Астрорум

Уметницата Воскресија Андреевска гостинка во Астрорум

10.02.2021.
Уметницата Воскресија Андреевска гостинка во Астрорум

Македонска уметница и графичка дизајнерка Воскресија Андреевска е гостинка во новото издание на емисијата „Астрорум“. Таа е претставничка на младата генерација уметници кои пленат со впечатлив ликовен израз, кој комуницира глобално и универзално.

Воскресија Андреевска е родена 1993 година во Скопје. Дипломирала сликарство и графички дизајн на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. По дипломирањето, таа активно работи и учествува на повеќе натпревари од областа на графичкиот дизајн. Во 2015-та година ја освојува 3-та награда за дизајн на плакати на тема „750 години од раѓањето на Данте Алигиери', автор е официјалниот постер за Меѓународниот студентски театарски фестивал „Скомрахи“ и на постерот за 8-от Меѓународен студентски натпревар „Постер Скопје“ („Skopje Poster“) на тема „Enabled for disabled” („Овозможено за оневозможените“). Во 2017 година ја освојува наградата за најдобар дизајн за маици на повикот „Open challenge“ на ТЕДекс (TEDx) Центарот за општествени иновации во Македонија. Има илустрирано и голем број на книги и брошури, а од 2008 година е одговорна за графичкиот дизајн на здружението „Арт Поинт - Гумно“.

Од 2011 година, Воскресија Андреевска има учествувано на бројни резиденции, работилници и проекти во земјата и странство (САД, Шпанија, Словачка и Косово). Во 2013 година, таа самостојно создаде мурал со формат од 8 х 2 метри во кругот на американскиот колеџ Дејвидсон во Лексингтон (Северна Каролина), САД. Исто така, таа создаде и мурал со големина 6 х 2 метри во Градскиот трговски центар, во рамките на проектот „Убавиот град“. Зад себе многу групни и пет самостојни изложби:

- 2013 Лексингтон, Северна Каролина, САД, Фондација за ликовни уметности „Asolare“;

- 2017 година Скопје, Македонија, Музеј на град Скопје - „Faces“ („Ликови“);

- 2018 Демир Хисар, Македонија, Културно-едукативен центар „Илинден“;

- 2019 година Велестово, Македонија, Изложба за 31-то издание на „Поетска ноќ во Велестово“;

- 2019 Скопје, Македонија, Галерија МКЦ - “Night at the Gallery”(„Ноќ во галеријата“).

Неодамна, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина –публикации“, а во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“ излегоа од печат 10 ексклузивни изданија на прозни и поетски дела на Петре М. Андреевски, токму со уникатни цртежи кои за оваа прилика специјално ги изработи неговата внука, уметницата Воскресија Андреевска. Станува збор за романот „Тунел“, расказите „Боемите“, стихозбирката „Пофалби и поплаки“, незавршениот и последен роман „Бежанци“, збирките песни „Јазли“ и „Лакримариј“, потоа творбите „Последните селани“, „Скакулци“, „И на небо и на земја“, „Дални наковални“ и „Вечна куќа: тажаленки“. Во посебна едиција ќе биде објавена и книгата за деца „Шарам барам“.  Токму, новото визуелното „читање“ на овие нови изданија на великанот на македонската книжевност Андреевски ја прави едицијата несекојдневна и модерна. Тоа беше повод за разговор со Воскресија Андреевска во циклусот „Астрорум“.

https://www.youtube.com/watch?v=18elxU0gO6M&ab_channel=Literatura.mk

Остави коментар

Во моментов нема коментари
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.74 MB