Ново migrirano

Поговор кон Вежби за ибн Пајко од Оливера Николова

27.07.2022.
Поговор кон Вежби за ибн Пајко од Оливера Николова

МЕЃУ ПРЕДАНИЕТО, ИСТОРИЈАТА И ИМАГИНАЦИЈАТА

Катица Ќулавкова

Раскажувачкиот пристап на Оливера Николова го сочинуваат разни видови проза: роман, повест, расказ, новелета. Во неколку романи таа оживотворува со збор некои историски ситуации, настани и личности од македонската и од балканската историја, а во своите раскази или новелети, дури и некои личности и собитија од светската историја. Таков е случајот со романите Куклите на Росица (2005), Песот со тажен поглед (2019) и Вежби за ибн Пајко (2001), односно збирката раскази Кадифената покривка – новелети за жени – убијКи (2015). Kусиот роман Вежби за ибн Пајко е објавен со поднаслов „троен роман“. Овој поднаслов ја означува намерата на авторката да создаде роман чијашто приказна е раскажана од три лика и има три перспективи на гледање на основниот историски настан. Тој настан е поврзан со градбата на една скопска џамија во османлиското Скопје.

Слоевитоста на раскажувањето се одразува врз композицијата на романот. Иако е замислен како троен роман, со оглед на трите главни лика на можниот градител на џамијата, Вежби за ибн Пајко е составен од четири поглавја, а секое од нив е поделено на три дела, што дава дванаесет новели, односно дванаесет стилски вежби на истата тема. Притоа, првата приказна е секогаш поврзана со Марко, втората со Петре, а третата со Сандри (тој распоред се почитува и кога на преден план стапуваат женските ликови). Насловите на четирите дела на романот ги покажуваат главните тематски аспекти на раскажувањето: прва вежба: изглед, потекло; втора вежба: Калија, Тодора, Атиџе, трета вежба: потурчување и четврта вежба: погреб.

Историската приказна во Вежби за ибн Пајко, всушност, се потпира повеќе врз сочуваното народно предание и колективната меморија на скопјани, одошто врз голи историографски факти. Поради тоа, овој кус историски роман има не само историска туку и легендарна димензија, поради што добива извесен митски призвук. Од една страна, авторката е инспирирана од еден историски настан, а од друга се повикува на сочуваното усно предание. Реконструкцијата на историскиот настан е направена со помош на достапните архивски факти и записи, со цел да се долови што поверодостојно и поуверливо урбаниот, културниот, етничкиот, социјалниот, моралниот и јазичниот амбиент на Скопје од почетокот на XV век, додека, пак, духовниот свет на романот е доловен со помош на сликовити фрагменти од народното предание и колективната меморија. Сето тоа е вградено во богатата имагинација и емотивната фантазија на авторката која на историјата и на легендата им дава литерарна, уметничка димензија.

Вежби за ибн Пајко е роман за градителите на скопската џамија од ибн Пајковото маало во центарот на Скопје, на левата страна на Вардар, во близина на црквата „Св. Димитриј“. Тој е составен од три поголеми раскази, што може да се посматраат и како поврзани повести или мини-романи кои се надополнуваат еден со друг. Она што ги поврзува трите поглавја на романот е мотивот на градењето на скопската џамија и османлискиот скопски градски амбиент: 1) средбата меѓу различните религии, христијанската (православието) и муслиманската (исламот); 2) средбата меѓу лица и заедници со различно етничко потекло (Македонци, Власи, Турци) и 3) средбата на различните јазици и културни традиции (македонска, турска).

Трите мини-романи претставуваат варијации на три приказни за изградбата на една скопска џамија. Секој мини-роман функционира како целина за себе, а сите три заедно функционираат како една романескна целина. Трите главни лика на Вежби за ибн Пајко имаат три различни приказни и сите три се еднакво уверливи и можни. Трите приказни се три историски вистини за градењето и за градителот на некогашната скопска џамија чиешто име е впишано во името на скопското маало во околината на некогашната џамија. Со таквиот пристап кон историската вистина која избледела низ вековите, се добива впечаток дека официјалната вистина е неизвесна и отворена за литературни и индивидуални толкувања. Поради таквиот став кон службената вистина, Оливера Николова и го внесува зборот „вежби“ во насловот на својот роман. Таа ја покажува кревкоста на официјалните вистини со помош на својата лична имагинација. Како го прави тоа оваа врвна македонска писателка?

