Астрорум

Новинарот и публицист д-р Емил Крстески гостуваше во емисијата Астрорум

18.05.2021.
Новинарот и публицист д-р Емил Крстески гостуваше во емисијата Астрорум

Еминентниот новинар, публицист, политички аналитичар и актуелен директор на Државниот архив, д-р Емил Крстески гостуваше во емисијата „Астрорум“ која се емитува на ТВ 24. Крстески дипломирал на Интердисциплинарни студии по новинарство (политичка насока) на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На истиот универзитет станува магистер на меѓународна политика и се здобива со научната титула – доктор на политички науки.

Емил Крстески е еден од основачите и уредник на неделникот „Пулс“ (1990-1997), а пред тоа и новинар во „Нова Македонија“, во МТВ – Скопје и во Македонската редакција на агенцијата „ТАНЈУГ“. Од јануари 1998 година до јануари 2009 година е државен советник и самостоен советник за меѓународни односи во Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија. Во периодот 2000-2004 година живее во Стразбур, Франција и ги следи сесиите на Европскиот парламент.

Во периодот од 2014 до 2016 година, е главен уредник на порталот Техт.мк. Од јануари 2011 до февруари 2014 живее во Њујорк, каде што работи врз дисертацијата и врз научно-истражувачки проекти. Од 2017 година до јули 2019 година како консултант соработувал со неколку владини и невладини организации на проекти од областа на изборниот систем во РСМ, човековите права и слободата на медиумите, како и со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Досега има реализирано студиски престои на: Харвардскиот Универзитет, Бостон, (1999), во Собранието на НАТО во Брисел (1996), на Академијата за меѓународно право во Хаг (1993) и двапати во САД на покана на Стејт департментот (1992 и 2000), при што учествува во дебати на теми поврзани со американската надворешна и безбедносна политика и со американскиот изборен систем.

Учествува на повеќе семинари и конференции од областа на меѓународното право и меѓународната политика: Конференција на ОБСЕ во Москва (1991), Конференција на ООН за миграции во Виена (1992), Интербалкански семинар во Велико Трново (1993), на семинар на Институтот за меѓународни односи во Луксембург (1999), во Европскиот центар за стратегиски и безбедносни студии „Џорџ Маршал“ во Гармишпартенкирхен (2000, 2001 и 2007), како и на семинари посветени на безбедноста и развојот на односите меѓу земјите од Југоисточна Европа, одржани во Атина (2000, 2002 и 2007) и во Анкара (2007). Учествува на конференции на тема „Градењето на иднината на Македонија“, одржани во Берлин во 2009 и 2013 година, во организација на германската Асоцијација за Југоисточна Европа. Од јули 2019 година до денес е директор на Државниот архив.

Има објавувано текстови за нашата надворешна политика и за меѓународните односи во домашни и странски весници и списанија. Автор е на шест книги од областа на надворешната политика и меѓународните односи: „Десет години потоа“ (2001), „Ново поврзување на Европа“ (2008), „Европската унија и Медитеранот“ (2009), „Македонска Масада“ (2010), „Америка одблиску“ (2013) и „Политиката на САД, Медитеранот и Арапската пролет“ („Три“, 2015). Коавтор и уредник е на книгата: „Финансирање на политички кампањи“ (2010). Има објавено и збирка раскази: „Три дена во Париз“ („Или-Или“, 2017).  

https://www.youtube.com/watch?v=oVD0-7MeGtk

Остави коментар

Во моментов нема коментари
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.76 MB