Скопје, книжевна радост ти ќе бидеш! Денеска (13 ноември) одбележуваме 78 години од ослободувањето на град Скопје. На овој ден во 1944 година борците од 42. и 50. Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада го ослободиле Скопје од фашистичката окупација.
Нашата метропола е инспирација за многу домашни автори, уметници и креативци. Се среќава како мотив во есеите, песните, расказите, романите, книгите за деца, фотографиите, дизајните и други творби. Животот и историјата на градот, луѓето и архитектурата на Скопје се проткаени низ повеќе изданија од „Арс Ламина – публикации“, кои се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“.
На листата е и најновата книга на Зоран Спасов Ѕоф, „Џабе живиш у Скопје“, која ќе биде промовирана на 16 ноември (среда), со почеток во 20 часот, во скопскиот локал „Интермецо мјузик бар“ (Intermezzo Music Bar). Специјални гости на настанот ќе бидат шоуменот Игор Џамбазов, Бранко Огњановски (познат како Миле Паника) и Сашо Мацановски-Трендо.
Во продолжение се десет изданија посветени на Скопје, со кои го одбележуваме 13 Ноември.
- „Скопски есеи“ од Јелена Лужина
Книгата „Скопски есеи“ од Јелена Лужина е истовремено книга за минатото и за иднината. Во неа, со поглед наназад, авторката ги портретира големците што оставиле трага врз македонската култура, почнувајќи од веќе подзаборавените Јосиф Михајловиќ и Аница Савиќ-Ребац; преку карикатуристот и сценограф Василие Поповиќ-Цицо; драмските писатели Бранислав Нушиќ и Душан Јовановиќ; поетите Светлана Христова-Јоциќ и Матеја Матевски; класичарката Љубинка Басотова и писателката Јадранка Владова; актерката и режисерка Тодорка Кондова-Зафировска, суфлерката Нада Прличкова; големиот Предраг Матвеевиќ, македонистот Петар Кепески и критичарот Димитар Митрев; и конечно режисерот Љубиша Ѓеорѓиевски, веќе култниот Дејан Дуковски и, во последниот есеј, драматургот Коле Чашуле. Но, исто така, покрај тоа што ги спасува овие фигури од срамниот заборав, Лужина ни ги приложува нам, особено на помладите, како образец и идеал, за што сè можат да бидат Скопје и македонската култура. „Природно е и нормално градовите да ги У-својуваме, а не да ги О-својуваме! И обратно: тие да нè У-својуваат нас“, пишува авторката, бидејќи „градовите стануваат ’наши‘ исклучиво поради она ’метафизичко вибрато‘ што го имаат или – просто – го немаат. Тие што некогаш го имале, ама потоа го загубиле.“ Заради оваа книга тоа „метафизичко вибрато“ продолжува да трепери низ сите оние што се сеќаваат и, сеќавајќи се, продолжуваат да творат без разлика на медиумот.
Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk на следниот линк:
https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14716 - „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ од Ерина Богоева
Монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ од Ерина Богоева, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, содржи осумдесетина фотографии со објекти изградени по скопскиот земјотрес. Модерната архитектура претставува основна тематска преокупација во овој циклус фотографии на Богоева. Во нејзиниот фокус се 30 објекти создадени во втората половина на дваесеттиот век, меѓу кои: Управата за хидрометеоролошки работи, Телекомуникацискиот центар, Градски ѕид (блоковите и кулите), студентскиот дом „Гоце Делчев“, Домот на Армијата, Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, Католичката црква „Пресвето срце Исусово“ и други. Гледано од архитектонска перспектива, Богоева нè навраќа на најважниот период од историјата на развојот на градот – периодот на интензивната постземјотресна обнова. Во 2019 година, за оваа публикација ја доби престижната награда „13 Ноември“, што ја доделува Град Скопје.
Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13421 - „Скопјани“ од Гане Тодоровски
„Оваа книга е мал колаж од песни и други стихозборја и тивкозборја, игрозборки и зборограпки, сонофатки и досеќавалки, слова, записи, документи, препеви паметења и уште други зборовни итроштини, врзани исклучиво за Скопје и за скопјани“, ќе напише Гане Тодоровски во белешката кон „Скопјани“, што можеби неслучајно се наоѓа среде срцето на оваа книшка.
Низ овие стихувани страници со документаристичка вредност, поетот пее за конкретни теми, објекти и личности сместени во реалистична просторно-временска рамка, каде што опеаното се актуализира. Овде поетската слика е отворена и согледлива, што ја прави оваа поетска збирка комуникативна и читлива и надвор од својот контекст.
Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk.
https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14447 - „Мистериозниот град под калето“ од Александра Тодоровиќ
Интерактивната книга за деца „Мистериозниот град под калето“ од авторката Александра Тодоровиќ, со илустрации на Марко Јанев, е посветена на Скопје и неговата историја, поточно периодот под османлиска власт. Станува збор за роман-авантура, базиран на концептот прашање и одговор, каде што самиот читател го одредува текот на настаните и дејството, преку избор на страницата што ќе се сврти. Првпат на нашиот пазар, ваквата иновативност е директно поврзана со податоците за градот и аспектите од неговото културно наследство: спомениците, настаните, начинот на облекување, храната, јазикот. Оваа книга нема да ја читате по вообичаен редослед. Низ страниците ќе се соочите со многу предизвици. Ќе се запознаете со Скопје и со јунаците од неговото минато кои се споменуваат и до ден-денес, бидејќи со своите дела, храброста и јунаштвото оставиле печат зад себе. Ако се случи да се изгубиш, не предавај се, обиди се повторно. Книгата секогаш ќе те врати на вистинскиот пат! Со помош на оваа авантура ќе научиш еден дел од историјата што е значаен за нашиот главен град. Тоа е периодот кога градот Скопје бил под османлиска власт. Ќе посетиш многу објекти значајни за тоа време и кои до ден-денес постојат за да нè потсетуваат дека Скопје е град со многувековна традиција.
Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk на следниот линк:
https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14448 - „Зора зад аголот“ од Димитар Солев
Книгата „Зора зад аголот“ од Димитар Солев е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, на издавачката куќа „Арс Ламина“, чијашто цел е овие изданија да се приближат до новите генерации читатели. Корицата на новата верзија е мотив од слика на пријателот и соработник на Солев, уметникот Васко Ташковски. „За разлика од некои, што се родени со среќа па фрлени на буниште, јас сум роден на буниште и фрлен на среќа. Буништето е меана, а среќата град…“ Вака ја почнува својата приказна безимениот наратор со презиме Колиштрк, кој од безбедната позиција на балконот, каде што се чувствува „ни на небо ни на земја“, низ самоделски перископ од огледалца, го набљудува животот на намерниците во меаната на неговиот татко – „Зора“. Преку симболот на перископот, овој роман – што е парадигматичен за модернистичките тенденции во современата македонска книжевност – автореферира на писателскиот занает. Тоа се потврдува и со последната реплика во романот: „…нема ништо поубаво од убивање на времето; макар и со ѕиркање во туѓи животи, додека не си го имаш својот“. Помеѓу почетната и крајната точка, пак, се простира современа хроника за градот Скопје од втората половина на 20 век, метонимиски претопена во историјата на славната „Зора“ зад аголот, која е и симболичкиот архив на предземјотресно Скопје. Наратор е младиот писател кој живее над градската кафеана во Дебар маало, „Зора“, и со својот перископ ги следи и ги бележи судбините на луѓето кои се гости. Од Славе Вардарец до локалниот лекар, кој е ексцентрик и вегетаријанец. Во секое поглавје, како што вели Читачот, фокусот е на нов лик, но приказните и на другите ликови вешто се испреплетуваат.
Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14537 - „Боксерот од Ново маало“ од Владимир Плавевски
Ангел Тотевски, меѓу своите маалци и пошироко попознат како Шуре Катиљ, е прочуен тепач од Ново маало. Прекарот го добива во кланицата каде што работи, оти најбрзо од сите шури јагниња, ама и затоа што е катиљ по душа. Поради проблемите што си ги навлекува со својот терсене карактер, еднаш завршува претепан од милицијата и прибран во затвор. Единствено решение да го скроти својот темперамент е да почне да тренира бокс. Тренирајќи напорно и посветено, Шуре прераснува во боксерска икона на боксерскиот клуб „Вардар“ и гордост на новомаалци. „Боксерот“ е уште едно емотивно четиво на Владимир Плавевски, во кое преку приказната за маалскиот кабадаија Шуре, ги преживуваме сите премрежиња низ кои поминале луѓето во кобните 1962 и 1963 година во Скопје. Романот ја доби престижната награда „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2020 година, што ја доделува Друштвото на писатели на Македонија.
Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14442 - „Кучешки приказни од Тафталиџе 1“ од Јасмина Кантарџиева Димков
Приказната во книгата за деца „Кучешки приказни од Тафталиџе 1“ од Јасмина Кантарџиева Димков е сместена во една од најпознатите скопски населби изградени по земјотресот во 1963 година. Тафталиџе е симбол на солидарноста на светот по оваа катастрофа. Изградена е со монтажни куќи – донации од Чехословачка, Финска, Полска, Норвешка, Швајцарија, Италија, Мексико, Франција… Во нивна чест се именувани и улиците во ова населено место. Во книгата на Кантарџиева Димков во Тафталиџе 1 владее вистинска животинска хармонија. Ја одржуваат другарствата помеѓу маалските кучиња. Некои од нив се расни и имаат дом, а другите се миленици на улицата и за нив се грижат повеќе родители (најчесто деца). И ги има секакви: големи, мали, дебелки, слабички, брзи, бавни, болникави (ама не страшно, туку само склони на настинки)… а што е поважно – секое од кучињата има свој уникатен карактер. Животот во Тафталиџе 1 тече мирно и безгрижно… Кучињата секојдневно се дружат и се шетаат по познатите улици „Виенска“, „Букурешка“, „Париска“, „Прашка“, „Лондонска“, „Варшавска“, „Хелсинки“, а маалото е полно со весели кучешки лаежи. И сѐ би било совршено, да не е тука Страшилото и неговите миленици, бандата мачки.
Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13140 - „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски
Книгата „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски, која содржи носталгични и емотивни реминисценции од старо Скопје, беше промовирана во 2019 година на годишнината од скопскиот земјотрес. Со неа старите скопјани ќе се потсетат на градот пред земјотресот, а новите генерации ќе дознаат каков бил некогашниот маалски живот. Скопската населба Ново маало, за жал или за среќа, сè уште постои и е речиси иста и непроменета како и пред седумдесет години – времето кога расказите содржани во оваа книга биле реалност. Ново маало своевремено било центар на светот за новомаалците, микрокосмос од кој почнува и завршува сè. Таму се зборувал локален, маалски јазик и имал свое наречје, различно од тоа на соседните маала, поради што неретко луѓето не се разбирале меѓусебно. Маалската гордост ја чувале маалските банди, секогаш закрвени со тие отспротива. И покрај скудниот начин на живот, маалските улици ечеле од детскиот џагор и нивните необични игри. Во оваа збирка ќе ги прочитате носталгичните и емотивни реминисценции за едно одамна минато време и за едно невино детство изгубено во маалскиот амбиент.
Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13306 - „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ од Зоран Михајлов
„Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ не е само носталгична збирка од напишани спомени на истакнатиот и светски признаен спортски новинар и коментатор Зоран Михајлов. Уште повеќе, оваа книга е паметник на успесите на македонските спортисти, на нивниот натчовечки влог во постигнувањето резултати вредни за светската почит, во поединечните и во групните спортови. Благодарение на неговиот професионален повик, Михајлов изворно ги пренесува случувањата од спортските борилишта, осврнувајќи се и на историските контексти што оставиле траен печат во домашната и во светската спортска историја. Па, така, оваа книга ќе потсети на многубројните доживувања, на блесоците и падовите, на некои афери без кои како да не се може, на контактите со светските асови, на немилите настани, како минхенската олимпијада во 1972 година, на олимпијадите на кои македонските спортисти ги освоија првите медали. Книгата содржи и сеќавања на Михајлов за скопскиот земјотрес и акциите за спасување на настраданите.
Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13467 - „Џабе живиш у Скопје“ од Зоран Спасов Ѕоф во „Интермецо“
„Џабе живиш у Скопје“ е збирка актуелни, изумрени и подзабораени поими, фрази, изрази, идиоми, апсурди, фазони, афоризми, синоними, топоними, акроними, криптоними и многу други „–ними“. Книгава е локализирана у покушај да се долови хајлевел шегобијноста на скопјаните, бидејќи авторот е чврсто убеден дека ние Македонците (заедно со Србите) имаме најбољи хумор у свет. Дел од изразите се користат поише од петсто години, дел стотина, дел од 1945 година, па навака, дел откако Тито го заболе ногата, дел откако Кљусев искочи на бина… Авторот ги реактуелизира со цел да се разбудат и расталасаат некои чувства што дугачко време дремат у латентна состојба. Оваа книга е вивисекција на скопските: (не)култура, историја, менталитет, хумор и јазик, но и одолжување на авторот на неговото Скопје. Дизајнот на корицата е на стрип-авторот Михајло Димитриевски – Тxе Мичо.
Книгата „Џабе живиш у Скопје“ наскоро ќе биде достапна во сите книжарници на „Литература.мк“.