Во романот Вежби за ибн Пајко, тоа гоправи барајќи го правиот идентитет на градителот на Пајковата џамија во Скопје: дали е тоа ибн, т.е. синот на Пајко, или на Бајко, или на Т(р)ајко? Дали градителот е Марко, Петре или Сандри? Оти џамијата популарно е запаметена според името на таткото на градителот, а не според личното име на самиот градител! Оваа потрага по идентитетот на градителот се претвора во исцрпен „извештај“ за судбините на тројцата градители и нивните семејства. Тие судбини се обележани, сите три, од едно искушение, конверзијата на етничкиот, верскиот и јазичниот идентитет. Секој од нив на различен начин пристапува кон чинот на конверзијата. Трите различни приказни за промената на верата се основата на трите различни романескни приказни за градителите на скопската џамија.

Овој роман го поставува прашањето на промената на верската припадност на православното население во Отоманската Империја. Верската конверзија подразбира серија етнички, културни, јазични, морални и социјални елементи (општествен статус, привилегии, полигамија, повеќејазичност, верска мимикрија). Исламизацијата на христијанското население во османлиската епоха била и облик на потурчување на населението. Овој роман укажува на противречностите на исламизацијата, било таа да е своеволна, неволна и под егзистенцијална и социјална принуда. Со исламизацијата на градителите доаѓало до видни промени во нивниот социјален статус, но и до трагични последици по однос на нивниот личен и семеен живот. Верската конверзија на почетокот била поставена како услов за да се биде градител на џамијата, а потоа се претворила во извор на лични и семејни страдања. Верската конверзија не е едноставен чин. Лицето кое ја променило својата верска припадност никогаш сосема не ја напушта својата првобитна вера ниту ја прима целосно новата вера. Поради тоа, се создава извесна гранична состојба, граничен верски и културен идентитет.

Трите машки лика во Вежби за ибн Пајко ја прифаќаат верската конверзија од различни причини: 1) Марко, затоа што исламизацијата била услов за тој да ја подигне џамијата, а тој бил градител по вокација. Марко верувал дека со своето лично жртвување ќе направи нешто добро на христијаните: дека на тој начин ќе има помалку бели робје на пазарот, помалку терор над сиромашното население, повеќе толеранција кон христијанските цркви и манастири; 2) Петре, од интимни психолошки причини, поради чувството на инфериорност во семејството, наспрема сопругата Тодора, која е „маж“ во куќата, така што повисокиот социјален статус би требало да биде компензација за неговиот низок статус во семејството; 3) Сандри, поради залудната надеж дека со исламизацијата ќе го разреши опсесивниот мерак по убавата и нему недостапна Турчинка Атиџе (па, иронично, се оженил за друга скопска Турчинка).

О. Николова ги има поставено овие три лика во сооднос со нивното семејство – таткото, мајката и жената (љубената). На трите лика на можните градители им соодветствуваат тројцата татковци: 1) Пајко (Павле), кој е татко на Марко; 2) Бајко (Благоја), кој е татко на Петре; и 3) Тајко или Трајко, кој е татко на Сандри. Трите мајки се дадени на следниот начин: На Марко мајката е од Кратово; мајка на Петре Марија е од Струмица; мајката на Сандри е Влаинка е од струшкото село Белица. Нивни жени се: Калија е жена на Марко, Тодора е жена на Петре, а Атиџе е љубовниот сон (севда) на Сандри, но жена му е Ѓулсиме. Исламизацијата ќе повлече и промена на личното име, така што секој од трите градитела добива и свое второ турско име: Марко – синот на Пајко станува Мурат-ага; Петре, синот на Бајко станува Музафер-ага; Сандри, синот на Т(р)ајко, пак, станал Сафет-ефенди. Промената на христијанските имиња во муслимански создава таква збрка во комуникацијата меѓу христијаните, што тие одлучиле меѓу себе, приватно, да си се викаат по старо, христијански.

Исламизацијата се одразува и врз верските обреди при погребувањето, што доведува до расправии меѓу христијаните и муслиманите околу тоа на која верска и етничка заедница му припаѓа покојниот градител, односно на чии гробишта и според кои обичаи треба да биде погребан покојникот. Некогаш доаѓа и до комични ситуации кога покојниците се погребуваат двапати, еднаш според православните, другпат според муслиманските обичаи. Попот Ставре, на пример, при закопот на Марко, ибн Пајко, т.е. Мурат-ага апелира: „За зулум е лесно! Треба мудрост да покажеме. Господ е еден и за вас, и за нас. Ибн Пајко е и наш, и ваш. Ни служеше и нам, ви служеше и вам, колку што му одреди севишниот. Таков човек и на две вери да служи не е штета. Тој стана жртва за својот народ...“ (стр. 126)

