Го одбележуваме Светскиот ден на човековите права (10 Декември), со извадок од говорот на Ели Визел, при приемот на Нобеловата награда за мир во 1986 година. Тој е автор на романот „Ноќта“, чијшто македонски превод е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а објавен во соработка со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
Во 1986 година, 58-годишниот писател и политички активист од еврејско потекло, Ели Визел (1928 – 2016), ја доби Нобеловата награда за мир. Комитетот за доделување на наградата го нарече „гласник на човештвото“. Визел го потврди тоа име со својата извонредна елоквентност, кога на десетти декември истата година се појави на сцената во Градското собрание на Осло во Норвешка и одржа спектакуларен говор за правдата, угнетувањето и за нашата индивидуална одговорност во нашата заедничка слобода.
Со својата мудрост здобиена на тежок начин, преку личното искуство како преживеан од холокаустот, раскажано во неговиот автобиографски роман-мемоар, „Ноќта“, Визел ја величи нашата должност да зборуваме против неправдата дури и кога светот ќе се засолни во тишината:
„Се сеќавам: се случи вчера или пред многу вечности. Младо еврејско момче го откри кралството на ноќта. Се сеќавам на неговата збунетост, се сеќавам на неговата мака. Сè се случи молскавично брзо. Гетото. Депортацијата. Запечатениот вагон за превезување стока. Огнениот олтар на кој требаше да се жртвува историјата на нашиот народ и иднината на човештвото.
Се сеќавам: момчето го праша својот татко: ’Зарем е вистина сето ова?‘ Ова е дваесетти век, а не среден век. Кој би дозволил да се случуваат вакви злосторства? Како можеше светот да молчи?
Сега момчето се свртува кон мене: ’Кажи ми‘, ми вели. ’Што направи ти со мојата иднина? Што направи со твојот живот?‘
Јас му велам дека се обидов. Дека се обидов да го одржам споменот жив, дека се обидов да се борам со оние што ќе заборават. Затоа што ако заборавиме, ние сме виновни, ние сме соучесници.
Тогаш му објаснив колку бевме наивни, дека светот знаел и молчел. И затоа јас се заколнав никогаш да не молчам кога човечки суштества ќе страдаат и ќе бидат понижувани каде и да било. Мораме да заземаме страна. Неутралноста му помага на угнетувачот, а никогаш на жртвата. Тишината го охрабрува мачителот, а никогаш измачуваниот. Понекогаш мораме да се вмешаме. Кога се загрозени човечки животи, кога човековото достоинство е загрозено, националните граници и националната чувствителност стануваат неважни. Секаде каде што мажите и жените се прогонувани поради нивната раса, религија или политички ставови, тоа место – во истиот момент – мора да стане центар на универзумот.“
Визел нè потсетува дека дури и политички значајното несогласување секогаш почнува со личен чин – со еден глас кој одбива да биде замолчен:
„Во светот има толку многу неправда и страдање што молат за нашето внимание: жртви на гладот, на расизмот, на политички прогон, писатели и поети, затвореници во многу земји каде што владеат левицата и десницата. Човековите права се кршат на секој континент. Повеќе луѓе се угнетувани отколку слободни.
[...]
Треба да се направи многу, може да се направи многу. Една личност, една личност со интегритет може да направи разлика, разлика помеѓу животот и смртта. Сè додека еден дисидент е во затвор, нашата слобода нема да биде вистинска. Сè додека едно дете е гладно, нашите животи ќе биде полни со болка и срам. Она што пред сè им е потребно на сите овие жртви е да знаат дека не се сами; дека не ги забораваме, дека кога гласот ќе им биде задушен, ќе им го зајмиме нашиот, дека додека нивната слобода зависи од нашата, квалитетот на нашата слобода зависи од нивната.
Ете ова му го кажав на младото еврејско момче кое се прашуваше што сум направил јас сите овие години. Од негово име зборувам со вас и ви изразувам најдлабока благодарност. Никој не може да биде толку благодарен како оној што излегол од кралството на ноќта. Сите знаеме дека секој момент е момент на благодат, секој час е подарок; да не ги споделиш значи да ги изневериш. Нашите животи веќе не ни припаѓаат само нам; тие им припаѓаат на сите оние на кои очајно им требаме.“
Македонскиот превод на романот „Ноќта“ е плод на соработката помеѓу издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Достапен е во сите книжарници „Литература.мк“, во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.