Интервју

Соња Китановска-Кимовска: Во книгата Разбуди го родителот во себе откривам како родителството да стане уживање

27.07.2021.
Соња Китановска-Кимовска: Во книгата Разбуди го родителот во себе откривам како родителството да стане уживање

Како да се биде подобар родител? Како да се оствари подобра комуникација со децата? Како родителите да се справат со сите предизвици што ги носи воспитувањето на децата? Како родителството да стане уживање?... Ова се само дел од прашањата на кои одговара проф. Соња Китановска-Кимовска во својата книга за самопомош „Разбуди го родителот во себе“. Книгата, која неодамна излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.

Работата на книгата, од идеја до конечна реализација, траела неколку години, во кои имало периоди на интензивна работа и периоди на „зреење“ на материјалот.

– Процесот на пишување за мене претставуваше вистинско задоволство и уживање, а соработката со уредничката Надица Фирфова беше беспрекорна и многу плодна. Резултатот од тој процес е едно мошне привлечно издание што верувам дека ќе го привлече и ќе го задржи интересот на читателската публика – вели авторката Китановска-Кимовска, која е преведувач, универзитетски професор, активист и едукатор за родители.

Таа речиси десет години работела како преведувач и толкувач за шведски развојни проекти, а од 2003 година работи како слободен преведувач и толкувач. Има завршено магистерски студии по англиски јазик и применета лингвистика на Универзитетот „Кембриџ“, Обединето Кралство, во 2004 г., а докторирала во областа на преводот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, во 2013 година. Од 2010 година предава на Катедрата за преведување и толкување при УКИМ по предметите англиски јазик и преведување од англиски на македонски јазик. Има објавено повеќе научни и стручни трудови од областа на преведувањето, една книга од областа на англиската лингвистика и една монографија од областа на преведувањето. Во последните пет години активно и интензивно се занимава со проучување на детската психологија и родителството и има завршено неколку курсеви од овие области. Соња е сопруга и мајка на три малолетни деца. Основач е на здружението за едукација и развој „Родители од акција“ во Скопје. Во интервјуто за нашиот блог зборува за своето лично искуство како родител, за предизвиците на современите родители и за книгата „Разбуди го родителот во себе“.

Кога и како се роди идејата да ја напишете книгата?

Идејата потекнува од пред неколку години, кога спонтано тргнав во потрага по одговори за прашањата што ги имав како родител. Решенијата за предизвиците со кои се соочував ги барав во книгите за самопомош на родители. Како што читав, почнаа да ми се отвораат нови видици и постепено почнав да ги применувам во практиката некои од сознанијата до кои доаѓав и, како резултат на тоа, комуникацијата со детето, атмосферата во домот, се менуваше на подобро. Дојде момент кога имав прочитано толку многу и бев уверена дека ги имам алатките што ми недостигаа, па решив да си го систематизирам тоа знаење. Сакав да го имам на едно место, пред сѐ, за себеси да си ги разјаснам работите, но и за да ми бидат подостапни, при рака, кога ќе ми затребаат. Сфатив дека не е доволно да се знае нештото, дека треба многу свесен напор, многу вежбање и многу упорност за да се заменат старите модели на постапување со нови. Така настана оваа книга како секојдневен прирачник за мене, но и за сите други родители кои се отворени кон новини и кои сакаат нешто да променат кај себе за сопствено добро и за доброто на своите деца.

Научните сознанија и докажаните практики извлечени од референтната научна и стручна литература во книгата се претставени преку Вашето лично родителско искуство. Како Вашето искуство како родител помогна во обликување на делото?

