Ново migrirano

Саем на книгата 2022: Која игра ја играш? праќа силна порака за справување со меѓуврсничкото насилство кај децата

05.05.2022.
Саем на книгата 2022: Која игра ја играш? праќа силна порака за справување со меѓуврсничкото насилство кај децата

Со силна порака за навремено детектирање и справување сомеѓуврсничкото насилство кај децата, вчера (четврти мај) на главната бина на Саемот на книгата се одржа промоцијата на сликовницата и прирачникот „Која игра ја играш?“ од авторскиот тандем внука и баба: Олга Ѓоргиева и Олга Мурџева-Шкариќ. Книгите се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Промотори на книгите беа проф. д-р Ана Фрицханд (Институт за психологија на Филозофскиот факултет на УКИМ), д-р Весна Дамчевска-Илиевска (професорка по мир и развој на УКИМ, советник во Центарот за образование на возрасни, Скопје) и Даниел Смилков (студент при Институтот за психологија, претставник на Здружението на студентите по психологија – ПСИХЕСКО). Модераторката на настанот, уредничката Бисера Бендевска, истакна дека „Која игра ја играш: Силеџија – жртва – сеирџија или другар?“ е психолошки и бихевиорален прирачник што го третира насилништвото меѓу децата во училишната средина. Настанувањето на прирачникот е директно поврзано со сликовницата „Која игра ја играш?“ од младата авторка Олга Ѓоргиева и заедно, прирачникот и сликовницата, формираат неодвоива целина. Во него авторката прави преглед на неколку типови врсничко насилство и споделува ефикасни активности и постапки за спречување и справување со насилството во училиштата и во интеракцијата меѓу децата на училишна возраст.

Овој прирачник е систематичен и напишан на разбирлив начин и може да им помогне на возрасните (пред сè, на наставниците, но и на родителите) да го применуваат заедно со децата за постигнување на ненасилна комуникација меѓу врсниците во училиштето.

Проф. д-р Олга Мурџева-Шкариќ, која е пензионирана универзитетска професорка по психологија на Филозофскиот факултет (ФЛФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, го напишала прирачникот инспирирана од сликовницата на својата внука Олга Ѓоргиева, во која преку приказна и цртежи го објаснува синџирот на булингот во училиштата и справување со него.

– Книгата настана како резултат на меѓугенерациска соработка. Без таква интеракција, меѓу различните возрасти, тешко може да се замисли промената на оваа „култура“ на насилство во култура на мир! Во оваа пригода би ја парафразирала мислата на Гоце Делчев (кој починал во 1903 година, токму на датумот кога се одржа промоцијата – четврти мај) – „ропството (насилството) може да го снема, само ако робот (жртвата) стане свесна и се побуни против него“. Всушност, тоа е начинот да се урива и насилството! Во книгата „Која игра ја играш?“ станува збор за игри што ги викаме – манипулативни, игри во умот, игри со кои малтретирачот (силеџијата) има цел да се истакне како најдобар, да ги контролира сите други... Ова се имплементира во секојдневна комуникација на локално, но и на глобално ниво – станува збор за истите манипулативни игри. Булингот не е присутен само кај учениците, тој е застапен во сите пори на општеството. Силеџијата има неколку сценарија – тој си замислува како да стане најзначајната, најцентралната личност на која ќе ѝ се покоруваат сите. За да биде така одбира жртва/и. Обично, тие се поинакви од него и не умеат да му се спротивстават на кој било план. Многу често мотивот е љубомора – зошто некој да биде подобар од него во некакви дострели? Прави стратегии и тактики како да биде во центарот на вниманието. Му треба публика (сеирџии). Е, тие се во најголем број. Сеирџијата може да му се придружи на силеџијата, но може да наведне глава и тој да биде жртва. А има и такви што се повлекуваат или, пак, воопшто не им е гајле. Замислете, ова се случува во училниците и во училишните дворови, каде што има наставници, психолози, педагози и други стручни служби. Таму доминира булингот. Покрај трите главни улоги во булингот: силеџии, жртви и сеирџии, за жал недостигаат проактивните – тие што ќе ги менуваат нештата, што ќе другаруваат и ќе реагираат. Со тоа ќе го прекинат тој синџир на насилство. И тоа ми беше мотив да го напишам овој прирачник. Да биде водич во активно реагирање и спречување на меѓуврсничкото насилство. Се обидував да биде колку што е можно пократок, а колку што е можно појасен за сите читатели. Овој прирачник е добар за наставниците, водич како да се справат со насилството во училиштата. Булингот е многу застапен, меѓу другото, и затоа што и возрасните и наставниците исто толку го живеат овој кошмар. Желба ми е да почнеме да менуваме, да направиме конкретни чекори да се надмине оваа култура на насилство и да ги научиме младите на култура на мирот – рече Мурџева-Шкариќ.

Олга Ѓоргиева, која има само 14 години и сè уште е ученичка во основно училиште, преку примери го објаснува булингот во училиштата, со кој и самата се соочила и се справувала преку креативно изразување, односно со цртање.

– Насилството го има насекаде, но од шест до 15 години децата најмногу физички и вербално се малтретирани во училиштата од другите ученици, но и од наставниците. Обично, во одделенијата има три групи ученици: силеџии, жртви и сеирџии. Децата кои го извршуваат насилството потекнуваат од проблематични семејства, во кои и самите се жртви. Затоа тие бараат некој што е поразличен од нив или некој што не може да се одбрани за да им биде жртва и тие почнуваат да го малтретираат. Така и јас бев жртва на две насилнички и не можев да се одбранам од нив. Дури и тие, за кои мислев дека ми се другари, поминаа на другата страна. Секој ден кога ќе се вратев дома ги гледав моите најомилени цртани филмови во коишто другарството беше главна тема. Ликовите во нив секогаш беа сложни, делеа сè, другаруваа и кога се појавуваше проблем, секогаш бараа различни начини како да го решат. На лошите ликови успеваа да им покажат дека тоа што го прават не е во ред. Цртаните филмови ме смируваа и правеа да заборавам на проблемите, но и да разберам дека тешко се наоѓаат вистински другари. Почнав и јас да измислувам приказни кога си играв со моите играчки. Во тие приказни секогаш се бараше начин како да се реши одреден проблем поврзан со другарството. Подоцна почнав да илустрирам такви приказни. Преку цртањето и пишувањето успеав да ја претставам и својата тага и непријатноста – изјави младата авторка.

