Ново migrirano

Го одбележуваме роденденот на Агата Кристи со нејзините најпознати детективски романи

15.09.2022.
Го одбележуваме роденденот на Агата Кристи со нејзините најпознати детективски романи
Го одбележуваме роденденот на Агата Кристи со нејзините најпознати детективски романи

На денешен ден (15 септември) во 1890 година е родена славната британска писателка на детективски романи – Агата Кристи. Во нејзината 56-годишна кариера Кристи има создадено и над осумдесет детективски романи и збирки раскази, како и деветнаесет сценски дела под презимето на нејзиниот прв маж, полковникот Арчибалд Кристи. А под псевдонимот Мери Вестмакот има објавено шест љубовни новели.
Агата се образувала во домашни услови, а нејзината мајка ја охрабрувала да почне да пишува уште од рана возраст. На 16 години таа била испратена во едно училиште во Париз, каде што учела пеење и свирење пијано. Кристи била одлична пијанистка, но нејзиниот страв од сцената и публиката и срамот ја спречиле да продолжи со музичката кариера. Кога нејзината мајка ја однела во Каиро една зима, таа таму напишала роман. Охрабрена од Еден Филипотс, сосед и пријател во Торки, таа почнала со пишувањето и издала неколку стории. Авторка е на едни од најпознатите ликови во светската книжевност, белгискиот детектив Херкул Поаро и мис Џејн Марпл. Нејзините романи фасцинираат со својата проникливост и мистерија. Всушност, и нејзиниот живот бил мистерија. Сѐ уште е неразјаснето нејзиното неколкудневно исчезнување, по разделбата со својот прв сопруг, кога ѝ се губи секаква трага… Но, потоа се враќа и продолжува со животот. Притоа, никогаш не објаснила што ѝ се случило. Затоа, според многумина – книжевна мистерија од Агата Кристи што најмногу ќе ве обземе е всушност нејзината сопствена автобиографија.
Повеќе од четири децении по нејзината смрт (12 јануари 1976 година) многу читатели и книжевни критичари на делата на Агата Кристи ова дело го издвојуваат како најинтересното, а сепак најмалку познато. Нејзината веродостојна автобиографија, во најголем дел пишувана во шеесеттите години, скромно го игнорира фактот дека Агата веќе станала најпродаван автор на романи во историјата и се фокусира на нејзиниот фасцинантен приватен живот.


Огромната популарност на делата на Агата Кристи е забележана и во Гинисовата книга на рекорди како најпродаван и најпреведуван автор на сите времиња. Денес, повеќе од еден век од почетокот на нејзиното творештво, сè уште постои огромен интерес за нејзините дела и се создаваат нови генерации нејзини посветени читатели.
Издавачката куќа „Арс Ламина“, по повод стогодишнината од почетокот на творештво на Кристи, пред две години објави колекционерска едиција со 12 наслови, поделени во два сета. Во првиот сет се: „Мистериозниот случај во Стајлс“, „Убиството на Роџер Акројд“, „Лорд Еџвер е мртов“, „Убиство во Ориент експрес“, „Смрт на Нил“ и „Зло под сонцето“, а во вториот: „По погребот“, „Завеса: последниот случај на Поаро“, „Мртво тело во библиотеката“, „Во 16.50 часот од станицата Падингтон“, „И не остана ниту еден“ и „Златната топка и други раскази“.
Романите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на https://www.literatura.mk.

Во продолжение потсетуваме на нивната куса содржина:

1. „Мистериозниот случај во Стајлс“

Дејството на овој роман се одвива во Англија за време на Првата светска војна на имотот Стајлс корт, каде што живеат повеќе членови од семејството на Емили Инглторп. Таа го има наследено имотот од нејзиниот прв сопруг, покојниот господин Кавендиш. Едно утро Емили ја наоѓаат мртва, со голема веројатност дека била отруена, што само по себе веднаш станува мистерија. Се работи за очигледно убиство, но со оглед на тоа што нејзината соба е заклучена однатре, не се знае кој успеал да го стори злосторството. За Херкул Поаро мотивот за убиството на Емили Инглторп е нејзиното богатство, а осомничени се речиси сите од домаќинството: нејзиниот млад сопруг Алфред Инглторп, посиноците Џон и Лоренс Кавендиш, како и Мери, сопругата на Џон, Синтија, штитеничката на Емили, и Евелин, нејзината верна придружничка.