Сигурна сум дека да не бев родител, оваа книга немаше да постои. Моето родителско искуство е целосно и искрено преточено во книгата. Всушност, книгата ја раскажува мојата лична приказна и приказната на моето семејство, мојот процес на себеиспитување, освестување, сознавање, учење, моите падови и подеми како родител. Во книгата споделувам приказни од нашето семејно секојдневие што покажуваат кои се делотворните и помалку делотворните методи и начини на комуникација со децата. Речиси сите техники што се претставени во книгата сум ги „тестирала“ во мојот однос со децата во период од неколку години. Кога согледав дека има подобар начин и дека тој функционира и помага за градење на потопол однос со децата со меѓусебно уважување на чувствата и потребите, посакав да го споделам со другите родители. Секое поглавје од книгата содржи лична приказна, совети и техники, научни сознанија и занимливости за соодветната тема.

Може ли да ни ја раскажете Вашата родителска приказна? Какво искуство беше за Вас станувањето мајка и со какви очекувања и предзнаења бевте пред да се роди Вашето прво дете?

Мајка сум на три деца: два сина и една ќерка, на возраст од 11, 7 и 3 години. Како и повеќето родители, така и јас, во родителството влегов со голема желба, но особено неподготвена, поточно главно подготвена за физичкиот дел од процесот, но не толку многу за емоционалниот и менталниот. Како родители, главно се подготвуваме за носење на бебето, за бременоста и сѐ што носи таа (исхрана, физички промени, следење на развојот), па потоа породувањето, и за тоа како да се снајдеме во новата улога во првите месеци по раѓањето, при што и тука главниот фокус е на физичкиот аспект, на пример, редовни контроли на советувалиште, консултации околу исхраната, негата на бебето, вакцините и тука горе-долу завршува „наобразбата“. Бебето постепено расте, станува мало дете и потоа ние како родители претежно се препуштаме на „автопилотот“ во нас. Повеќето од нас немаме сознанија за тоа како да се справиме со емоционалниот аспект на родителската улога и особено со воспитниот аспект. Главно се потпираме на тоа што сме го усвоиле како модел од околината (најчесто од родителите или од другите лица кои се грижеле за нас) и ги повторуваме истите обрасци на однесување и постапување кон детето. Како постапувале со нас како деца, така постапуваме ние кон детето. Во некои случаи постапките се добри и соодветни, во некои не се. Така наидуваме на пречки, ситуации што сме мислеле дека нема да ни се случат нам (на пример, да не нѐ слуша детето, да не можеме да воспоставиме добра комуникација, да се соочиме со однесување што сметаме дека не е соодветно). И во мојот случај беше така. Родителската улога си ја зедов „здраво за готово“ и потребни беа неколку години за да сфатам дека ми недостига нешто. По раѓањето на второто дете работите кулминираа и тогаш почнав да барам помош во книгите за самопомош на родители.

Децата учат од своите родители, но и родителите од своите деца. Што научивте и сознавте за себе откако се родија децата? На што Ве научија тие и колку Ве променија?

Најважната работа што ја научив откако станав мајка е дека родителството, всушност, не е толку работа на детето, колку работа на себе. Ако треба ова да го изразам во бројки, би рекла дека родителството бара 10 % работа со детето и 90 % работа на себе. Децата ми помогнаа да ги согледам сопствените слабости, да се соочам со себе и да растам како личност. Со незаменливите ситуации што ми ги приредуваат секојдневно, ме потсетуваат на насушната потреба од отворен ум, флексибилен приод и постојано надградување. Ме научија дека нивните постапки во голема мера се одговор и одраз на моите постапки. Ако сакам тие „убаво“ да се однесуваат, треба јас да внимавам како се однесувам. Ако сакам да научат да се контролираат во изразувањето на емоциите и зборовите, треба јас да се контролирам како ги изразувам емоциите и кои зборови ги користам. Ако сакам тие да бидат добри личности, морам јас да бидам добра личност и да го покажувам тоа во мојот однос кон нив и кон другите луѓе. Да не заборавам дека јас сум најверодостојниот и највлијателниот (не секогаш најдобриот!) пример и модел за нив.

