Ново migrirano

Поговор кон романот Адамовото ребро од Оливера Николова

19.04.2022.
Поговор кон романот Адамовото ребро од Оливера Николова

РОМАН ШТО СЕ ПРЕИСПИТУВА САМИОТ СЕБЕСИ

Калина Малеска

Неодамна, во разговор со една пријателка, префрлајќи се од една тема на друга, дојдовме до темата за книжевни дела и филмови кои се занимаваат со љубов меѓу ликови кои се, условно речено, повозрасни. Констатиравме дека не знаеме многу такви приказни. Мојата пријателка веднаш се сети на Љубов во време на колера од Маркес, јас во првиот момент се сетив само на два филма. Потоа, разговорот се прошири на темата за книги кои ја истражуваат љубовта надвор од бракот, со разбирање на дилемите со кои се соочуваат љубовниците, но без наметнување морални осуди засновани на општествените начела за партнерските врски. Ни вакви примери нема многу или барем во тој момент не можев да се сетам на повеќе од два-три.

И токму тогаш ја прочитав Адамовото ребро на Оливера Николова, која ја отвори вратата кон свет кој си постоел не само во светската туку и во македонската книжевност, свет за кој не знаев и за кој мислев дека сè уште е табу-тема, а не бил, уште од пред дваесетина години.

Размислувајќи на што се должи впечатокот што ми го остави Адамовото ребро, сфаќам дека ова не е само роман за љубовта туку и роман што се преиспитува самиот себеси, си ги соочува и видоизменува своите теми, ги става во различни контексти од кои произлегуваат различни последици, ги судира протагонистите од различни времиња, ја истражува суштината на пишувањето, има јасна свест за историските немири и за тоа колку ликовите можат да бидат и колку можат да не бидат свесни за нив.

Точки на поврзување и одвојување: нараторката и Д. наспроти Тинка и Војдан

Двете главни нишки на романот се одвиваат во различни времиња. При крајот на дваесеттиот век, раскажувачката во прво лице држи адвокатска канцеларија со Д., нејзин партнер во професијата. Но, освен што е адвокатка, таа исто така во себе носи приказна од која сака да се ослободи, да ја напише. Така се раѓа втората нишка – приказната во приказна, што ја пишува нараторката кога заминува на село, во куќата на Д. кој ù овозможува престој за да може на мир да го напише својот роман. Дејството на овој роман-во-роман се случува на почетокот од дваесеттиот век и е сосредоточен на љубовта меѓу Тинка и Војдан. Низ оваа интересна техника, Адамовото ребро се нурнува во портретирање на различните облици и манифестации на љубовта, долготрајна, безрезервна, а истовремено и отпорна на, но и зависна од околностите.

Сегашноста на нараторката е позната на денешните читатели – во неа работите се онакви какви што ги познаваме на крајот од дваесеттиот и почетокот на дваесет и првиот век, па основната приказна е фокусирана на односите меѓу ликовите во неа. Нараторката, од адвокатската канцеларија во градот, се сели привремено на село за да пишува, каде што единствен човек со кого комуницира е соседот. Приказната за Војдан, пак, следи и историски настани, како што се воспоставувањето на Крушевската Република или Првата светска војна. Тука доаѓа до израз и истражувањето на историските околности во кои се одвива дејството, како и околностите од секојдневниот живот во Куманово или Крива Паланка.

Без оглед на навидум големата разлика меѓу рационалната, практична, повремено цинична нараторка, од една страна, и кротката, интелигентна, воздржана Тинка, од друга страна, нив двете во суштина ги спојува сличниот однос кон љубовта. И двете се најпрво несвесни дека постепено се вљубуваат, и двете се соочени со внатрешни конфликти, и двете трагаат по целосна сигурност дека љубовта им е возвратена. Нараторката, иако се наоѓа во сосема поинаков контекст од нејзиниот лик Тинка, ја споделува со неа дилемата дали неостварената љубов, како неизживеаните нешта „својата недовршеност ја довршуваат потоа во неминовно градење на илузии“. Ова прашање не е никогаш докрај одговорено, како во сите добри романи кои сакаат да остават отворени врати за повеќе можни толкувања.

Нараторката е модерна жена, адвокатка која не дозволила притисокот од околината да ù го управува животот. Таа е самохрана мајка, која вонбрачно родила две деца и во ниту еден момент не чувствува дека згрешила или дека треба некому да ги оправдува своите одлуки. По тоа, нејзиниот лик е редок пример во македонската книжевност на самоуверена, финансиски независна жена, која не смета дека нејзината возраст или фактот што има две деца треба да ја натераат да се откаже од потрагата по љубов. Во таа смисла, Тинка е нејзин интересен антипод: таа е во финансиски незавидна состојба, нејзината околина ја смета за остарена веќе во нејзините дваесетти години, а таа самата, како вдовица со две деца, се препушта на брак со човек кого не го сака, но кого околината го смета за соодветен на неа, имено и самиот е вдовец со две деца. Од друга страна, тие двете, по своите размислувања, како да се иста личност.