„Мистериозниот случај во Стајлс“, објавен во 1920 година, е првиот роман на Агата Кристи во кој се среќава ликот на Херкул Поаро, каде што тој на брилијантен начин ќе успее да поведе истрага и да го реши ова убиство.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ или можете да ја нарачате онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14481

2. „Убиството на Роџер Акројд“

Кога вдовицата госпоѓа Ферарс си го одзема животот, а богатиот индустријалец Роџер Акројд следниот ден го наоѓаат убиен во неговата работна соба, во малото англиско село Кингс Абот се јавуваат уште повеќе озборувања од вообичаеното. Се слуша дека госпоѓата Ферарс си го отрула сопругот годината претходно, па дека била во љубовна врска со Акројд, а се зборува и дека била уценувана затоа што некој дознал за делото што го сторила. Но, која е причината зад убиството на Акројд? Овој случај е целосна мистерија за локалната полиција, но за среќа тука е прочуениот детектив Херкул Поаро, кој, од неодамна пензиониран, станал постојан жител на Кингс Абот со желба да одгледува тиквички во неговата градина. Тој се согласува да го преземе случајот, при што негов постојан придружник е докторот Шепард, воедно и наратор на приказната. Во текот на истрагата Поаро открива низа тајни, главно врзани за љубов и пари, а случајот ќе биде решен со еден мошне возбудлив пресврт на настаните.

Романот „Убиството на Роџер Акројд“, објавен во 1926 година, се смета за роман со кој Агата Кристи стекнува голема популарност и поширока читателска публика.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ или можете да ја нарачате онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14482

3. „Лорд Еџвер е мртов“

Случајот со смртта на ексцентричниот лорд Еџвер е еден од најнеобичните што прочуениот белгиски детектив Херкул Поаро мора да го реши. Се работи за случај што комплетно ги збунува и припадниците на полицијата Скотланд јард. Сопругата на лордот, убавата американска актерка Џејн Вилкинсон, со која тој е во период на разделба, е забележана како влегува во неговата работна соба непосредно пред тој да биде пронајден мртов. Но, дали е можно таа да го усмртила сопругот, кога истовремено била присутна и на вечера со пријателите? Овој случај изобилува со низа необични елементи што треба успешно да се поврзат за да избие вистината на површина, затоа што, како што вели Поаро, „секој од нас е мрачна мистерија, лавиринт во кој меѓусебно се борат разни страсти, разни желби, разни склоности“.

Романот „Смртта на Лорд Еџвер“, објавен во 1933 година, е роман чијашто приказна претставува една од најгенијалните криминалистички сложувалки со уште погенијален расплет. Исто така, ова дело е едно од првите филмувани дела на Агата Кристи, уште во 1934 година.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ или можете да ја нарачате онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14485

4. „Убиство во Ориент експрес“

Планот на Херкул Поаро да престојува неколку дена во Истанбул е нарушен кога добива ненадеен повик итно да се врати во Англија. Со помош на г. Бук, негов сонародник и директор на „Меѓународната компанија за вагони за спиење“, Поаро некако успева во последен миг да добие место на возот „Ориент експрес“ и линијата Истанбул-Кале.

Еден од сопатниците, американскиот магнат Семјуел Едвард Рачет, му се обраќа на славниот детектив за помош со објаснување дека добивал анонимни закани по неговиот живот, но Поаро го одбива. Следното утро, додека возот стои завеан од снег на трасата помеѓу Белград и Винковци, Рачет го пронаоѓаат мртов во неговото купе, повеќекратно избоден до смрт. Херкул Поаро решава да го испита ова убиство и притоа открива дека се работи за сложено злосторство чиешто решение исто така бара сложени методи, пред сè, дедукција и употреба на малите сиви клетки.