Соња Китановска-Кимовска: Во книгата „Разбуди го родителот во себе“ целосно и искрено го пренесов своето родителско искуство

Родителството е најблагородната, но истовремено и најтешка улога, која бара посветеност нонстоп... Како Вие го дефинирате во својата книга родителството и кои се главните пораки што им ги пренесувате на родителите?

Книгата го дефинира родителството како процес на будење на родителот, т.е. освестување за три клучни аспекти што го одредуваат неговиот однос со детето: 1. освестување за сопствените реакции и како со нив го засилува или го смирува однесувањето на детето, 2. освестување за реакциите, потребите и развојните можности на детето, и 3. освестување и усвојување на техниките, методите или алатките што може да ги користи за да ги постигне своите цели (без разлика дали тие се однесуваат на поттикнување некое однесување или елиминирање друго однесување). Главните пораки се: за да владее со ситуацијата, родителот прво мора да владее со себе, при што треба да ги развие вештините на самоанализа, себеиспитување, самосвест и самоконтрола; за да може да издејствува соработка од детето, родителот мора да ја заземе перспективата на детето, да покаже разбирање за неговите чувства и да го открие коренот на проблемот, т.е. да ги одгатне незадоволените потреби што детето обично ги манифестира преку изразување на непријатни емоции и преку несоодветно однесување (отпор, непослушност, пркосење, плачење, тегнење, напади на бес, удирање), да има на ум дека детето не е возрасна личност во мало тело, туку лице кое подлежи на ограничувањата на развојната фаза во која се наоѓа, да стане свесен дека детскиот мозок едноставно не е подготвен за тоа што го очекуваме од него, дека, на пример, способноста за самоконтрола целосно се развива до приближно 25-тата година од животот (!), да запомни дека детето е жедно за вниманието од родителот и ако не може да го добие со позитивно, тогаш ќе го бара со негативно однесување; конечно, за да ги постигне горенаведените цели, родителот мора да се грижи за себе, бидејќи грижата за себе е предуслов за грижата за другиот.

Повеќето родители често се преиспитуваат дали се добри, дали постапиле како што треба, дали правилно ги воспитуваат децата?... Постојат ли добри и лоши родители и дали има правилен или погрешен пристап во растење на децата?

Цврсто верувам дека ниту еден родител не му посакува ништо лошо на своето дете. Напротив, намерата на родителот е секогаш добра. Прашањето е дали пристапот што го користи води кон остварување на таа намера. За жал, не секогаш. Мислам дека тука има многу простор за преиспитување кај сите нас. Дали сме присутни во моментот кога сме со детето? Дали сме целосно свесни за сопствените чувства и за чувствата на детето? Дали сме пример за самоконтрола? Дали покажуваме разбирање за ситуацијата на детето и за емоциите што ги доживува или му ги порекнуваме и го омаловажуваме? Дали поставуваме јасни и цврсти граници и дали го правиме тоа со почит и емпатија? Дали сме доследни и дали секогаш го спроведуваме тоа што ќе го кажеме или кажуваме нешто што не сме во можност да го спроведеме? Дали поминуваме квалитетно време со детето? Одговорите на овие прашања ќе ни кажат дали сме на вистинскиот пат.

Кои се најчестите грешки што ги прават современите родители при воспитување на своите деца? Во што и како можат да се поправат/подобрат?

