Книжевни факти

Со песната Илинденска од стихозбирката Скопјани од Гане Тодоровски го одбележуваме 2 Август, Денот на Републиката

02.08.2022.
Со песната Илинденска од стихозбирката Скопјани од Гане Тодоровски го одбележуваме 2 Август, Денот на Републиката

На 2 Август го одбележуваме Денот на Републиката – Илинден, голем државен празник, кој има посебно значење за историјата на македонскиот народ. На овој датум во 1903 година почнало Илинденското востание, а во 1944 година е одржано Првото заседание на АСНОМ. На овој ден православните граѓани го слават и верскиот празник Свети Илија (Илинден).

Со песната „Илинденска“ од книгата „Скопјани“ од Гане Тодоровски го одбележуваме овој 2 Август, Денот на Републиката. Стихозбирката е објавена во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

„Оваа книга е мал колаж од песни и други стихозборја и тивкозборја, игрозборки и зборограпки, сонофатки и досеќавалки, слова, записи, документи, препеви паметења, и уште други зборовни итроштини, врзани исклучиво за Скопје и за скопјани“  - ќе напише Гане Тодоровски во белешката кон „Скопјани“, што можеби не случајно се наоѓа во сретсрцето на оваа книшка.

Низ овие стихувани страници со документаристичка вредност, поетот пее за конкретни теми, објекти и личности сместени во реалистична просторно-временска рамка каде што опеаното се актуализира. Овде поетската слика е отворена и согледлива, што ја прави оваа поетска збирка комуникативна и читлива и надвор од својот контекст.  

„Илинденска“

или дедо Божин се сеќава на 1903-та

Мамето мамино нивно...

Нечујно дедото Божин подголтнува

нe може да се рече дека е тоа

од пристојност кон слушачот

ниту пак поради зборот скареден

најмалку секако од обѕирност кон Уставот

бидејќи тој за пцоста си суди по народски

то ест ја смета ко нешто обично и нужно

а згора и ги пречекорил деведесеттите

та безбели не трепери пред параграфите

но, сепак, чиниш гласот на старецот

оддава некаква изнеможеност и малку зборува

па кога вели: Мамето мамино нивно!...

кажува премногу чиниш

за долгите векови туѓа тежина –

Три збора сочувал дедото Божин за Илинден

закатранети од срдба гнев и горчина

исплукани низ мека пцост

но она третоно нивно

ни тоа не ќе е наивно.

Стихозбирката „Скопјани“ од Гане Тодоровски е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14447

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.94 MB