 140 страници ќе разбуди желба кај многумина за подлабоко изучување и разбирање на унгарскиот јазик. Да не заборавам, многу ми значеше и поддршката од најблиските, кои исто така се мотив за остварување на мојот проект, бидејќи големите успеси се нижат во кругот на љубовта и поддршката.

Соња Трајковска

* Кој беше вашиот концепт при подготовка на разговорникот?

Концептот беше инспириран од случки во секојдневниот живот и говорење. Избрани се многу интересни теми и разговори што најчесто ги употребуваме во секојдневниот живот и во комуникација со луѓето, чести фрази, реченици, изреки, зборови и поими. Концептот е наменет за сите студенти, деловни луѓе или љубопитни туристи кои ја посетуваат Унгарија, да може да се разберат кога ќе седнат во ресторан да јадат вкусен гулаш, кога ќе патуваат со воз, автобус или брод, кога имаат потреба од доктор, заболекар, кога пазарат во маркет итн. Исто така, за полесна примена од страна на читателите се користи и изговор за сите непознати гласови од унгарскиот јазик, што ја олеснува неговата употреба.

* Колку беше комплицирана подготовката на ова издание?

Не би рекла дека комплицираност е вистинскиот збор. За мене, која сум роден говорител на унгарскиот јазик, претставува исполнување на мојата идеја и замисла, како што напоменав за надополнување на дефицитарната литература. Кога и да имам слободно време или ми се јави каква било можност за пишување на книга која е врзана за Унгарија и унгарскиот јазик, со задоволство ќе ја исполнам.

* Кој сè беше вклучен во подготовката на ова издание?

Мора да наспоменам дека за исполнување на сонот не е доволно само да се сонува, туку треба упорно да се работи и кога ќе дојде вистинскиот момент тогаш ќе се оствари. Тоа остварување за кое ви зборувам ми го овозможи Бранка Бугариска, главната уредничка, на која од сѐ срце ѝ се заблагодарувам. Понатаму, сите останати ситници, техничкиот дел, дизајнот и корицата ги остваривме во одличната соработка со Филип Видиновски и неговиот тим од „Арс Ламина“. Многу е важно да наспоменам дека од голема важност има и вредната работа на Шаролта Папаи, лекторката на унгарскиот јазик. За жал, кај нас сѐ уште не сум сретнала лектор по унгарски јазик, а таа тоа го овозможи со макотрпна соработка од Унгарија. Се извинувам доколку заборавив некој и секако, од сѐ срце благодарност до сите и целиот тим кој работеше на ова издание и овозможи да издадеме еден ваков унгарско-македонски разговорник првпат во нашата земја. Се надевам дека во иднина заедно ќе оствариме уште многу проекти.

Остави коментар

Во моментов нема коментари
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.8 MB