Ново migrirano

Комплетот Шерлок Холмс за деца отсега и во колекционерска кутија

17.06.2022.
Комплетот Шерлок Холмс за деца отсега и во колекционерска кутија

Новиот серијал „Шерлок Холмс за деца“, со десет книги за генијалниот детектив, адаптирани за деца, отсега е достапен и во колекционерска кутија. Станува збор за десет романи базирани на книгите од славниот шкотски писател сер Артур Конан Дојл, наменети за најмладите читатели, кои на македонски јазик се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Во комплетот се застапени: „Студија во скарлетна боја“, „Знакот на четворката“, „Синиот гранат“, „Марамата со точки“, „Сојузот на црвенокосите“, „Велепоседниците од Рајгејт“, „Поморската спогодба“, „Вампирот од Сасекс“, „Дамата со превез“ и „Тројцата студенти“, кои сега можат да се купат во брендирано пакување.

Овие куси наративни и илустрирани верзии на познатите романи сe адаптирани за помладите читатели. Изданијата од овој серијал се наменети, пред сè, за деца од училишна возраст, односно за млади читатели над осум години. Преку оваа едиција, децата уште од рана возраст ќе се запознаат со приказните за Шерлок Холмс. Инаку, познатите книги од авторот Артур Конан Дојл се адаптирани за помладата публика од страна на Стефани Боде. Уредник на изданијата во превод на македонски јазик е Надица Фирфова.

Се работи за истите дела како оние за возрасната читателска публика, се работи за истите приказни, со истите ликови и истото дејство, но во скратена верзија и мајсторски изведена адаптација. При читањето на оваа скратена детска верзија, воопшто не се чувствува недостаток од основната приказна. Напротив, дејството тече со одлична динамика, при што се задржува вниманието од почеток до крај. Изворно, едицијата „Шерлок Холмс за деца“ е во издание на англиската издавачката куќа „Свит чери паблишинг“, од каде што посочуваат дека се работи за мошне успешен серијал, што е многу популарен кај децата од училишна возраст. Се разбира, ова беше доволен мотив да се заинтересираме за објавување на книгите во превод на македонски јазик, бидејќи како издавачка куќа секогаш сме во потрага по четива што можат да предизвикаат внимание кај младите читатели и да ја поттикнеме љубовта кон читањето и пишаниот збор. Особено зашто во овој случај се работеше за класични дела од областа на детективската фикција и славното име Шерлок Холмс.

Изданијата од едицијата „Шерлок Холмс за деца“ се богато илустрирани со цртежи што се во функција на текстот, што придонесува кон едно комплетно читателско доживување. Секоја книга има отпечатен т.н. „кју-ар“ (QR) код, за едноставен пристап до оригиналното англиско издание, но како аудиокнига. Ова му додава дополнителна вредност на секое издание, бидејќи на децата им нуди можност да ја слушнат книгата на изворен стандарден англиски јазик и изговор и со тоа да си го збогатат вокабуларот и знаењата по англиски јазик.

Со оглед на тоа што се работи за изданија за деца од училишна возраст, во книгите има посочена и интернет-страница од која можат да се симнуваат некои активности и вежби на англиски јазик поврзани со делата, при што младите читатели имаат можност и да го вежбаат јазикот низ овие активности.

Серијалот „Шерлок Холмс за деца“ е достапен во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

https://bit.ly/3Huz1qM

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.9 MB