Проф. д-р Ана Фрицханд истакна дека во прирачникот може да најде примена не само кај идните и актуелните психолози туку и кај пошироката популација.

– Во прирачникот се содржат сите најважни информации за овој негативен, лош феномен, кој, за жал, има растечки тренд, кај нас, но и во светски рамки. Во изданието, покрај тоа што се објаснети различните улоги во меѓуврсничкото насилство, дадени се и начините како да ги препознаеме насилниците и жртвите. Објаснето е како жртвата да се справи со насилството. Ако се работи само со жртвата, а насилникот не биде опфатен, тогаш не сме направиле ништо. Затоа што силеџијата секогаш ќе бара нова жртва. Во меѓуврсничкото насилство има еден голем парадокс – иако со растењето на булингот се зголемува бројот на трудови, истражувања и програми за превенција. Но, за жал, и покрај тоа – во светски рамки насилството е во подем. Има успешни, но и помалку успешни модели за справување. Локално треба да се дејствува со модел што е адаптиран, приспособен за средината или за дадениот случај. Да се земе предвид зошто некој станал насилник, бидејќи насилниците не се раѓаат, туку настануваат поради различни околности. Оттука, топло го препорачувам овој прирачник за пошироката публика, не само за психолозите. Сè додека го има булингот како проблем, овој прирачник ќе биде актуелен. Она што го прави посебно и значајно ова издание е сликовницата на младата Оле. Таа има развиена вештина и талент, тоа што го доживеала да го раскаже/пренесе преку приказна и цртеж – рече проф. д-р Фрицханд.

Д-р Весна Дамчевска-Илиевска во својот осврт рече дека топло ја препорачува оваа книга за сите генерации, бидејќи таа ќе поттикне самопреиспитување и стремеж кон подобрување на сопствената личност.

– Кога првпат се сретнав со ова издание, најпрвин почнав со читање на навидум полесниот и пократок дел – сликовницата. Но, веднаш сфатив дека станува збор за моќно четиво со многу силни пораки. Преку ова дело, се најдов во моето детство, но и препознав ситуации од сегашноста. Истите улоги и истите пораки, само различна е борбата... Потоа го прочитав прирачникот на мојата професорка Мурџева-Шкариќ, кој е сублимат на сите вештини и пораки на психологијата и на мировните науки. Темелно ги има опфатено насилството и ненасилната комуникација. Овие книги, иако навидум изгледаат едноставни и мали, имаат многу силни пораки. Една од тие пораки е таа заемност, синергијата што го надминува јазот меѓу генерациите. Би рекла дека можеби со овие книгички почнува една нова епоха, духовна и културна. Двете Олги, баба и внука, направија чекор во надминување на генерацискиот јаз, односно ги сплотија искуството, знаењето, мудроста од една страна и енергијата и креативноста од друга страна. Од денес почнува нова нишка, нов вез, во кој ќе се разбираме подобро, ќе ги прифатиме возрасните со нивната мудрост и ќе ги прифатиме и младите со нивната нова енергија. Токму овој спој го прави ова дело навистина вредно. Иако ова дело можеби личи на детска книга, сепак сметам дека ова четиво е насочено, пред сè, кон возрасните. Оваа книга треба да ја има секој, секаде да ја носи со себе и постојано да ѝ се навраќа. Да ја прочитаме, па да се погледнеме во сопственото огледало – да видиме до каде сме стигнале, да направиме саморефлексија, за да си ја подобруваме личноста. Книгата апелира да почнеме да размислуваме за сопственото поведение. Никогаш не е доцна да се промениме на подобро. Без разлика дали сме насилници или жртви – рече таа.

Во продолжение, на штандот на „Арс Ламина“ со одржа потпишување и средба со Соња Китановска-Кимовска, авторката на книгaта – водич за сите сегашни и идни родители, „Разбуди го родителот во себе“.

Како родителството да стане уживање? Како да се биде подобар родител? Како да се оствари подобра комуникација со децата? Како родителите да се справат со сите предизвици што ги носи воспитувањето на децата?... Ова се само дел од прашањата на кои одговара проф. Соња Китановска-Кимовска во оваа книга за самопомош, која е издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Книгата обработува теми и прашања од областа на детската психологија, родителството и воспитувањето деца. Тие се нераздвоен дел од секојдневниот живот во семејството и навлегуваат во суштината на односот меѓу родителите и децата. Научните сознанија и докажаните практики извлечени од референтна научна и стручна литература во книгата се претставени преку личното родителско искуство на авторката. Ова е прва книга од ваков вид напишана на македонски јазик и од македонска авторка. Книгата е поделена на два дела. Во првиот дел се обработени емоциите, а вториот дел е посветен на воспитувањето на децата.

„Арс Ламина“ и „Литература.мк“ на годинашното 34. издание на Саемот на книгата се претставуваат под слоганот „По книгата денот се познава“.

Во продолжение е програмата за сите саемски денови.

https://blog.literatura.mk/2022/04/29/ars-lamina-i-literaturamk-na-saem-na-knigata-2022/

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.98 MB