Ново migrirano

Малибу во пламен – најбараната книга од Литература.мк ова лето

14.09.2022.
<strong>Малибу во пламен – најбараната книга од Литература.мк ова лето</strong>

Летниот книжевен хит „Малибу во пламен“ од авторката Тејлор Џенкинс Рејд е најпродаван наслов во книжарниците на „Литература.мк“ и во август. Високо на топ 10 листата со најпродавани книги е уште еден бестселер на Тејлор Џенкинс Рејд – „Седумте мажи на Евелин Хуго“. Ова лето се читаа историско-фантастичните романи „Париската библиотека“ од Џенет Скеслин Чарлс и „Невидливиот живот на Ади Лару“ од В. Е. Шваб, современиот класик „Сто години самотија“ од Маркес, како и бестселерите: „За пет години“ од Ребека Серл, „Списокот со гости“ од Луси Фоли и „Семејство“ од Луиз Џенсен. Читателите ја бараа и „Исповеди“ од популарната Колин Хувер, како и „Три желби“ од Лијан Моријарти.
Во продолжение ви ги претставуваме содржините на книгите од топ 10 листата со најпродавани книги од областа на фикцијата. Романите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку интернет-страницата www.literatura.mk.

  1. „Малибу во пламен“ од Тејлор Џенкинс Рејд
    Приказната се случува во Малибу, во август 1983 година. Четворица познати браќа и сестри организираат епска забава за да го прослават крајот на летото. Но, во период од 24 часа нивните животи ќе се сменат засекогаш. Исчекувањето е трескавично. Сите сакаат да бидат во близина на познатите Рива: Нина, талентираната сурферка и супермодел; браќата Џеј и Хад, едниот шампион во сурфање, другиот признат фотограф; и нивната обожавана помала сестра Кит. Заедно, тие се извор на фасцинација во Малибу и во светот – особено како потомци на легендарниот пејач Мик Рива. Единствената личност што не е баш одушевена од забавата на годината е самата Нина, која никогаш не сакала да биде во центарот на вниманието и која кусо пред тоа е јавно отфрлена од нејзиниот сопруг – професионален тенисер. До полноќ забавата ќе биде надвор од контрола. До утрото, куќата на Рива ќе исчезне во пламен. Но, пред таа прва искра во раните утрински часови, на сите страни ќе тече алкохол, ќе ечи музика и љубов, а тајните што ги обликувале генерациите од ова семејство ќе испливаат на површина.
    Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку http://www.litearatura.mk. https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14924
  2. „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд
    Возрасната и повлечена холивудска филмска икона Евелин Хуго, конечно, е подготвена да ја каже вистината за нејзиниот гламурозен и скандалозен живот. Но, кога за тоа ќе ја ангажира анонимната репортерка Моник Грант, никој не е поизненаден од самата Моник. Зошто неа? И зошто сега? Моник не е баш на врвот на светот. Сопругот ја напуштил, професионалниот живот ѝ е во ќор-сокак. И покрај тоа што не знае зошто Евелин ја избрала да ја напише нејзината биографија, Моник е решена да ја искористи можноста и да почне своја кариера. Моник е поканета во луксузниот апартман на Евелин, каде што фасцинирано слуша додека актерката ѝ ја раскажува нејзината приказна. Од пробивот во Лос Анџелес во педесеттите до нејзината одлука да го напушти шоу-бизнисот во осумдесеттите години и, секако, седумте сопрузи попатно, Евелин раскажува приказна за безмилосни амбиции, неочекувано пријателство и голема забранета љубов. Моник почнува да чувствува вистинска поврзаност со легендарната ѕвезда, но како што приказната на Евелин се приближува кон крајот, така станува јасно дека нејзиниот живот се испреплетува со оној на Моник на трагичен и неповратен начин.
    Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14712
  3. „Париската библиотека“ од Џенет Скеслин Чарлс
    Годината е 1939, а местото е Париз. На младата, убава и амбициозна парижанка Одил Суше сè ѝ оди од рака: ја добива својата работа од соништата во Американската библиотека во Париз и почнува љубовна врска со згодниот и либерален полицаец Пол, кој ја сака и ги поддржува нејзините соништа и амбиции. Но, Германија секавично напредува во војната, а Париз е под опсада и преполн со нацистички војници. Сè што ѝ е мило на Одил, вклучувајќи ја и Американската библиотека, може да исчезне секој момент. Годината е 1983, а местото е малото гратче Фројд во Монтана. На тинејџерката Лили ништо не ѝ оди од рака. Непопуларна е на училиште, не може да го освои момчето кое го посакува, а мајка ѝ одеднаш тешко се разболува. Но, тука е нејзината софистицирана и образована сосетка со странско потекло со која полека се зближува. Таа со нејзиниот ум и со нејзиното однесување отскокнува од здодевното секојдневие на малиот град, а нејзиниот живот и минатото се обвиткани со мистерија и тајни. Лили не знае колку тие тајни засекогаш ќе ѝ го сменат животот.
    Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:
    https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14544
  4. „Сто години самотија“ од Габриел Гарсија Маркес
    Светскиот книжевен класик „Сто години самотија“ од колумбискиот писател и нобеловец Габриел Гарсија Маркес излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Романот „Сто години самотија“, кој е дел од едицијата „Современи класици“, се смета за магнум опус на Маркес, а важи и за едно од највлијателните дела во латиноамериканскиот книжевен канон и во светската книжевност. Од неговото прво објавување во 1967 година во Аргентина, преведен е на 46 светски јазици, а продадени се повеќе од 50 милиони примероци низ светот. Оваа епска бајка ја опфаќа стогодишната турбулентна историја на Јужна Америка, од постколонијалните дваесетти години на 19 век до дваесеттите години на 20 век, раскажана преку семејната хроника за седумте генерации од семејството Буендија од селцето Макондо. Личноста и делото на Габриел Гарсија Маркес се симбол и знак на идентификација на генерацијата латиноамерикански писатели кои го афирмираа низ светот и го потврдија со високи естетски вредности угледот на новата литература на шпански јазик во последниве децении. „Авторот кој од малото селце со загадочно име, Аракатака, во Колумбија, тргна по светот за да го разнесува алхемискиот прав на јужноамериканскиот континент, денес со своето богато дело е граѓанин на светот, писател читан во сите краишта на Земјата и близок познајник на македонскиот читател.“
    Kнигата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14919
  5. „Невидливиот живот на Ади Лару“ од В. Е. Шваб
    „Невидливиот живот на Ади Лару“ е историско-фантастичен роман, горко-слатка љубовна приказна, но и омаж на уметноста и на уметничката инспирација. Приказната почнува во Франција во 1714 година. Ади Лару сака само едно: да се ослободи од оковите на животот во провинција за да може сама да господари со својата судбина. Во момент на очај таа се спогодува со ѓаволот, кој за возврат ѝ ветува слобода и вечна младост. Но, цената за тоа е висока: секој што ќе го сретне, набргу ја заборава. И така младата жена почнува патување низ вековите што ја носи на различни места од европската историја, спознавајќи ја притоа тенката граница меѓу осаменоста и малодушноста. Ади Лару се обидува да остави трага во времето и просторот, во историјата на уметноста: таа е позната муза на старите мајстори, безимена убавица во песните на големите поети. Триста години подоцна, Ади во една книжарница во Њујорк запознава момче кое ќе ја запамети…
    Kнигата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на: https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14870
  6. „За пет години“ од Ребека Серл
    „За пет години“ е незаборавна љубовна приказна, но не онаква каква што очекувате. Дени Коен живее според правилата. Млада е и амбициозна и точно знае каде се гледа себеси во животот. Ниту малку не личи на својата најдобра пријателка, спонтаната и романтична Бела. По неколку години вредна работа и грижливо планирање, Дени е на прагот за остварување на своите соништа. Ќе се вработи во најдобрата адвокатска фирма, а нејзиното совршено момче ја запросува. Дени лежи на нејзиниот кревет задоволна и убедена дека работите одат според планот. Кога ќе се разбуди, Дени се наоѓа во друг стан, со поинаков прстен на раката, покрај сосема друг човек. Следниот еден час од нејзиниот живот Дени го поминува пет години во иднината, пред повторно да се разбуди. Иако настојува да го потисне живописниот сон, Дени не може да престане да размислува за тоа искуство.
    Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:
    https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14516
  7. „Списокот со гости“ од Луси Фоли