Романот „Убиство во Ориент експрес“, објавен во 1934 година, Агата Кристи го посветила на својот втор сопруг, Макс Едгар Лусиен Малован. Многу е веројатно дека приказната, која е делумно инспирирана и од вистинити настани, ја има создадено додека престојувала на археолошките ископини во местото Арпачија, Ирак. „Убиство во Ориент експрес“ се смета за најпознатото дело на Кристи со повеќе филмувани и ТВ-верзии.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ или можете да ја нарачате онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14483

5. „Смрт на Нил“

На една вечера во Лондон, славниот детектив Херкул Поаро ја забележува убавата Жаклин де Болфор како танцува со својот свршеник Сајмон Дојл, а силен впечаток му остава нејзиниот вљубен поглед во него. Следниот ден Жаклин оди во посета кај блиската пријателка и богата наследничка Линет Риџвеј во надеж дека таа ќе му понуди работа на Сајмон. По само три месеци, Сајмон ја прекинува свршувачката со Жаклин и стапува во брак со Линет.

Нововенчаната двојка заминува на меден месец во Египет, каде што истовремено се наоѓа и Поаро. Во хотелот каде што се сместени сите, тој посведочува една немила средба помеѓу двојката Дојл и Жаклин, по што му приоѓа Линет и му се доверува дека откако се венчале со Сајмон, Жаклин де Болфор постојано ги следи во чекор, нешто што станува неподносливо за нив. Иако свесен дека нема да постигне многу, Поаро се обидува да ја вразуми Жаклин да престане да ги прогонува, велејќи ѝ да не си го отвора срцето пред злото. Таа не го слуша, туку напротив, му вели дека постојано фантазира за тоа како ја убива Линет. Случајот добива трагичен тек кога за време на крстосувањето по реката Нил се случува убиство, но тука е Херкул Поаро за да го реши.

Романот „Смрт на Нил“, објавен во 1937 година, во истиот миг станува бестселер. Се работи за роман што ја обработува темата на љубовниот триаголник, како и љубомората и предавството, па така станува и еден од најомилените на публиката. Ова дело на Агата Кристи било адаптирано за театарската сцена, а исто така има и неколку филмувани верзии, како и адаптација за радиодрама на каналот Би-би-си 4.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ или можете да ја нарачате онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14486

6. „Зло под сонцето“

Херкул Поаро се наоѓа на одмор во еден повлечен луксузен хотел во Девон, на југот на Англија. Сè што сака е да му минат деновите во мир и пријатно расположение. Но, во хотелот преовладува атмосфера на тензија. Меѓу гостите е и убавата Арлена Стјуарт Маршал, поранешна актерка и сопруга на капетанот Кенет Маршал, која отворено флертува со сопругот на Кристин Редферн, Патрик. Според Арлена, бракот не треба да биде пречка за малку забава настрана. Така, еден ден таа се упатува на тајно рандеву во Заливот на Пикси, но веќе напладне ја пронаоѓаат мртва, задавена. Ова убиство ја потврдува теоријата на Поаро дека злото демне насекаде, како што претходно ѝ вели на една од гостинките на хотелот: „Мирно е. Сонцето сјае. Морето е сино. Но, вие заборавате, г-ѓице Брустер, дека насекаде има зло под сонцето“.

Кој е убиецот на убавата Арлена? Кој имал најсилен мотив да ја убие? Херкул Поаро се вклучува во решавањето на овој случај, што, иако на прв поглед изгледа како злосторство од страст, сепак се развива во нешто повеќеслојно и покомплексно.