Најголемата грешка на современите родители е што се плашат да го изградат својот авторитет како родител. Притоа, не мислам на авторитет во смисла на авторитарен родителски стил што наметнува правила и ограничувања без уважување на потребите и чувствата на детето, туку на авторитативен родителски стил што поставува јасни граници на однесување со голема доза емпатија. Вториот пристап бара поставување на јасни цели и решителност истовремено проследени со искажување топлина и љубов и на долг рок им помага на децата да израснат во самоуверени и исполнети личности кои знаат да ги препознаваат сопствените потреби, да изградат добри односи со околината и да најдат мотивација и отпорност за да ги остварат своите цели. Друга грешка на родителите во современата доба е што отстапуваат премногу простор и време за детето пред екраните (компјутер, телефон итн.) кога тие служат за играње игри и за следење на социјалните мрежи. Со допуштањето на таквата долготрајна употреба на екраните, родителите несвесно одобруваат и придонесуваат кон нанесување на непоправлива долгорочна штета за социоемоционалниот, физичкиот и когнитивниот развој на детето. Колку е помало детето и колку е подолго времето поминато пред екран, штетата е потенцијално поголема. Освен тоа, ја ускратуваат шансата за слободна игра и за зближување и поминување на заедничко време. Најдобриот подарок за детето не е екранот, ниту другите материјални нешта што детето ги посакува и неретко ги добива. Најскапоцениот, а истовремено, бесплатен податок за детето е слободната игра и непреченото внимание од родителот. Со сегашното динамично темпо на живот слободното време е нешто што недостига, но како родители мораме да имаме предвид дека на детето родителот му е потребен повеќе од сѐ. Ако навистина не е можно да одвоиме подолго време во текот на денот, дури и 15 минути дневно со секое дете посебно можат да бидат доволни за градење на стабилна и доверлива врска меѓу родителот и детето, што е предуслов за родителот да може да ја стекне довербата на детето и да прерасне во негово безбедно прибежиште и засолниште во моментите кога детето ќе се соочи со тешкотиите на животот.

Како родителството може да стане уживање? Постојат ли „магични“ зборови и техники или, пак, тоа е долготраен процес? Кој е првиот чекор во трансформацијата?

Повеќето од нас се впуштаме во родителството со романтична идеја за новата улога затоа што природата ги создала бебињата толку убави и мили што не можеме а да не ги сакаме. Како што растат, почнуваат да го изразуваат својот посебен темперамент и своите ставови, а ние тоа го пречекуваме неподготвени и тука настануваат првите судири и конфликти. Како ќе се развива тој однос понатаму во голема мера зависи од тоа како ќе се постави родителот. Многу од фрустрациите на родителите настануваат кога очекуваме детето да постапи според некој наш замислен модел на однесување. Дали ќе „уживаме“ или ќе се „мачиме“ зависи од нашиот однос и од нашите сфаќања. Не се работи за „магична“ формула, се работи за процес на прифаќање на посебноста на детето онакво какво што е со сите негови доблести и маани. Ќе почнеме да „уживаме“ оној момент кога ќе се ослободиме од нашите очекувања за него, кога ќе го оставиме слободно да ги изразува своите емоции (особено оние непријатните), ќе ги прифатиме и на нив ќе гледаме како на канал преку кој ни ги пренесува неговите внатрешни незадоволени потреби, кога ќе го прифатиме такво какво што е и ќе го оставиме да ги открие и да ги реализира своите уникатни потенцијали, кога нема само да го оставиме да оди по својот пат, туку притоа ќе му ја понудиме својата целосна поддршка.

Изминатата година, заради пандемијата, повеќето родители работеа од дома и истовремено се грижеа за своите деца... Колку пандемијата го промени процесот на воспитување на децата, како оваа ситуација влијаеше на повеќето родители и на релациите родител-дете?

Пандемијата измести многу од границите што претходно ни беа познати и нѐ принуди да се соочиме со сите наши слабости, додека, пак, исходот од таквата нагла промена зависеше од нашата способност за брза адаптација. Преку ноќ се најдовме во ситуација да поминуваме долго време заедно принудени да ги вршиме секојдневните домашни и школски/работни обврски во еден заеднички простор. Таквата констелација имаше потенцијал да се развива во различни правци: да се доживува како несреќна нужност или да се гледа како неповторлива можност за нов почеток. Оние поотпорните и помудрите меѓу нас ја искористија ваквата ситуација за свртување кон себе и кон основната социјална клетка – семејството. Воспитувањето во вакви околности доби друга димензија. Родителите имаа единствена можност да покажат преку сопствениот пример како треба да се искористи кризата како можност за развој, како можност за јакнење на психолошката отпорност и навраќање на суштинските вредности, на основите на тоа што нѐ прави луѓе – љубов, почит, соживот, сочувство, солидарност. Ако успееме и понатаму да ги одржиме лекциите што ги научивме за време на пандемијата, животот ќе ни биде посмирен и поисполнет, а светот ќе биде поубаво место за нас и за нашите деца.

