Интервју

Сашо Кузмановски: Крими-романот Афера во музејот на пари е добра подлошка за филм или серија

12.09.2021.
Сашо Кузмановски: Крими-романот Афера во музејот на пари е добра подлошка за филм или серија

Патувањата, посетите на интересни места, но и вестите што секојдневно кружат во новинарските кругови се убав расадник за раѓање на убава приказна. Во мојата приказна имам искористено дел од, ќе ги наречам, моите професионални доживувања. Новинарството како професија го сметам за предност при пишувањето и, искрено, искуството што го носи оваа професија во голема мера ми помогна да ја донесам „Афера во музејот на пари“ на начин на којшто е ова печатено издание – вели Сашо Кузмановски, долгогодишен новинар, чијшто деби-роман излезе од печат деновиве.

Крими-романот „Афера во музејот на пари“, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше претставен на т.н. „Ноќ на домашни трилери“ во рамките на Саемот на книгата, заедно со уште три нови романи од домашни автори, со што се збогатува овој книжевен жанр кај нас. По тој повод разговаравме со авторот.

* Вие сте долгогодишен спортски новинар, кој со „Афера во музејот на пари“ се пробувате и како автор на крими-роман. Што Ве мотивира да ја напишете оваа приказна?

– Книгите ми се пасија долго време. Поради обврските што ги носи мојата професија, новинарството, никогаш не сум се посветил доволно она што го имам како идеја, да го ставам на хартија. Љубител сум на трилери, крими-романи, ме фасцинираат добри заплети, умствени игри, добро изработени, а уште повеќе добро раскажани приказни. „Афера во музејот на пари“ чекаше подолго време, јас да најдам време да ѝ се посветам на постапката за пронаоѓање издавач, кој би бил заинтересиран да ја донесе пред јавноста. На моја среќа, а по големо инсистирање на сопругата и синот, „Арс Ламина“ ми излезе во пресрет, на што сум им особено благодарен. Инаку, соработката со издавачката куќа дојде сосема случајно. Ракописот го испратив на конкурсот за книжевната награда „Пегаз“, знаејќи дека некој сигурно ќе го прочита. На мое изненадување, секако и задоволство, уредничката Бисера Бендевска ме информираше дека романот е одбран надвор од конкуренција на наградените романи и дека „Арс Ламина“ би сакала да го објави. Во целиот процес имавме беспрекорна соработка, а финалниот производ ги надмина моите очекувања.

* Станува збор за приказна поврзана со финансиска кражба во музејот на парите (во Скопје). Една фиктивна приказна сместени во реално време и место... Колку во приказната има фикција, а колку користите реални елементи? Колку време истражувавте на оваа тема, како се создаваше приказната од романот?

– Сите што тргнале по овој пат знаат колку време треба за една добра приказна. На мојата потрошив цели две години. Истражувања, посети на места, читање, учење непознати работи... Тоа е процес што не можете никако да го ставите во некоја временска рамка. Инаку, да, приказната е фикција, која ја градев врз некои реални настани, случки, археолошки факти. Тргнав од премисата дека сакам добра крими-приказна сместена на македонски терен, која малку ќе чепне и во нашата историја и културно наследство, но ќе остане раскажана во реално време.

* Од каде афинитетот за криминалистички жанр? Дали можеби читате таков тип литература или следите дневни билтени од вистински настани?

– Дневни билтени не следам, освен она што паѓа в очи, па речиси никој и не може да го прескокне во дневната новинарска рутина. Гледам и уживам во добри ТВ-серии, би рекол повеќе трилери, отколку есенцијални крими-изданија. Веројатно некои од американските телевизиски крими-класици од осумдесеттите беа јадицата на која се фатив и до денес уживам во добра приказна и добро изградени ликови. Истото се однесува и на книгите. Обожувам да читам трилери. Имам неколку автори на кои имам посебна слабост, а во последно време откривам и некои нови кои знаат да ме освојат. Се надевам дека и на домашната сцена во скоро време ќе има подобра и поголема понуда.

* Која е главната порака на романот?

– Една од причините за создавањето на приказната во романот беше веројатно и желбата малку повеќе да се заинтересираме за она што го имаме како културно богатство, а кое со години се раскрчмува по знајни и незнајни патишта. Она што го имаме документирано и зачувано би било добро да го видат колку што е можно повеќе луѓе, да бидат свесни за историјата по којашто чекорат и да научат малку повеќе да го ценат она што некој пред нас, веројатно и несвесно, ни го оставил во наследство.

* Кои се главните ликови во делото, како би ги опишале со неколку зборови?

– Двајца инспектори и една конзерваторка. Различни карактери, меѓусебна нетрпеливост, но до срцевината посветени на професијата. Тие се двигатели на приказната, иако има мноштво ликови кои се појавуваат и кои ставаат по едно камче во конечниот изглед на овој прозаичен мозаик.

* Кога се појави Вашиот интерес за пишување книги и дали ова е Ваше прво објавено дело?

– Да, „Аферата во музејот на пари“ е прво мое објавено дело. Тоа беше и првиот обид да направам нешто посериозно, надвор од новинарската практика и секојдневното пишување на новинарски текстови. Ова е нешто сосема поинакво и ми прави малку поинакво задоволство од новинарството во кое сè уште уживам како и при првиот ден.

* Колку приказната од „Афера во музејот на пари“ може да биде подлошка за некој филм или серија?

– Интересно е што една од рецензентките која имаше можност да биде меѓу првите која го прочита романот, во својот коментар забележа дека „Аферата...“, на начинот на кој е пишувана, е добра подлошка за филм или серија. Во тој дел, искрено, освен како гледач, немам многу искуство, но би се радувал кога некој би посакал да го претвори во некој македонски телевизиски или филмски производ.

* Покрај пишувањето, со што се занимавате во моментов и какви Ви се плановите во врска со пишувањето (романи)? Дали можеби во Вашиот лаптоп чека на објавување уште некое дело?

– По завршувањето на „Аферата...“ имав чувство дека главните ликови заслужуваат еден вид продолжение, со една сосема нова приказна. Повеќе од година, па можеби веќе и две, работам на нов крими-трилер. Во него на сцена се враќаат дел од главните ликови од овој мој дебитантски роман, засилени со уште неколку нови имиња. Но, тоа е единствената нишка што го поврзува овој мој дебитантски роман со новиот, кој е во разработка. Темата е сосема поинаква од оваа, но останува на домашен терен, овде во Македонија.

Романот е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.71 MB