Интервју

Петар Стојановски: Храмот на натписите е трилер-авантура во стилот на Индијана Џонс

15.09.2021.
Петар Стојановски: Храмот на натписите е трилер-авантура во стилот на Индијана Џонс

Македонската книжевна сцена деновиве се збогати со нова трилер-авантура „Храмот на натписите“ од новото авторско име Петар Стојановски. Романот, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе ги однесе читателите на многу историски места што кријат таинствени симболи, кодови и изгубени древни градови. Приказната се случува во 2010 година, кога земјата на Консепсион, Чиле, почнува да се тресе. Во целиот хаос, на главната хероина, Нивес, ѝ приоѓа жена која ѝ подава мистериозен предмет со шест симболи и во истиот момент починува. Нивес и нејзиниот брат Сантијаго се обидуваат да ја откријат тајната на предметот, кој ги води во три држави, од урбаните средини на Ванкувер до длабоките џунгли на Јукатан и Мексико. Сантијаго и Нивес ќе бидат принудени да затропаат на вратите од универзитетот во Ванкувер, каде што ќе побараат помош од двајца научници, Насим и Марк. Потоа сите заедно тргнуваат на едно необично патување со многу тајни, но и опасности што ги демнат од сите страни...

Петар Стојановски студирал на Катедрата за географија на Природно-математичкиот факултет. Во 2019 година го објавува својот прв роман „Странец под Алпите“. Веднаш потоа, во временски период од десет месеци, го пишува својот втор роман „Храмот на натписите“, кој го завршува во февруари 2020 година, еден месец пред да се прогласи светската пандемија од вирусот Ковид-19. Книгата беше претставена на Саемот на книгата 2021. По тој повод разговаравме со авторот Петар Стојановски.

* Која е пораката што сакате да им ја пренесете на читателите со ова дело?

– Ништо не е постигнато и сè е залудно ако не се пренесе некоја порака или да се извади поука од книгата што се чита. Пораката е навидум едноставна, но доволно длабока за да го замисли читателот. Овој свет во кој живееме и ова брзо време мора да запре некогаш и сè да се рестартира одново, само така би го зачувале во себе и она нешто свето и чисто што ќе остане за идните генерации. Но, повеќе за тоа не би сакал да откривам, да оставиме на фантазијата на читателот да си го доживее романот на негов начин и да ја разбере пораката.

* Што претходеше на објавувањето на романот, како настана соработката со издавачот „Арс Ламина“?

– Еден месец пред да почне ковид-кризата во 2020 година го завршив романот и го испратив на издавачот без некои големи очекувања, а по некое време, кога добив фидбек од нив, бев среќен како мало дете, бидејќи знаеме колку е тешко во Македонија некој да застане зад тебе и да ти дава поддршка како издавач. Затоа сум задоволен и благодарен од секој можен аспект за тоа како излегоа работите на крајот.

* Што Ве инспирира за приказната во „Храмот на натписите“?

– Имав еден период кога многу гледав документарци, читав таква тематика за старите и древни народи, за мистериите низ светот, за пирамидите, за необјаснетите цртежи и фрески што се наоѓани ширум светот, за необјаснетите градби, како што се пирамидите, за кои никој не знае и нема докази како се градени со толкава прецизност во тоа време. Идентични цртежи низ разни локации на светот, за тоа дека постоела пред нас некоја понапредна цивилизација итн. И така, древните Маи ми се видоа како најпривлечен народ за почнување на добра приказна и авантура. Така, се решив на сериозен зафат од кој немаше назад, но не да биде историска приказна, туку еден трилер што ќе се одвива во модерно време, но каде што тоа присуство на Маите постојано ќе биде во заднината. Така почна сѐ во стил на Индијана Џонс, ха-ха-ха.

* Станува збор за трилер што читателите ќе ги однесе на незаборавна авантура… Што е фикција во приказната и колку има реални моменти или ликови?

– Фикција е развојот на приказната и ликовите, но сите историски места, локации, податоци што се споменуваат низ страниците се вистинити, а само на крајот му дадов една моја хипотеза, која останува да лебди во воздухот додека не се докаже спротивното, но за повеќе да се открие, читателот ќе мора да си ја прочита книгата. Инаку, пишувањето е најлесниот дел. Истражувањето е најтешкиот дел од целиот процес. Два месеца собирав материјали, симнување податоци од интернет, ги печатев, па ги учев, истражував за локациите каде што се одвива приказната, местоположбата, историјата, климатските одлики, културата и обичаите на народот, флората и фауната за секоја локација поединечно, градовите и нивните главни одлики, гледање видеа на интернет, виртуелни тури низ локациите и уште низа други податоци…

* Студирате на Катедрата за географија. Колку изборот на Вашата професија имаше придонес во создавањето на овој авантуристички-трилер?

