Интервју

Маријана Котевска-Георгиева: Во Карши е сместено сè што стои наспроти мене, од другата страна

05.10.2021.
Маријана Котевска-Георгиева: Во Карши е сместено сè што стои наспроти мене, од другата страна

Поезијата е уметност што моќно и суштински може да ги отслика емоциите и внатрешниот свет на авторот. Таа може да се доживее и да се разбере најразлично, на индивидуално и колективно ниво, но и да се исполни и да се пренесе преку повеќе платформи и уметнички форми. Поезијата може да се напише, рецитира, раскаже, отпее или наслика, да се преточи во видео или музика.

Ова се покажа и со новата збирка песни „Карши“ од Маријана Котевска-Георгиева, која беше претставена на 3 октомври со мултимедијален настан во автентичниот амбиент на Капан ан. Промоцијата вклучуваше изложба, поетско читање, видеопроекции и музички настап. За време на промоцијата присутните можеа да ја погледнат изложбата на академската сликарка и магистер по ликовна уметност Сандра Котевска. Таа се претстави со делата што се најдоа на корицата и на внатрешните страници на книгата. Дел од стиховите беа претставени со видео, а посебен белег на настанот остави специјалниот гостин Бранислав Николов, познат како вокалист на групата „Фолтин“, кој интерпретираше две песни од стихозбирката на Котевска-Георгиева.

Книгата, која е објавена на македонски и на англиски јазик, е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Англиската верзија на стихозбирката, со наслов Across from me, е со превод на Никола Гелинчески. По повод објавувањето на книгата разговаравме со авторката Маријана Котевска-Георгиева.

* Кои сме ние наспроти (карши) другите: себеси, светот, животот воопшто?... Колку и како стиховите можат да одговорат на овие значајни прашања?

– Не би рекла дека кој било стих или која било форма на уметност воопшто може да го даде одговорот на овие прашања. Па, дури ни филозофијата. Ова се онтолошки и метафизички теми што со години филозофијата ги раслојува, притоа таа не трага по одговорот, затоа што знае дека е недостижен, туку само пробува да му се доближи. Мислам дека имагинацијата, онаа што ќе ја сретнете во уметноста, особено во поезијата, е најблиску во потрагата по одговорот на големите прашања, најблиску до вистината.

* Како се роди идејата за „Карши“. Кога и колку време настануваа песните од оваа збирка?

– Речиси целата збирка е напишана минатата година. Има само неколку песни што се постари, но кои пренесуваат слични внатрешни состојби и затоа концепциски одговараа да се сместат меѓу другите стихови од оваа збирка. Идејата не се роди одеднаш, ниту, пак, мислам дека е возможно намерно да се напише збирка. Песните се редеа една по една, водени од внатрешната конверзација на силните чувства. Стиховите се раѓаат кога човек ќе научи да ги препознава чувствата, кога ќе им дозволи да живеат, затоа што од нив тргнува сè. Преобразувајќи ги чувствата во поезија, поетот го гради своето скривалиште. И тука тој бега, се крие. Тука е на сигурно. Тој свет, кој е забранет за другиот, за поетот е слобода.

* Карши е турски збор, значи спроти или наспроти, отспротива, но е одомаќинет кај нас, често користен во секојдневниот говор. Која е заднината зад изборот на насловот на книгата?

– Првичниот наслов за кој размислував беше „Има нешто наспроти“, но подоцна, размислувајќи, сфатив дека тоа што е наспроти не е само нешто туку може да е и некој. Дека тоа е во исто време и сè. Така стигнав до „Карши“. Затоа што во карши е сместено сè што стои наспроти мене, од другата страна. Но, во карши има и успокојувачка близина, затоа што сè додека нешто е карши, значи дека не е далеку. Карши е турски збор, разговорно присвоен и често употребуван во нашиот јазик. Збор што, од една страна, во своето значење носи нешто скриено, дискретно, интимно, опсерваторско, а од друга страна во својата звучност носи нешто силно, распарувачко, раскршувачко. Карши. Краток по должина, полн по значење и силен по звучност. Доволно за наслов.

* Што или кој најчесто Ве инспирира? Кои се главните мотиви во песните?

– Поетите импресијата можат да ја најдат во слика што другиот може нема ни да ја погледне. Ако кај филмот пресудна улога игра сензитивноста на критичкото око на режисерот, кај поетите клучот е во умеењето на поетот внатрешните состојби да ги преобрази во поетска слика. Кај мене чувствата ја иницираат креативната енергија. Им благодарам за нивното достоинствено и признаено присуство, затоа што од нив се раѓа песната, која во моето толкување на поезијата ја изедначувам со жив организам.

* Колку песните во делото се надополнуваат и носат заедничка порака/приказна?