Романот „Зло под сонцето“, објавен во 1941 година, е роман за кој Агата Кристи добива високи книжевни критики, а доживува и неколку екранизации и адаптација за радиодрама, а во поново време и адаптација како видеоигра. Делото ги содржи сите ноти на писателското мајсторство на авторката. Тоа изобилува со духовити дијалози и ја следи нејзината специјалност за создавање на сложена приказна, што всушност на крајот изгледа едноставна.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ или можете да ја нарачате онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14484

7. „По погребот“

Покојниот Ричард Абернети нема јасен наследник на неговиот имот, така што остава тестамент за поделба на богатството меѓу повеќе членови на неговото семејство. Собрани во Ендерби хол, викторијанската куќа на Абернети, наследниците се во очекување на објавата на тестаментот. Во таа пригода, атмосферата ја нарушува една забелешка на Кора Ланскенет, помладата сестра на Абернети, која вели: „Но, тој беше убиен, нели?“ Сите во семејството се вознемирени од оваа изјава, бидејќи Ричард Абернети се сметал за починат од природна смрт, но вистинскиот шок следува следниот ден кога ја наоѓаат Кора брутално убиена во својот дом. Господинот Ентвисл, семеен адвокат и извршител на тестаментот, го повикува својот пријател и славен детектив Херкул Поаро да помогне во расветлување на случајот. Романот „По погребот“, објавен во 1953 година, е приказна со интересни пресврти и необичен завршеток, каде што повторно до израз доаѓа генијалноста на Поаро, но, освен криминалистичкиот аспект во ова дело, авторката дава и увид во животот на Англија по Втората светска војна и нејзиното влијание врз општеството.

Книгата „По погребот“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ или можете да ја нарачате онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14608

8. „Завеса: последниот случај на Поаро“

Херкул Поаро и капетанот Хејстингс повторно се наоѓаат во Стајлс корт, местото на нивната прва средба, каде што заедно го решаваат и својот прв случај на убиство, но овој пат средбата значи заокружување на нивната кариера во борбата против злосторствата и, воедно, нивно последно видување. Иако остарен, неподвижен, со артритис и болки, навидум се чини дека Поаро внатрешно е потполно здрав, односно дека неговиот величествен ум сè уште совршено функционира. Но, откако ќе посочи дека во пансионот каде што престојуваат со Хејстингс има петкратен убиец, а сите гости се мирољубиви ликови, се поставува прашањето дали тој можеби веќе ја губи вештината за дедукција? Во секој случај, Поаро смета дека треба да се спречи ново убиство пред да се спушти завесата за крај.

Романот „Завеса: Последниот случај на Поаро“ е објавен во 1975 година, но е напишан многу порано, за време на Втората светска војна. Агата Кристи овој роман го пишува како подарок за нејзината ќерка и го чува во банкарски сеф повеќе од 30 години. Од литературен аспект, ова се смета за едно од нејзините најдобри дела, како еден мошне возбудлив, прониклив и вешто смислен заплет со драматичен крај.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ или можете да ја нарачате онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14609

9. „Мртво тело во библиотеката“

Едно рано утро полковникот Бантри и неговата сопруга Доли ги буди вознемирувачкиот глас на куќната помошничка, која им соопштува дека долу во нивната библиотеката има мртво тело. Иако не верувајќи, тие навистина наоѓаат мртво тело на една млада, силно нашминкана девојка облечена во вечерен фустан. Никој не знае која е таа и како воопшто се нашла токму во домот на Бантриеви. Тогаш, Доли ја повикува нејзината пријателка и аматер-детектив, госпоѓицата Марпл, за да помогне во откривањето на идентитетот на девојката и расветлувањето на ова убиство. Освен за овој случај, оваа кротка, но мошне прониклива старица, ќе успее да ѝ помогне на полицијата и при расветлувањето на уште еден случај на убиство, директно поврзано со првото убиство. Романот „Мртво тело во библиотеката“, објавен во 1942 година, е необична приказна со многубројни меѓусебно испреплетени и живописни ликови, а како што велат и книжевните критики: „Не треба многу време за да се прочита ова дело, но двата случаи на убиство изобилуваат со толку мистерија околу нив, што нема да сакате да ја оставите книгата додека не се открие убиецот со помош на остроумноста и интуицијата на Џејн Марпл“.

