Астрорум

Поетот и прозаист Славчо Ковилоски гостуваше во емисијата Астрорум

04.05.2021.
Поетот и прозаист Славчо Ковилоски гостуваше во емисијата Астрорум

Македонскиот поет, прозаист, книжевен историчар и културолог како и научен истражувач во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Славчо Ковилоски беше гостин во последното издание на емисијата „Астрорум“ на ТВ 24.

Ковилоски е роден во Скопје, во 1978 година. Со свои дела е застапен во повеќе списанија во Македонија и во странство, како и во повеќе антологиски избори на поезија и проза. Има преведувано дела од хрватски, бугарски и српски јазик на македонски јазик. Делови од неговото творештво, како и романите „Опасен сум“ и „Синот на кралот“ и збирката „Лоша тетка и други раскази“ се преведени на неколку европски јазици. Објавувал прилози на страниците на дневните весници „Нова Македонија“ и „Време“. Бил главен и одговорен уредник на списанието за литература, култура и уметност „Современост“.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), Хрватското книжевно друштво, на Здружението на историчарите на Република Македонија (ЗИРМ) и на Друштвото за наука, култура и уметност од Прилеп. Во 2009 година бил уредник на издавачката програма на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија. Во 2017 година бил уредник во издавачката дејност за историски изданија на издавачката куќа „Магор“. Бил претседател на уредувачкиот одбор на зборникот „XXI век: Балканскиот писател“ (2015) и еден од уредниците на зборникот „Македонско-словачки книжевни, културни и јазични врски“ (2016).

Добитник е на повеќе награди, меѓу кои: награда за наука „3 ноември“, „Григор Прличев“ за поема, „Прозни мајстори“ и „Јован Котески“. Во 2018 година ја добил најголемата државна награда „Гоце Делчев“ за особено значајно остварување од интерес на Република Македонија од областа на науката, за монографијата „Прилеп и Прилепско во XIX век (културно-историски процеси)“.

Славчо Ковилоски активно учествува во промовирање на македонската урбаната култура во Македонија и во странство, со предавања на Филозофскиот факултет во Скопје, во Њујорк, Загреб, Нитра (Словачка), Белград, Софија, на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на Институтот за македонска книжевност, на манифестацијата „Битола отворен град“ во Битола, во културниот центар „Точка“, во скопските гимназии „Јосип Броз“ и „Орце Николов“ и на други културни манифестации и установи. Од академската 2018/19 година на Институтот за македонска литература ги предава предметите: субкултура, патопис и македонски културни икони.

Еден е од основачите на организацијата „Хип Хоп Македонија“. Коавтор е на книгите „Аспекти на македонската урбана култура – Хип Хоп Македонија“, „Хип-хоп книга“ и „Хип хоп речник“, кои се однесуваат на македонската урбана култура и македонскиот хип-хоп. Како член на музичката група „Клан Исток“ има објавено три албуми. Ковилоски е режисер и сценарист на музичкиот хип-хоп документарен филм „Њујорк: Аџилак“ од 2020 година, чија светска премиера беше на фестивалот ДОРФ во Хрватска, а македонската премиера на „Синедејс“ во Скопје.

Ковиловски е автор на бројни книжевни дела од областа на белетристиката и науката од областа на книжевноста, историјата и културологијата.

https://www.youtube.com/watch?v=1_h7xTbCfhE

Остави коментар

Во моментов нема коментари
array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.41 MB