– Сѐ уште немам дипломирано, ми останаа само уште два испита, но ќе биде и тоа. Инаку, да, можеби и тоа имало свој придонес, бидејќи ние географите сме авантуристи во срцето и природата е нераскинлив дел од нашата душа и само таму се чувствуваме како свои. Би сакал оваа пригода да ја искористам и да ги поздравам професорите од катедрата за географија на ПМФ.

* Од каде афинитетот за овој жанр? Дали можеби читате таков тип литература или гледате ваков тип филмови/серии?

– Искрено да ви кажам, последен пат што се сеќавам дека сум прочитал нешто слично беше „Кодот на Да Винчи“, повеќе сум насочен кон крими-трилери или само трилери. Како што напоменав претходно, можеби тој авантуристички дух придонел за тоа да се случи, како и мојата љубопитност кон мистериозните и необјаснети појави низ светот.

* Кажете ни малку повеќе за главните протагонисти во делото...

– Главни протагонисти се Сантијаго и Нивес. Брат и сестра близнаци, но сосема со различни карактери и темперамент. Израснати во сиромашно и патријархално и традиционално чилеанско семејство. Но, тоа што двајцата ги прави посебни се одлучноста, почитта еден кон друг, мотото што ги води во животот никогаш да не се откажат во која било ситуацијата, праведни во секој поглед, но нивната љубопитност ќе ги соочи со човековата злоба и алчност, меѓутоа на крајот сепак е судбината таа што ќе надвладее сè и ќе ги земе под своја закрила.

* Дали врз основа на приказната од „Храмот на натписите“ може да се сними некој филм или серија?

– Во тој случај би бил најсреќниот човек на светот. Сметам дека за еден автор или писател нема нешто поубаво од тоа да му се филмува сопственото дело и да го види оживеано на филм. Тоа би било остварување на мојот сон, но никогаш не се знае, можеби и тоа ќе се оствари некогаш, ха-ха-ха. Мое е да работам, неуморно создавајќи нови дела, а дали некому ќе му се допадне тоа, оставам на времето. Времето и трпението е тоа што може да нè воздигне, а и да нè фрли во заборав, тенка е таа граница помеѓу.

* Можете ли да ни пишете малку повеќе за себе, кои се најзначајните моменти од вашата биографија?

– Уште од најмали години сум учен да чекорам по потешкиот пат. Додека сите ми кажувале немој вака, немој онака, јас секогаш сум практикувал да ги искусам нештата на сопствена кожа, па потоа да извлечам поука од тоа. Не знам дали тоа е знак на глупавост или, пак, подобро е така во животот, да се соочиш со сè очи во очи. Се сеќавам кога требаше да го издадам првиот роман колку ми беше срам. Се плашев од оној познат стереотип на Македонец од типот: ајде што ќе ти е тоа, кој видел корист од пишување, не се глупирај, од каде па ти писател и слични фрази. Не дека немаше такви, но како и сè во животот, ако дозволиш да те бутнат на колена некои неистомисленици кои не те почитуваат ќе останеш вечно да коленичиш, затоа во тие моменти не треба да се потклекне и треба да си го истераш тоа што си го замислил докрај. Пишувањето е нова страна во мојот живот која ја испишувам повеќе од десет години и не планирам да ја затворам. Во овој книжевен свет сум релативно нов, но би сакал повеќе да се задржам. Убаво е чувството кога некој ви го вреднува трудот. Се надевам дека во иднина ќе бидам константен со нови наслови, за кои читателите ќе покажат интерес и ќе го ценат тоа.

* Кога и како се разви интересот за пишување книги? Дали имате некои други публикации досега? И какви Ви се плановите во врска со пишувањето (романи)?

– Интересот бил присутен можеби отсекогаш, но првпат решив да седнам и да напишам нешто уште пред дванаесет години, кога имав 21 година, а производ од тоа беше „Странец под Алпите“. Тоа е крими-трилер и е мое прво дело што го издадов самостојно преку друга издавачка куќа. Моментално пишувам трет роман и е во процес, но секојдневните работни обврски го забавуваат тоа. Сепак, се надевам дека до крајов на годинава ќе биде готов, нели, ако сè биде како што треба. Се работи за крими-трилер, кој ќе биде продолжение на првиот роман, но ќе бидат независни еден од друг. Со оглед на тоа дека желбата за пишување не ме напуштила веќе 12 години, дефинитивно сакам да го работам ова и понатаму ќе продолжам да творам додека имам инспирација, а се надевам дека таа нема никогаш да исчезне.

Романот веќе е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.07 MB