Внатрешните и надворешните конфликти причинети од етно-религиската конверзија се разрешуваат по смртта, мистично. Имено, и Марко и Петре и Сандри, по смртта добиваат (или им се придава од народот) христијанска аура на светост, мачеништво и слава: славата заради градењето на џамијата, мачеништвото поради гревот, светоста заради знаците што Господ Бог ги оставал, на христијански начин, над нивните почивалишта: – ангелското лице на убиениот Марко, опколено со ѕвездена круна на светец; – Христовиот покров од фреската на оплакувањето во црквата во Нерези (Петре); – босилекот, омиленото цвеќе на Богородица изникнато над гробот на Сандри во дворот на џамијата. Погребот според христијанскиот обред е клучно место на помирување и прошка. Ако треба два пати ќе бидат погребани, ако треба ќе бидат откопани па повторно закопани, ако треба и босилек ќе никне сам од себе над муслиманскиот гроб (на Сандри), ама тие мора да ù се вратат на својата рисјанска вера, а на нивниот гроб мора да го пишува нивното христијанско име. Гробот е место на меморија за семејството и за народот.

Тука треба да се истакне важната улога што ја играат жените – христијанки, кои даваат безусловен отпор против исламизацијата. Калија, жената на Марко, непопустлива во отпорот да живее со потурчен македонски маж, се замонашува во манастирот „Св. Никола“ во с. Кожле, а Тодора, жената на Петре, омажена со него по волја на татко ù, не од љубов, напротив, со некоја пизма и омраза, гневна и бунтовна, сепак по неговиот муслимански погреб, го откопува и го презакопува на „рисјанските гробишта“, со неговото име, не можејќи да замисли нејзините деца „да имаат татко Турчин“ (стр. 132).

Токму љубовните односи го покажуваат разорувањето на првобитната смисла на животот: а) меѓу мајсторот-градител и филигранист Марко и везилката Калија; б) меѓу Петре и жената ламја и лавица, Тодора (Петре, кога станува Музафер-ага, зема три нови жени-анамки, и самите потурчени), која и понатаму управува со домот и со чифликот; и в) меѓу рибарот, исцелител, несуден поет и сонувач Сандри и неговата речиси имагинарна Атиџе, најмладата жена на Санџак-бег, неговата фатална љубов и мечта.

Луѓето страдаат кога им е уништена смислата на постоењето. Во овој роман секој страда на свој начин: мажите трагично, жените со шанса за разрешување на драмата на некое мистично рамниште: Калија чемрее во манастирот, без пород од Марко; Тодора се грижи за четирите деца на Петре, трите со неа, едното со неговата кадана, крстено по христијански; Атиџе живее со сенката на својот забранет копнеж по Сандри, а Ѓулсиме ќе го одгледува синот на Сандри според турските обичаи.

Потурчените мажи, пак, се тешат со помислата дека конверзијата е привремена состојба, нешто минливо и дека тие повторно ќе се вратат на својата рисјанска вера, а со тоа и на својот живот, на својата љубов. Марко тоа го искажува со зборовите: „Мурат-ага, ама тоа е привремено. Сакам да ù кажам на Калија дека е привремено и затоа морам да ја видам“. (стр. 122) Но, стварноста е сурова. Сите тројца синови – градители умираат релативно млади: Марко е убиен додека се враќа од манастирот дома, Петре си го одзема животот со сечење на вените, а Сандри умира сам во некоја зафрлена куќичка во блатијата, Скопско.

Историјата и народното предание ù служат на Оливера Николова да создаде своја авторска приказна за некои човечки судбини карактеристични за балканските простори. Контактите меѓу историската стварност, народното предание и колективната меморија го прават светот на Вежби за ибн Пајко да биде живописен. Затоа, додека го читаме овој роман, имаме впечаток дека гледаме филм, интересен и незаборавен, толку се уверливи неговите приказни, толку е силен ефектот на реалност што тој го остава врз читателот. Дотолку повеќе што Оливера Николова нема цел во својот роман да прикаже една историска вистина, туку да покаже дека е кревка границата меѓу историската вистина и илузијата: и вистината може да стане илузија, и илузијата – вистина.

„Вежби за ибн Пајко“ со поговор од Катица Ќулавкова е дел од едицијата со десет тома со 12 реобјавени книги од творештвото за возрасни на Оливера Николова, во издание на „Арс Ламина“.

Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk.

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14890

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.98 MB