Интервју

Владо Димовски: Најголемо задоволство е кога дете ќе каже: Чичко Владо напишал убава книга

08.04.2021.
Владо Димовски: Најголемо задоволство е кога дете ќе каже: Чичко Владо напишал убава книга

Првото појавување на Владо Димовски како автор за најмалите читатели е во далечните осумдесетти години на 20 век кога се вработил во Редакцијата за деца на Радио Скопје. Прво пишувал за потребите на емисиите, а потоа почнал да објавува и текстови во детски изданија. Се испробал и како автор на текстови за детски песнички, пред сè, на фестивали како „Златно славејче“ и „Калинка“. Но, паралелно се профилирал и како автор на радиодрами со кои станат познат на просторот на поранешна Југославија и освојувал награди.

– Што се однесува до книгите, најпрвин доверба во мене имаше „Просветно дело“. Кај нив објавив неколку книги, меѓу другите и „Умни глави“, текстовите од истоимената ТВ-серија. Потоа, особено сум горд на книгите со едночинки за кои мислам дека се најквалитетниот дел од моето творештво. Да не ја заборавам последната „За секоја буква приказна“ што ја издаде „Арс Ламина“ – посочува Димовски.

* Изминатиот период повеќе сте насочени кон литературата за возрасни. Зошто и дали ова значи дека го напуштате творештвото за млади?

Литературата за возрасни... Понекогаш мислам дека има само добра литература, а не за возрасни и за деца. Но, секогаш сум пишувал нешто. Сум се испробал и како сценарист на играни ТВ-серии, како „Погрешно време“, „Сашко и Сашка“, „Умни глави“... Значи, се погодило некој текст да ме однесе во подолга проза и слично. Се појави романот „И човек и пес“, што сега го читаат и Украинците и Бугарите. И еве, во 2020 година се појави и романот „Бричење петли“, што го издаде „Арс Ламина“. Верувам дека и новиот роман „Втората месечина“ ќе го среди истиот издавач. Но, тоа не значи дека ги заборавив децата. Подготвувам големо изненадување.

* Што ве привлекува кон литературата за деца?

На вакви прашања немам некој издржан одговор. Никогаш не сум се присилувал да пишувам, ниту нешто однапред сум планирал. Едноставно, пишувањето ме напаѓало во одредени периоди и не сум можел да се одбранам. Сѐ било и е спонтано, една голема радост дека нешто сум заокружил или како текст или како книга. Никогаш не сум трчал по награди, по книги како бројка, ниту, пак, сум се пикал во некакви авторски кланови. Можеби одговорот на вашето прашање лежи во реакцијата на некое дете кога в раце држи моја книга: „Чичко Владо напишал многу убава книга!“

* Кои се предизвиците при создавањето книги за деца?

Помислата да се пишува за деца е голем предизвик. Пред сè, пишувањето за оваа публика е одговорна работа. Многу сомнежи ја следат литературата за деца. Децата се специфична публика. Не може сè и сешто да им се турка под нос. Ако не сте одговорен, не почнувајте да пишувате за деца. За среќа, на овие консументи не може да им се подметне ништо. Децата не знаат да се преправаат, да глумат, да ви прават лице. Сè е јасно и транспарентно.

* Какви книги читаат децата денес?

Веројатно тие што ќе им ги одберат родителите и тие што им се лектира. За жал, кај нас нема простор каде што можат да дишат детските книги. Нема критика, квалитетни промоции, специјализирани емисии. Но, сигурен сум дека добрата книга секогаш го наоѓа патот до децата. Како? Не знам.

* Какви се читачките навики и како да се поттикнат?

За читачките навики репер ми се внуките. Дали поради мене или поради моите ќерки, се радуваат на секоја нова книга. Но, јасно е, интернетот е во мода. Ќе треба многу труд децата да ги вратиме кон читањето книги. Можеби ќе треба некаква државна стратегија, да се размислува како да им ја доближиме книгата и слично. Но, вистинскиот проблем е малиот број на млади автори. Колку што следам, уште во игра се автори кои заборавиле кога биле деца. Тука некаде сум и јас.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.02 MB