Нашиот познат композитор, аранжер, музички педагог и џез гитарист, Живојин Глишиќ гостуваше во последната емисија „Астрорум“ која се емитува на ТВ 24.
Глишиќ е роден на 27.7.1954 година во Скопје. Основното образование го завршил во основното училиште „Ј. Х. Песталоци“, а од десетгодишна возраст започнува да покажува интерес за музиката. Како самоук гитарист, во дружењето со композиторот, аранжер и диригент Драган Ѓаконовски - Шпато, основоположник на популарната и џез музика во Македонија, покажува интерес за популарна и џез музика со посебен интерес кон хармонските особености на џезот. По завршувањето на основното образование се запишува во Средното музичко училиште во Скопје во кое покрај теоретските дисциплини изучува труба и пијано. Во тоа време ги создава и првите композиции со кои се појавува на фестивалите на популарна музика во Скопје и Опатија. Истовремено посветува поголемо внимание на изучувањето на џезот и јужно американската музика, а со започнувањето на средното образование соработува со повеќе естрадни ансамбли како гитарист, трубач и аранжер. Во ова време ја започнува и соработката со Биг Бендот на РТС како гитарист.
По завршувањето на средното образование се запишува на Факултетот за музичка уметност во Скопје на одделот за музичка теорија и педагогија. По консултациите со композиторот и професор Томислав Зографски решава да се запише и на одделот по композиција. Во тој период создава композиции кои покрај класичниот приод вклучуваат и елементи на македонскиот фолклор и елементи на џезот. Студиите по композиција во класата на професорот Зографски се од големо значење за запознавањето на Глишиќ со класичните и современите композиторски вештини. Во ова време добива подршка од страна на професорот за својата ориентација кон џезот и фолклорот. Од тој период се издвојуваат „Пет минијатури за пијано”, хорската композиција работена според народната песна „Марика мома убава”, „Гудачки квартет“, „Кончертино за гитара и симфониски оркестар”, „Суита за вибрафон, електрична гитара и виолончело“ и други композиции.
Глишиќ ги завршува и двата оддели на ФМУ. Од 1979 година се вработува во Македонската радио телевизија како гитарист во народниот оркестар, а подоцна и како солист на гитара во Биг Бендот. Автор е на повеќе композици за Биг Бендот и солисти од кои поголем број се ставени на носачи на звук и на кои авторот најчесто се појавува како солист на гитара.
Во 1989 година е прераспореден на работно место уредник – продуцент во Музичката продукција на МРТ, а истата година е избран и за асистент на ФМУ Скопје, по предметите хармонија и полифонија. Во 1996 година избран е за доцент, а од 2000-та година е вонреден професор. Во 2005 година е избран за редовен професор по група предмети од областа на теоријата на музиката и композиција.