Интервју

Искра Димитрова: Преку Пустина се поврзувам со мојот дедо Ѓорѓи Абаџиев, кој никогаш не успеав да го запознам

02.07.2021.
Искра Димитрова: Преку Пустина се поврзувам со мојот дедо Ѓорѓи Абаџиев, кој никогаш не успеав да го запознам

Што се случува во умот и во душата на еден атентатор – човек кој едни го сметаат за патриот, а други за терорист? Што мисли тој за себеси? Романот „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев е луциден и храбар обид да се одговори на ова прашање. Обидот бил крунисан со престижната награда „11 Октомври“. Романот, кој првично бил публикуван во 1961 година, неодамна беше реобјавен, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Новото издание на книгата ќе биде промовирано онлајн, на 06.07 (вторник) во 19 часот. Промоцијата ќе може да се проследи  на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“.

Романот „Пустина“, кој првично бил публикуван во 1961 година, неодамна беше реобјавен, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, чијашто цел е реобјавување на класичните дела на македонската книжевност.

„Пустина“ е историско-психолошки роман. Приказната е сместена во периодот пред Илинденското востание во 1903 година. Во фокусот се Арсо и Глигор, двајцата преживеани солунски атентатори – гемиџии. Идејата во романот е дека секој на свој начин треба да го плати долгот кон татковината. Во книгата се преставени дијалог, монолог — интроспекција со влегување во сопствената внатрешност и ретроспекција – враќање во минатото.

Своевиден ексклузивитет на новото издание е корицата на книгата, што ја изработи уметницата Искра Димитрова, која е внука на Ѓорѓи Абаџиев. Иако таа никогаш немала можност да го запознае својот дедо, кој починал пред да се роди таа, сепак чувствува голема поврзаност со него.

– Сум имала среќа Ѓорѓи Абаџиев да ми е дедо, но за жал никогаш не се сретнавме. Родена сум две години откако починал. Но, практично израснав со неговиот лик. Толку многу беше споменуван од целото семејство. Растев со празнината од дедо ми, која на некој начин можеше да биде пополнета со неговите книги. Особено при последново препрочитување на „Пустина“ , како одново да се запознавав со човекот кој ја напишал книгата, со писателот – вели таа.

Димитрова, која завршила филозофија (1988) и скулптура (1990) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, работи мултимедијални проекти, перформанси и инсталации. Работата на корицата на „Пустина“ не е нејзино прво искуство во дизајнот, но е прво искуство со дизајн на литература. Претходно има работено на каталози и публикации од ликовната уметност, неколку изданија на Големото стакло во издание на Музејот на современата уметност, мноштво публикации за Библиотеката, а сите публикации од нејзините изложби и дела исто така најчесто самата ги обликувала.

– Никогаш не работам дизајн доколку на некој начин не чувствувам некоја блискост, препознатливост со делото, врз чија база најчесто се раѓа идејата за дизајнот. Доколку не дојдам до идеја и реализација, која не можам да ја „потпишам“ – едноставно не можам да работам! При работата на корицата на „Пустина“ иницијално сакав да направам дизајн на книга од мојот дедо, но не знаев каков ќе биде резултатот – дали ќе дојде до тоа „препознавање“ и уште повеќе – дали ќе успеам да направам нешто на соодветно ниво за книгата, одговорноста е уште поголема, дизајнот треба да го надградува, не да го деградира романот... Секогаш мора да има поврзување со конкретната приказна. Метафората на пустина е умешно искористена од Абаџиев, зашто гледаме дека она што се случува во затворот е „далеку“ од пустина. Тоа е џунгла од психолошка драма, но пустината е физички наоколу, а можеме да зборуваме и за опустошеност. Овој елемент ми беше многу важен како некоја структура/заднина, на која ќе се надоврзе автентична слика од бродот на кој е извршена експлозијата, т.е. настаните околу кои се случува целата драма. Сепак, тие делчиња реалност се претставени во облачиња на повторливост, алудирајќи на постепеното замрачување на свеста – вели уметницата.

Ѓорѓи Абаџиев , фотографија од архивата на семејството

Работејќи на дизајнот на корицата, таа се „вратила“ во минатото и си замислила како нејзиниот дедо се чувствувал и што мислел.

– Го поминав истиот процес низ кој поминувал и дедо ми, кој се враќал уште подлабоко во минатото и размислувал како се чувствувале и како размислувале протагонистите во романот. Си го замислив тоа како некоја еднонасочна конверзација низ генерации. Но, како заеднички го препознав моментот во судницата, во која сите очи полни со осуда се вперени во младите бунтовници, знаев како најверојатно се чувствувале, како и дедо ми најверојатно претпоставувал дека се чувствуваат, имајќи го предвид неговиот чувствителен и скромен карактер, па решив истиот визуелно да го потенцирам! Читателот на своја кожа да ги „почувствува“ погледите што доаѓаат од сите правци! Чувствено да нурне во книгата – вели Димитрова.

Таа е задоволна од работата со тимот на издавачот „Арс Ламина“. За неа ова било интересно искуство.

– Соработката беше прекрасна. Им благодарам на сите соработници! Овој пат, првпат работев на дизајн на роман, а моите соработници, пак, најверојатно првпат работеа со уметник. Постојат поинакви параметри во овие полиња, правила од кои нема отстапувања во едицијата. На пример, јас, работејќи на изданија од ликовна уметност, редовно сум „одлутувала“ во маргините и тоа се смета за нешто вообичаено, за разлика од публикациите од област на литературата, каде што белината на маргината стриктно се почитува...

Димитрова е авторка на урбаната инсталација „Вера Надеж Љубов“. Нејзини позначајни самостојни мултимедијални проекти и инсталации се: Скопје, 1991-1994, 1997 (Музеј на современата уметност), 1998, 2000, 2006, 2017 (Национална галерија/Мала станица) и 2019 (Чифте амам); Медисон, САД, 1993; Вршац, 1996; Рочдејл, 1996; Загреб, 1996; Венеција, 1999; Токио, 2003; Јокохама (Јокохама музеј), 2004.

Во нејзиното уметничко портфолио се групните изложби: Петто интернационално биенале, Марибор (1996), Биенале на современа уметност, Селеста (Франција, 1997), Зрачења, Токио (Центар на јапонската фондација, 2000), После ѕидот, Стокхолм (Модерна музеј, 1999), Глобални феминизми, Њујорк (Бруклински музеј, 2007), супер(х)ЕРОС, Скопје (Национална галерија на Македонија, 2007), Џендер чек, Виена (Лудвиг музеј, 2009) и Трансфигурирање – Imago mundi (Тревизо музеј, 2016).

– Како ликовен уметник, мислам дека најголемо значење имаше изложбата во Бруклинскиот музеј во Њујорк со кој се отвори новиот депанданс на музејот, при што „Њујорк тајмс“ објави осврт во кој бевме споменати само неколкумина од застапените уметнички. Во обемниот каталог, што беше издаден во таа пригода, имав чест за моите дела да пишуваат историчарките на уметност како Шарлота Котик и Линда Нохлин. Но, лично, како најбогат, најслободен и полн со поддршка во уметничка смисла, беше престојот во Центарот за современа уметност Аомори во Јапонија, во еден фасцинантен објект среде природа, испроектиран од светски познатиот архитект Тадао Андо – вели таа.

Своевиден ексклузивитет на новото издание е корицата на книгата, што ја изработи уметницата Искра Димитрова, која е внука на Ѓорѓи Абаџиев.
Ѓорѓи Абаџиев , фотографија од архивата на семејството

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.06 MB