Ново migrirano

Оливера Николова – добитничка на книжевната награда Прозарт 2022

30.08.2022.
<strong>Оливера Николова – добитничка на книжевната награда Прозарт 2022</strong>

Македонската писателка Оливера Николова е добитничка на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, што ја доделува Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. Јубилејното, десетто издание на книжевниот фестивал годинава ќе се одржи од 18 до 21 септември.

Одлуката за доделување на наградата на Николова беше донесена едногласно од страна на Одборот за доделување на наградата „Прозарт“, на чело со претседателот Ермис Лафазановски.

– Оливера Николова е македонска писателка која ја одбележа македонската книжевност во втората половина на 20 и почетокот на 21 век, затоа со право можеме да ја сметаме за книжевен бард чии дела сe и ќе бидат сметани и во иднина за врв на македонската класична книжевност. Почнувајќи од нејзините изданија во рамките на македонската книжевност за деца, па сè до нејзиниот последен роман, на читателите не само во Македонија туку и на Балканот, им ја понуди единствената привилегија преку нејзините дела да прочитаат работи што се напишани сега и тука, а чие ехо ќе одѕвонува далеку во иднината – стои во одлуката на Одборот.

Оливера Николова, која многумина ја нарекуваат „мајка на сите македонски писателки“, во писмото по повод добивањето на наградата вели:

– „ПРО-ЗА Балкан“ за мене отсекогаш претставувала кота од која ми се овозможуваше радоста да ги поздравам колегите писатели, оние присутните, но и неприсутните, кои ги познавам и не ги познавам, кои ги читам и не ги читам, но чии автентични творечки вибрации бездруго ја изгубиле супстанцијата на само она што е исклучително. Неоспорно, присуството на читателите, пак, создава повеќе убавина одошто некогаш сме имале во моментот, повеќе емпатија за секого, но и помалку занес за чудата на животот и чистата стварност – истакнува Николова.

Во својата порака таа вели дека ѝ припаѓа на македонската литература, а нејзиниот јазик на изразување е македонскиот јазик и додава:

– Писател... Писатели... Знаеме ли што се очекува од нас? Го прифаќаме овој товар со занес, а што се бара од нас? Што треба да работиме? Дали да се слушаме само себеси? Дали да ги слушаме првенствено другите? А, најважното: дали би го прифатиле и тоа што ни се наметнува? Во име на овие брзи и површни размисли, во име на нашето колебање за кое секој писател го остри перото, ја поздравувам нашата сложност во предвидувањата што секогаш сме ги оспорувале, да го чуеме не само пискотот на разумот туку и нашата несигурност со коja ја китиме кревкоста на упорното постоење. Она што го работиме никогаш не ќе знаеме со сигурност кои бедеми ги поставува, сѐ додека не го пропуштиме времето да истрча пред нас и да ни мавта од иднината за повикување – нагласува Николова.

Оливера Николова, која е раскажувачка, романсиерка и драмска писателка, е родена во Скопје во 1936 година. Целиот работен век го минала во Македонската радио-телевизија како уредник и драматург. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година. Покрај романите како „Вежби за Ибн Пајко“, „Куклите на Росица“, „Збогум, Вано, Ванке...“, „Песот со тажен поглед“ и збирки раскази за возрасни, има објавено и 17 книги за деца и сликовници, меѓу кои: „Девојките на Марко“, „Мојот звук“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“ и др. Нејзината култна книга за деца „Зоки Поки“ стана задолжителна лектира во училиштата, а според неа е снимена и детска телевизиска серија. Организатор на фестивалот е „Прозарт медиа“. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан“ се: Министерството за култура, „Традуки“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Град Скопjе, Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје, Амбасадата на Словенија, Францускиот институт во Скопје, Кинотеката, Националната галерија, СПОНА.

Издавачката куќа „Арс Ламина“, под својот импринт „Арс Либрис“, оваа година го реобјави целокупното творештво за возрасни од Николова. Книгите, кои се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели. Станува збор за книгите: „Куклите на Росица“ (со поговор од Елизабета Баковска), „Тесна врата“ (поговор Кица Колбе), „Куќичка“ (поговор Румена Бужаровска), „Тромбот“ (поговор Владимир Мартиновски), „Адамовото ребро“ (поговор Калина Малеска), „Збогум Вано, Ванке...“ (поговор Јелена Лужина), „Пешаци по црни полиња“ (поговор Гоце Смилевски), „Белиот чад“ (поговор Никола Гелевски), како и „Вежби за Ибн Пајко“ (поговор Катица Ќулавкова) во исто издание со „Песот со тажен поглед“ (поговор Давор Стојановски) и „Лева комора“ (поговор Владимир Јанковски) во исто издание со „Кадифената покривка“ (поговор Оливера Ќорвезироска).

Реобјавените книги од Оливера Николова се достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk, на следниот линк:

https://www.literatura.mk/ListBooksByAuthor.aspx?aut=8519

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.91 MB