– Сите се надополнуваат, а во исто време и секоја може да стои сама, одделена, издвоена. Секоја е своја планета, во иста галаксија. Приказната е една, тоа е онаа во која секојдневно се будиме и легнуваме. Но, различно раскажувајќи ја и различно доживувајќи ја, таа се разградува на деловите од кои е создадена. На мали живи слики, парчиња, кои влегуваат во мозаикот на целината. Сметам дека за едно книжевно дело, без разлика дали е роман или е збирка песни, многу е значајно книжевните фрагменти, слики, сцени од кои делото е составено да можат да стојат самостојно, да бидат силни и независни. И во исто време да придонесат кон силата на целината. Затоа што целта не е постигната ниту ако имаме само силни парчиња, а бледа целина, ниту, пак, ако имаме просечни парчиња што создале впечатлива целина.

* Лично Вам, која песна (или песни) ви е најдрага.... Кои стихови најдобро Ве „соголуваат“ емотивно?

– Не можам да издвојам најдрага песна. Во сите сум оставила дел од себе. Тоа се мигови на чисто доживување, мигови на емоционален своеволен егзил. Мигови на славење, на ослободување.

* Книгата е илустрирана со дела од Сандра Котевска, академска сликарка и магистер по ликовна уметност. Колку овие илустрации ја дополнуваат приказната во стихозбирката и дали се направени наменски за книгата? Каква беше соработката со уметницата?

– Сандра е исклучително талентирана млада сликарка, а во нејзината естетска нарација јас честопати наоѓам поклопување со некои мои внатрешни доживувања. Така се роди идејата за соработка. Дел од илустрациите во мојата книга се преработки на фрагменти од некои слики од последната нејзина изложба што ја имаше минатата година, а најголем дел од илустрациите се изработени наменски за книгата. На синоќешниот мултимедијален настан во Капан ан Сандра Котевска постави шест големи висечки експонати, кои се однесуваат на пет глави од книгата, а поставени беа и две масла на платно меѓу кои и водечката слика, која е на корицата на книгата и која носи наслов „Наспроти водата“.

* Книгата има и англиска верзија, со наслов Across from me, која е со превод на Никола Гелинчески. Зошто се одлучивте и за англиско издание и дали тоа значи дека планирате да ја претставите книгата на интернационалниот пазар?

– Сметам дека книжевните дела не треба да се локализирани, а ни оставени само на мала читателска публика. Благодарение на преводите сме стигнале да ги запознаеме нашите книжевни херои. Сметам дека „Карши“, во превод на англиски Across from me, носи доза на книжевна сигурност и затоа мислам дека достоинствено може да се запознае со светот.

* На промоцијата во Капан ан, твои стихови интерпретираше Бранислав Николов, добропознатиот вокалист на групата „Фолтин“, кој исто така се јавува и како поетски автор (Пијан Славеј)... Која е конекцијата со Николов? Дали можеби неговата музика (или песни) Ве инспирираат за творење?

– Со Бранко сме долгогодишни добри пријатели. Инспирацијата ни е заемна. Тој е одличен соговорник кога на маса ќе се стави филозофијата. Заедно сме ја барале филозофијата во литературата, во француските шансони, во филмот, во фадото... А јас сум ја наоѓала филозофијата (од егзистенцијална до утопистичка) и во неговите стихови, а особено во неговиот вокал.

* Колку време се занимавате со пишување поезија, како се разви оваа пасија и колку таа има удел од Вашиот живот?

– Со пишување се занимавам цел живот. Дипломирав и магистрирав на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Љубовта кон книжевноста, која во себе ја носев од дете, на оваа катедра се надгради и со знаење, длабоко истражување на светската литература и книжевност, историјата на книжевноста, теориските правци и школи. Моето пишување главно е насочено кон есеистички трудови и научно-истражувачка книжевна работа. Во претходната моја книга, која носи наслов „Социјалниот архетип во документарниот филм“, компаративно се задржав на теоријата на документарниот филм, наспрема книжевната теорија. Поезијата ми е еден од омилените книжевни жанрови. Чиста, затворена, прецизна и возвишена форма на уметнички израз. Никогаш не сум пишувала песни, ни песнички, само колку да пишувам. Нити сум имала некакви незрели обиди за тоа. Зреењето на мислата, само по себе, ја донесе и зрелоста на зборот. Следната збирка песни веќе си го врви патот под себе. Многу години работам како копирајтер во „Сити радио“, „Метрополис радио“ и „Клуб ФМ“. Затоа што од книжевност кај нас, за жал, не се живее. И во сите тие реклами и џинглови што ги пишувам, понекогаш ненамерно, понекогаш тактички ја вметнувам поезијата. Мислам дека е неминовно нејзиното присуство во секоја збиена пишана форма.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.07 MB