Мигрирано

#bookstagram интервју со @me_mother_of_three

06.04.2023.
#bookstagram интервју со @me_mother_of_three

 

Во овонеделното #bookstagram интервју се дружиме со уште една наша омилена инстаграмџика, која секојдневно ни ги споделува непресушните активности со своите три деца, акцентирајќи го #mumreader моментот.

Марина Кљајиќ Петковски од Охрид ни е гостинка во шестото од серијата интервјуа, која веќе пет години го збогатува инстаграм-просторот зад профилот @mother_of_three.

За почеток, пред да преминеме на прашањата, Марина со нас ја сподели инспирацијата за почнување на профилот и приказната за нејзиниот развој. Првиот пост (билети за тогашниот концерт на нејзината омилена Каролина Гочева) го објавила на 09.03.2018 година. На почетокот, како и сите корисници на „Инстаграм“, на нејзиниот профил споделувала фотографии од секојдневието – децата, Охрид, кафе и храна и, се разбира, книгите.

Профилот бил приватен сè до моментот кога сакала да го сподели бизнисот што ја разубавил роденденска торта на синчето, со оригинален топер. Поддршката на мали бизниси, профили со рачно изработени производи и македонски автори е она што ја мотивира да биде активна на оваа платформа.

Активноста се интензивирала во периодот на карантинот, кога постовите на профилот почнале да привлекуваат поголемо внимание, следбениците да растат и профилот да стане препознатлив, покрај под #поддршканамалитебизниси и под #bookstagram.

Преку профилот се споила и со редакцијата на сајтот „Рингераја“, каде што неколку години е автор, а меѓу другото, ја води и рубриката „На кафе со...“, каде што гостуваат и многубројни македонски автори.

Во продолжение проследете го целото интервју:

На колку години ја прочита првата книга самостојно? Дали тоа беше првата лектира или, пак, читаше претходно?

Сеќавањата на моето детство се исполнети со прекрасни моменти што вклучуваат родителска љубов и книги. Растев во дом со преполни полици книги, а таква атмосфера имаше и во мојот втор дом – домот на баба ми и дедо ми. Секоја вечер имавме ритуал – родителите ни читаа приказни, а кога преспивавме кај баба и дедо, ни читаа тие. Книгата што ми е прва љубов и прва самостојно прочитана е „Грдото пајче“, а таа е и првата книга што ја купив за моето бебе, уште пред да се породам.

 

Со оглед на тоа што повеќе теми се застапени на твојот профил, дали профилот доживеа некаква промена во текот на годините? Како ти се менуваат темите и интересите и што влијае на изборот што ќе постираш во одреден период?

Како што претходно споменав, профилот е одамна, настана спонтано, а така и дојде до денешниот изглед. Името опишува каква содржина нуди – секојдневие на една мајка на три деца.

Она што сакам да го доловам го организирав во три графи, па така профилот го доби својот изглед: децата, готвењето и особено омилениот дел – фотографирање на храната или кафето и моето хоби – книгите.

Како што со текот на времето се множат соработките со малите бизниси, со голема љубов и нив им отстапувам место на мојот профил.

Единствено што променив е тоа што на фотографиите со книги почнав да додавам рецензии во опис.

Тие се одлично прифатени од читателите, од издавачките куќи и од македонските автори, па многу често на моја адреса стигнуваат книги, што ми претставува особено задоволство и најголем комплимент.

Постовите ги планирам со цел да го задржам редоследот – деца/мал бизнис/природа, рецепт/кафе, книга. Единствен „проблем“ е што читам многу книги, па секогаш заостанувам со книжевните постови.

 

Имаш ли некаков совет за новите #bookstagram профили како полесно да го изодат патот до својата публика?

Бидете свои, оригинални, креативни, посебни, препознатливи по нешто. Користете ги вистинските хаштази, означувајте ги букстаграм-профилите, издавачките куќи и авторите. Читајте и поддржувајте македонски автори. Побарајте соработка со нив или со издавачите за да организирате дарувања.

 

Која книга би ја прогласила за твоја омилена на сите времиња без размислување?

„Бескрајна приказна“

Чувството што ми го предизвика читањето на оваа книга е уште живо и интензивно како првиот пат. Читав лектира, на плажа, на летен распуст, но толку реално бев „проголтана“ во содржината, ја спасив Фантазија и ветив дека додека живеам, не ѝ се заканува опасност, зашто ќе читам додека ми гледаат очите. И си стојам на зборот.