Книгата „Мртво тело во библиотеката“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ или можете да ја нарачате онлајн на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14607

10. „Во 16.50 од станицата Падингтон“

Госпоѓа Елспет Мекгиликади се враќа од пазарување во пресрет на божиќните празници со попладневниот воз од Падингтон. Удобно сместена на своето место во возот, задоволна со сè што купила, во еден миг станува сведок на грозоморно убиство. На несекојдневен начин, таа успева да забележи сцена во која гледа маж како ги стега рацете околу вратот на една жена, лице в лице со него, а тој безмилосно ја дави. Убиството што г-ѓа Мекгиликади го посведочува, всушност се одвива во друг воз што во тој момент бавно се разминува со нејзиниот воз. Но, мистеријата почнува кога нема да се пронајде мртвото тело на убиената жена и никој нема да поверува во приказната. Никој освен г-ѓицата Џејн Марпл, која нема да одолее на предизвикот да го реши овој необичен случај. Романот „Во 16.50 часот од станицата Падингтон“, објавен во 1957 година, а исто така и повеќепати филмуван, е едно од попознатите дела на Агата Кристи со Џејн Марпл во детективска улога. Приказната се развива со необичен тек, а читателите од почетокот, па сè до крајот се во неизвесност за тоа како ќе се случи расплетот.

Книгата „Во 16.50 од станицата Падингтон“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ или можете да ја нарачате онлајн на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14601

11. „И не остана ниту еден“

Осум луѓе, кои меѓу себе не се познаваат и немаат никаква врска еден со друг, се поканети да дојдат како гости на Војничкиот остров од страна на извесни г. и г-ѓа Овен. По пристигнувањето таму, дознаваат дека домаќините се отсутни, но тука се г. и г-ѓа Роџерс како нивна послуга. Отсечени од копното и во неповолни временски услови, што секако придонесува за една морничава атмосфера, секоја од овие личности ќе биде обвинета за сторено злосторство преку гласот на грамофонската плоча во текот на првата заедничка вечера. Дополнително, во секоја соба каде што се сместени гостите, како украс стои врамената детска песничка „Десет мали војници“ во која тие еден по еден исчезнуваат низ низа несреќни случаи. Што ќе се случува со гостите на островот кога стиховите од песничката ќе станат злокобна најава и за нивната сопствена смрт? Секоја страница од романот е исполнета со неизвесност, возбуда и брилијантен расплет. Романот „И не остана ниту еден“, објавен во 1939 година, се смета за ремек-дело на Агата Кристи. Воедно, таа изјавува дека ова е романот со кој и таа самата е најзадоволна како бил напишан. Инаку, оригиналниот наслов на ова дело е „Десет мали црнци“, кој на американскиот пазар фигурирал како „Десет мали Индијанци“, но во поново време за наслов на книгата е прифатен последниот стих од детската песничка.

Книгата „И не остана ниту еден“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ или можете да ја нарачате онлајн на следниот линк: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14602

12. „Златната топка и други раскази“

Дали се работи за гест на добра волја или, пак, злобна замка што го намамува Руперт Сент Винсент и неговото семејство на еден прекрасен имот? Колкав ли е очајот на Џојс Ламберт, сиромашна млада вдовица, чијшто единствен излез за подобар живот е да се омажи за човек кого го презира? Каква неочекувана околност ја разбранува поранешната лојалност на Теодора Дарел, неверна сопруга која штотуку е подготвена да избега со својот љубовник? Во оваа збирка раскази, Агата Кристи, иако мајстор на крими-мистериите, нè води од чудни романтични сплетки, натприродни појави и класично убиство до нови инвентивни височини.

Збирката раскази „Златната топка и други раскази“, објавена во 1971 година, ги содржи петнаесетте најдобри раскази од други три збирки („Мистеријата на лорд Листердејл“, „Загарот на смртта“ и „Проблемот на Поленса Беј и други раскази“). Овие раскази изобилуваат со моменти на романса, мистерија и неизвесност и претставуваат вистинско задоволство за сите љубители на оваа куса наративна книжевна форма.

Книгата „Златната топка и други раскази“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ можете или да ја нарачате онлајн на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14603

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.03 MB