    На остров крај брегот на Ирска се собираат гости за да го прослават стапувањето во брак на двајца луѓе. Младоженецот: згоден и шармантен, телевизиска ѕвезда во подем. Невестата: паметна и амбициозна, издавач на списание. Тоа е венчавка за медиумите, во стилот на познатите ѕвезди: дизајнерски фустан, оддалечена локација, додатоци за забава, најдобро виски. Сигналот за мобилна телефонија е нестабилен, брановите жестоки, но секој детаљ е совршено испланиран и стручно ќе биде реализиран. Сепак, совршенството е за планови, а луѓето се несовршени. Шампањот е послужен, почнува забавата, а со многубројните реминисценции и добри желби, почнуваат низа непријатности и љубомора. Другарите на младоженецот ја почнуваат играта со пиење од нивните училишни денови. Деверицата не толку случајно го уништува својот фустан. Најстариот пријател на невестата прави необична здравица. И тогаш излегува дека некој е мртов. Кој не им посакува добро на младоженците? И, можеби уште поважно, зошто?
    Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:
    https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14521
  8. „Семејство“ од Луиз Џенсен
    „Семејство“ е тензичен трилер од авторката на светските бестселери „Сестрата“, „Подарокот“ и „Рандеву“, Луиз Џенсен. Приказната се врти околу една жена, Лора, која е скршена по ненадејната смрт на нејзиниот сопруг. Борејќи се да се справи емоционално и финансиски, Лора е благодарна кога локална заедница, „Оук лиф органикс“, ѝ нудат дом нејзе и на нејзината 17-годишна ќерка Тили. Но, додека Лора и Тили се адаптираат на животот со нивното ново „семејство“, почнуваат да се случуваат опасни работи. Кога еден од заедницата умира под сомнителни околности, Лора сака да замине, но Тили, привлечена од харизматичниот лидер, Алекс, одбива да си оди.
    Очајно барајќи начин да ја спаси својата ќерка, Лора открива застрашувачка тајна, но Алекс и неговото семејство не се единствените што кријат нешто. Како што Лора копа во нивното минато, така тие копаат во нејзиното и таа ја открива застрашувачката причина поради која ги поканиле неа и Тили и зошто никогаш нема да им дозволат да заминат…
    Книгата веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
    https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14827
  9. „Исповеди“ од Колин Хувер
    На дваесет и една година, Обурн Рид веќе изгубила сè што ѝ е важно. Во својата борба одново да си го изгради урнатиот свет, таа си ги зацртува целите и нема простор за грешки. Но, кога влегува во едно уметничко ателје во Далас, барајќи работа, таа не очекува да се појави длабока привлечност кон таинствениот уметник кој работи таму, Овен Гентри. Обурн ризикува првпат и си го препушта срцето да ја води, само за да открие дека Овен чува голема тајна да не излезе на виделина. Обемот на неговото минато се заканува да го уништи сето она што ѝ е важно на Обурн и единствениот начин таа да си го врати животот е да го отфрли Овен од себе. За да ја спаси нивната врска, сè што треба да направи Овен е да се исповеда. Но, во овој случај, исповедта може да биде многу подеструктивна од самиот грев.
    Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14357
  10. „Три желби“ од Лијан Моријарти
    „Три желби“ е бестселер на „Њујорк тајмс“ и е првиот роман на Лијан Моријарти. Лин, Кет и Џема Кетл, прекрасни триесет и тригодишни тројни близначки, се чини го привлекуваат вниманието каде и да се појават. Кога се заедно, се чини како постојано да ги следат смеата и драмата, но, со тоа, тука се и неволите, додека секоја посебно си води и своја битка со личните подеми и падови. Лин си го организира животот според еден голем список што си го прави самата, Кет дознава вчудовидувачка тајна за нејзиниот брак, а Џема, која ја прекинува секоја врска кога ќе дојде до шестиот месец, конечно почнува да се надева на трајна љубов.
    Во овој умно напишан и духовит роман, ги следиме сестрите Кетл низ нивната бурна триесет и трета година во нивниот вител од ривалства и тајни, откритија и врски, неверни сопрузи и незамисливи одлуки и неверојатниот, но неретко и фрустрирачки живот што со себе го понесува тоа да си засекогаш дел од трио.
    Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:
    https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14713

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.96 MB