Мигрирано

#bookstagram интервју со @devojcetosoknigite

15.03.2023.
#bookstagram интервју со @devojcetosoknigite

Стигнавме до бројот 4 од интервјуата во нашиот #bookstagram серијал. Во ова интервју се дружиме со нашата добра пријателка Кики (@devojcetosoknigite), на која ѝ требаше цела вечност да ни ги одговори прашањата. Таа ни вели: „Имаше многу интересни прашања што ми требаше малку подолго време да ги одговорам, особено петтото прашање (цела вечност ми требаше да смислам одговор, што би било кога би било) и ми беше потребно да го разбудам мојот креативен дел, но многу се забавував одговарајќи ги другите“.

Кики е млада, интересна девојка, полна со приказни и со позитивна енергија. Кога ја прашавме која ѝ била инспирацијата да го почне инстаграм-профилот, секако дека очекувавме некоја слатко-смешна приказна, која тече вака: Кики отсекогаш имала желба да има куче, но немала дозвола од родителите. Како голем инает по карактер секако премногу сакала да ја претвори својата желба во реалност и ги објавила за продажба сите нејзини прочитани книги со цел да собере пари и да си купи куче (во тој случај, родителите ќе мораат да го прифатат кучето). Откако ги продала сите, околу 70 книги, во рок од неколку дена, родителите пуштиле срце и Кики го добила она што го сакала. А добила и многу повеќе – сите заработени пари ги вложила во нови книги и официјално, од 24.10.2020 година (речиси две и пол години), од обична страница за продажба, страницата прераснала во нејзин мал бизнис што ѝ донел многу различни искуства и премногу пријатели, за кои не се сомневам дека ќе останат покрај неа до крајот на живот.

А нејзините родители сега многу повеќе го сакаат кучето и го третираат како четврти член на семејството, нивната втора ќерка.

Во продолжение прочитајте го целото интервју:

 

Дали ти читаа многу како мала?

Што би рекла мајка ми, дури и премногу ми читала. Љубовта кон книгите ја имам добиено уште од мала возраст. Најмногу ми читала, секако, сликовници, приказните на браќата Грим (Пепелашка, Јованче и Марика, Златокоса, Заспаната убавица...), басни...

 

Дали имаш специјални алатки за фотографирање за да ја креираш твојата содржина за #bookstagram?

Специјални алатки за фотографирање немам. Секогаш кога ќе начекам убава дневна светлина, се нацртувам пред прозорецот со над 30 книги (воопшто не е премногу), парчето сатен, омилената свеќа и, секако, суво цвеќе и спремна сум за фотографирање за мојот инстаграм-профил. Воопшто не користам некои апликации за уредување на фотографиите. Тајната е во дневната светлина, добро, признавам, малку и добрата камера од телефонот игра голема улога, ха-ха-ха.

 

Постои ли некој жанр што не можеш да го читаш?

Дефинитивно да. Иако сум секогаш отворена кога се работи за жанр на книги, никако не можам да се наканам да прочитам психолошка книга, која верувам дека може да биде и мошне корисна (битно дома имам купено неколку, за секој случај, ха-ха). Исто така, не би можела да читам ни хорор. Голема плашливка сум, не верувам дека ќе успеам да прочитам барем едно поглавје од книгата, ха-ха.

 

Повеќе би те израдувало подарок книга или подарок билет за кино?

Уф, мнооогу тешко прашање. Тие што ме познаваат лично, знаат колку сум неодлучна личност и дека никогаш не можам да се одлучам помеѓу две работи. Во овој случај одговорот би бил и двете. Но, доколку би требала да одлучам, дефинитивно книга, факт е дека од книги никогаш не е доволно, особено ако е книга од омилениот автор.

 

Доколку ти би напишала книга, кој наслов би го ставила?

Воопшто не сум ни размислувала на оваа тема некогаш да напишам книга. Но, искрено, секогаш повеќе сум преферирала да читам, наместо да пишувам нешто, без разлика дали е краток есеј или цела книга. Но, доколку некогаш се најдам во позиција да пишувам книга, тогаш би сакала да има некој краток и јасен наслов, нешто едноставно.

Опиши ја книгата што ја читаш во моментот со 5 или помалку емотикони!

 

Дали некогаш си купила втор примерок од книга само затоа што има различна корица?

Досега сум немала таков случај, но доколку од некоја книга новата корица ми е многу попривлечна од првичната, да, веднаш би ја купила и другиот примерок би го подарила или на некоја моја блиска личност што знам дека би ја сакала книгата или, едноставно, би направила дарување на профилот. Сепак, кој не би сакал книга подарок.

 

Кога би можела да ги имаш магични моќи од која било книга што си ја прочитала, кои моќи би ги посакала?

Кога ќе подразмислам, мислам дека би одбрала да ја имам способноста да патувам низ времето. Многу би сакала да се вратам во минатото, за да дознам колку што можам повеќе за стара Грција, Рим, Кина. Би сакала да отпатувам на почетокот на 19 век, да присуствувам на магичните балови што ги организирале богатите и влијателните луѓе, со раскошни фустани и екстравагантни фризури.

Кој лик од книга би сакала да го поканиш на рандеву?

Кој било од книгите на Вај Киленд. Но, искрено, не би го одбила ни детективот Роберт Хантер, барем знам дека ќе бидам во сигурни раце.

 

Кои се топ 5 книги на сите времиња за тебе?

Секогаш ги предложувам книгите што мене ми оставиле најголем впечаток. Со тешко срце би ги издвоила следните пет книги:

1. „Под мермерно небо“ – Џон Шорз

2. „Убави девојки“ – Карин Слотер

3. „Жената со сина ѕвезда“ – Пам Џеноф

4. „Убиецот со распетието“ – Крис Картер

5. „Седумте мажи на Евелин Хуго“ – Тејлор Џенкинс Рејд

 

Дополнително прашање: Омилена жена-автор и омилен цитат поврзан со жената.

Не можам да изберам само една, но топло ви ги препорачувам книгите на Луиз Џенсен, Пам Џеноф и Вај Киленд.

Омилен цитат за жената: „Жената е како торба со чај. Никогаш не знаете колку е силна сè додека не влезе во врела вода“ – Еленор Рузвелт.

Дополнително прашање 2: Дали постои уште нешто што сакаше да те прашаме, а не го сторивме тоа?

Би додала само плус уште едно прашање, дали читаш македонски писатели и кои три книги би ги препорачала од нив.

Обожавам да читам трилери, па топла препорака за сите љубители од мене имате за книгите на Марија Ралповска („Сенки во подземјето“ и „Мастилна мапа“) и Катерина Шошко („Случајот Чернобог“ и „Сукубус“). Исто така, многу ми се допадна и стилот на пишување и, секако, целото дејство во книгите на Јана Мишо („Лулу“) и Мирјана Проданова („Сопругата на детективот“ и „Сите ја сакаат Марта“).

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.98 MB