Интервју

Наталија Лукомска: Беше предизвик и задоволство да се нацрта чудното, шарено, животинско царство на Ши, ѕифри, копчи

22.11.2021.
Наталија Лукомска: Беше предизвик и задоволство да се нацрта чудното, шарено, животинско царство на Ши, ѕифри, копчи

Децата го запознаваат светот на книгите најпрвин преку сликовниците. Прво „читаат“ преку илустрациите, па потоа ги учат зборовите и буквите... Покрај тоа што ја дополнуваат и ја раскажуваат приказната, илустрациите исто така ја поттикнуваат имагинацијата кај децата. Магично ги оживува навидум „невидливите“ ликови, емоции и појави. Една од најактуелните илустраторки кај нас, Наталија Лукомска, повеќе години успешно визуелно ги „чита“ приказните за деца. Деновиве од печат излезе најновата книга со нејзини илустрации – „Ши, ѕифри, копчи“ од авторот Владимир Лукаш, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата беше промовирана на 18 ноември, во книжарницата Literatura.mk Superstore во „Скопје сити мол“. „Ши, ѕифри, копчи“ е збирка поезија за деца со многу интересна структура. Замислена е како „пеење“ на мечокот Гриз Ли, кој онеобичувајќи го светот околу себе нѐ води низ еден ден – од неговиот почеток до крајот; од будењето до заспивањето. Гриз Ли измислува зборови, наутро вели ШИ (наместо добро утро), напладне ЅИФРИ (наместо добар ден) и навечер КОПЧИ (наместо добро вечер). Измислувањето нови, непознати зборови за стари, познати нешта ја поттикнува креативноста на децата и нивната јазична слобода. Секој од зборовите на Гриз Ли, лирскиот херој на оваа книга, претставува одделен циклус со еднаков број страници. Утринските или ШИ-песните се најкуси, сонливи; пладневните ЅИФРИ-песни се подолги, со ококорени очи; и најдолги се КОПЧИ-вечерните песни, кои завршуваат со миење заби, како и секој детски ден.

Наталија Лукомска е полска илустраторка и графичка дизајнерка која живее и работи во Скопје. Се занимава со илустрирање и графичка обработка на книги и дизајн на постери, црта детски книги, дизајнира корици, соработува со издавачи и културни институции во Полска и во Македонија. Предава полски јазик и преведува книги. Разговаравме со неа по повод промоцијата на „Ши, ѕифри, копчи“.

– Цртањето за мене е процес што тече интуитивно и природно и е еден вид интерпретација на текстот. Може да се каже дека илустраторот е активен читател на делото, кој по читањето со помош на ликовни средства на изразување пробува одново да го раскаже текстот, отсликувајќи ги емоциите, асоцијациите и мислите што конкретниот текст ги предизвикува во него, истовремено создавајќи нов свет. Во таа смисла, доближувањето на приказната се случува посредно, преку доловување на атмосферата на делото, посочување детали што не само што го илустрираат текстот туку и го дополнуваат, ги прошируваат неговите рамки и отвораат простор за нови читања. Набљудувањето на кој начин мојот цртеж „живее“ и влијае врз мислењето и емоциите на децата и на возрасните, ми претставува големо задоволство – вели таа.

* Книгите за деца, покрај уметничката цел, имаат и задача да едуцираат и да дадат некоја поука. Која е пораката што им ја праќате на децата преку „Ши, ѕифри, копчи“?

– Не ми е целта да праќам порака. Сакам да им ја насликам на децата мојата визија за приказната, верувајќи во нивната способност да ги препознаат сите емоции и да ги здогледаат најситните детали. Им ги предавам илустрациите да „прочитаат“ од нив колку што можат повеќе. Сакам мојот цртеж да разбуди во нив желба за создавање нови, фиктивни светови во кои може да се случи сѐ, да ги поттикне да ја користат својата имагинација. Додека мојот цртеж го прави тоа, знам дека вреди да цртам.

* Како настана и како течеше соработката со авторот Владимир Лукаш? Колку се надополнувавте во креативниот процес?

– Со Владимир Лукаш се познаваме веќе некое време и одамна зборувавме да нацртаме нешто заедно. Благодарение на уредничката Оливера Ќорвезироска, која нѐ спои во овој проект, излезе ова чудно, шарено животинско царство. Лукаш го ценам како феноменален уметник – илустратор, писател, музичар. Всушност, не знам зошто самиот не си ги илустрираше стиховите, би го направил тоа одлично, во свој карактеристичен, неповторлив стил, па затоа уште повеќе сум благодарна што можевме да соработуваме, што поверува во мене и што ми даде апсолутна слобода во мојот креативен процес.

* Како ја доживеавте приказната од „Ши, ѕифри, копчи“ при првото читање? Колку стиховите беа инспиративни и податливи за да ги „оживеете“ визуелно ликовите споменати во книгата?

– „Ши, ѕифри, копчи“ е многу разиграна, динамична приказна, ја ценам поради нејзиниот вешт јазик и, пред сѐ, поради хуморот. Иако песните можат да се читаат посебно и секоја по себе претставува еден микросвет, сите заедно создаваат една живописна, шумска приказна, во која се случуваат најобичните и истовремено најнеобичните нешта. Тоа ја прави да биде извонредно четиво – го препознаваме како фиктивен, но сакаме да „нурнеме“ во тој свет и да ги ѕиркаме животните, во нивните необични случки препознавајќи го сопствениот свет. Нурнав и јас. Илустрирањето на книгата ми беше голем предизвик, но и огромно задоволство.

* Активна сте на повеќе сфери на книжевноста и јазикот, преведувате, предавате, пишувате и илустрирате. Во која област се чувствувате најсвоја и на кои ангажмани сте посветени сега?

– Во последно време најактивна сум како лектор по полски јазик на Филолошкиот факултет и како илустратор. Тие две дејности ми го окупираат времето, но морам да признам дека во последно време сум многу ангажирана околу цртањето. „Ши, ѕифри, копчи“ е една од седумте книги што ги подготвувам оваа година во Македонија, а реализирав и други, помали и поголеми проекти, тука и во Полска: цртав илустрации за корици на книги, подготвував постери и илустрации за фестивалот „АртАреа“ во Скопје и Шлезискиот фестивал на науката во Катовице (Полска), илустрирав учебник за изучување полски јазик како странски. Моментално го довршувам последниот проект за оваа година, а потоа планирам да одморам и да соберам мисли и сили за нови предизвици.

* По потекло сте од Полска, но живеете и работите во Скопје, а и одлично го познавате македонскиот јазик. Кога се „запознавте“ со Македонија, што Ве наведе да се доселите тука и дали одржувате приватна и(ли) професионална релација со Полска?

– Со Македонија првпат „се запознав“ на факултет. На Шлезискиот универзитет во Катовице студирав полонистика и славистика и во рамките на тие студии одбрав чешки и македонски јазик. Потоа дојдов во Македонија да предавам полски јазик на Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Тука го запознав мојот сопруг и останав да живеам и да работам во Македонија. Сепак, мојата врска со Полска, како на приватно, така и на професионално ниво е многу силна и се трудам да патувам таму колку што можам почесто. Ми недостигаат семејството и блиските другари, но со дел од нив сум поврзана и професионално, така што се радувам што можам да бидам во постојан контакт со нив.

Сликовницата „Ши, ѕифри, копчи“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14720

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.07 MB