„Целата бев столчена од расположението на Тинка“, ќе рече во еден момент нараторката и ова е еден од оние пунктови на кои се поврзуваат двете приказни. Нараторката навлегла во ликот на Тинка, Тинка ги восприема расположенијата на нараторката. И токму во тој спој се судираат, но и се хармонизираат блискоста и различноста на двата лика. „Зошто дозволувам тагата на една измислена личност да ме обзема со таква нестварна силина?“, вели нараторката, која не може да се одвои од својата протагонистка. „Денешната жена не им робува на глупавите прописи за пристојност“, веднаш потоа додава, обидувајќи се да се одлепи од својата книжевна двојничка.

Срцето на Тинка премира кога Војдан заминува да студира во Швајцарија за да стане аптекар, свесна дека нема да го види со години, свесна дека и да го види, нивната љубов не може да биде остварена, бидејќи таа е мажена жена. Срцето на нараторката на ист начин и со ист интензитет премира за Д., иако нејзините околности се многу поповолни за остварување на таа љубов: тие и двајцата не се во брак, и двајцата се наклонети еден кон друг.

Војдан созрева во текот на петнаесетина години колку што се следи неговиот живот онака како што Д. созрева во очите на нараторката во кусиот период што се одвива во примарната приказна. Војдан, на почетокот – интровертен, тивок, паметен, со ставови кои, главно, ги држи за себе, не избрзува лекоумно да донесе заклучоци; карактеристики што ќе го освојат господинот Бенгели кај кого престојува за време на студиите – полека се трансформира во разочаран, фрустриран и налутен човек, кога ќе слушне за премажувањето на Тинка за Глигор, а најпосле, со годините и искуството, станува човек полн со разбирање, кој ги прифатил однесувањата и мотивите на сите околу себе, без оглед колку го повредиле, човек кој е подготвен да шири љубов, да се жртвува за другите. Д., во сосема други околности и во оној краток период додека го следиме, останува ист, но се трансформира во очите на нараторката: од колега со кого таа нема заеднички разговор, освен службен, во човек кој запомнил дека таа сака да пишува и за таа цел ù ја нуди својата селска куќа, во човек кој е интересен, интригантен и со кого има толку заедничко што можат да разговараат секојдневно и бескрајно долго.

Разговорите на нараторката со различни ликови како поттик за обмислување на романот

Додека дејството во примарната приказна се случува во период од неколку недели, приказната за Тинка и Војдан се одвива во низа од петнаесетина години. А сепак, внимателно и успешно, Оливера Николова ги вплетува меѓусебно небаре се дел од една иста ткаенина. Ова успева да го постигне преку внесување на една необична романескна техника во Адамовото ребро, а тоа се посебните поглавја „Разговорот со...“, кои претставуваат дискусија со различни соговорници на нараторката: од Д., преку дактилографката во канцеларијата, клиентите, до мајката. Овие разговори од совремието на нараторката се искуството кое, преточено, влегува во контекстот на раниот дваесетти век во слична, но доволно видоизменета форма за да не биде несоодветно на времето во кое ќе се најде.

Во разговорот со Н., која верува дека постои вистинска љубов, скептичноста на нараторката полека попушта и таа постепено ја развива љубовта кај своите ликови. Во разговорот со И., нејзин поранешен клиент, таа се расправа со неговите ставови за оние жени кои, според него, „изигруваат маченички“. Нараторката, погодена од оваа констатација, ги брани тие жени како личности кои не се плашат да ги изразат своите емоции, што потоа го воведува и кај ликовите од својот роман.

„Семејството на Тинка го создадов од моето семејство“, вели нараторката – и навистина, децата на Тинка ги носат имињата на нејзините деца, карактерот на постарото дете, Симон, е ист и во реалноста на нараторката и во фикцијата што таа ја создава. Кога Тинка, откако останува вдовица, ќе се упати кон Глигор Поточки, нараторката која го пишува романот се прашува: „беше ли тоа и моја потсвесна желба да направам нешто вон од очекувањата што ме обврзуваат?“

Разговорот со П., пак, познат адвокат, човек „бескрајно вљубен во сопствените постапки“ веднаш ја потсетува на Глигор Поточки, кој станува суров во однесувањето кон Тинка. Освен тоа, нараторката го презема и дискурсот на луѓето од нејзината околина и го поврзува со ликовите од својот роман, па постојано повторуваното „најмила колешке“ од страна на П. се надоврзува на „најмила Тинке“ во говорот на Глигор.

Романот на Оливера Николова Адамово ребро се издвојува во македонската книжевност по својствата на протагонистката која не се плаши од своите избори во животот, неконвенционални за времето во кое живее. Се издвојува и по интересната техника на самопреиспитување преку тоа што ги соочува сличните ликови во сосема различни временско-просторни околности. Се издвојува и по специфичното метакнижевно истражување: овде, не само што реалноста на нараторката влијае во создавањето на нејзините ликови и нејзиниот роман туку и постапките на нејзините ликови повратно дејствуваат таа да размисли за своите животни избори, понекогаш да ги промени и да им даде смисла.

Романот „Адамовото ребро“, со поговор од Калина Малеска, е дел од едицијата со десет тома со 12 реобјавени книги од творештвото за возрасни на Оливера Николова, во издание на „Арс Ламина“.

Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку  www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14892

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.98 MB