За кого е наменета оваа книга? Дали само за младите родители и за родителите кои се соочуваат со тешкотии во воспитувањето на децата?

Книгата е наменета за сите што се грижат за деца, имаат или планираат да имаат секојдневен контакт со деца без оглед на возраста на детето и улогата на возрасниот (родители, старатели, баби и дедовци, воспитувачи, негуватели, наставници, студенти на педагогија и психологија). Наменета е за секој што сака да напредува во родителската улога и да стане најдобрата верзија од себе во улогата на родител. Книгата отвора неограничени можности за развој на односот со децата, ја буди креативноста и нѐ тера повторно да станеме дете. Да се разбуди родителот значи да се разбуди детето во нас – да ја согледаме неговата перспектива и да постапуваме во согласност со неа, да најдеме баланс меѓу потребите на детето и целите на родителот.

Колку искуствата од вашиот досегашен образовен и професионален пат влијаеја во оформувањето на интересот кон анализата на детската психологија, родителството и воспитувањето деца и каква доедукација/обука имате на тој план?

Претходното професионално работно искуство несомнено влијаеше многу врз оформувањето на книгата таква каква што е. Не само по професија туку и по природа сум склона да верувам во факти и да носам заклучоци врз основа на сеопфатни податоци и докази, па тој мој нагон ме натера да истражувам и да ги сознам научните сознанија за детската психологија и воспитувањето деца и да ги преточам во овој труд. Од друга страна, познавањата на детската психологија се од голема полза кога работите со популација како што се студентите. Тие не се деца, но како адолесценти сѐ уште се во фаза на развој, па знаењата од областа на развојната психологија може многу да помогнат во разбирањето на нивните потреби и желби и во воспоставувањето на добар однос и комуникација со нив. Тоа е неопходно како здрава основа за успешен исход од образовниот процес. Во врска со доедукацијата на оваа тема, имам среќа што живеам во ова време на современа технологија благодарение на која имаме можност, и без да излеземе од границите на сопствената земја, да учиме од врвните светски авторитети. Ги искористив придобивките што ни ги нудат платформите за учење на далечина и мојата голема желба за учење, истражување и себеподобрување во областа на детската психологија и родителството ја задоволив со завршување низа курсеви на неколку реномирани светски универзитети. Особено ми е драга дипломата за сертифициран едукатор за родители според методот „Позитивна дисциплина“ на Џејн Нелсен и Лин Лот, која ми овозможува да организирам обуки за родители засновани на тој метод.

Основачка сте на здружението за едукација и развој „Родители од акција“ во Скопје. Кои се главните цели на вашето здружение и дали можете да ни издвоите позначајни активности?

Здружението за едукација и развој „Родители од акција“ во Скопје е основано неодамна со мисија да ги заштити децата од насилство при воспитувањето во домот и надвор од него, да ја подигне општествената и индивидуалната свест за позитивните пристапи кон воспитувањето и родителството, да ги зајакне социјалните и емоционалните вештини на родителите/старателите и децата заради градење на позитивни односи меѓу нив и олеснување на меѓусебната комуникација преку едукација и развој на сите засегнати страни. Главните активности се насочени кон организирање обуки за родители и сега за сега главно работиме со методот „Позитивна дисциплина“. Исто така, организираме информативни кампањи преку нашите канали на социјалните мрежи, а во моментов ја подготвуваме интернет-страницата www.roditeliodakcija.mk.

Книгата „Разбуди го родителот во себе“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14626

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.11 MB