Астрорум

Рамадан Шукри гостуваше во емисијата Астрорум

27.04.2021.
Рамадан Шукри гостуваше во емисијата Астрорум

Нашиот еминентен академски музичар-контрабасист, музички педагог и диригент, Рамадан Шукри гостуваше во емисијата „Астрорум“ која се емитува на ТВ 24. Шукри е роден 1948 година во Ресен во скромно работничко семејство. Во раните детски години неговото семејство се преселува во Битола од каде потекнува мајка му.

Основното образование го завршува во ОУ „Гоце Делчев“ во центарот на градот со одличен успех, а потоа се запишува во средното музичко училиште на наставно-теоретски и инструментален отсек на инструментот контрабас. Бил првиот ученик запишан на овој отсек кој го завршува со одличен успех. На натпреварите во Битола и во републиката со својот инструмент контрабас, повеќе пати ги освојува првите места. Како осмооделенец и средношколец во Битола свири во повеќе оркестри, меѓу кои и во мандолински оркестар на КУД „Стив Наумов“ и училишниот камерен и симфониски оркестар.

Како најдобар ученик и инструменталист на контрабас во 1968 година го завршува средното музичко училиште и во истата година како најдобар во генерацијата добива покана да се вработи во операта при МНТ. Во истата 1968 година за него се отвора и одделот за контрабас на Високата музичка школа, сега ФМУ, каде станува првиот студент по контрабас во институцијата. Шукри следните години паралелно студира и работи.

Со доаѓањето во Скопје, покрај студиите и работата во Операта, добива и предлог од професорот Благој Цанев да го наследи во ОУ „11 Октомври“, како раководител на училишниот мандолински оркестар, со кој ќе работи речиси 16 години. Но, потоа, маестро Шукри ќе помага во работата со оркестрите и во многу други основни училишта во главниот град. Само со ОУ „11 Октомври“ има освоено повеќе награди и признанија на општинските, градските и републичките натпревари. Заради големите успеси, проследени со награди, нему, од страна на Културно - просветната заедница ќе му биде предложено да основа и пионерско-младински оркестар, како резултат на што во 1981 година е основан Мандолинскиот оркестар при Домот на Младите „25 Мај“, денешен МКЦ. Со овој оркестар тој ќе раководи цели 20 години, односно до 2001 година. Со него добива многу награди и признанија, кај нас и во Европа. Во 2001 година, на предлог на Градот Скопје, заедно со својот син Ерхан Шукри ќе го основа сегашниот Мандолински оркестар „Скопје“, со кого сѐ уште работат и освојуваат награди ширум Европа.

Во едукацијата на повеќе од три  илјади ученици и членови на мандолински оркестри во скопските основни училишта, како и во Домот на млади „25 Мај“ и Мандолинскиот оркестар „Скопје“, Рамадан Шукри направи надградба на мандолинското оркестарско музицирање во државата, воведувајќи во мандолинскиот репертоар оригинални композиции од македонски автори и дела од странски автори, симфонии, оперски арии, класични дела, фолклорни и забавни композиции. Тој, со своите аранжмани, адаптации, обработки и транскрипции за домашни и странски вокални и инструментални солисти, направи една новина во нашето културно живеење и го издигна мандолинското оркестарско музицирање на едно повисоко уметничко ниво, за што добива и многубројни награди и признанија не само во нашата држава туку и ширум Европа.

Со афирмацијата на мандолинските ансамбли во земјава, Рамадан Шукри придонесува и кон препород на мандолината како инструмент. Тој повеќе од една деценија беше и професор по мандолина, контрабас и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, каде создаде кадри кои се денес успешни наставници и професори во основните и средните училишта во Скопје. Рамадан Шукри како музички педагог има издадено и музички учебник на турски јазик  за III и IV одделение под наслов „Со песни да растеме“, каде се застапени многу детски песни од македонски композитори.

Рамадан Шукри во својата матична куќа – Македонската опера и балет, како тутист и како солист на оркестарот, водач и шеф на групата контрабаси, има отсвирено над 5000 претстави, а како самостојни солистички целовечерни концерти повеќе од 100 во земјата и странство. Тој две и пол децении беше и надворешен соработник на Македноската филхармонија, шест години член на Македонскиот камерен оркестар под диригентство на маестро Фимчо Муратовски, а речиси 15 години е претседател и член  на жири комисијата на опшптинските, градските и републичките натпревари на мандолинските оркестри. Веќе пет години работи во музичката секција на друштвото „Пензионер“.

Рамадан Шукри е долгогодишен член на Управниот и Извршниот одбор на Културно просветната заедница и на Дирекцијата за култура и уметност. Основач е и член на граѓанската асоцијација за рекреативно движење ГАРД. Со своите ансамбли има направено трајни студиски снимки во МРТВ, со над 500 минути класична музика и посебно напишани композиции за тој вид оркестри, од страна на еминентни македонски композитори. 

Под неговата диригентска палка, како гости на неговите ансамбли, има настапено со врвни имиња од светот на музиката, како Васка Биџова Гајдова, Славица Петровска Галиќ, Милка Ефтимова, Анастазија Низамова Мухиќ, Мира Тасеска Бунарџиева, Симеон Гулгуловски, Благоја Никиоловски, Светлана Донковска, Борис Трајанов, Никола Китановски, Милан Фирфов, Весна Гиновска, Војкан Јовановиќ, Михајло Арсенски, Марија Муратовска, Искра Божиновска, Сузана Турунџиева, Бранимир Стевановиќ, Никола Гагов, Радмила Бакочевиќ, Дубравка Зубовиќ, Јадранка Јовановиќ, Јован Колунџија, Стефан Миленковиќ, Живан Сарамандиќ, Милка Стојановиќ, Маргит Томиќ, Корнелије Соловастру, Тери Елен Роудс, Рој Стивенс, Антонија Ковачиќ, Ирена Зариќ, Јелена Влаховиќ, Светлана Аловчевиќ, Оливер Њего, Марија Цветкова, Вера Давчева, Евгениј Алексиев, Никола Василев, Орлин Павлов, Диман Панчев, Михајло Куфојанакис, Васил Атанасов, Кирил Рибарски, Кирил Божиновски, Ратка Димитрова, Румен Димитриев, Гордана Јосифова Неделковска, Снежана Пановска, Едит Македонска, Срѓан Тошиќ, Томаш Рајтериќ, Лела Урманова, Влатко Стефановски, Роберт Саздов, Ѓорѓе Балажевиќ, Александар Сариевски, Виолета Томовска, Наум Петревски, Серафина Фантаузо, Ребека, Калиопи, Тоше Проески, Јасминка Чакар, Валери Стефановски, Цветан Стојановски, Цветан Цветков и многу други.

Настапувал на престижни сцени дома и надвор и бил дел од реномирани фестивали и манифестации. Добитник е на многу стручни и други награди и признанија со сите ансамбли со раководел и настапувал, а заради постигнатите успеси со двата оркестри кај нас и во светот, тој е вистински амбасадор на македонската музичка култура и уметност. Како музички уметник, педагог и диригент е влезен во Македонската енциклопедија и е добитник и на високите општествени награди „13 Ноември“ на Град Скопје и на државната награда „11 Октомври“.

https://www.youtube.com/watch?v=nOtdds23LgI

Остави коментар

Во моментов нема коментари
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.76 MB