 

Постои ли книга што предизвикала некаква промена кај тебе или ти го сменила погледот на животот на некаков начин?

Секоја книга што сум ја прочитала, ме променила. Секое четиво, независно од жанрот, ми претставува учител, ме инспирира, ми овозможува да го доживеам искуството на ликовите за кои се зборува. Читам сѐ и од сѐ може да се учи, без разлика дали тоа е мотивациска книга, драма, трилер...

Книгите можат да ја променат нашата перцепцијата, да нѐ однесат во нова насока – но само доколку им дозволиме.

Има ли книга што ја обожаваш, но би сакала да ѝ го смениш крајот?

Не би менувала ништо во ниедна книга, бидејќи ја почитувам замислата на авторот и доколку крајот би бил поинаков, таа приказна не би била таа, реално. Она добро познатото „крајот го краси делото“ не важи за книгите, бидејќи важна е целосната слика и, пред сѐ, емоциите што ги предизвикало читањето.

 

Повеќе би сакала да читаш вистински приказни или фикција?

Не ми прави разлика, сѐ додека читањето е пријатно искуство, приказната уникатна и посебна, а стилот на пишување на авторот е величествен, колоритен, живописен.

 

Си останала ли цела ноќ будна за да прочиташ некоја книга?

Редовно останувам будна за да дочитам книга до крај, а ако не успевам, се будам многу рано. Навистина, преферирам да ги читам книгите „во еден здив“ и најчесто темпирам тоа да биде во едно до две седнувања. Со оглед на обврските што ги повлекуваат трите деца, по напорниот ден, книгата ми е терапија, релаксација и полнење батерии.

 

Дали следиш некои од домашните или светските автори на социјалните медиуми? За кој автор сметаш дека има одличен профил?

Кога објавувам рецензија за книга, секогаш ги означувам издавачката куќа и авторот, па потоа го откривам нивниот профил и ги заследувам. Од многу автори сум добила фидбек, сум остварила комуникација, што неизмерно ме радува.

Околу профилите на авторите на „Инстаграм“, не би можела да кажам нешто подетално, меѓутоа можам да напишам реферати околу нивниот однос кон мене како читател. Навистина се прекрасни, внимателни, го ценат вложеното време на читателот и вложениот труд да се препорача делото. Ова особено се однесува на нашите автори, секој ми возвратил, а од таа почетна комуникација денес имам голем број пријатели. Од странските автори, редовно комуницирам со Ирса и Картер, моите омилени трилерџии.

 

Дали е вистина дека штом родителот е љубител на книгата и децата ги следат неговите стапки? Им сугерираш/наметнуваш на своите деца квалитетна литература или ги оставаш сами да го направат својот избор?

Јас сум доказ дека е вистина, а по мене и моите деца. Нормално е децата да го следат примерот на родителите, па кога таа љубов се негува од мали нозе, станува нешто неминовно, дел од тебе. Нашата домашна библиотека содржи книги од моето детство и од детството на сопругот, кои децата ги наследија и низ годините се надополнува со книги што ги избираат сами. Покрај тоа, и јас и децата членуваме во библиотека и редовно изнајмуваме книги. Изборот го оставам на нив, сите си читаат соодветно за својата возраст и по својот вкус. Според мене, нема лоша книга.

 

Дополнително прашање: Кои се твои омилени македонски #bookstagram профили и кој би сакала да го видиш во нашите следни интервјуа?

Ги почитувам и ги поддржувам сите букстаграмери и сметам дека секој профил што пропагира книги и читање заслужува внимание.

Најискрено, би ги наброила сите профили од таа бранша, а сепак ќе споменам само три – нашата една и единствена – Ана Томова, девојките на кои им се восхитувам од почетокот @bibliophiles____ и најзначајната за мене @m_art_design14, која, покрај промоција на книгите, со своите уникатни изработки ни овозможува читањето да биде доживување на повисоко ниво.

 

Дополнително прашање 2: Која е најголемата придобивка од профилот на „Инстаграм“?

Би рекла дека „Инстаграм“ ми овозможи да добијам нови погледи кон светот, ми овозможи да стапам во контакт со голем број истомисленици, ми овозможи да бидам промотор на најубавото хоби на светот и неизмерно се радувам за секоја порака од типот – ме инспирираш да читам. Најмногу од сѐ, ми донесе голем број познанства и неколку личности кои денес ми се пријатели.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.99 MB